Времеплов – Струмица низ историјата- навлегување на католицизмот и протестантство

При крајот на своето постоење Отоманското царство, почнало не само да ја губи својата политичка и економска моќ, туку и внатрешно да слабее. Тоа придонело внатрешните борби во милаетите да се зголемат, прилика која големите силе веднаш ја искористиле, и се обиделе да ги привлечат струмичките христијаните во нивната сфера на влијание. Тоа на теренот значело присуство на разни мисионери во Струмица и струмичко.

Една од првите пропаганди машинерии кои навлегла во Македонија, а и во Струмица, била католичката, која се ширела преку одделни католички мисионери и друштва, кои работеле по дозвола од турската влада, а биле финансиски и логистички подржувани од Рим, Франција и Австроунгарија.

Покрај духовната, католичката пропаганда имала и политичка цел, а тоа било истиснувањето на влијанието на православна Русија од Балканот. Планот на истата бил преку „унијатството“ да се воспостави врховната власт на Папата над сите цркви. Во Македонија и Струмица, за тоа имало плодна почва, затоа што тоа им овозможувало на македонските христијански верници, ослободување од угнетувањето на грчката црква, владици, богослужба на словенски јазик, црквени обреди — исти како и во православието, отворање на училишта на мајчин јазик и слично.

Црква Св. Илија Радово

Па сепак, унијатство, и бројот на христијани кои преминале во него посебно во струмичко останал ограничен. Во струмичко денес како остаток од овој процес го имаме само селото Радово, но во тоа време на поширокиот терен од Струмичката епархија, унијатството се пробило и зацврстило во некои села од валандовско-гевгелискиот регион.

Една од причините зошто католичката пропаганда почнала да се шири во Струмица, се блиските врски со Солун. Имено од Солун, таа се проширила кон Кукуш каде што и зазела најголем замав, а и најголем дел од населението преминало во католицизам. Кукуш добил и свој унијатски епископ. Голем подржувач на католичката пропаганда бил и Митат-паша, кој во 1873 година бил поставен за солунски валија. Тој се обидувал преку помагање на католицизмот да го ослабне влијанието на Русија. Тој дури им сугерирал на македонските првенци во Солун, дека тие се Македонци и одделен словенски народ во Турција.

Ахмед Шефик Митат-паша

Уште еден настан придонел неколку општини од Струмичката епархија да влезат во унија со Католичката црква, имено, Руската дипломатија која се обидувала да ги помири Патријаршијата и ново формираната Егзархијата. За таа цел се воделе преговори помеѓу двете цркви, а бугарскиот егзарх Антим, бил подготвен засекогаш да ја отстапи Струмичката и неколку други епархии, во замена за повлекување на изречената патријаршиска анатема (проклетство) на неговата црква.

Кога за ова дознале македонските црковни општини од Солун, Дојран, Воден, Кукуш, Струмица и Малеш, тие од Егзархијата побарале објаснување за целта на ваквите преговори. Кон нив се придружила и општината Гуменџе, па заедно го испратиле следниов протест:

Егзарх Антим I (1872-1877)

„Ние не сме спечелен имот па да го продавате и подарувате, туку народ кој ги бара своите права. Но, мислете и на тоа дека ако ја обесправите Македонија, или барем дел од неа, ќе бидете осудени не само од обесправеното население, туку и од беспристрасниот суд на историјата”.

Струмичани, заедно со другите општини не застанале тука, покрај до Католичката црква ти се обратиле и до англискиот дипломатски претставник во Цариград, со молба за прием и покровителство од Англиканската црква. Нивната молба била одбиена од англиската дипломатија, но телеграмата, испратена до католичките мисионери била прифатена. Веднаш потоа, 12 струмички села поднеле петиција за премин во унијатство.

Откако Егзархијата увидела дека ваквото нивно пазарење може скапо да ги чини, се откажале од преговорите со Патријаршијата и енергично се ангажирале да се потисне овој бран на премин во унијатство.

Поради теророт кој во Струмица го спроведувал грчкиот митрополит Агатангел, кај струмичани постоел огромен гнев кон Патријашијата. Ова во комбинација со ветувањата на Католичката црква за духовно и политичко ослободување од грчките владици, претставувале навистина примамлива опција за струмичани. Токму оваа ситуација во 1883 година се обидел да ја искористи Бонети Пароко, кој како католички мисионер дошол во Струмица, со цел да основа гимназија со интернат за учениците-унијати од епархијата.

Катедрална црква „Успение на Пресвета Богородица“ – изградена 1921 година

Неговата мисија ќе биде неуспешна, затоа што Агатангел не само што го наклеветил, за создавање бунтовништво против власта, туку со поткупи успеал целосно да го истера од градот. Како казна за овој обид, сите петнаесетмина струмичани кои биле вклучени во отварањето на училиштето завршиле во Солунскиот затвор. Помеѓу имињата на затворениците кои се споменуваат се среќаваат следниве: Ј. Митрев, Г. Панов, Хаџи Трендов, Дончев, Јанев и Китанов.

Покрај овој неуспешен обид, католичката пропаганда се обидела да продре во Струмица и нешто покасно, во деведесетте години од XIX век, но и тогаш успехот бил ограничен, затоа што во тоа време фокусот на струмичани бил вперен кон револуционерното движење.

Од достапните историски документи дознаваме дека кон крајот на 1897 година во Струмичко имало само 40 унијатски домаќинства со пет свештеници. Но, во Струмичката епархија, околу Валандово и Гевгелија, унијатството се зацврстило за подолго време. Унијатски биле (или унијати имало во) селата Пирава, Валандово, Миравци, Марвинци, Градец, Петрово, Милетково, Гопеш, Грчиште, Давидово и некои други.

Меѓутоа, со текот на времето, и особено во војните (1912-1918) бројот на унијатите постојано опаѓал, за на крајот во многу места и сосема да исчезне. Во Струмичко нив ги ликвидирала Егзархијата кон 1892 година, затоа што се работело само за неколку домаќинства. Денешните унијати во Струмица, и во селото Радово, се дојдени како бегалци од Кукуш и Кукушко во текот на војните (1912—1918), кога и овој македонски крај дошол под власта на грчката држава.

Католичката енорија во Радово е основана во 1914 година за време на балканските војни. Тогаш, верниците од Алексово и околните села на кукушката околија, во Егеј­­­­ска Македонија, се населиле во Радово. Уште со самото доаѓање духовниот пастир отец Стојан Поп-Пецов заедно со верниците адаптирале една соба во турското училиште, за потоа да преуредат една стара куќа во храм, посветен на свети Илија. Во 1928 година се отпочнало со изградба на нов храм кој и денес се користи.

Неуспехот на католичката пропаганда во Струмица се должел не само на традиционалната
приврзаност на народот кон православието, туку и од паралелниот отпор од повеќе страни: од грчката и бугарската црква, од руската дипломатија, а во извесни периоди и од турските власти. Иако меѓу себе во непрестани борби, секоја од овие страни, водена од свои побуди и сметки, работела на ликвидирањето на католичката пропаганда и на западното влијание во Македонија.

Протестантска пропаганда во Струмица во XIX век

Поради тешкиот јерем кој грчкиот митрополит го спроведува струмичани барале спас секаде каде што ќе им се понудел. Тоа отворило простор и за протестантската пропаганда во Струмица. За струмичани веќе постоел пример кој можеле да го следат, па протестанизмот не изгледал така туѓо. Имено, во 1864 година околу 200 велешки семејства се помолиле кај протестантскиот епископ во Софија за прием во оваа црква, со цел и надеж дека така ќе се ослободат од Патријаршијата и плаќањето на владичнината (црковниот данок).

Статија напишана од Е. Хаскел во Солун 1912 година

Кога селаните од Муртино и Моноспитово се нашле во безизлезна ситуација се сетиле на овој пример и побарале помош од англискиот конзул во Солун. Имено, во 1886 година во близина на Муртино биле убиени двајца Турци, што придонело да и во Муртино и Моноспитово биде сместен аскер, кој не само што ги тероризирал селаните туку и четириесетмина селани биле одведени во Солунските затвори каде одлежале околу 10 до 15 години робија. Тука поради помошта која им ја пружал англискиот конзул и протестантите, тие решиле да ја променат верата, па кога се вратиле назад, се вратиле како протестанти.

Она што го чинело протестанството посебно примамливо за струмичани било и тоа што, нивните мисионери со себе секогаш носеле доста книги, активно се бореле за подобра просвета, отварање училишта и болници и заштита на населението од Турците.

Весникот Зорница

Со цел да го прошират своето влијание во струмичко, на населението му се доставувало и весникот „Зорница” кој неколку децении излегувал, на бугарски јазик, во Цариград. Првото документирано како официјално доаѓање на протестантски мисионери во историски документи е во 1866 година. Тогаш од Битола во Струмица преку Друштвото „Американски Борд”, дошле првите мисионери. Како први мисионери во Струмица останале запишани, Џени, Берд и Бонд.

Нешто подоцна многу поактивни во струмичко биле мисионерите Е. Хаскел, д-р И. Хаус, познатата во нашата историја мис Елена Стон. Нивната непосредност со народот и активна работа на теренот давала солидни резултати. Затоа во 1882 година. Струмица ја добила својата прва протестантска општина. За нејзин прв пастор (проповедник) бил назначен битолчанецот Димитар Анастасов кој се образувал во Американското богословско училиште во Самоков.

Д. Анастасов останал да проповеда во Струмица над десет години. Од 1884 година, како пастор и тоа повеќе за селата, во достапните документи се јавува и Божин Белев од Струмица. Во 1895 година Д. Анастасов решил да се врати во Битола, на негово место бил назначен проповедникот Грачанов, родум од Јакоруда, Разлошко, но тој никогаш не се појавил, па таа функција на крајот за добил струмичанецот К. Кимов. Подоцна како пастори работеле Ѓорѓи Петров, и Захариј Даскалов, обајцата од Кавадарци, Седлоев — од Банско, Разлошко и други.

Со формирањето на Евангелистичка црква во Струмица ноември 1890 година, се зголемил и бројот на верници. Во тоа помогнале и црквите од Радовиш и Банско кои учествувале во работата на струмичкиот основачки собор. По повод формирањето на Евангелистичка црква во Струмица, за нејзини почесни членови биле примени мис Е. Стон и неколкумина други заслужни мисионери.

Покрај во самиот град Струмица, протестантството најмогу а и најрано се проширило во Моноспитово и Муртино, па потоа Вељуса и Колешино. Покрај солунски затвореници од Моноспитово кои назад се вратиле како протестанти, за процутот на протестантството во селото бил посебно заслужен и богатиот струмичанецот кој тука имал свој чифлик, Ставре Тимов, со помош на селскиот пропагатор Спасо Бушев.

Втора Евангелистичка црква била формирана и изградена во Моноспитово, а под своја закрила таа ги зела и верниците од Муртино и Колешино. Верниците пак од Вељуса, Варварица, Попчево и Дабиле биле приклучени кон Струмичката црква. И Струмичката, а и Моноспитската црква од 1 јануари 1895 биле под надлежност на Солунската мисионерска станица, раководена од д-р Хаус и Е. Хаскел. (кои раководеле со сите локални цркви до Приштина).

Изјава на Мис Елен Стоун за нејзиното грабнување од македонските комити близу Банско и за нивниот хуман однос спрема неа, Катерина и нејзиното новороденче

Како црква или место за молитва на почетокот се користела куќата на Ставре Тимов, а подоцна куќата на Хаџи Андон, која била изнајмена под кирија. Интересно е тоа што и двете куќи се наоѓале во маалото „Бабјак” или „маало папа Димитрија”, како што уште се викал овој дел од градот.

Во 1882 година бил купен плац за изградба на црква, „но противниците го спречија, па и денес го спречуваат нејзиното изградување”. – се вели во еден протестантски документ од 1888 година. Во Струмица, Моноспитово и Муртино, постоеле и работеле основни- протестантски училишта. За училиштето во градот се знае дека постоело се до крајот на 1919 година. За училиштето во Моноспитово се знае само дека било отворено во септември 1890 година, но не и кога точно престанало да работи. Фокусот на протестанската пропаганда било да се школуваат што е можно повеќе млади ученици затоа што тие подоцна биле одлични пропагандисти.

За таа цел во 1892 година од струмичко на школување во Битола, во женското евангелистичко училиште, биле испратени седум девојки, кои подоцна станале учителки. Речиси сите биле испратени во други градови, а во Струмица како учителка се вратила само Ефа Бушева од Моноспитово, која подоцна се преселила во Софија.

Протестантските учителки со Ефа Бушева (втора десно)

Благодарение на зачуваните документи, знаеме дека на почетокот од XX век, според статистиката од Бранков, бројот на протестантите во Струмичко изнесувал 624 лица, од кои 144 во градот, 208 во Муртино, 184 во Моноспитово, 40 во Вељуса, и 16 во Колешино. Во Струмица, во протестантското училиште учеле 27 ученика, кои имале 2 учитела, во Моноспитово — 24 ученици (со еден учител) и Муртино — 22 ученика, со еден учител.

Школската зграда и црква во Моноспитово

Бројот на протестантските верници, во текот на XIX век, и особено по појавата на ВМРО и Илинденското востание, во Муртино, и особено во Моноспитово брзо и значително опаднал, во Струмица стагнирал, во Вељуса и другите села речиси сосема исчезнал, и единствено во Колешино, бил постојано во пораст.

Како што можеме да видиме, со ослободувањето од Патријаршијата и нејзиното влијание, почнало да венее и да се губи потребата за помош од католичката или протестантската црква, што придонело бројот на верници кои преминувале во нив или да стагнира или да секне. Но, тој период на Патријаршиски терор, за Струмица оставил и денес видлив печат на котлината затоа што целосно го изменил духовниот изглед на истата.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading