Веќе споменавме дека Струмица била еден од најраните христијански центри во Македонија, но и пошироко на Балканот. Токму тука поминале, живееле, твореле или се родиле доста значајни христијански дејци. Од Водоча и од Струмица, Св. Методиј заедно со својот брат Св. Кирил ја започнал Моравската мисија, која ќе ја создаде и прошири првата словенска азбука, глаголицата, мисија која ќе ги описмени и христијанизира Словените. Се претпоставува дека Св. Климент, кој бил еден од првите ученици на сесловенските просветители, а подоцна ја создал кирилицата, се замонашил токму во Струмица, т.е во манастирот Св. Илија, кој се наоѓа во близина на селото Мокриево. Според тие тврдења тој го избрал овој манастир, затоа што бил роден во негова близина. Колку Св. Климент бил врзан за својата Струмица, гледаме и во историските документи, кои нешто подоцна го споменуваат како „епископ Тивериополски“.
Не така одамна историчарите кои копале по прашливите полици на историјата, налетале на една интересна книга напишана од свети Никодим Светогорец која се вика „Неон Екологон“. Во неа се наоѓа едно многу интересно житие запишано од еден монах под името Теодосиј, во кое тој го опишува животот на еден светец под името Леонтиј. Тој светец денес е познат под името Свети Леонтиј Струмички, и најверојатно е единствениот македонец кој некогаш бил патријарх на Ерусалим.

Оваа житие за нас е интересно од многу аспекти, не само затоа што го опишува животот на светецот Леонтиј, туку и затоа што ни ги дава слика за Струмица и животот во неа, како и тоа што го потврдува фактот дека Струмица била рано-христијански центар, кој имал големо влијание не само во Византија, туку и за целото православје.
Од житието можеме да прочитаме дека Свети Леонтиј се родил во Струмица, или како што тогаш административно се нарекувала Тивериопол, во семејство на богати христијани, кои како што било типично за повеќе струмичани во тоа време биле и големи верници. За жал, датумот и годината на раѓање на светецот не се запишани, па затоа не знаеме колку години бил тој кога починал.

Св. Леонтиј најверојатно бил крстен во една од трите цркви кои тогаш постоеле во градот Струмица, Св. Петнаесет тивериополски маченици, Св. Богородица и Св. Стефан, а од своите родители го добил името Лав. Во ова време било сосема нормално за младите струмичани од побогатиот слој своето световно и религиозно образование да го стекнат во една од манастирските школи, кои тогаш постоеле во Струмица. Таков бил патот и на младиот Лав, кој брзо научил да пишува и да чита, а како што било типично во тој период, често го читал Свето писмо и други религиозни текстови.
Типично за овој период во Струмица е манастирите и црквите да бидат главен извор на знаење и речиси единствена можност за струмичани, да добијат пристап до книги и знаење. Според историски податоци повеќето манастири имале свои библиотеки, а со сигурно знаеме дека седиштата на митрополитот, како што била Водоча, во тој период имале не само своја библиотека и училиште, туку и калуѓери кои активно се бавеле со копирање и препишување текстови.
Младиот Лав, веднаш се вљубил во Светото писмо и охрабрен од своите родители се посветил на верата и духовниот живот. По игра на судбината, неговите родители починале додека тој бил сѐ уште млад, за жал во житието не се спомнува колку години тој имал кога тоа се случило, а тоа придонело тој да ја изгуби желбата за световниот живот и да се реши да ја напушти родната Струмица.

Во неговото житие се вели дека откако ја напуштил Струмица, тој се упатил и повлекол во една пустинска шума, каде започнал да води подвижнички живот, посветувајќи се на молитва и духовно усовршување. Житието не ја наведува година кога тоа се случило, но од таа шума Лав решил да замине во манастирот Пресвета Богородица, наречен Птелидион, кој се наоѓал во близина на Цариград. Во овој манастир тој се замонашил и го добил својот монашки постриг.
Св. Леонтиј веднаш почнал да се здобива со популарност во главниот град на империјата, поради секојдневните подвизи кои ги чинел. Имено, тој често одел низ улиците на Цариград и се преправал дека е луд, за да се зацврсти во смирението, но токму заради тоа често бил исмеван, навредуван а понекогаш дури и тепан. Но тоа нити го обесхрабрило нити запрело во неговите молитви, аскетски живот и подвизување, туку тој почнал во своите голи раце или мантија да носи жар и да ги кади иконите во градот. Кога луѓето во Цариград виделе дека неговите раце не се повредени, почнале да се чудат и да веруваат дека се работи за свет човек.

За време на својот престој во Цариград, Леонтиј се сретнал со архиерејот на Тиверијада (град во денешен Израел), и веднаш станал негов духовен ученик и помошник. Па така, заедно со архиерејот го напуштил Цариград и заминал во кратка посета на Ерусалим. Оттука, тој и неговиот духовен отец се вратиле во манастирот свети Јован Богослов, на островот Патмос, каде архиерејот бил игумен. Тука, Св. Леонтиј го поминувал своето време во молитва и подвизувајќи се. Монасите од манастирот бил вчудоневидени од Св. Леонтиј, кој поседувал неверојатна интелигенција, а за кратко време научил многу од книгите на светите Отци да ги цитира напамет.
По смртта на игуменот, монасите го избрале Леонтиј за нов старешина. Набргу, почнале да се шират гласини за подвизите, мудроста и добрите дела на струмичанецот Леонтиј, што придонело тој да стане надалеку познат по своите исцелителни моќи. Гласините за овој струмичанец стигнале и до увото на византискиот император Мануил Комнен (1143-1180 г.). Император бил навистина одушевен и импресиониран од Св. Леонтиј, па по негова желба, а со поддршка на мнозина архиереи решил да го постави за Патријарх Ерусалимски.

Назначувањето на Леонтиј се случило во 1170 година, а тој наследник на патријархот Никифор II.
Со оглед на политичката ситуација во Ерусалим, кој тогаш се наоѓал под католичка управа, во склоп на латинско царство, не постоеле услови Леонтиј да живее во градот. Имено, под влијание на папата католичките владетели на Ерусалим, било невозможно за еден православен патријарх да се смести и да живее во градот. Па така првите неколку години тој ги поминал во патување низ Ерусалимската Патријаршија, го посетил Светиот гроб, а одреден период поминал и на островот Кипар. Потоа се преселил во градот Акра на палестинското крајбрежје, од каде ја извршувал својата функција се до 1177 година, кога конечно се преселил во Ерусалим.
Дополнително, Св. Леонтиј бил и еден вид политички претставник на византискиот цар Мануил I Комнин кај кралот Балдуин IV од Ерусалим. Интересен е податокот дека во овој период Балдуин IV кој е познат и како „лепрозниот крал“ бил во жестока војна со муслиманскиот крал Салахадин, поради што морал да побара заштита и помош и од Византија. Токму оваа „поволна ситуација“ придонела да се укаже шанса Леонтиј конечно да може да ја врши својата должност во самиот Ерусалим. Покрај својата религиозна мисија, Леонтиј најверојатно имал и световна мисија, т.е да ги пренесе пораките меѓу двата сојузника, и да им помогне на латините во борбата за зачувување на Ерусалим под христијанско владение.

Но, само што стапнал во Ерусалим, Леонтиј, не по своја вина, веќе бил во судир со латинскиот (католички) патријарх на Ерусалим, Амалрик од Несл. За овој судир дознаваме од познаникот и биограф на Леонтиј, Теодосиј Гуделис, кој наведува дека и покрај тоа што кралот Балдуин сакал Леонтиј да биде третиран добро, со цел неговото кралсто да ја добие заштитата и покровителството на Византија, до тоа сепак не дошло. Напротив, настаните почнале да заземаат поинаков тек, и според тврдењата на Гуделис, Амалрик отишол толку далеку во овој спор, што дури се обидел да го убие Св. Леонтиј.
Конфликтот толку се разгорел што само по силното инсистирање на Балдуин, Амалрик морал делумно да попушти и да му дозволи на Св. Леонтиј да ја служи Божествената Литургија во Црквата на Светиот Гроб, но само во присуство на православните каноници. Набргу, во овој спор се вклучил и папата Александар III, поради што Мануил решил да го повлече Леонтиј од Ерусалим и да го врати назад во Цариград.
По речиси 20 години како патријарх, и откако напишал речиси 14 догматични тома книги за Светата Троица, Леонтиј се успокоил во Цариград, а бил погребан во храмот посветен на Свети Архангел Михаил. Подоцна бил канонизиран за светител на православната црква, а денес, неговиот спомен се слави на 14 мај (стар стил) или 27 мај (нов стил).

Трагите кои струмичанецот Свети Леонтиј, ги остави во историјата се навистина импресивни, посебно ако се има предвид времето во кое се родил и живеел. Во тоа време Струмица и Македонија биле под византиска власт, но често биле напаѓани од крстоносците, кои на своите походи пустошеле се пред себе. Ова било и период кога во Македонија се појавила и богомилската ерес, кој бргу и широко се распространила, па затоа може да се каже дека неговата духовна мисија била од големо значење за зачувување на православната вера, а пак неговата политичка мисија одиграла важна улога во светските историски настани на тој век.
Струмица и Македонија имаат со што да се гордеат – еден Македонец бил патријарх на Ерусалим, денес пак, Св. Леонтиј е светец заштитник на епископскиот манастир на Струмичката епархија во село Водоча, кој го носи неговото име.
