Времеплов – Струмица низ историјата – Организација се бори против андартски и врховистички чети

Обиди за формирање грчко-андартски чети во Струмица

Ситуацијата во која се нашле струмичани по Илинденското востание, била вистински пекол. Пред самото востание, се случиле неколку афери со апсења на револуционери, кои значително ја ослабнале Организацијата, што создало вакуум, во кој покрај теророт што го вршеле турските власти, сега почнале да се појавуваат и грчки и врховистички чети.

Грчките државни органи, во соработка и координација со грчката пропаганда, која веќе долго време работела во Струмица, по востанието увиделе можност преку вооружени чети и воено да ја завладеат Струмица, и конечно да му стават крај на македонското револуционерно движење. Се формирале чети кои се нарекуваат андартски, кои во соработка со турските власти, војувале против македонскиот народ, главно во јужна Македонија и Струмица, град кој тие отсекогаш го сметале за „грчката сфера”.

Оваа вооружена форма на пропаганда, била надоградба на веќе постоечката црквената и школска пропаганда, која дејствувала во Струмица, и иако Организацијата до некоја мера ги толерирала грчките црковни и училишни институции, сепак Грчкиот митрополит Григориј, бил нејзин огромен непријател. Според историски извори, тој по цели ноќи седел во турската околиска управа и ги клеветел струмичани кои не се покорувале на неговата волја. Еден таков пример е богатиот струмички трговец Каратанев, кој морал да се врати во Патријаршијата, откако ја напуштил, поради огромниот притисок кој го трпел.

Слика од Грчката гимназија во Струмица (преземено од Стара Струмица)

Веќе во 1904 година, грчката пропаганда пристапила кон формирање на групи кои би се вклучиле во вооружени борби, па за таа цел биле набавени ножеви и револвери. Оваа група треба да биде оспособена да извршува атентати, а за таа цел добивала инструкции и помош и од грчкиот конзулат во Солун, или од атинскиот „Македонски комитет”, со кој одржувале редовни врски.

Првата таква група во Струмица, со благослов на грчкиот владика, ја формирал и раководел Никола Кољушката (Авгиопласту), а втората пак Никола Цицимов (Цицис). Во овие групи влегле околу 40 члена од различни професии, а меѓу нив имало и учители и учителки. Со цел да им се помогне во организацијата и изведувањето на атентати, како инструктор во Струмица бил пратен агентот Спирос Куртис, кој дошол под параванот дека е трговец.

Ученици во Грчкото училиште во Струмица

Неговата посета на Струмица завршила кобно за него затоа што пролетта 1905 година, членови на Организацијата го убиле. Организацијата не застанала тука, туку истата година на грчкиот владика кај селото Габрово му поставила заседа, но тој некако успеал да се спаси.

Овие групи не успеале да реализираат успешни акции, па грчката пропаганда сметала дека мора да формира андартски чети, „кои бил имале за цел да ги штитат Патријаршиските струмички села“. Бидејќи и тоа се покажало невозможно се додека е активна Организацијата, летото 1905 година во Струмица пристигнале двајца емисари на грчката пропаганда, со цел да преговараат.

Според Панде Кујумџиев кој заедно со Ѓорѓи Аџи Котаров и Славчо Кљамбов, кои како поранешни ученици во грчко училиште можеле да зборуваат грчки, се работело за некој професор Стеријадис и полковникот Хаџи Кирјакис. Тие двајца иницирале состанок со Организацијата со цел „да се спогодат за соработка” за да се „избегнат” братоубиствата.

Панде Кујумџиев, заедно со Ѓорѓи Аџи Котаров и Славчо Кљамбов

Состанок воопшто не се одвивал како што очекувале грчките пратеници, а за оваа средба П. Кујумџиев го запишал следново:

„Потоа Хаџи Кирјакис не праша на кој начин можат да учествуваат и тие. Ние им рековме дека, ако сакаат, можат да не помогнат со доброволци, или на друг начин (на пр. со оружје), а луѓето што би ги дале тие ќе влезат во нашите чети и братски ќе се бориме рамо до рамо“.

Тој рече дека тоа не може да биде. На овој ред ние прашавме: „Како мислите вие?”

Тој одговори: дека нивните ќе биле одделни чети, а нашите одделни и заеднички ќе сме работиле.

Ние тогаш прашавме каде ќе се движат нивните чети, а тој ни одговори дека нема да минувале на север од подножјето на Беласица. А кога ние прашавме зошто, тие одговорија „и ние имаме тука наши села”. Ние им рековме дека тие села не се нивни, туку дека се македонски, дека од нас се организирани и учителите им се назначени од наша страна. На крајот им рековме: „Вие сосема на друга страна влечете, вие сакате да го цепите народот, а тоа не може да остане без наш одговор… “ Прашавме дали имаат уште нешто да кажат. Тие одговорија “дека си остануваат при своето, а и ние, исто така, им рековме дека си остануваме при нашето”.

Членови на Грчката младинска револуционерна организација под раководство на Николас Ангиополастис

По неуспешните преговори П. Кујумџиев реферирал пред Окружниот конгрес кој ги одобрил постапките на тројцата претставници на Организацијата. Сепак, грчката пропаганда не застанала тука, туку веќе во септември 1905 година во Струмица бил испратен Власис Циројанис, подофицер од грчката војска. Неговата улога како инструктор и раководител на грчката оружена пропаганда, била замаскирана од неговата позиција како директор на грчките училишта во Струмица. Тој веднаш се зафатил со реорганизација на претходно организираните групи, и го започнал процесот за формирање чети.

Со цел да ги снабди четите со оружје, преку некои грчки железари, тој успеал да набави пушки од системот „Гра“, кои стигнале најпрвин во Удово, а од таму со поткуп платен на група Турци, биле донесени во Струмица. На почетокот, сите овие напори биле неуспешни, се до еден предавнички момент во 1906 година, кога по една кавга помеѓу Чернопеев и еден негов комита Панде Атанасов-Кад’нката (Панделис Папајоану), Кад’нката не решил да премине на грчка страна. Тој веднаш бил испратен на „школување” во андартскиот логор кај Атина, каде по завршувањето на својата обука се вратил со една десеточлена чета во Струмица.

Панде Атанасов-Кад’нката по преминувањето познат како Панделис Папајоану

Кад’нката и неговата чета биле брзо откриени од Организацијата, која се подготвувала да ги елиминира, но до тоа не дошло, затоа што една турска потера налетала на оваа чета во близина на Мокриево и ги елиминирала. Кога за тоа дознал струмичкиот кајмакам, се налутил затоа што се работело за грешка, бидејќи потерите биле под инструкции да не ги прогонуваат и напаѓаат андартските чети.

Грчките раководители веднаш презеле акција за формирање нова чета, па во Струмица бил вратен Панде Грчето, син на селскиот поп од Колешино, кој како андартски четник порано служел кај некои грчки војводи. Неговата чета која била започната летото 1907 година, постоела неполни 2 месеца, затоа што на 26 август 1907, во близина на Колешино една друга патрола ја разбила четата и убила Грчето.

Веднаш потоа, од неколкуте преживеани четници, била формирана нова чета на чело со Љамо Буов, братучед на Грчето. Четата била помагана од групата на Димитар Цицимов, која дејствувала во Струмица. Сите овие чети имале мал успех, и нивните акции биле лимитирани на неколку терористички акции во подгорските села. Четата на Буов брзо се распаднала, затоа што струмичани биле особено непријателски настроени кон нив, па често четите биле напаѓани и пријавувани од селаните.

Четата на Љамо Буов

Андартството во Струмица за среќа не фатило корени, па така им бил ставен крај и на напорите за проширување грчката оружена пропаганда во овој регион. Обиди кои грчките власти ги правеле, како што биле да се регрутираа локалци, отпадници од Организацијата или платеници на грчката пропаганда, се покажале како лоша стратегија.

Сепак, иако не успеале да формираат стабилни чети, грчки агенти сепак и причиниле голема штета на Организацијата со неколку предавства, убиства и предизвикување на афери, како и клеветења на струмичани кои подоцна завршувале во турски затвори.

Таков пример имаме во селото Габрово, каде по едно грчко предавство жандармерија го убила кметот на селото Панде Брадев. Уште истата вечер Организацијата се спуштила во селото и ги ликвидирала тројцата селани кои ги сомничела за предавството. Следувале нови апсења и афера во струмичко, па така петмина селани завршиле во Солун, каде биле осудени и затворени се до јули 1908, т. е. по победата на Младотурската револуција. Овие апсења не ја спречиле Организацијата да го елиминира андартскиот раководител во Струмица, Никола Поп Костакев.

Поради овие одлучни акции на Организацијата, а и отпор на струмичани кон овие чети, тие никогаш не фатиле корен. Затоа, грчката пропаганда морала да носи агенти надвор од Струмица, кои би ги извршувале нападите и атентатите, кои тие сакале да ги извршат. Другата опција било носење на чета за кратка и брза акција или потплаќање на некој терорист и предавник кој би ги вршел овие гнасни дела.

Организацијата се бори против врховизмот

На Окружниот конгрес одржан во месноста „Црвено Поле”, сериозно бил разгледуван проблемот со кој се соочувала Организацијата во Струмица, а тоа било навлегувањето на врховистичките чети, и обидот на бугарската влада преку својата пропаганда, военото министерство, и парични средства да го преземе македонското револуционерно движење и да го претстави како свое.

Фокусот на оваа прашање не е случаен, напротив, по Илинденското востание, во Македонија, а и Струмица, постоел вакуум кој се создал со загинувањето на неколку важни војводи, а и затварањето на голем број членови на Организацијата. Затоа бугарската пропаганда инсистирала на смели акции од страна на врховистичките чети, со цел да се осигура покорност на струмичани кон нивните цели. Поради ваквиот развој на настаните, Струмица се нашла во центар на борбата помеѓу грчките и бугарските чети, заедно со турските власти на една страна, и Организацијата на друга.

Струмичкиот и Серскиот округ, бугарската пропаганда ги сметала за „неспорна сфера на влијание“ па акции во овие региони биле најжестоки. Најголемиот удар во Струмичкиот округ се случувал во есента 1904 година, кога во Струмица пристигнал мајорот (подоцна генерал) А. Протогеров.

Александар Протогеров

Овој продор бил набрзина осуетен, па околиската чета и селските милиции ја опсадиле врховистичката чета, и ги протерале назад во Бугарија. Со цел да бидат пуштени живи, А. Протогеров морал да даде „чесен” збор дека никогаш повеќе нема да стапне во Струмица, ветување што никогаш не го исполнил.

Следувал втор, исто така неуспешен обид од страна на бугарскиот офицер Асен Партениев, кој откако се зацврстил во неколку петрички села, во 1904 година се обидел да продре и во Костурино, од каде веднаш бил прогонет и истеран од неколку селски чети.

Откако не успеале да слегнат во Струмичката котлина и така да го уништат Струмичкиот округ, врховистите почнале да ги ограбуваат селата во Малешевијата, како одмазда за неуспехот. Главни виновници биле војводите Атанас Дуневски и Бакалов, кои без срам и јавно тврделе дека имале наредби да ги убиваат членовите на Организацијата, што со задоволство го правеле. Војводата Дундевски, почнал да слегува и во Нивичино и Дрвош, каде што пљачкал се што ќе најдел, а често тоа биле коњи и друг добиток.

весникот на ВМРО „Револуционерен лист”

Во обид да ја загушат Организацијата во Струмица, врховистите почнале да ги убедуваат струмичани дека учители не им се потребни, за што сведочи и следнава дописка од весникот на ВМРО „Револуционерен лист”:

„Од една страна тие (врховистите) го прогонуваат се она што е побудно во народот, а од друга безмилосно го ограбуваат оголениот роб, — тие го вршат истото, што го прават и претставниците на султанот”.

По неуспешниот обид во 1904 година, веќе наредната пролет следувал еден нов уште посилен и поорганизиран обид. Овој пат со цел конечно да се освои Струмичкиот округ, на 8 март 1905 година пристигнал познатиот врховист и бугарски офицер Лефтеров. Тој извршил ненадеен напад на Нивичино, со цел да ги фати и убие сите членови на селскиот комитет, предводен од Атанас Нивички. Лично Лефтеров, се качил на покривот од куќата на Нивички, и со газија се обидел да ја запали, додека во неа се уште биле децата на војводата.

Четата на Атанас Нивичански (стои, втор од десно)

Селаните на Нивичино успеале да го спасат селото и да го протераат Лефтеров, притоа убивајќи тројца од неговата чета, и со тоа успеале да ја спречат свирепата одмазда над војводата, која врховистите ја планирале. Но, врховистите не застанале тука, па почнале да навлегуваат и во селата Бајково и Барбарево. Веќе во мај 1905 година Лефтеров извршил напад над организациската четата на Душко Желев. На 23 мај 1905 година уште еден врховист, офицерот Настев, некаде во Огражден ја нападнал и Струмичката реонска чета. Во борбите кои траеле 5 часа, на Настев му се придружиле и Протогеров и Лефтеров, но нападот бил одбиен, а врховистите претрпеле поголеми загуби.

Организацијата веднаш реагирала на овие напади, па редакцијата на „Револуционерен лист” се обидела да дејствува како координатор во борбите со врховистите. Со таа цел во својот број издаден на 15 мај 1905 година, во воведната статија се сугерирало:

„раководните сили на Серскиот и Струмичкиот округ да дејствуваат по заеднички план и
здружено; да стапат во врска и со другите окрузи за добивање помош“, зошто „врховистите ја водат борбата против целата Организација”.

За изработка на заедничкиот план на серчани и струмичани им се сугерирало да обрнат
посебно внимание на тоа дека:

„од Бугарија можат да се очекуваат постојано врховистички чети, за да ги помогнат оние кои веќе се наоѓаат во внатрешноста: затоа, се вели во статијата, е неопходно, пред се , добро да ја чуваат границата за да го оневозможат преминувањето на нови врховистички чети”.

Од оваа статија на весникот можеме да видиме колку важно и значајно ова прашање било за Организацијата, и со какво внимание се следел развојот на настаните во Струмица. Софиските врховистички водачи не застанале само на гореспоменатите акции, напротив, се обиделе да го саботираат и Окружниот конгрес во „Црвено Поле”.

Планот бил со еден силен напад и во еден удар, не само да се спречи одржувањето на истиот туку и да се убијат сите раководители кои би се нашле тука. Организацијата, знаејќи дека е во војна со врховистите, презела безбедносни мерки кои вродиле со плод, па така уште на вториот ден се знаело дека една чета од 100 врховисти водена од Лефтеров и Настев, се упатила кон Црвено Поле.

војвода Иван Тодев

Конгресот веднаш ја сопрел својата работа, и во полна борбена готовост ја дочекал врховистичката чета. Под водство на Чернопеев и радовишкиот војвода Иван Тодев, во борбата која траела 3 часа врховистичката чета била разбиена и протерана назад во Бугарија. Во оваа битка загинале најмалку 5 врховисти, а Струмичката чета ги изгубила Наќе Аџи Глигоров и Димитар Гелинов, обајцата од Струмица.

Откако нападот бил одбиен, Конгресот продолжил со работа, а по овој напад секако Окружниот комитет само ја зајакнал својата одлучност да не се дозволи пробивање на врховистичките чети во Струмица. Поради големиот отпор со кој се соочиле и неможноста да навлезат во Струмичкиот и во Серскиот округ, каде одлучно биле поразени од Јане Сандански, врховистите решиле да го променат својот метод на дејствување и да престанат со праќањето на чисто врховистички чети. Токму тоа довело до менување на пакувањето кое врховизмот го покажувал јавно, и отсега во Струмица тој ќе почне да дејствува во закриена форма.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading