Времеплов – Струмица низ историјата – 1908/1912 -Младотурската револуција

Во согласност со позициите кои биле изградени уште на Рилскиот конгрес, Струмичката окружна организација на ВМРО уште од почетокот на 1908 година, јасно се определила за соработка со ослободителните движења во тогашната држава, вклучувајќи го тука и младотурското. Токму младотурското движење по 1905 година станало најсилно, и најактивно се борело против султанскиот режим.

На исти идејно-политички позиции биле и „санданистите“ во Серскиот округ, како и раководителите на Солунската окружна организација. Ваквата позиција не е никакво изненадување, затоа што претставува и еден своевиден континуитет на политиката која левицата во ВМРО ја водела, а која му се спротивставувала на десното бугарско-врховистичко крило во Организацијата. Ваквата позиција е континуитет и на политика која Струмичкиот округ јасно ја одбрал од самиот почеток.

Мустафа Кемал Ататурк во Струмица, 1911 година

Одлука за соработка со младотурското и другите ослободителни движења во турското царство, била јасно определена и потврдена и на заедничкиот Конгрес на левицата одржан во Пирин. Во се поголемиот недостаток на внатрешни сојузници за борба, левицата на ВМРО се свртела кон младотурците. Неколку други важни одлуки биле донеси на овој конгрес меѓу кои биле: општата ориентација на левото крило, внесување нови насоки и методи, како и нови целите на движењето. Наместо автономија, сега ново основно барање станало барањето за обласна самоуправа за Македонија, при коренито внатрешно преуредување на Турција, во која би постоела национална самоуправа и за другите нетурски провинции. Се сметало дека наглото откинување на Македонија од империјата ќе биде многу опасно, затоа што соседите би се обиделе да ја поделат, па затоа и било отфрлено и заменето.

Ваквата политичка ориентација на Струмичкиот округ, придонела да се воспостават врски со младотурците уште пред избувнувањето на Младотурската револуција. Па така пролетта 1908 година илегалниот младотурски комитет во Струмица се поврзал со Окружниот комитет на Организацијата, и извеле неколку заеднички акции во борбата против струмичките султански власти. Со цел да се покаже и докаже добрата волја и намера за соработка, младотурскиот комитет во Струмица ликвидирал еден од доушниците на власта. На ова треба да се додаде дека Организацијата во Струмичко, уште отпорано уживала поддршката од некои локални Турци.

Како што веќе знаеме во јули 1908 Младотурците — офицери, војска, турска интелигенција и други, кренале оружено востание за соборување на султанот Абдул Хамид II. Револуцијата била успешна и султанот се согласил да го прифати уставот кој бил прогласен на 24 јули 1908 година. Во деновите кои следувале наречени и „хуриетските“(денови на слободата), голем број струмичани, или нешто повеќе од стотина, конечно се вратиле назад од Солунските затвори.

Струмичкиот војвода – Христо Чернопеев

Струмичани како и многу други македонци, се радувале на победата која ја остварила револуцијата, затоа што се сметало дека на анархијата, пљачкањата и убиствата им дошол крај, и дека следува нов подобар период за народот кој би можел да води кон политичка автономија и независност.

На 25 јули во Струмица свечено влегла околиската чета на чело со X. Чернопеев. На масовниот народен собир кој следувал тој го рекол следново:

„Се радувам што ги гледам слободни моите браќа. Слободата открива мирен и културен живот. Давам збор дека чесно ќе ја чувам извојуваната слобода. И запомнете дека, ако го изневерам новиот режим што сега се воведува и излезам по некаков повод одново со пушка в рака, дозволувам каде и да ме најдете да ме разоружате и врзан да ме доведете во градот. “

Чернопеев никогаш не добил прилика да го одржи своето ветување. Веднаш по победата на револуцијата трите окружни организации на ВМРО — Серската, Струмичката и Солунската, како и многу други раководители од околните окрузи, презеле низа мерки и чекори со цел да се потиснат и изолираат врховистичките чети, кои продолжиле да дејствуваат и да му штетат на населението.

Војводата Чернопеев

Со цел да се координираат акциите на трите окрузи во почетокот на август во Солун биле одржани низа советувања, на кои била изработена и нова Проект програма на ВМРО – левица. Целта на овие советувања било и да се започнат подготовките за одржување на Општ Конгрес во септември на кој би се освоила Програмата, би се избрало ново раководство, и би се започнало со „чистката“ на велико-бугарските агенти од Организацијата.

Програмата, а и другите документи кои македонската левица ги произвела во овој период укажуваат на тоа дека целта била таа да премине во легална политичка организација, која ќе соработува со младотурците, но под услов да се решат неколку прашања и проблеми како што биле аграрна и даночна реформа, и политичките прашања, како што биле реформирање и децентрализирање на царството, со што на Македонија би и се доделило обласна самоуправа.

Четата на Чернопеев, војводата седи во средината

Покрај тоа што зел активно учество во овие состаноци, Чернопеев добил задача да направи една мини-турнеја и да ги посети Велес, Скопје, Куманово, Кратово, Кочани и Штип, за на крај да се врати во Струмица. Целта на оваа обиколка била да се обезбеди поддршка од страна на Скопскиот револуционерен округ, за иницијативата да се одржи Општиот конгрес. Токму во овој период со раководителите од Струмичкиот округ почнал да се зближува и интензивно да соработува Димитар Влахов, тогаш млад, образован, способен и амбициозен општествено-политички работник.

Меѓутоа, Врховистите имале многу поразлични планови, па така активно се обидувале да го спречат одржувањето на овој конгрес. За таа цел бил изведен и атентатот над Јане Сандански, и иако не успеале да го убијат, го раниле и со тоа успеале да го одложат конгресот. Во меѓувреме, врховистите успеале да го искористат отсуството на Јане и да создадат мал, краткотраен раздор и недоразбирање меѓу Серскиот округ на една страна и Струмичкиот и Солунскиот на друга страна. Недоразбирањата се зголемиле и во септември кога се одржувале парламентарни избори. Ваквите недоразбирања биле посебно видливи во новиот весник „Единство”, кој бил гласник на Струмичкиот округ, чиј уредник бил Д. Влахов.

Димитар Влахов како пратеник во Отоманскиот парламент

Кога во септември започнала султанската контрареволуција, ВМРО-левица се одзвала на позивот на младотурците за одбрана на уставниот поредок. За таа цел биле формирани одреди на доброволци – народна полиција, кои требало да се сретнат во Дојран и да се упатат кон Цариград. Откако се собрале во Струмица, доброволците под раководство на Атанас Караманов, Костадин Самарџиев и Крсто од Сачево, тргале кон Дојран. На овој поход, според Панде Филев Смиљков од Дабиље, имало околу 50 доброволци, од Струмица, Дабиље, Сачево, Ново Село итн. на кои во Дојран им се приклучил X. Чернопеев, и оттаму со воз заминале за Цариград. Доброволците од Струмица како и од остатокот на Македонија, лично учествувале во борбите против Абдул Хамид II, и придонеле за неговото конечно симнување од власт.

Струмица активно учествувала во младотруската револуција и преку политичките партии. Имено кога во август 1909, Д. Влахов ќе ја формира Народната федеративна партија (НФП), струмичани активно ќе се вклучат во неа. Во самиот град веднаш била формирана месна организација, а веднаш по неа и во Дабиле, Робово, Муртино, Моноспитово и Ново Село. Во организацијата на овие месни заедници лично учествувал и самиот Влахов, кој лично бил на терен во Струмица.

Санданисти и младотурски офицери. Стојат: Мицо Врански, непознат турски чиновник, Таската Серски, д-р Авди бег и Димо Хаџи Димов, седат: Л. Козарев, Ахмед Нијази-бег, Сандански, Тодор Паница и Георги Казепов

Формирањето на НФП, и слободите кои ги донеле младотурците, придонеле низ градовите во Македонија се почесто да се организираат масовни политички собири. Еден таков митинг бил одржан во Струмица на плоштадот „Саат-мегдани” на 12 ноември 1908 година. На овој собир било констатирано дека по 24 јули, некои државните чиновници и бегови, ги зголемиле злоупотребите, самоволијата и злосторствата, па струмичани побарале, на ваквото однесување веднаш да му се стави крај, а виновниците да се казнат.

Била донесена и резолуција во која се барало да се формира мешовита анкетна комисија, која ќе се погрижи за истрагата околу наведените злоупотреби. Било побарано да се избришат и сите застарените неплатени даноци, да се намали износот на бегликот за ситна домашна стока, прекратување на старите судско-политички дела итн. Во посебна точка било побарано да престанат ангариите, и да им се одземе правото на „беговите да ги отпуштаат своите чифлигари”.

НФП посебно инсистирала да се решат аграрното, даночното и чифлигарското прашање во полза на струмичани, па за таа цел се организирало потпишување на една петиција од чифлигарите, која потоа била испратена до Отоманскиот парламент. Околу организирањето и спроведување на петицијата посебно се ангажирал К. Самарџиев, кој поради оваа свое ангажирање повторно влегол во жесток судир со митрополитот Герасим.

Фотографија од делегатите на конгресот на НФП, сликана на првиот ден од конгресот

Но, ништо не ги спречувало струмичките раководители на НФП. Тие продолжиле со своите, за тоа време, радикални барања, особено во образованието. Не само што сакале реформи, туку барале и македонските училишта да бидат раководени од Македонци. За да ја постигнат оваа цел, во резолуцијата нагласиле: „Учителите да се плаќаат од државниот буџет.”

Во исто време, Х. Чернопеев и Д. Влахов се залагале турската власт да отвори неколку основни училишта и едно трикласно училиште во Солун, со интернат за ученици од други градови, како Струмица. Ова значело создавање на таканаречените меарифски (општински) училишта, кои ќе бидат независни од бугарската Егзархија.

Од бугарските автори во оваа време дознаваме дека бугарската пропаганда била загрижена дека „Бугарскиот јазик нема перспектива во Македонија и Струмица“ затоа што струмичани барале бројот на часовите по бугарски јазик во училиштата, да се намали, а за сметка на тоа да се зголемат часовите по турски јазик. Ваквите барања биле поддржани пред се од македонските учители во струмичко, кое се организирале во Струмичко околиско учителско друштво, кое имало за цел да ја потпомогне Организацијата и да ја разбуди македонската национална свест.

Манифестот – прокламиран од Jане Сандански при објавувањето на револуцијата

Струмичанките не останале „покуси“ и зеле активна улога во сите разните форми на борба за слобода. Имено уште во 1904 година шивачките работници во градот формирале своја организација и речиси веднаш го имале и својот прв штрајк. Оваа организација останала активна се до крајот на турското царство, и спровела разни акции за подобрување на работничката состојба во Струмица.

Постојат податоци кои сведочат дека кон крајот на 1911 година во Струмица, постоела и една конспиративна анархо-социјалистичка младинска група, која била еден вид гранка на веќе постоечката во Солун. На речиси секаков можен начин струмичани активно се вклучиле и зеле учество во сите можни форми на отпор на турската влада и пропагандите, политички и револуционерни организации, кои се бореле за слобода на Македонија.

Овој период на политичка борба на струмичани ќе заврши во 1912 година, кога младотурската држава ќе се се распадне, а нејзиниот распад ќе биде донесен од почетокот на Првата Балканска војна. Па така од 1912 година до 1919 година, Струмица ќе биде во постојана војна.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading