По создавањето на бугарската Егзархија во 1870 година, во Струмица се создава една нова ситуација во која три спротиставени сили, силно ќе се судрат. Струмичани, ќе мора активно да се борат против грчката Патријаршија, бугарската Егзархија, турската власт и грчката и бугарска пропаганда. Да бидат работите уште покомплицирани, секоја од овие силе во еден момент дошла во судир со другата во зависност од темата и нивните интересите.
Не треба да заборавиме дека, истовремено на струмичко тло се судирале и интересите на корумпираните турски бегови и власт, па и католичката и протестантската пропаганда, а и борбите кои ќе ги води ВМРО против султанската власт и против бугарскиот и грчкиот владика, со сите нивни пропагандни машинерии.

Обидите на бугарската Егзархија, кои започнале речиси веднаш, се фокусирале на преземање што повеќе верници, а нејзината главна цел била да ја монополизира борбата против фанариотско-грчката Патријаршија, која струмичани веќе ја воделе. На почетокот Егзархијата, тешко се пробивала во Струмица. Оваа состојба почнала да се менува кога зад Егзархијата по 1878 година застанала и бугарската држава — со нејзината влада, воената сила, дипломатијата, и што било најважно — со парични средства кои и биле ставени на располагање.
За тоа колку во својата „авантура“ инвестирала Егзархијата, дознаваме и од пишувањата на висок егзархиски функционер од ова време, кој отворено признава дека „бугарштината во Македонија, во многу случаи со пари се купувала”. Егзархија на терен дејствувала екстремно интелигентно, во епархиите каде што влијанието на Патријаршијата било веќе минимално, веднаш се наметнала, а во оние како Струмичката, каде и претстоела голема борба, таа настојувала да се прикаже во улогата на „помагач” во борбите на локалците против тој грцизам.

Струмица добивала посебно внимание од Егзархија, и пред а и после назначувањето на првиот свој владика во градот во 1897 година. Но, и тоа не било значителен успех за Егзархијата затоа што со султанскиот ферман, со кој бил санкциониран актот за создавање на Егзархијата, Струмичката епархија останала надвор од егзархискиот диецез. Како услов во тој султански акт стоел и член дека доколку по пат на плебисцит (истилјам) најмалку 2/3 од населението се изјасни дека сака да и се приклучи на Егзархијата, тоа може да се случи во иднина. Затоа, Егзархијата многу енергично работела на тоа во Струмица конечно да назначи свој митрополит, кој ќе се бори против грчкиот патријаршиски митрополит.
Со актот на формирање на Егзархијата, било решено црковното прашање само на бугарскиот, но не и на
македонскиот народ. Бугарската владејачка класа го исклучила македонското граѓанство од управата на Егзархијата, и неа ја организирало како чисто национална бугарска црква. Македонските епархии, со исклучок на велешката, останале во границите на Патријаршијата, а дали во нив нешто подоцна ќе има и егзархиски владици, зависело пред се од резултатите во борбата меѓу бугарската и грчката пропаганда — едната да ги освои владичките места и верниците, а другата — тоа да не го дозволи.

Војната за срцето и душата на струмичани, посебно се чувствувала во самата Струмица. Тука поделбата на патријарси и егзархисти, најмногу се чувствувала. Егзархијата во Струмица со сета своја сила се обидувала да се прикаже како најголем пријател на струмичани. Колку важна била Струмица во размислувањата на Егзархијата се потврдува и од едно „Изложение” од 1874 година на таканаречената „Македонска дружина” при Егзархијата во Цариград, во кое управата на Дружината, самокритички констатирала дека во претходната, 1873 година, воопшто не било парично поддржано егзархиското училиште во Струмица.
Она што посебно го алармирало „Собранието на Дружината“ е тоа што во тоа време грчкиот струмички владика лично отпатувал во Грција и успеал да собере нови, вонредни парични средства, што му биле потребни за борба против преродбенското движење во неговата епархија. Во нивниот реферат се вели: „На прво место стои Струмица, град кој достојно дава отпор на наездата од елинизмот, па и денес уште е во непрестана борба со него”.

Од тој реферат исто така дознаваме дека дека селата и помалите градови во Струмичката епархија
биле во поповолна положба од Струмица, зошто Малешевско, Радовиш и Тиквешко „успеале да се
ослободат од гневот на струмичкиот владика и да се управуваат сами”, односно преку своите црковно-училишни општини.
Егзархијата со сите напори се обидувала да ја вклучи Струмичката епархија во својата сфера на влијание. Поради отпорот од Патријаршијата и турската влада, а и слабиот интерес на струмичани, било јасно дека евентуален плебисцит нема да биде успешен, па Егзархијата се обидела да ги спои двете епархии — Велешката и Струмичката во една — Велешко-Струмичка.
Со тоа Егзархијата сакала диецезата на егзархискиот велешки владика автоматски да ја прошири и врз Струмичката епархија. Затоа, уште при назначувањето на велешкиот епископ Дамсакин, тој бил ракоположен и за владика и на Струмичката епархија. Сепак, поради отпорот од Јеротеј, зад кој стоела турската влада, оваа комбинација, на која се инсистирало неколку години, пропаднала. Нов обид да се „освои“ Струмичката епархија бил направен во мај 1874 година кога Егзархијата побарала плебисцит (истилјам) кој бил неуспешен.

Егзархијата веќе наредната 1875 година барала, и од турската влада добила ветување за нов плебисцит, кое сепак се изјаловило. Наредните години, следувале неколку судбоносните и крупни настани за Турција на Балканот, па оваа прашање било речиси заборавено. На крајот на овој бурен период кој завршил лошо за Македонија, а завршил со конечно ослободување и обединување на Бугарија, што значело и сериозна промена на ситуацијата на теренот.
По обединувањето на Бугарија во 1885 година, Егзархијата станала уште посилна и поагресивна во своите обиди конечно да ја освои Струмица. Егзархијата учествувала во паралелните процеси кои бугарската влада ги покренала, а во кои од Портата (турската влада) се барале нови владички берати, посебно за Струмичка, Битолска и Дебарска епископија. Преку различни форми на дипломатски притисок, конечно во декември 1897 година бугарската држава и Егзархијата од турската влада издејствувала три берати и во Струмица за бугарски владика бил поставен архимандритот Герасим.

Калуѓерот Герасим кој бил Бугарин роден 1862 година градот Бунар — Хисар (починал во Софија на 1 декември 1918 година), во Струмица дошол неколку години претходно како егзархиско доверливо црквено лице. Бил еден од првите Егзархиски војници и како награда за својот труд најпрвин станал архимандрит и бил спреман за владички берат. Извесно време, пред да биде поставен за владика, тој бил претседател на Струмичката егзархиска црковно-училишна општина. Тој ќе остави голема трага врз Струмица и нејзината историја поради својата агресивна политика и екстремно мешање во речиси секој дел од јавниот живот. Заедно со грчки владика Јеротеј, тој е еден од најголемите непријатели на македонизмот во Струмица.

Од самиот почеток Егзархијата сфатила дека ќе биде многу тешко да се постави владика во Струмица, па затоа голем дел од своите напори фокусирала на создавање плоден терен за креирање млади кадри, кои ќе и служат на каузата. Ваквите напори посебно се зголемиле по 1876 година кога бугарските егзархиски училишта станале омилена опција за струмичани, затоа што единствената друга опција биле патријаршиските, затоа што не било дозволено отварање на македонски училишта.
Овој процес на инвестирање во образованието започнал уште во 1873 година, со воведувањето на стипендии за прочуената гимназија во Габрово (Бугарија), а потоа и гимназија во Солун, со обврска, по дипломирањето тие да се вратат во Струмица како учители. Вкупниот број на стипендии кои биле поделени до крајот на турското владеење од страна на Егзархијата, изнесувал осум средношколски стипендии, од кои шестмина ученици биле од градот Струмица, а по еден од Ново Село и Дабиле, и петнаесет ученички: четиринаесет од градот и една од Нивичино.

За разлика од градот, Егзархијата поголем црковен успех имала во струмичките села, кои во текот на осумдесетте и деведесетте години од XIX век, или поединечно или во групи, барале начини да се ослободат од Патријаршијата и да станат егзархиски. Иако Патријаршијата ја користела и турската власт, и по пат на поткупи се обидувала да го спречи преминувањето, сепак не успеала. Во текот на две децении од грчката црква се откажале селаните од селата Куклиш, Ново Село, Банско, Барбарево, Нивичино, Робово, Муртино, Моноспитово, Петралинци, Добрејци, Василево, Градско, Балдовци итн. Со нивното преминување во Егзархијата, овие села добивале и егзархиско училиште. Кон почетокот на XX век, според една статистика, од педесет македонски (или македонско-турски) села, егзархиски биле 37, патријаршиски 8 и мешани 5 села. Бројот на патријаршиските села и домаќинства продолжил и натаму да се смалува, за на крајот да останат уште само пет, во црковен поглед, мешани егзархиско-патријаршиски села.
Според истата статистика, чии автор е Бранков (Д. Мишев), во почетокот на XX век Егзархијата имала 18 селски училишта со 20 учители и 502 ученици. Во тоа време егзархиски училишта имало во следните струмички села: Бориово, Босилово, Вељуса, Габрово, Градошорци, Дабиле, Добрејци, Колешино, Костурино, Куклиш, Моноспитово, Муртино, Ново Село, Пиперево, Попчево, Просениково, Робово и Сачево.

Па сепак, и покрај ваквиот успех на Егзархијата, која се повеќе се наметнувала во Струмица и струмичко, владиката Герасим, на пример, во еден од своите документи се жали на новоселчани, кај кои изгаснала „онаа жед за учење” од 60-тите и 70-тите години и тие станале „незаинтересирани за учебното дело”. Ваквата изјава јасно покажува дека струмичани биле свесни дека Егзархијата претставувала бугарско оружје и единствено нудела можност за богослужба на народен јазик, но не и национална свест за македонскиот народ.
Во самиот град пак, Егзархијата никако не можела да постигне успех, имено, поради грчкиот отпор и покрај неколкуте обиде не успеала да отвори свое училиште. По настојување од неколкумина високи егзархиски функционери (Добри Ганчев, Петко Славејков, Никола Еничеров), во август 1881 година за учител во Струмица пак дошол познатиот Арсениј Костенцев. Нему му биле ветени големи парични средства со цел да се поткупат турските власти и да се отвори и одржи едно училиште.
И покрај што оваа финансиска поткрепа била значајна, набрзо се покажала како недоволна. Костенцев од своите малубројни приврзаници од Струмица го добил следниов одговор: „Гркоманите ќе потрошат со илјади лири, но нема да допуштат бугарско училиште, зашто тие се силни и богати, а освен тоа им доаѓаат големи помошти од Грција, од Солун, Цариград, Измир, итн. Тие му плаќаат по сто лири годишно на Челеби Мито; а на внук му Костаки — башка, само за мизеверлук”, т. е. за клевети и интриги.

Сепак, А. Костенцев во Струмица веќе имал своја мрежа која се обидел да ја искористи, па ги ангажирал своите стари пријатели браќата Араникови, нивниот зет Васил Кљамбов и Панде Ружин, како и своите поранешни ученици, кои сега веќе или биле свештеници, учители или селски кметови. Сите заедно успеале да отворат училиште во куќата на Панде Ружин, каде собрале петнаесеттина ученици. Веднаш по отварањето на истото, започнале интригите и притисокот од струмичкиот кајмакам, кој можел да се совладува само со рушвети (поткупи).
Училиштето, речиси било вклучено во една своевидна лицитација кај кајмакамот против патријаршиската страна, затоа кој ќе понуди поголеми рушвети („со илјади лири”). И покрај овие огромни пречки и притисоци училиштето сепак опстанало неколку години. Во 1883 година дошле уште двајца учители: Христо Бучков и учителката Архимандритова, обајцата родум од Кукуш. X. Бучков бил човек со широко образование — го имал завршено Цариградскиот турски лицеј и знаел грчки, турски и француски јазик.

За тогаш постигнатиот успех А. Костенцев пишува: „Го уредивме училиштето добро, се собраа околу 200 ученици и ученички и започнавме работа, но не помина многу време, а Грците го поткупија и новиот кајмакам, и тој нареди да се затвори училиштето, а мене врзан да ме однесат во родното место (Штип)”.
Костенцев во овој период успеал да основа и егзархиската црковно-школска општина во Струмица,
на чие чело, но подоцна, дошол архимандритот Герасим. Уште еден голем успех кој во овој период успеал да го постигне Костенцев, е тоа што успеал да го убеди свештеникот Костадин Хаџи Глигоров, кој потекнувал од богато и влијателно гркоманско семејство да се откаже од Патријаршијата, и своите деца ги запише во егзархиското училиште. За овој свој потег попот Хаџи Глигоров, веднаш бил анатемисан од грчкиот владика Агатангел, но за возврат станал претседател на егзархиската општина во градот. Со неговото отцепување од елинизмот бил направен пресврт во Струмица.

Нешто подоцна, по доаѓањето на Герасим за владика, од грчката митрополија се откажало и преминало кон Егзархијата сето население од маалото „Свети петнаесет”. Подоцна се приклучиле и маалата „Чифлик” и „Бабјак”. Така започнало слабеењето на Патријаршијата, што на крајот ќе доведе и до палење на Струмица.
Второто доаѓање на учителот А. Костенцев, имало сосема различен контекст од претходното. Кога во 1860 година дошол во Робово, и воопшто во Струмичко, тој бил македонски преродбенски учител и општественик. Овој пат, изгледа без и самиот да биде свесен за тоа, станал главен креатор и спроведувач на бугарското влијание во Струмица. Овој пат Костенцев не можел да се задржи повеќе од две години затоа што поради грчко-турски притисок, тој морал да ја напушти Струмица. Дури и самиот солунски валија Галиб-паша, во 1883 година ја известил Егзархијата дека „додека Костенцев е во Струмица, вашето училиште не може да работи, та затоа ќе треба да го преместите”.

Владиката Агатангел и неговите агенти спровеле успешна акција за отстранување на Костенцев. Па така по неговото заминување машкото училиште работеле се понередовно, па набрзо било и затворено. Женското пак работело поредовно, и покрај огромниот притисок од владиката Агатангел врз родителите на ученичките. На крај тој притисок изнудил резултати, па откако десет од нив го напуштиле, започнал почетокот на крајот и набргу училиштето било затворено.
Притисокот врз струмичани се зголемил и во периодот 1875 до 1879 година, кога училиштето во Струмица било затворено, а по обединувањето на северна со јужна Бугарија во 1885 година, со што биле погодени интересите на Турција, турската влада повторно била „збратимена” со Струмичката грчка митрополија и сите училиштата биле затворени, а учителите протерани.

Кога овој период поминал и веднаш штом политички зајакнала, Егзархијата повторно се обидела да ја освои Струмица. Обидите да се отвараат егзархиски училишта во Струмица и струмичко биле обновени. Таа задача му била доделена на Усеин ефенди Шахабидинов, Турчин, родум од Охрид. Тој имал завршено три класа во една софиска бугарска гимназија и во 1890 година бил испратен за егзархиски учител во Струмица. Сепак, и овој обид брзо пропаднал, затоа што кај струмичани за тоа немало поддршка.
Сепак Егзархијата ги продолжила своите напори и конечно во 1892 година, таа успеала и по третпат да отвори свои училишта во Струмица. Овој обид бил најуспешен, затоа што истите останале отворени се до 1919 година. Па така, во првата учебна година 1891/2, новоотвореното училиште имало три одделенија со 156 ученици и ученички.

Колку била голема среќата на Егзархијата и колку ова се сметало за огромен успех сведочи и еден натпис на софиски весник, три години подоцна кој гласи: „Со тоа градот Струмица, кој беше најсилната тврдина на грцизмот во Македонија, пред три години… беше освоен”.
Состојбата на теренот сепак била многу поразлична. Нити градот бил освоен, нити Патријаршијата во Струмица била толку ослабната. Токму во тие години ВМРО ќе забележи брз и голем раст и ќе почне да им ги „замрсува“ сметките и на Герасим и бугарофилите околу него. Успехот на егзархиските училишта се должи пред се на тоа што струмичани бегајќи од фанариотскиот јерем, немале никаква друга опција, да го зачуваат својот мајчиниот јазик и традициите, освен најблиската верзија на тоа, што биле токму тие училишта.

Па така бројот на егзархиски ученици брзо растел. Во учебната 1893/4 година училиштето прераснало во четврто-одделенско, со еден про-гимназијален клас, а наредната година бил отворен и втори клас. Во 1895 година бил отворен и трети клас. Поради брзото зголемување на ученичкиот број, брзо се менувале и куќите во кои се наоѓало училиштето во Струмица. На самиот почеток основното училиште (I и II одделение) било сместено во куќата на Коце Новаков, во маалото „Бабјак”, а по две години тоа било преместено во куќата на Евреинот Мисим. Подоцна, кога тоа пораснало во училиште со три класа, прво се сместило во куќата на Горги Ичов, пак во маалото „Бабјак”, а уште подоцна — во друга приватна куќа, во маалото „Варош”.
Како центар на поголем регион освен од самите села, Струмичкото училиште привлекло ученици и од радовишките и малешевските села. Полека но сигурно Струмица ќе стане училишен центар и за Валандово и Гевгелија. Силниот пробив на ВМРО и националното будење во Струмица, придонело кон тоа струмичани се повеќе да се оттргнуваат од влијанието на Патријаршијата, и се помасовно да преминуваат кон единствената друга достапна опција, егзархиските училишта.

Особен пораст во бројот на ученици е забележан во учебна 1902/3 година, кога во Струмица работеле едно класно и едно основно училиште со 18 учители и 359 ученици. Поголем дел од учителскиот кадар во тој момент бил по род Македонци. Така, на пример, во трикласната гимназија, во оваа учебна година работеле учителите Илија Левков, родум од Велес (главен учител), Костадин Атанасов, од Струмица, Иван Бинев, од Воден и Асен Икономов, од Кукуш. Бројот на учениците изнесувал педесетмина, а имало ученици и од градот а и од селата. По 1903 година во градот веќе постоеле 3 егзархиски основни училишта, од кои едното се викало „Свети Кирил и Методиј”.

Борбата помеѓу Патријаршијата и Егзархијата за главата и срцето на Струмица продолжила и по 1900 година и за време на војните, но на крај завршила со победа на струмичани.

