Со почетокот на националното будење на Балканот, кое започнало на почетокот од 1800-те години, сличен процес почнал да се одвива и во Струмица. Особено по 1830 година па наваму, почнале да се појавуваат учители и отвараат училишта и цркви, кои се обидувале да го раскинат јеремот на Патријаршијата и грчкиот јазик, и да почнат да го користат народниот македонски јазик.
Како што веќе споменавме во претходните текстови, Црковен и училишен развој, Црковни борби помеѓу Патријаршијата и Егзархијата и по смртта на Охридската Архиепископија, со доаѓањето на Арсениј Костенцев и под влијание на дедо Мицо од Робово, во Струмица почнала се развива и цути силна учителска дејност.

Како што веќе напоменавме во претходните текстови, голем дел од тие струмички учители потекнувале од Скопската Педагошка школа, а речиси сите до еден уште во својата младост се вклучиле во Организацијата, и од таму активно се бореле за слободна Македонија. Голем дел од тие струмички учители ќе бидат и комити, и не само со перо туку и со оружје ќе се борат за таа толку посакувана слобода.
Во горенаведениот период во Струмица и во Струмичко учителствувале голем број учители-револуционери, меѓу кои биле: Стојан Ѓоргиев, Костадин Самарџиев, Иван Илиев Ајдински, Костадин
Димков, Христо Бабамов, Ѓорги Илиев, Мито Ковачев, Васил Поп Тодоров, Димитар Бујуклиев, Илија Маказлиев, Никола Казанџиев, Атанас Караманов, Костадин Мазнејков, Мануш Ѓоргиев-Турновски,
Васил Узунов, Петар Хаџи Јорданов (роден во Кавадарци), Иван Чонтев (Велес) итн.

Интересен е податокот дека покрај струмичани и голем број струмичанки, активно се вклучиле во работата на Револуционерната организација, како учителки во градот или во околните населени места. Како такви се споменуваат учителките: Ленка Данева, Атина Бабамова, Фанија Николова, Јорданка Јанчева, Евантија Алабашева и др. Од усни извори знаеме и дека во почетокот на XX век и мајката на поетот Никола Вапцаров (Елена Вапцарова), исто така, учителствувала во Струмичко (во селото Вељуса) кога и го помагала македонското ослободително движење.
Струмичките учители биле носители на раководната и општествената дејност на струмичкиот окружен револуционерен комитет. Тие предводеле културно-просветни и политички активности, играјќи клучна улога во Револуционерната организација. Меѓу нив се истакнувале Стојан Ѓоргиев, Костадин Самарџиев, Илија Маказлиев, Васил Поп Тодоров и Костадин Димков.

Дејноста на струмичките учители била усогласена со културно-образовната програма на Организацијата, која се спроведувала не само во Струмица, туку и низ Македонија. Дополнително ваквата ориентација на Организацијата била потврдена и на конгресот од 1905 година, каде што била донесена одлука за воведување задолжително основно образование.
Учителите во Струмица биле истакнати интелектуалци и револуционери, со силно влијание врз општеството. Главниот учител и раководител на Револуционерниот округ, Стојан Ѓоргиев, бил опишан како „прогресивен револуционер“, а Иван Илиев Ајдински, како полиглот кој познавал неколку светски јазици, и покажувал афинитет кон педагошките и правните науки. Костадин Самарџиев пак бил сметан за вешт организатор, популаризатор и агитатор кој се одликувал со жив темперамент и со изразена интелектуалност, и бил омилен лик на струмичани. Сите струмички учители се сметале како „светски луѓе“ затоа што барем дел од своето образование го стекнале надвор од Македонија.

Во почетокот на XX век во Струмица имало 2 (две) класни и 3 (три) основни егзархиски училишта со 18 учители и вкупно 359 ученици. Едно од основните училишта го носело името на словенските просветители „св. Кирил и Методиј”. Во истиот период имало и 1 (едно) класно и 1 (едно) основно патријаршиско училиште со 12 учители и 650 ученици. Во градот постоело и 3-то класно мешано егзархиско училиште со следниот учителски персонал: Илија Левков од Велес (главен учител), Коста Атанасов од Струмица, Иван Бинев од Воден и Асен Икономов од Кукуш. Во него имало запишано повеќе од 50 ученици. Во Струмичко, егзистирале 18 (осумнаесет) основни егзархиски училишта во коишто работеле 20 учители со вкупно 502 ученици. Основни патријаршиски училишта имало 8 (осум) со вкупно 216 ученици. Во нив работеле 11 учители. Основни училишта имало во следните населени места: Борисово, Босилово, Габрово, Градашорци, Дабиле, Вељуса, Добрејци, Колешино, Костурино, Куклиш, Моноспитово, Муртино, Робово и Сачево.
Во овој период, образовниот систем бил организиран според милет-системот, кој османлиските власти го спроведувале врз основа на верските заедници. Овој систем овозможил влез на странските пропаганди во Македонија, при што активно дејствувале грчката, бугарската, српската, романската, католичката и протестантската пропаганда. Особено грчката, бугарската и српската пропаганда имале асимилаторски карактер во однос на македонското население.

Бугарската Егзархија и Цариградската патријаршија, како единствените признати црковни институции во Османлиската држава, го контролирале училишниот систем во Струмица. Струмичките учители-револуционери пак, вложувале напори да ги ублажат нееднаквостите и да спречат штетните влијанија на овие национални и црковно-просветни пропаганди, кои користеле груби методи за асимилација.
Во рамките на Струмичката окружна револуционерна организација, како агитатори биле назначени учителите-револуционери Костадин Самарџиев, Петар Хаџи Јорданов и Иван Чонтев, кои за кратко време постигнале значајни резултати меѓу егзархискиот и протестантскиот дел од населението.
Струмичките протестанти биле познати по својата интелигенција и важеле за едни од најдобрите работници во Револуционерната организација. Иако првично не се постигнал поголем успех во организирањето на патријаршискиот дел од населението, со текот на времето биле остварени значајни резултати. Голема улога во ова одиграле Славчо Кљамбов, Панде Кујумџиев и Ѓорги Хаџи Котарев, кои потекнувале од патријаршиски семејства.

Од истата заедница се истакнувале Ѓорги (Ѓошо) Грчев, кој бил благајник на месната организација, како и Томе Аџи Глигоров. Целта на оваа стратегија на Македонската револуционерна организација била да ги надмине разликите меѓу населението и да привлече борбени и незадоволни елементи во Струмица и околината. Со текот на борбата, струмичката окружна организација успеала да изгради единствен македонски ослободителен фронт, во кој масовно започнале да влегуваат и месните патријаршисти.
Судирите меѓу струмичките учители-револуционери и застапниците на црковно-просветните пропаганди биле чести и жестоки. Особено биле изразени судирите со егзархискиот митрополит Герасим, кој одбивал да назначува учители-револуционери според барањата на Револуционерната организација. Неговата неподготвеност за соработка довела до отпуштање на околу дваесетина учители поврзани со МРО, поради што Организацијата го осудила на смрт.

Паралелно, Организација се судирала и со грчките пропагандни институции, кои преку црквите и училиштата се обидувале да наметнат грчка национална свест. Учителите-револуционери биле изложени на притисоци не само од грчките и егзархиските претставници, туку и од османлиските власти. Речиси сите од нив биле затворани и подложени на сурови измачувања во османлиските затвори, најчесто поради дојави или разоткривање на нивната активност. Голем дел од нив загинале во македонските ослободителни борби, во различни времиња и од различни непријатели.
По Илинденското востание, репресивните методи на пропагандите врз македонското население се засилиле, а се појавиле и вооружени групи кои со сила се обидувале да регрутираат приврзаници. Ова често резултирало со страдања на недолжното население во Струмица и околните села.
Во продолжение можете да ги прочитате кратките биографии на 15 струмички учители-револуционери од крајот на XIX век до почетокот на Балканските војни, подредени по азбучен ред според нивното презиме.
Ајдински Илиев Иван (1885 – 1923)

Починал 9 октомври 1923 Горна Џумаја, Пиринска Македонија
Иван Илиев Ајдински е роден на 23 септември 1885 година во Ново Село, Струмичко. Во редовите
на Македонската револуционерна организација се приклучил уште како ученик во солунската гимназија.
Бил учител во Штип и во своето родно село Ново Село, Струмичко. Како истакнат учител– револуционер, главно, се истакнал по Илинденското востание. Во овој период имал одговорни и раководни функции и должности.
Учествувал на Окружниот конгрес одржан во 1905 година на планината Огражден на којшто присуствувале повеќе од стотина делегати. Меѓу нив биле и струмичките револуционерни дејци: Христо Чернопеев, Панде Кујумџиев, Костадин Самарџиев-Џемото, Славчо Кљамбов, Панде Мазнејков итн. На Конгресот, бил избран за член на работното претседателство во својство на секретар.
Тој го образложил Дневниот ред составен од повеќе актуелни прашања за коишто мошне живо дискутирале присутните делегати. По однос на втората точка од Дневниот ред зборувал и Иван Илиев Ајдински којшто, меѓу другото, го истакнал и следново:
„…Драги делегати, уште не свршена борбата со врховизмот, нам ни се отвори една друга борба– сега пак борбата против грчкиот врховизам. Под маската на трговци со лимони, урми и кафе, во нашиот град дојдоа многу сомнителни лица коишто се никакви трговци, туку терористи, испратени за акции против нас од главниот андартски комитет во Атина…” итн.
Учествувал и на Општиот, т.н. Рилски Конгрес на Организацијата што се одржал во текот на октомври 1905 година. Во 1913 година успешно ги завршил студиите на Правниот факултет во Софија (Бугарија). Во периодот од 1913 до 1919 година живеел и работел (како адвокат) во Струмица. Загинал 1923 година во Горна Џумаја (Благоевград), како една од многуте жртви на познатите септемвриски настани што се одиграле споменатата година во тогашна Бугарија.
Бабамов (Ристо) Христо (1874 – 1902)
Христо (Ристо) Бабамов е роден во 1874 година во Струмица. Се школувал во својот град и во Скопје, каде што завршил Педагошко училиште. Станал активен член на Организација уште како ученик, откако се зачленил во ученичкиот револуционерен кружок. Останал верен на Македонската револуционерната кауза се до неговиот последен здив.
Во 1899 година, работел како учител во село Робово, неговиот семеен дом во Струмица станал вистинско собиралиште на револуционерите. Тука се одржувале жестоки дебати, а чест гости биле револуционери како свештеникот Васил Петров (Испирски), активен и познат деец на МРО и Алексо Мартулков, негов соученик од Скопје. Бабамов извесен период бил и секретар на околискиот комитет во Струмица.
Поради револуционерната активност, бил затворен во Куршумли-ан во Скопје, но со „рушвет“ т.е поткуп успеал предвреме да избега. По врајќањето во Струмица се судрил со егзархиски владика Герасим, кој го предал на турската полиција која веднаш се обидела да ја претресе семејната куќа на Бабамови во Струмица. Христов бил уапсен, но со итрина успеал да побегне и се сокрил во струмичкото маало „Бабјак“. Полицијата го барала, но не успеала да го пронајде.
Во есента 1901 година, Организацијата го испратила како илегален раководител во петричко. (с. Горна Рибница), каде што и загинал во 1902 година.
Според кажувањата на Илија Бабамов, роден во 1920 година и внук на Христо од братот Наќе, неговиот
чичко загинал во несреќен случај на планината Огражден, но други извори тврдат дека бил убиен од Врховниот комитет и неговите платеници. Според тогашниот печат, извршителот бил Дачо Иванов, фелдфебел во бугарската армија.
Бујуклиев Димитар (1877 – 1935)

Учителот Димитар Бујуклиев е роден 1877 година во имотно струмичко семејство. Неговиот татко
(Костадин) бил трговец и абаџија. Се школувал во родниот град и во Солун кадешто завршил гимназија
(1901). Учителствувал во Струмица и во Берово (1905). Од 1913 година до крајот на Првата светска војна (1918) работел како чиновник во општинската администрација на Струмица.
Во периодот меѓу двете светски војни повторно ѝ се посветил на учителската дејност. Починал 1935 година во родниот град. Димитар Бујуклиев припаѓа на групата струмички интелектуалци коишто дале ценет прилог кон револуционерното дело во Струмица и во Струмичко.
Од таа многубројна интелектуална сила треба да се споменат уште и имињата на: Костадин Димков, Тимо Бабамов, Мито Ковачев, Христо Бабамов, Илија Маказлиев, Иван Илиев Ајдински, Ѓорѓи (Ѓошо) Илиев,
Коста Мазнејков, Костадин Самарџиев-Џемото, Стојан Ѓоргиев, како и учителките– интелектуалки Ленка Данева, Атина Бабамова, Фанија Николова, Јорданка Јанчева, Евантија Алабашева итн.
Димков Костадин

Костадин Димков е роден во Струмица. Се школувал во градот Одеса, Русија. Кон крајот на XIX век се вратил во Македонија. Како учител работел во селото Моноспитово чиешто население масовно учествувало во редовите на Македонското револуционерно движење.
Само од оваа населено место произлегле десетина истакнати работници на Организацијата меѓу кои биле: таткото и синот Велко и Ристо Џолеви, потоа Атанас Ансаров, Кољо Горичев, Мите Манавски,
Вашил Манавски, Димитар Барбутов-Шерко, Ристо Алшуклиев, Андон Попов итн. Учителска и револуционерна дејност обавувал и во Валандово кадешто работел со учителот Иван Брдаров од Штип.
Костадин Димков дал ценет придонес во македонското ослободително движење дејствувајки претежно на струмички терен. Извесен период бил и член на месниот градски комитет (1906). Важел за близок соработник на Гоце Делчев, којшто честопати престојувал во Струмичко за решавање определени прашања поврзани со дејноста на Револуционерната организација.
Георгиев Стојан (1870 – 1914)

Починал во: с. Старо Коњарево, Струмичко
Стојан Ѓоргиев е роден 1870 година во с. Дабиље, Струмичко. Се школувал во Струмица и во Штип.
Студирал хемија на Филозофскиот факултет во Софија (Бугарија). По враќањето во Струмица станал главен учител во тамошното трикласно егзархиско училиште. Тој е првиот струмичанец што ги прифатил и на терен ги реализирал идеите на Гоце Делчев и МРО на коишто им останал доследен до крајот на
неговата револуционерна кариера.
Одиграл клучна улога во појавата, развојот и омасовувањето на Револуционерната организација на тлото
на Струмица и Струмичко. Во 1895 година успеал да ја формира првата месна организација на МРО во градот и станал прв нејзин раководител. До крајот на есента биле формирани повеќе месни
комитети и тоа во населените места: Муртино, Робово, Моноспитово, Василево, Вељуса, Куклиш, Ново Село, Костурино, Попчево, Дабиле, Нивичино итн. Од современиците е оценет како „доста изграден и
прогресивен револуционер.“ Извршувал мошне високи и одговорни должности и задачи (раководител на Струмичкиот револуционерен округ).
Заради неговата револуционерна дејност постојано бил во судир со османлиските власти и со црковно-просветните и вооружени пропаганди на соседните балкански држави присутни на тлото на Струмица и Струмичко. Во организација на врховистите му биле поставена заседа во близина на селото Старо Коњарево, во која бил убиен во октомври 1915 година.
Ѓоргиев Мануш (Турновски) (1876 – 1908)

с. Долна Рибница
Мануш Ѓоргиев– Турновски е роден 1876 година во Ново Село, Струмичко. Се школувал во родното
место и во Струмица. Педагошко училиште посетувал во градот Сер од кое бил исклучен по еден судир со
школските власти поради некоја училишна неправда. Учителствувал во населените места: Ново Село, Стиник и Барбарево. Се одликувал со интелигентност и непретенциозност. На разни собранија држел
огнени револуционерни говори коишто сам ги составувал. Поради тоа важел за незаменлив агитатор во полза на револуционерното дело.
Извршувал одговорни должности и задачи: член на Окружен комитет, војвода на чета, помошник на Окружниот војвода Христо Чернопеев итн. Учествувал на револуционерни конгреси – Окружни и Општи.
Реализирал конкретни задачи за неутрализирање на странските просветни и вооружени пропаганди присутни на тлото на Струмица и Струмичко. Загинал во месец февруари 1908 година во с. Долна
Рибница, Петричко (Бугарија) во нерамна борба со многубројната Османлиска војска.
Во таа херојска битка, како чин на саможртва, животите ги положиле 24 македонски револуционерни дејци меѓу коишто биле и војводата Мануш Ѓоргиев – Турновски и секретарот на четата Васил Скендерски по потекло од Малешевијата.
Илиев (Ѓошо) Ѓорги

Ѓорги (Ѓошо) Илиев е роден во Ново Село, Струмичко. Основно училиште завршил во родното место, а гимназија во Солун каде што ги добил и првите револуционерни искуства. Заради активното учеството во тамошните ученички кружоци постојано бил во судир со школските власти. Во солунската гимназија учел со Иван Илиев Ајдински (1885 – 1923), исто така, истакнат учител – револуционер од Струмичко.
Учителска и револуционерна дејност пројавил по Илинденското востание кога и се вклучил во редовите
на МРО. Во овој период учителствувал во родното Ново Село. Се оженил со ресенчанката Николина Хр. Владичева – кој била учителка во селото Дабиље, а која го извезла и шиела знамето на Струмичката револуционерна чета.
Учителот – револуционер Ѓорги (Ѓошо) Илиев важел за смел организационен агитатор и мошне храбар револуционерен деец. Нему му биле доверувани посебни и специјални задачи за извршување, а одредено време дејствувал и во Кочани. Во еден жесток вооружен судир со Османлиската војска бил тешко ранет. Заради лекување бил приморан да ја напушти Македонија. По извесно време се вратил во родното Ново Село, каде што и починал од здобиените рани.

Казанџиев Никола (1880 – 1971)

Никола Казанџиев е роден 1880 година во Радовиш. Се школувал во родниот град и во Скопје.
Во 1898 година бил назначен за учител во с. Дабиље, Струмичко. По иницијатива на Стојан Ѓоргиев (1870
– 1914) се вклучил во редовите на МРО. Бил импресиониран од револуционерниот лик на Гоце Делчев кого што имал можност одблиску да го запознае во текот на 1899 година при неговиот престој во Струмичко.
Од 1900 до крајот на 1902 година престојувал во Радовиш. Во овој период бил назначен за раководител на тамошната месна револуционерна организација. Заради револуционерна дејност, во отсуство, бил осуден на 101 година затвор. Во месец декември 1902 година ја напуштил Македонија и се засолнил во Софија,
Бугарија. Таму останал до март наредната година. Во текот на овие неколку месеци работел на монтирање оружје во еден воен арсенал на Револуционерната организација. Оружјето подоцна било префрлувано
во Македонија. Во април 1903 година како комита во четата на војводата Коста Мазнејков учествувал во жестоките вооружени судири со Османлиската војска на планината Плачковица.
Во овие познати предилинденски настани учествувале повеќе револуционерни чети предводени од војводите: Христо Чернопеев, Петар Ангелов, Коста Мазнејков, Христо Котрула, Питу Гули, Никола Дечев, Марин Георгиев, Андреја Димков Докурчев, Никола Жеков и др. Истата година, учествувал и во битките кај Смрдешник– Дединско (мај 1903) и на планината Асанли (јуни 1903).
По задушувањето на Илинденското востание по налог на Организацијата собирал храна и облека за
македонските бегалци во Бугарија. Ја надгледувал и границата за безбедно навлегување на четите во Македонија. Целта била реорганизација на револуционерните сили. По општата амнестија на учесниците во Илинденското востание (1904) се вратил во Радовиш.
Во 1905 година во договор со раководителите на Струмичкиот револуционерен округ, Н. Казанџиев повторно бил назначен за учител во селото Дабиље. Меѓутоа, струмичкиот егзархиски владика
Герасим легално не го потврдил неговото назначување. Поради тоа се вратил во Радовиш каде што престојувал кај своите родители.
Откако останал без работа и крајно осиромашен, но и под закана за негова ликвидација од страна на османлиските власти, донел одлука за напуштање на Македонија. На 31 декември 1905 година од солунското пристаниште заминал за Јужна Америка, поточно за Аргентина. Во таа јужноамериканска земја останал сè до 1948 година кога повторно се вратил во Македонија. Неговото враќање било одбележано со
одржување на величествен митинг во Скопје на којшто зборувал и Никола Казанџиев. Искажувајќи голема благодарност, тогашната Влада на Народна Република Македонија му доделила „Илинденска споменица“ како признание за неговиот придонес во македонската револуционерна борба. Починал на 19 март 1971 година.
Караманов Атанас (1863 – 1911)

Учителот – револуционер Атанас Караманов е роден во 1863 година с. Дабиље, каде и бил учител и војвода на струмичка чета. Меѓу соборците важел за добар револуционер и често е опишуван како „појуначен, донекаде со ајдучки навики.“ Учествувал во повеќе револуционерни настани, акции и потфати реализирани во Струмичко во предилинденскиот и во поилиндеснкиот период. Бил учесник и во настаните поврзани со т.н. Младотурска револуција од 1908 година, како и во походот на Истанбул при задушувањето на контрареволуцијата предизвикана од страна на султанот Абдул Хамид II итн.
Загинал во вооружена престрелка против Џемото, поради тоа што овој преминал во Врховисти, во 1911 година во околината на градот Струмица.
Ковачев Мито
Учителот– револуционер Мито Ковачев е роден во Струмица. Се школувал во родниот град и во Солун.
Во редовите на МРО активно се вклучил во 1900 година. Со учителска дејност се занимавал до 1902
година. По налог на Организацијата заминал во четата на познатиот струмички војвода Христо Чернопеев. Загинал во 1903 година при една вооружена престрелка со Османлиската војска.

Мазнејков Костадин (Коста) (1872 – 1903)

Костадин (Кoста) Мазнејков е роден 1872 година во Струмица, од татко Димитар и мајка Катерина, а се
школувал во Струмица и во Скопје. Бил учител во с. Добрејци, Просениково, како и неколку други струмички села. Во МРО се вклучил уште како ученик, а револуционерно дејствувал во Струмица и Радовиш. Заедно со него во МРО се зачленил и неговиот постар брат Васил.
Во 1900 година е назначен за секретар во четата на војводата Иван Савов. Од 1901 до неговата смрт во 1903 година бил радовишки војвода. Во овој период соработувал со Гоце Делчев којшто во повеќе наврати бил инспектор во радовишкиот крај за средување на состојбите во Организацијата. Во таа насока биле организирани тајни канали за пренесување оружје, биле зацврстени месните организации во неколку населени места итн. Во неговата чета имало и неколку жени– учителки од Радовиш меѓу кои биле: Зујца Кукутанова (1867 – 1937), Елена Пиперковска Христова и др. Во борбите со Османлиската војска особено се истакнувала Екатерина Зоица Иванова за чијшто храбри подвизи известувале тогашните европски весници.
Во предилинденскиот период (април 1903) со радовишката чета учествувал во една од најкрвавите битки којашто се одиграла на врвот Готен. Во таа битка учествувале и струмичката, потоа крушевската, тиквешката, гевгелиската и други револуционерни чети. Воениот предилинденски судир меѓу македонските револуционерни чети и Османлиската војска го привлекла вниманието и на странските дипломати во Македонија коишто ги известувале опширно сопствените влади за текот на воените дејства.
Учителот – револуционер Костадин (Коста) Мазнејков загинал на 11 мај 1903 година кај с. Дедино, Радовишко во една крајно жестока и драматична битка со Османлиската војска што траела цел ден.
Маказлиев Илија (починал 1902 година)

Илија Маказлиев бил струмички интелектуалец и револуционер од крајот на XIX и почетокот на XX век. Активно учествувал во градењето и ширењето на Македонската револуционерна организација во Струмица и околината. Со својата просветителска и револуционерна дејност, тој го инспирирал населението да се вклучи во борбата за слобода.
Роден во Струмица, учел во родниот град и го завршил Педагошкото училиште во Скопје, кое тогаш било центар на револуционерната мисла. По завршувањето на училиштето, се посветил на револуционерната работа и бил учител во селата Дабиле (1899), Конче и Русиново. Семејната куќа на Маказлиев била свратилиште за македонските револуционери и родољуби. Благодарение на неговите организаторски способности, струмичката револуционерна организација го назначила на раководни позиции, како војвода и помошник на Стојан Ѓоргиев.
Во текот т.н. „Новоселска афера“ (1901) под обвинение дека е член на револуционерниот комитет и дека собирал пари од населението за купување оружје, османлиските власти го затвориле заедно со повеќемина раководители на струмичката окружна револуционерна организација: Стојан Ѓоргиев (1870 – 1914), Доне Лазаров (1871 – 1926), свештениците поп Стојчо Димитров (1840 – 1926) и поп Иван Ѓоргиев, како и многумина други селани од повеќе населени места низ Струмичко. Загинал во втората половина на 1902 година.
Поп Тодоров Васил
Васил Поп Тодоров бил струмички револуционер од крајот на XIX и почетокот на XX век. Потекнувал од семејство на преродбеници и револуционери. Татко му, Тодор Митев, бил свештеник и познат струмички преродбеник од 60-тите години на XIX век, кој се залагал за отворање училишта на македонски јазик. Заради ваквите активности, дошол во судир со грчката просветна пропаганда и бил отруен во Сер, оставајќи зад себе четири малолетни деца.
Во 80-тите години од XIX век, Васил работел како помошник-учител на Арсени Костенцев, познат преродбеник во Струмица. Се оженил со струмичанката Елена и имал две ќерки и син по име Димитар. Во револуционерното движење се вклучил кон крајот на XIX или почетокот на XX век.
Во текот на Новоселските афери (1901/1902), кои прераснале во регионални провали, Васил Поп Тодоров бил затворен и одведен во солунските зандани, заедно со други револуционери и учители од Струмица и околината. Во истата група обвинети биле уште и: Доне Лазаров, Васко Кондурџијата, К. Атанасов – учител во тогашната трикласна егзархиска гимназија во Струмица, понатаму Христо Пармаклариксиков од Василево, Христо Манушев и Панчо Даскалов од Дабиле, како и Н. Мишев, Г. Ефтимов, Хр. Трендов, Хр. Велков, И. Маказлиев (учител – револуционер од Струмица), С. Андонов, Зл. Јанев, В. Костадинов и др.
Васил Поп Тодоров обавувал важни функции како член на струмичкиот окружен комитет и дал значаен придонес во национално-револуционерната борба на македонскиот народ.
Самарџиев Костадин – Џемото (1873 – 1911)

Костадин Самарџиев е роден 1873 година во с. Дабиље, Струмичко. Се школувал во Струмица и во
Скопје. Таму другарувал со повеќемина идни учители– револуционери: Христо Бабамов, Илија Маказлиев,
потоа со велешанецот Алексо Мартулков итн. Во 1899 година бил назначен за учител во с. Муртино, па потоа и Дабиље и Робово.
Во МРО бил воведен од неговиот учител Атанас Караманов. Џемото бил вешт организатор, популаризатор и агитатор кој се одликувал со жив темперамент и со изразена интелектуалност. Бил омилена личност меѓу струмичкото граѓанство. Важел за жесток борец и застапник на идејата за самостојност на Македонија и Организацијата.
Во почетокот на неговата револуционерна кариера ( заедно со учителите Петар Хаџи Јорданов, родум од
Кавадарци и Иван Чонтев од Велес), работел и агитирал во корист на револуционерното движење сред младината од т.н. егзархиски дел на населението во Струмица. Активно учествувал и дал ценет придонес во повеќе раволуционерни настани во Струмичко. Учесник е на Конгресот на Струмичкиот револуционерен округ (член на работното претседателство) одржан на планина Огражден во 1905 година.
Бил секретар на Струмичкиот околиски комитет во којшто членувале познати и видни револуционерни дејци какви што биле: Ѓорги Хаџи Котаров, Глигор Манов, Наќе Динков, Панде Кујумџиев, Славчо
Кљамбов, Ефтим (Тимо) Бабамов, Ѓошо Грчев и Томе Поп Стојанов (Аџи Глигоров). Ги подготвил и ги организирал најмасовните демонстрации (јануари 1906) во Струмица, но и во тогашна османлиска
Македонија, по повод убиството на петмина селани во близина на Попчево. Револтираните демонстранти (околу 8 000) собрани од градот и од населените места (ги предводел попот Васил Петров Испирски од
с. Робово) енергично побарале од струмичкиот кајмакам веднаш да престанат политичките и националините убиства. Костадин Самарџиев бил во постојан судир со струмичкиот егзархиски владика Герасим којшто се служел со најразлични средства и методи за да ја ослабне револуционерната организација и да ја промовира бугарската пропаганда.
Извесен период бил секретар на околиската чета, а подоцна станал и титуларен војвода на Струмичката
околија итн. Загинал во месец јули 1911 година, во престелка со Атанас Караманов во близина на родното село Дабиље.
Узунов Васил
Учителот Васил Узунов е роден во Богданци. Се школувал во Солун (1903). Таму, ги добил и првичните револуционерни искуства. По налог на Револуционерната организација бил назначен (1904/1905)
за учител во Струмичко каде што учителствувал сè до 1912 година, односно до почетокот на Блаканските војни. Заради неговото учество во македонското ослободително движење од грчките воени сили
стационирани во овој период во градот бил прогонуван. За да не биде ликвидиран се криел во куќите на повеќе струмички семејства.
Сепак, грчките војници успеале да го откријат и да го фатат на една од струмичките улици и на самото место десеттина пати бил избоден со бајонет. Сметајќи дека му задале смртоносни рани гонителите го
напуштиле местото на настанот. Во истиот миг, неговата сопруга успеала да го префрли до определено место каде што со помош на лекарства животот му бил спасен. Васил Узунов починал кон крајот
на Првата светска војна во Струмица.
тексот е делумно презем од истражувањата на М-р Васил Ѓоргиев – Ликин
