Пред почетокот на XX век, Македонија, а и Струмица веќе биле зафатени од националната треска, и националното будење кое веќе било во полн ек. Покрај духовното бунтување против Егзархијата и Патријаршијата, македонците се спремале и за конечно ослободување од Турското ропство и формирање на своја сопствена држава.
Ваквиот развој на настаните довел и до формирање на различни, здруженија, друштва, тајни и јавни организации, кои за своја цел зацртале автономија и самостојност за Македонија. Една таква организација ќе биде формирана на 23 октомври 1893 година во Солун, во станот на Иван Хаџи Николов. Тука, тој заедно со Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Татарчев, Андон Димитров и Христо Батанџиев ќе ги постави темелите на МРО (ТМОРО; ВМОРО, ВМРО), организацијата која засекогаш ќе ја промени Македонија.

МРО веднаш ќе се зафати со теренски активности за проширување на организицијата низ цела Македонија, а во овој процес посебно ќе се истакнат Гоце Делчев и Ѓорче Петров, кои биле задолжени да го изработат Уставот на Организацијата, кој ја дефинирал целта и методите на борбата за ослободување на Македонија и Одринско, преку револуција за политичка автономија, а подоцна и независност.
За Струмица посебно е важен Конгресот во Солун кој е одржан во 1896 година, каде меѓу другото била доградена организациската структура на ВМРО, воведени шифри и псевдоними, и била извршена нова поделба на организациската територија, а тоа и создадени нови окрузи и околии. Токму на овој Конгрес ќе биде формиран и Струмичко-Горно-Џумајскиот округ. Струмичкиот револуционерен округ, како одделна најкрупна организациона единица, ќе постои сѐ до Младотурската револуција, па и подоцна.

Во СРО влегувале неколку околии и тоа: Струмичка, Радовишка, Малешевска, Петричка и Поројска. Покрај тоа СРО успешно соработувал и со соседните окрузи и околии, и особено со Серскиот, Гевгелискиот и Кукушкиот, кои влегувале во составот на Солунскиот револуционерен округ.
Градење на револуционерната мрежа во Струмица
Како што веќе споменав веднаш по своето формирање МРО, почнала да ја проширува својата мрежа и низ Струмичко. Иницијаторот и организаторот на таа мрежа бил самиот Гоце Делчев. Тој во есента 1894 година дошол во Ново Село (Штип) како нов учител, и веднаш почнал со организаторски активности и во Радовиш и Струмица. Првата посета на Струмица, каде што веќе започнал со формирање на месни организации, Гоце ја имал по Велигденскиот распуст во 1895, на враќање од родниот Кукуш.

Покрај важноста што оваа посета ќе ја има за Струмица, и зацврстувањето на Организација во оваа Околија, таа е значајна и за самиот Гоце, затоа што била неговата првата поголема организационо-агитаторска обиколка.
Еден од првите струмичани кои ќе ги прифатат Гоцевите идеи и ќе почне активно да ги спроведува на терен бил Стојан Горгиев од Дабиље. Тој како главен егзархиски учител во градот, станал еден од првите негови следбеници, а како таков останал се до својата смрт 1915 година, кога бил убиен од Врховистите во Старо Коњарево.

Откако се запознал со Гоце, по неговата посета, тој веќе во 1985 околу себе успеал да собере една група од околу триесетина учители и граѓани, и да ја формира Струмичката месна организација, за чии прв раководител бил и избран. Во организацијата, и работата на месната организација како еден од најактивните и организаторски најспособните, се покажал и кондураџијата Доне Лазаров. Тој воедно бил Стојанов прв помошник, а долго време бил и член на Окружниот комитет.
Колку била важна улогата која во тој период ја одиграл Стојан Горгиев, се гледа и од фактот што тој бил на Конгресот на ВМРО во 1896 година, каде бил избран за раководител на Струмичкиот округ. Подоцна, поради разните внатрешни превирања, пребегнување во илегала, престој во затвор, внатрешни преместувања, легални раководители на Округог, во временски редослед биле: Христо П. Василев, родум од Берово, Костадин Самарџиев — Џемото, од Дабиле, Горги Варналиев од Велес, Мануш Горгиев — Турновски од Ново Село, итн.

Поради тоа што Организацијата често работела во илегала и скриена од турските власти, во тогашната организациона структура на ВМРО, во составите на окружните, и околиските комитети, постоеле така наречени „легални“ и „нелегални“ членови и раководители. Тоа најчесто било случај со четите и нивните војводи. Во Струмичкиот окружен комитет, како „нелегални“ членови и негови окружни војводи (главно по 1903) најмногу се истакнале Христо Чернопеев, Петар Китанов, од Горно Џумајско, Мануш Горгиев и други.
Посебно значајна улога посебно по илинденскиот период одиграл Чернопеев, кој не само што бил доста популарен меѓу населението во струмичко, туку бил и најважната раководна личност во округот. Струмичани нагалено го ословувале како „Ристо Црнопејо“. Неговата приказна е многу интересна, затоа што тој по потекло бил Бугарин, родум од селото Дерманци, Луковитско. Иако бил подофицер во бугарската војска, тука останал кратко, затоа што се откажал од неа и се вклучил во револуционерното движење, каде и останал се до својата смрт, кога се вратил во составот на бугарската војска, и загинал на 23 Октомври 1915 година во Првата светска војна, кај Криволак. Неговите мошти почиваат во Штип.

Во предилинденскиот период пак Чернопеев најпрвин дејствувал во Кукушко, потоа во Горно-Џумајско, и на крајот во Струмичко. Чернопеев, сѐ до почетокот на 1910, често и успешно соработувал со Јане Сандански, бидејќи двајцата биле блиски по идеи и дела. Тој се истакнал како способен војвода, организатор и воен (четнички) инструктор, за што му помогнала и неговата воена подготовка што ја добил во бугарската војска.
Случајот на Чернопеев воопшто не е изолиран, напротив извесно време во овој период тука дејствувал и еден друг познат револуционер — Михаил Герџиков, кој е родум од Пловдив. Уште еден поранешен подофицер на бугарската војска оставил голема трага во Струмица, а тоа е еден од првите војводи на Организацијата, Михаил Апостолов — Попето. Тој поради соработката која ја имал со Гоце, ја напуштил армијата и се приклучил кон македонското револуционерно движење. Тој загинал во борба со турскиот аскер на 3 април 1902 кај селото Гаваљанци, Кукушко.

Трендот кој го востановивме погоре, има своја позадина и во фактот што сите овие војводи биле поврзани директно со Гоце, кој исто така одреден период студирал на офицерската школа во Софија, од каде бил исклучен. Покрај овој факт треба да се напомене и дека постеле практични причини, затоа што Организацијата особено на почеток, имала голема потреба од кадри со војничко образование и искуство, со цел да им помогна на четите, и да ги претворат во школи за изградување на месен војводски и боречки кадар.

ВМРО брзо се масовизирала во Струмица и струмичко, а дел од заслугите за тоа секако одат кон Гоце Делчев, кој одлучил да се ослободи од праксата на поединечен прием и да поведе кампања за формирање селски организации. Под негово влијание и водство основачите на Струмичката организација — С. Ѓоргиев, Д. Лазаров и други, за своја цел имале до крајот на есента 1895 да основаат месни организации во петнаесеттина села. Првите месни комитети биле организирани во селата Муртино, Робово, Моноспитово, Василево, Вељуса, Куклиш, Ново Село, Костурино, Попчево, Дабиле и Нивичино.
Нешто подоцна во во 1897 година со непосредната помош од Гоце Делчев, биле создадени нови месни комитети и во четири подгориски патријаршиски села. Па така, за само неколку години во струмичко не останало македонско или мешано село без поголема или помала месна организација. Во градот пак првата месна организација била направено во маалото „Чифлик”.

Во струмичко организацијата почнала да станува се помасовна по 1987 година, како последица на обиколките кои ги вршел самиот Гоце, но и затоа што неколку младенци од градот и селата по завршувањето на своето образование се вратиле како учители, и почнале да го шират словото на Организацијата. Веќе наредната 1989 година по селата почнале да се формираат и првите околиски чети.
Организацијата јакнела се повеќе со доаѓањето на неколку учители, како што бил на пример Костадин Самарџиев, кој во 1901 година веднаш по завршувањето на Скопското педагошко училиште, се вратил во Дабиле да учителствува. Тој и тука, а и во Робово, каде подоцна бил преместен развил плодна револуционерна активност.
Во источниот дел од струмичката котлина пак, како главен организатор, уште во годините пред Илинденското востание, посебно се истакнал Мануш Ѓоргиев — Турновски. Мануш бил запишан во Серското педагошко училиште, каде активно се вклучил во ученичкиот револуционерен кружок, и поради тоа бил исклучен од училиштето. Се вратил назад во Ново Село каде започнал да учителствува, за подоцна да биде префрлен како учител во селата Стиник и Барбарево.
Од Скопското педагошко училиште, во Струмица дејствувале и Ристо Бабамов и Илија Маказлиев. Првиот бил учител во Робово, вториот пак работел како учител во Конче и Русиново, а подоцна станал и војвода на чета и загинал во 1902 година. Списокот продолжува и со Атанас Караманов од Дабиле, кој се вратил назад во своето родно село како учител. Подоцна станал и војвода на чета, а загинал во 1910 година. Од „скопската школа“ потекнува и Костадин (Коста) Мазнејков, роден во Струмица. Кога се вратил дома, започнал да учителствува во Добрејци, па во Просениково и други села, а подоцна станал и се истакнал и како радовишки околиски војвода. Коста Мазнејков загинал во 1903 година.

Еден од поважните раководители бил и Иван Илиев Ајдински, од Ново Село, кој посебно се истакнал по Илинденското востание. Иван завршил гимназија во Солун, а подоцна и Правен факултет во Софија. Пред 1903 година, како учител и револуционерен раководител, работел кратко време во Штип и во Струмичко, каде влегол во судир и жестоко се борел со бугарскиот владика Герасим. Загинал во Горна Џумаја во 1923 година.
Од „солунската школа“ произлегол и и учителот Гошо Илиев, исто така од Ново Село кој се сметал за смел и одличен организатор во таа околија. Свој ценет прилог за револуционерното дело во Струмичко дале и Костадин Димков, потоа Димитар Бујуклиев, Тимо Бабамов и многумина други. К. Димков учел во Одеса, а потоа како учител работел во Валандово, Моноспитово и други села. Д. Бујуклиев ја завршил машката гимназија во Солун и работел во Пехчево и Струмица. Во 1900 година во Организацијата се вклучил и Мито Ковачев учител од Струмица, а загинал во април 1902 во Делчевско.

Месните раководители на ВМРО, уште од самиот почеток своето внимание го фокусирале на млади кадри. Па затоа, во самиот град како организатори и агитатори помеѓу младинците биле определени Петар Хаџи Јорданов, родум од Кавадарци, Иван Чонтев, од Велес и Костадин Самарџиев. Тие имале солиден успех помеѓу младите од егзархискиот дел на Струмица, но не успеале да се пробијат и да ја организираат патријаршиската младина. Таа цел и задача им била зададена на првите младинци од патријаршиски семејства, кои се придружиле на ВМРО и тоа Ѓорги Хаџи Котарев, Панде Кујумџиев и Славчо Кљамбов. Тие забележале поголем успех и започнале активно да регрутираат повеќе младинци. Од новиот бран регрути посебно се истакнале Ѓошо Грчев, кој одредено време ја извршувал функцијата благајник на месната организација и Томе Аџи Глигоров.

Како што забележавме првите раководители на организацијата, а воедно и најистакнати дејци биле учителите. Речиси сите од нив подоцна станале и војводи и загинеле во директни борби положувајќи ги своите животи за слобода на Македонија. Вреди да се спомене дека во струмичко покрај учителите, се истакнале и други војводи кои не биле учители, а тука можеме да се спомнат Крсто Ѓоргиев Новоселски, од Ново Село, и Иван Тодев, наречен Бељал Чауш, родум од селото Смол, Гевгелиско.
Како дел од стратегијата на ВМРО да не се остане само на усна агитација, било потребно да се создаде и организира и сопствена оружена сила, т.е чети. Со таа цел , во есента 1898 раководството на Организацијата започнало со формирање на постојани околиски чети. Оваа задача му била доверена на Гоце Делчев. На самиот почеток четите биле задолжени само за агитација и организирање на населението, а постепено почнале да пренесуваат оружје, за кое собирале и набавувале и парични средства; па преминале кон вршење на функции на судска и извршна власт итн.
Поради потребите кои се развивале со растот на организацијата се формирале и таканаречените центрови чети (една за неколку села) и селски чети, по една од секое село, составена само од легални членови, мобилизирани по потреба. Сите чети ја сочинувале воената сила на Организацијата и над нив стоела инспекторската ревизорска чета, раководена од Гоце Делчев. Делчев се сметал за началник на сите оружени сили на Организацијата. Подоцна биле создадени и селските чети биле познати и под името организациона, или селска полиција.

Интересен е податокот дека четите, што биле присутни во струмичко до 1903 година, преферирале да се движат во регионот на Огражден и Малешевијата и на теренот западно од градот. За Струмица како град, долго време не била формирана посебна чета. Прв од раководителите, уште во 1897 година , со конкретна задача и со една мала чета во Струмичко дошол самиот Гоце Делчев. Некои краеви од Струмичко потоа биле обиколени од војводата Михаил Попето. Нешто подоцна тука се се задржал и војводата Михаил Герџиков. Низ Струмичко често поминувал и тиквешкиот војвода Петар Јуруков. Еден дел од неговата чета кои во 1900 година дошле со него, останала да дејствува во струмичко.
П. Јуруков исто така често поминувал низ Струмица, затоа што имал намера да зароби некој од богатите струмички бегови, и за него да бара откуп. До тоа сепак не дошло, затоа што со тоа не се согласил струмичкиот раководител Илија Маказлиев, кој сметал дека со тоа ќе се предизвика нова афера (провала) со што ќе се загрози Организацијата во Струмица.
Низ струмичко често минувале разни чети, иако Струмичка околија тогаш не била гранична, таа се наоѓала во соседство со пограничната Малешевска околија, поради што и низ неа поминувале важни нелегални канали кои пренесувале оружје во внатрешноста на Македонија. Такви биле трите канали за дотур на оружје од Малешевско — до селото Нивичино. Првиот минувал од Нивичино, низ селата Трибичино, Варварица, Рич до Костурино, а одовде кон Гевгелиско и Кожув Планина: вториот од Нивичино преку Дрвош, Дабиле, Сачево до Куклиш и пак до Костурино, а одовде за Дојранско и Гевгелиско, и третиот преку Барбарево и Стиник до Габрово и преку Беласица.

Овие канали се користеле не само за пренесување на оружје туку и на муниција и пошта, преку нив се префрлувале и чети и илегалците кои бегале од властите. Од она што се знае од историските документи, целото оваа оружје и материјали, кои биле купувани во Бугарија, најпрво биле носени во Нивичино, каде
поминувале низ рацете на Атанас Нивички — Брадата. Брадата бил клучната алка во овој синџир и одиграл огромна улога во животот на Организацијата во Струмица.
Посебно се истакнале и следниве селските раководители Атанас Јовев Муртински, Васил Наков од Дрвош, Алекса Иљашов во Попчево, Ѓорги Митушев во Три Води, Божин Ѓоргиев во Барбарево, Миљко Витанов во Робово, Панде Филев Смилков, во Дабиле, Атанас Галев, Доне Јуруков, Трајко Барбутов и други, во Моноспитово итн.

Поради таинственоста под која морала да функционира ВМРО, морало да се користат псевдоними, како за луѓе така и за селата. Па така во Струмица, постоеле следниве псевдоними: Моноспитово — Беласица, Муртино – Слива, Сачево — Ниш, Куклиш — Дебар, Пиперево — Бунар, Дрвош — Даб и други.
Во Организацијата активно се вклучиле и истакнале и многу жени, дел од кои биле учителки, но и огромен број од нив кои обезбедувале храна, облека и ги лекувале војводите. Меѓу нив останале посебно запаметени: Ленка Данева, родум од Струмица, Атина Бабамова, Фанија Николова (од Охрид), Јорданка Јанчева од Радовиш, Евантија (Ванта) Алабашева, учителка во Моноспитово и баба Фидана — селанка од Моноспитово која ги криела и лекувала ранетите комити.
За активноста и пожртвуваноста на струмичанките посведочува и Павел Шатев, еден од солунските „гемиџии”. Имено, кога по солунските атентати во мај 1903, како еден од нивните извршители бил затворен и спроведен и низ Струмица, една група жени нему и на другите затвореници, и покрај ризикот личниот ризик кој го преземале, успеала да им донесат храна и облека во затворот.

Од погоре наведеното може да се види дека Струмица и струмичани уште од самиот почеток активно се вклучиле во револуционерното движење и зеле активна улога независно од возраст или пол, и оставиле своја трага во македонската историја и ВМРО.

One response to “Времеплов – Струмица низ историјата- ВМРО во Струмица до 1903 година”
Vojvodata od selPopcevo eRistoman Popcevski nikoj drug