Времеплов – Струмица низ историјата – судири со аскерот, беговите и палење на Куклиш

Како што веќе споменавме, Струмица и струмичко пред Илинденскиот период биле подложени на жестока тортура. Поради веќе споменатите неколку афери и огромен број апсења било речиси невозможно Струмица да учествува во востанието. За жал, ситуацијата не се променила ни по завршувањето и загушувањето на востанието, напротив следувал уште поужасен период за градот и околината.

Шокирани и исплашени од масовноста на востанието, највисоките отомански власти, а и султанот, на локалните бегови и насилници им дале одврзени раце да се справат со „бунтовниците“ и тоа со сите можни средства. На органите за ред и мир и биле допуштени и дозволени и брутални мерки, кои имале за цел да ги уништат четите, а дел од тие мерки значеле и ненајавено влегување во струмичките селата и куќите на струмичани.

Ваквата тортура била со „премолчен амин“ од претставниците на големите сили, па нечесто фатените комити и револуционери, биле бесени и убивани без било какво судење или отварање постапка по нивните прекршоци. Паралелно се создавале и месни муслимански оружени банди, кои во блиска соработка со полицијата, вршеле свои потери, прогони и убиства, кои секогаш поминувале неказнети пред законот.

Панорама на Струмица од почеток на 20 век, сликана од француски војници

Поради ваквата екстремно лоша состојба, Организацијата сметала дека треба да се извршат конкретни акции со цел да им се наштети на економските интресите на големите сили. Во првата таква акција како мета била избрана вардарската железничка пруга. Струмичкиот окружен комитет решил да ја саботира пругата со експлозија. За таа цел, преку каналот од Нивичино бил донесен динамит, кој му бил предаден на војводата Никола Џеков, кој направил експлозивен пакет, што требало да ја минира пругата.

За доставата на тој пакет бил задолжен еден млад член на организацијата од село Попчево, Ристоман Василев. Пакетот на Ристоман му бил предаден на 4 јули 1904 година, а по неговото примање тој се упатил кон железничката станица во Удово. Тука тој го поставил пакетот во возот и слегнал од истиот. Бомбата требало да експлодира на мостот над Вардар, со што истиот би бил срушен и пругата онеспособена. Но за жал, бомбата експлодирала нешто подоцна, на влезот од Гевгелија. На турската полицијата, веднаш и станало јасно дека се работи за напад, па веднаш започнала акција, кој вродила со плод. Откако станало јасно дека некој струмичанец е вклучен, сите струмички кираџии, а и секој друг струмичанец кој се нашол во близина на станицата, бил уапсен, а меѓу нив се нашол и Ристоман, кој не успеал да побегне на време.

Споменик на Ристоман Попчевски во Попчево

Следувале апсења и во Струмица каде уште истиот ден биле уапсени Петар Хаџи Јорданов и членот на Окружниот комитет Доне Лазаров. Со мачења и суровост, полицијата успеала брзо да го расветли случај, па по кратка постапка во Солун, Ристоман Василев бил осуден на смрт. Полицијата сакала да го обеси Ристоман во Струмица, но во последен момент се премислила, затоа што дознала дека четите и селската полиција на Организацијата, ќе се постават заседа и ќе се обидат да го ослободат на патот од Удово до Струмица. Наместо тоа тој бил симнат од возот, набрзина му била подготвена бесилка и на 25 јули 1904 година тој бил обесен во центарот на Гевгелија.

Ваквиот епилог на акцијата, не ги уплашила струмичките револуционери, напротив, се подготвувала втора голема акција, овој пат во чифликот „Три води”. Според изготвениот план од страна на учителите Петар Хаџи Јорданов и Костадин Самарџиев, четите требало да го опколат и да ги запалат зградите на турскиот чифлик. Во оваа акција учествувала и селската милиција, што придонело за апсењето на неколку селани, кои и покрај мачењето на кое биле подложени од струмичкиот кајмакам, сепак не издале ништо.

Илустарација на Струмица од 1908 година од страна на германскиот илустратор Петер Шнор кој лично ја посетил Струмица

Целта на оваа и сличните вакви акции било да се натераат турските бегови и големци да ги продадат своите чифлици на селаните. Следувале неколку вакви слични акции, што ги натерало беговите со помош на власта да формираат муслимански оружени чети, кои за цел имале следење и откривање на организационите чети и за тероризирање на струмичани.

Веќе на почетокот на 1905 година една таква тричлена банда предизвикала еден значаен инцидент. Имено, тие ги обиколувале струмичките села како бегликчии—собирачи на данокот беглик. Овие банди биле поддржани од жандармеријата и војската, и додека биле во селата ги обележувале селаните за затварање, ги малтретирале струмичани и во куќите барале оружје. Споменатиот инцидент се случил пролетта 1905 година, кога оваа банда при посета на селото Барбарево убила еден селанец.

За оваа убиство дознаваме од една дописка која на весникот „Револуционерен лист” му била испратена од струмичанец под псевдонимот „Сандо“. Тој во неа наведува дека нешто подоцна оваа банда била пресретната и нападната од X. Чернопеев во „Црвено Поле” и двајца од нив биле елиминирани. Дополнително, селаните на Барбарево подучени од страна на Организацијата, дошле во Струмица и тука се жалеле на тортурата која ја вршат властите кај руските жандармериски офицери, кои тогаш биле во градот. Селаните напишале и писмен протест до цивилните агенти во Солун, а тој му бил предаден на Егзархискиот митрополит Герасим, кој требало да го препрати, но на крај тоа не го направил.

Егзархискиот митрополит на Струмица – Герасим

Но, набрзо се дознало дека бегликчиите, всушност биле лажни, и биле агенти на бегот Ислам-ќаја, кој по нивната елиминација формирал нова банда, на која и сам и се приклучил и започнал да пљачка по селата. Набрзо, со помошта на извесен Асан од Банско оваа банда била елиминирана. Асан на комитите им го предал бегот кој бил убиен во близина на селските бањи. Во истата таа дописка до весникот за Ислам-ќаја се вели дека со неговото убиство кое се случило на 5 мај 1905 бил отстранет „разбојник од чиишто злосторства страдале некои села”.

За неговото убиство следувало одмазда од страна на другите бегови, кои поради тоа го убиле воденичарот Мито од Дабиље, кого го сметале за важна курирска врска на Организацијата. Слични препукување имало и во Петричкиот реонот околу селата Клуч и Старо Коњарево, каде војводите Мануш Ѓоргиев и Пандо Поп Манушев ја ликвидирале муслиманско-андартска чета на Јусеин Пеливан.

Седнати од лево кон десно: Костадин Самарџиев – Џемото, Христо Чернопеев, Петар Китанов.
Стојат: Мирчо Икономов, Пандо Попманушев, Михаил Шкартов и Методи Алексиев, 1908 година.

Овие ликвидации се одвивале речиси истовремено со уште еден многу важен настан. Имено на почетокот на 1906 година една муслиманска банда убила шест селани од Дабиље, Добрејци и Водоча, кои во ридовите над Попчево береле дрва. Откако Организацијата дознала веднаш го собрала селското население и под раководство на Костадин Самарџиев, организирала протест во Струмица, на кој се собрале 8000 струмичани.

Целата струмичка чаршија била затворена, и речиси целиот град се приклучил на протестот. Протестот го водел попот Васил Истирски од Робово, затоа што Егзархискиот владика Герасим одбил да се приклучи иако бил поканет. Протестот се упатил и застанал пред околиското управление (уќуматот), каде телата на убиените селани биле изложени.

Во еден момент еден селанец од Моноспитово почнал силно да тропа на портите од уќуматот и извикал:

„Кажете ни каде да се иселиме, штом не можете да ни го гарантирате животот”.

К. Самарџиев-Џемото

Другите струмичани го следеле неговиот пример и почнале силно да ги удираат портите што го преплашило кајмакамот, и го приморало да излезе на балконот за да го смири разгневените струмичани. На кајмакамот му била врачена и протестна резолуција од името на демонстрантите, а во неа се барала веднаш да престанат убиствата, а извршителите на истите да бидат казнети. Поради масовноста и начинот на кој била извршена, весникот „Револуционерен лист”, за неа пишувал како вид на легална политичка акција, која повеќе градови треба да ја применуваат и да го следат примерот на Струмица.

Како одмазда за улогата која ја одиграл во организацијата на овој протест, К. Самарџиев заедно со неколку други учители од митрополитот Герасим заработил отказ. Овој отказ имал за цел да го натера да ја напушти Струмица, или да се потчини на владиката кој соработувал со кајмакамот. Околискиот комитет веднаш реагирал, па за да му се помогне на Самарџиев му било отворено мало бакалско дуќанче, кое истовремено било користено и како главен пункт на нелегалните курирски врски. Дополнително, тој бил избран и за секретар на градскиот комитет во Струмица, па така продолжил да држи будно око над сплетките на владиката и кајмаканот.

Документи на Бугарската Егзархија од 1903 година во Струмица

Интересна е анегдота за тоа како Самарџиев го добил надимакот „Џемото“, а се поврзува со фактот што тој секогаш седел пред својата бакалница и весело си потпевнувал:

„Не седи, синко, слободен, Слободен, Џемо, распашан“… по така го заработил својот надимак.

Но, турската полиција не мирувала и будно го следела секое негово движење, па кога запленила едно писмо на Организација, веднаш го уапсила и затворила. Џемото успеал да избега и да и се приклучи на околиската чета. Веднаш бил избран за нејзин секретар, а нешто подоцна станал и титуларен војвода на Струмичката околија.

Ситуацијата на теренот воопшто не се смирувала па така на 1 март 1905 околиската чета имала блиска средба со војската и башибозукот. Имено, се дознало дека кајкаманот ќе ја напушта Струмица, за да преземе друга позиција, па му била поставена заседа, во која биле убиени петмина Турци. Нешто подоцна на 12 април 1905 година, следувал нов судир, овој пат на четата и била поставена заседа кај Колешино, но таа успеала да се извлече без жртви. Бидејќи не успеале да убијат ниеден комита, властите се решиле да се одмаздат врз селаните, па така 12 селани од Колешино завршиле во затвор.

К. Самарџиев-Џемото со својата чета во 1910 година

Следувал нов судир на 2 јуни 1905 година во близина на селото Едрениково, каде четата на радовишкиот војвода Иван Тодев (Бељал Чауш) која броела 9 комити била предадена и опколена. Следувала битка која траела цел ден, а во која четата се обидувала да се пробие, во која за жал загинале војводата и тројца комити.

Наредниот судир се случил на 21 август кога во атарот на селата Ангелци и Градошорци се судриле комитите и војската, што довело до грабежи и опустошување на двете села од страна на војската.

За жал, речиси невозможно е да се пронајдат пишани документи за сите ситни убиства, судири и афери, затоа што во овој период тие биле струмичко секојдневие. Еден таков настан бил судирот помеѓу војводата Крсто Ѓоргиев Новоселски, со чета од петнаесеттина комити и турската војска, кој започнал на 2 февруари 1905 година. Имено војводата заедно со своите комите и оние на Лука Иванов, пристигнале во селото Куклиш со 40 товари оружје и муниција со цел да ги пренесат во јужна и централна Македонија (Гевгелиско и планината Кожуф).

Војводата Иван Тодев (Бељал Чауш)

За жал на 4 февруари, тие биле пресретнати од една турска патрола, и морале да се повлечат во самото село за да се сокријат. Новоселски влегол во Куклиш со својата чета и се сокрил во една од куќите, но истата вечер бил предаден, па селото веднаш било опколено од целата војска која во тој момент се наоѓала во Струмица. Додатно биле донеси уште 150 души башибозук од градот и од околните села. Започнала потера од куќа до куќа, а селскиот кмет морал да оди заедно со патролите. Кога се доближиле до куќата каде се криел војводата, патролата била дочекана со канонада куршуми. Следувало целодневна битка, која била отежната, затоа што селото било покриено со дебела снежна покривка, а владеел и страшен студ.

Турските војници неколку пати се обиделе да се доближат доволно за да ја запалат куќата, но секогаш биле одбивани со големи загуби. Војводата Новоселски го искористил превезот на ноќта, и со еден добро координиран напад со помош на бомби, успеал со својата чета да го пробие обрачот, и да побегне кон Беласица. Пробивот бил толку успешен што ниеден комита не загинал, а турците изгубиле 17 војника и еден офицер.

Споменикот во село Куклиш посветен на палењето на селото во 1904 година

За жал, данокот за оваа успешна акција морале да го платат селаните на Куклиш. Аскерот и башибозукот веднаш започнале со пљачкања, убивања и палење на селото, во едно лудило кое траело цел ден. За тоа колку биле грозоморни случувањата говори и званичниот извештај на анкетната комисија, што веднаш дошла на лице место да го испита случајот. Во тој извештај стои следниов опис:

„38 убиени селани, од кои две жени и едно дете, петмина селани ранети, единаесет силувани жени. Војниците и башибозукот го ограбиле целото село, го одвеле сиот добиток, и изгореле, откако ги полеале со газје, 64 куќи од 105 колку што ги имало целото село”.

Во извештајот можеме да прочитаме дека и Црквата и училиштето, најпрвин биле ограбени па запалени. Пет куклишани живи изгореле во своите куќи, а биле уапсени речиси сите селани. Во селото бил присутен и турски воен лекар, кој одбил да им помогне на ранетите селани, кои добиле помош дури утредента кога од Струмица дошол христијански лекар.

Во извештајот меѓу друго се вели:

„Поведението на војската во текот на претпладнето на 4 февруари беше одвратно. Потврдувам и самиот дека аскерот тепаше, рануваше и убиваше незаштитени селани дури и тогаш кога трубата свиреше отстапување, т. е. откако сите воени дејства против четата требаше да престанат… Моето лично мнение е дека најголемата одговорност паѓа врз мајорот Махмуд-беј, кој ја командуваше војската”.

Овој извештај го напишал и испратил до своите претпоставени, рускиот жандармериски капетан Симитиер. Откако го добиле од Солун во Струмица стигнале и рускиот генерал Шостак и негови придружници, кои исто така придонеле во пишувањето на финалниот документ. Освен тоа што ги запишале настаните, куклишани од нив не добиле никаква помош.

Панорама на Струмица од почетокот на 20 век, сликано од францускиот фотограг Зепдји

Единствената помош за куклишани стигнала од Организација и Комитет во Струмица, кои заедно со струмичани се организирале и собирале секаков вид на помош за настраданите. Со цел да се утврди кому каква помош му е потребна, бил направен детален список на жртвите, изгорените куќи, ограбената стока итн. Овие податоци биле објавени во „Револуционерен лист”, што придонело за нивно зачувување. Во народните преданија овој настан е познат како „куклишко муарабе”, т. е. војна, борба.

Четата на војводата Новеселски успеала да се извлече од Куклиш, но не и од наредната битка во Костурино. Нешто подоцна истата година, во декември 1905 година, таа била откриена во селото, и поради страв дека и Костурино ќе го снајде истата судбина како и Куклиш, војводата решил да го напушти селото, и влегол во жесток судир со потерата. Во обидот да се пробие обрачот изгинала речиси целата чета, а војводата бил ранет во ногата. Војводата некако успеал да побегне и стигнал до Моноспитово, каде го прибрала и лекувала познатата баба Фидана.

По борбите, следувале мачења и апсења во селата, што придонело војводата Новоселски да биде предаден. Аскерот веднаш стигнал во Моноспитово и ја опколил куќата на баба Фидана. Војводата, кој бил исцрпен од раната, а и без муниција, решил да и стави крај на голготата, и жив да не се предаде, па со последниот куршум од својот револвер си го одзел животот. Така со последен храбар чин струмичкиот војвода го положил својот живот за Струмица.

Овој чин го импресиониран командирот на турската единица, кој погоден од храброста и патриотизмот на војводата, наредил неговото тело да се пренесе во Струмица, каде би било погребано по христијански обичаи. Тука се замешал душманот на македонскиот народ Егзархискиот митрополит Герасим, кој не само што одбил тој да го изврши погребот на како што рекол „царскиот душман”, туку и им забранил на останатите негови свештеници.

Неговата наредба ја прекршил младиот месен поп Панде, кој ја извршил својата службена и народна должност, и затоа од владиката си заработил анатема. Организацијата организирала масовна поворка и така заедно со струмичани, достоинствено го испратила овој струмички син во своето вечно почивалиште.

Целта на теророт кој властите го извеле без било какви обѕири, бил струмичани да бидат одвратени од идејата за независност и борбата за македонската кауза. Но, и покрај ужасните насилства над куклишани тие останале верни на Организацијата, па така наредниот редовен Околиски конгрес во август 1907 се одржал во близина на селото.

Ни овој конгрес не поминал без проблеми, затоа што еден грчки агент го предал планот, што придонело четите и делегатите да бидат опколени и опсадени од аскер. Следувала голема борба, во која комитите се обидувале да си пробијат пат за бегство. Во тоа успеале откако извеле еден силен налет кој бил поддржан со фрлање на сите бомби кои ги имале, со што успеале да го пробијат обрачот. На страна на комитите загинале четворица, а аскерот изгубил 7 војника. Откако се пробиле четите и делегатите се стретнале во Беласица, и го продолжиле конгресот. Како одмазда за неуспешната акција следувале апсења на селаните од Куклиш, Сачево, Муртино и други села, а затворениците биле распоредени по затворите во Струмица и Солун.

Мануш Георгиев -Турновски

Во 1905 година за време на сите овие борби се истакнал и војводата Мануш Георгиев -Турновски, исто така од Ново село. Тој таа година станал помошник на окружниот војвода, поради своите одлични организаторски способности, и особена храброст која ја покажувал. Тој посебно се истакнал и во борбата со врховизмот, кој се обидувал преку петричките и огражденски села, да ги прекине врските помеѓу Струмичка и Мелничка околија, а со тоа и меѓу Струмичкиот и Серскиот округ, односно со Јане Сандански.

Овие успеси ќе го чинат и неговиот живот. Имено, на 8 февруари 1908 година тој со својата мала чета дошол во селото Долна Рибница, Петричко, кое се наоѓа во подножјето на Огражден, лево од патот Струмица – Петрич. Неговата посета на селото било во склоп на едно проширено советување со околиските и селски раководители. Тука тој бил предаден на турскиот аскер од страна на врховистите.

Селото веднаш било опколено од многуброен аскер и башибозук, а биле довлечени и воени единици од пет околни селски и други гарнизони. Немајќи никаков друг излез селаните и комитите, решиле сите заедно да се борат до последен човек.

Следувала нерамноправна, но храбра борба на војводата, комитите и целото село Долна Рибница. Борбата траела речиси девет часа и во неа загинале војводата Мануш, секретарот на неговата чета Васил Скендерски, сите делегати на советувањето, комитите и 24 селани. Храбрата борба конечно завршила приквечерта на 9 февруари. На турска страна загинале околу 150 војници, а уште толку биле ранети.

Поради јунаштвата и заштитничкиот однос кон македонскиот народ од Струмичко, народот испеал и песна посветена на Мануш Георгиев позната како „Мануш војвода“, чиј текст е:

Мануш војвода

Стига сме јале, јале и пиле,
вино, ракија и руди јагниња
Развивај бајрак ти Мануш војвода
Развивај бајрак низ Струмичко Поле х2
Нашите мајки сè у црно одат,
сè у црно одат и за нас жалат
Развивај бајрак ти Мануш војвода
Развивај бајрак низ Струмичко Поле х2
Нашите сестри бело цвеќе садат,
бело цвеќе садат ама не се китат
Развивај бајрак ти Мануш војвода
Развивај бајрак низ Струмичко Поле х2

Гробот на војводата Мануш Турновски над село Долна Рибница.

Овој судир кој многу го чинел Струмичкиот револуционер округ, бил последниот поголем судир пред почетокот на Младотурската револуција, која на струмичани им донела барем кратка оддишка од екстремно тешкиот период помеѓу Илинденското востание и револуцијата.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading