Времеплов – Струмица низ историјата – Струмичкиот окружен Конгрес 1904 година

аудио верзијата на текстот е достапна само на македонски јазик

Долго време се веруваше дека првиот окружен конгрес на ТМОРО по Илинденското востание бил Прилепскиот конгрес, кој се одржал во мај 1904 година. Сепак, истражувањата на бугарскиот историчар Борис Николов во архивата на војводата Христо Узунов, кој тој ги спровел и објавил 1990 година во книгата „Исторически преглед“ откриваат една друга вистина. Во архивата на Узунов е пронајден Протоколот на Окружниот конгрес на Струмичкиот револуционерен округ, што потврдува дека токму Струмичкиот конгрес бил првиот конгрес, кој се одржал веднаш по востанието.

Христо Узунов -македонски револуционер, учител и војвода

Според, тој протокол овој Конгрес се одржал на 16-17 април по стариот календар или 29-30 април 1904 година, според новиот календар.

Интересен е податокот дека овој конгрес, се среќава и во спомените на Ѓорче Петров. Во нив тој го вели следното:

„го преминавме … Вардар за да појдеме во Струмичко, каде го чекаа Чернопеев за окружниот конгрес на Струмичкиот округ. По иницијатива на струмичките водачи беа се распратиле покани не само во Струмичко, туку и во Солунско да направат општ конгрес во определен рок. Струмичките водачи требаше да ги распратат поканите, a Чернопеев требаше да агитира за делегати, да ги поуреди околиите и тн. Кога појдов во Струмица, рокот на конгресот приближуваше. Тоа беше летото 1904 година (август ?).“

За жал, споменарите на Ѓорче Петров на оваа тема завршуваат тука, па не знаеме што понатаму запишал. Сепак, јасно е дека бил добро запознаен со настаните во Струмичкиот округ. Во други делови од неговите спомени, тој споменува дека Конгресот бил во август, за што не е сигурен. Иако го згрешил датумот, неговото познавање на одлуките од конгресот се потврдува во следнава негова забелешка:

Корицата на книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ напишана и издадена од Ѓорче Петров во 1896

„Подоцна по востанието, на конгресот во Серско, како и на Струмичкиот и на Прилепскиот конгрес, сите овие постапки од дипломатски карактер на Матов и Татарчев се осудија записнички; не сѐ одобрија нивните општења со бугарската влада, со Ламздорф, кнезот, правени на своја глава, без да ja земат согласноста на Организацијата“.

Оваа тврдење на Ѓорче се потврдува и во 7 точка од Протоколот на Струмичкиот окружен конгрес, каде е запишана таа остра критика на задграничните претставници X. Матов и X. Татарчев и нивните дипломатски игри.

Струмичкиот окружен конгрес во своите пишувања го споменува и Кирил Прличев, а за него тој вели:

„Освен споменатиот Прилепски конгрес, до крајот на 1904 г., сѐ беа одржале уште неколку месни конгреси, како оние на Воденската, Ениџевардарската и двете тогашни гевгелиски чети, на овие конгреси … го осудија Задграничното претставништво и со своите потписи ja повлекоа довербата кон него. Тие беа просветени во тој дух од агитаторите и распространувачите на новата директива, која пред тоа беше спроведена во еден друг конгрес, свикан од Чернопеева во Струмичко-Малешевскиот краји“.

Сведоштва за конгресот добиваме и од Васил Драгомиров, кој бил и директен учесник на истиот. Во своите споменари тој го вели следното:

„добив наредба од Организацијата да отидам на конгрес во месноста Широк Дол, меѓу селата Нивичино, Струмичко и Владимирово, Малешевско … Ce собравме јас, робовскиот учител К. Самарџиев, Георги Софиин од Моноспитово, Иван Шабанот од Дабиље и уште 2-3 од другите и заминавме за Нивичани. Оттаму еден човек не одведе при другите конгресисти. Таму се бавевме цела седмица. Ce вративме со по една пушка , која ja добивме од дедо Атанас по наредба на Черњо Пеев“.

Четата на Христо Чернопеев

Струмичкиот окружен конгрес се одржал во сложени околности, кога Организацијата се обидувала да се соземе и опорави од последиците на прерано дигнатото Илинденското востание, да ја зацврсти својата мрежа и да отвори нови канали на дејствување. Првите чекори во тој правец биле направени за време на „Софиските советувања“ (јануари-февруари 1904 година), на кои учествувале истакнати раководители, реонски војводи и окружни началници.

На овие советувања се појавиле две главни групи и струи:

  1. Конзервативната група предводена од Христо Матов, која се залагала за задржување на централистичките принципи со мали измени.
  2. Реформско-демократската група предводена од “Серчани”, која промовирала децентрализација и демократизација на Организацијата.

На крајот, победата ја однела реформско-демократската концепција и оттука произлегла познатата „Директива за идната дејност на Организацијата“, изработена од комисијата која била составена од Димо Хаџи Димов, Димитар Мирасчиев и Димитар Стефанов. Иако „Директивата“ немала обврзувачки карактер, таа имала големо влијание врз насоките на Организацијата и одлуките на Струмичкиот окружен конгрес од април 1904 година.

К. Самарџиев-Џемото

Советувањата во Софија предизвикале еден период на чести дебати, во кои се разменувале идеи на тема што понатаму, а директно придонеле и за одржување на околиски и окружни конгреси. Во овој период особено се создал и зајакнал окружниот иредентизам, затоа што секој округ „ја вртел водата на своја воденица“. За хаосот да биде уште поголем се погрижило и Задграничното претставништво, кое преземало права и акции, што според Уставот и Правилникот не му припаѓале и не му биле препишани. Од друга страна, Централниот комитет (ЦК) на ТМОРО не само што не покажал доволно авторитет ниту капацитет за координација и раководење со движењето, туку и придонел за ваквиот распад на системот. Во составот на ЦК тогаш биле Христо Поп Коцев, Борис Мончев, Петар Поп Арсов, Александар Димитраков, Иван Сапунаров, Димитар Влахов и Кирил Прличев, но со исклучок на Петар Поп Арсов, останатите биле дејци со ограничена моќ и влијание.

Работата на ЦК била сериозно парализирана поради неколку причини и тоа: големите идеолошки поделби меѓу членовите, прекинувањето на врските со окружните и околиските комитети, недоволно формирани и неискусни локални раководства, и големото непочитување на ЦК од одделни окрузи. Како лидери на отпорот против Централниот комитет (ЦК) слободно можеме да ги наброиме и двете струи: конзервативната, предводена од Матов и Татарчев, и реформско-демократската, предводена од Јане Сандански, Христо Чернопеев, Гоце Петров и Пере Тошев.

Христо Чернопеев со Струмичани

Во јануари 1904 година, задграничните претставници Матов и Татарчев, во договор со Димитар Стефанов, Димитар Мирасчиев и Георги Христов, предложиле формирање на Привремен раководен центар со членови: Даме Груев, Пере Тошев и Ѓорѓи Петров. Ова тело требало да функционира како Централен комитет, а постојниот ЦК да се трансформира во централно биро.

Следувал период на своевиден хаос и препукувања помеѓу окрузите, па така, Битолскиот окружен комитет во февруари 1904 најпрвин се изјаснил за „страта програма“ и го осудил „духот на децентрализацијата“, но ја поддржал идејата за свикување „конгрес внатре во Македонија“ и формирање подвижен ЦК. Но набрзо, го сменил ставот и застанал зад постојниот ЦК, предводен од Христо Поп Коцев. Од друга страна, струмичкиот окружен војвода Христо Чернопеев не само што не го признавал ЦК. туку „сосила ги тера другите да не признаваат никаков Централен (комитет)“ и ја осудувал активноста на ТМОРО.

За Централниот комитет, тој изјавил:

„Како да не смета одговорни нас, сегашниот состав на Централниот комитет… Чернопеев со надуеност ги проповеда новите струења… Чернопеев е сѐ и всја во Струмичко, Радовишко и Малешевијата.“

ЦК планирал да свика окружни конгреси за Велигденските празници со цел да се разгледаат „сите новоизникнати и животни прашања за Организацијата“. Еден од планираните конгреси бил за реоните на Струмица, Радовиш, Штип и Малешевијата, со средба во Струмица. Меѓутоа, оваа иницијатива не била реализирана бидејќи „не била по ќефот на Чернопеева“. Наместо тоа, Чернопеев ги поканил реоните на свој конгрес, со што сакал да ја покаже слабоста на ЦК во тој период, а токму ваквото однесување покажувало дека ЦК сѐ повеќе губел на значење. Процесот на негово самораспаѓање започнал со повлекувањето на Александар Димитраков и Иван Сапунаров, а потоа и Кирил Прличев, кој рекол:

„Едвај случајно ја разбрал разликата помеѓу врховистите и централистите… последните ич не му се по негов ќеф.“

Седнати од лево кон десно: Костадин Самарџиев – Џемото, Христо Чернопеев, Петар Китанов.
Стојат: Мирчо Икономов, Пандо Попманушев, Михаил Шкартов и Методи Алексиев, 1908 година.

Во март 1904 година, од ЦК се повлекол и Петар Поп Арсов, што го довело телото на работ на распад. Во Централниот комитет (ЦК) активни останале само Борис Мончев и Димитар Влахов. Тие, согледувајќи ја целокупната состојба, на 13/26 април 1904 година донеле одлука за самораспуштање на ЦК и негово трансформирање во Солунски окружен комитет. Притоа констатирале:

„Ако ние досега сме функционирале како ЦК, тоа беше по неволја. Самите ние никогаш не сме се почувстувале на местото добро.“

Оваа одлука била очекувана, со оглед на тоа што од другата страна на движењето стоеле личности како Дамјан Груев, Христо Чернопеев, Јане Сандански, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Христо Матов и други. Главниот конфликт меѓу нив се однесувал на идното устројство на Организацијата – централизација или децентрализација, што ќе го создаде вековниот судир на левицата и десницата во Организацијата.

Струмички окружен конгрес

Неофицијалните советувања во Софија првпат добиле официјален израз на Струмичкиот окружен конгрес, одржан на 16-17/29-30 април 1904 година. Од протоколот на конгресот кој е достапен неможе да се констатираат точниот број на делегати и нивните имиња, но со сигурност ги знаеме следниве учесници: Васил Драгомиров (учител во Босилово), Костадин Самарџиев (учител во Робово), Георги Софиин (од Моноспитово) и Иван Шабанот (од Дабиље). Конгресот се одржал на планината Огражден, во месноста Широк Дол, помеѓу селата Нивичино (Струмичко) и Владимирово (Малешевско).

Собирното место на комитите било селото Нивичино, познато под псевдонимот „Порт Артур,“ што укажува на тоа дека пунктовиот началник Атанас Нивички играл клучна улога во организирањето, обезбедувањето и снабдувањето на конгресот. На конгресот учествувале легални и нелегални делегати од реоните: Вировски (Струмички), Кикандовски (Радовишки), Кешимирски (?) и Пернички (Горноџумајски). Делегатите ја разгледале состојбата, резултатите и борбата на Организацијата.

Четата на Атанас Нивички

Резолуции на конгресот

Врз основа на достапните документи, можеме да сумираме дека Струмичкиот окружен конгрес донел низа важни одлуки:

  1. За свикување на конгреси:

„Не Централниот комитет да свикува конгрес и да го налага своето, како сака, како што било, туку потканување од окружните (комитети б.н).“

  1. Федеративна структура на Организацијата:

„Организацијата да се постави на чисто федеративни начела, откако ќе се даде простор на окружните и реонските комитети за идните дејствија.“

  1. Важни прашања да се решаваат од конгреси:

„По прашања за востание, измени на статутите и други да се разгледуваат и решаваат од конгрес, бидејќи важноста на Централниот се намалува, (тој б.н) да биде од легални лица.“

Христо Чернопеев и Коста Мазнејков на средбата одржана во Осогово на 24 март пред почетокот на Илинденското востание

Во второто поглавје, насловено „Закрепнување и засилување на Организацијата“, конгресот одлучил:

  1. Формирање на локални тела:

„Да се образуваат селски и градски раководни тела од здрави и совесни работници.“

  1. Засилување на градските организации:

„Да се обрне поголемо внимание и да се создадат градски организации, какви што досега немало или ако ги имало, тие биле сосема занемарени.“

  1. Систематски терор:

„Систематски терор на шпиони, турци-злодеи, бегови, владини чиновници, општествени институции, мостови, телеграфи и железници.“

  1. Создавање директиви и правилници:

„За таа цел е изработена директива, а во нејзин дух да се изработи нужниот правилник.“

  1. Преглед на финансиски сметки:

„Сите сметки од реонските каси да се прегледат од комисии, а потоа за проверка да се испратат во окружните комитети.“

  1. Револуционерна литература:

„За што побрзо да се задоволи неопходноста од револуционерна литература.“

Во еден дел од документите Струмичкиот конгрес упатил критика и кон задграничните претставници. На остар удар и критика се нашле Христо Матов и Христо Татарчев. Струмичкиот конгрес за нивното делување, изразил недоверба и ги навел следниве конкретни обвинувања:

  • Компромиси со врховистите:

„Направиле спогодба со врховистите, иако пред тоа беше решено да не се прават никакви компромиси со нив.“

  • Преговори со султанот:

„Не протестирале против мисијата на Начович да води преговори со султанот од името на робот.“

  • Несоодветно делување:

„Го следеле примерот на врховистите и праќале чети на границата за да се судраат, од што се гледа дека биле во унисон со бугарската влада.“

  • Некомпетентност и расипаност:

„Испраќале чети со расипани патрони на кои што куршумите остануваат во пушката; безразборно трошење на суми за луѓе непогодни за ништо.“

На крај документите завршуваат со препораки да бидат избрани нови задгранични претставници, а како такви конгресот ги препорачал Пере Тошев и Димитар Стефанов, за кои оценил дека се идејно поблиски до реформите кои биле предлагани.

Рилски Конгрес – илустрација на пристутните на конгресот

На конгресот биле донесени и неколку Резолуции за идното делување како што се:

  • Писмото на ЦК од 13/26 април 1904: Јасно наведува дека Јане Сандански делувал во ист дух како Христо Чернопеев, што ја потврдува нивната заедничка идеолошка линија уште од софиските советувања. Ѓорче Петров, пак, му сугерирал на Петар Поп Арсов да се повлече од ЦК за да се растури комитетот и да се отвори пат за избор на нов состав.
  • Мисијата на Андон Лазаров: Конгресот му наредил на Андон Лазаров да замине за Света Гора (Солун) со задача да ги пренесе решенијата и препис од Протоколот до врвот на Организацијата.

Струмичкиот окружен конгрес бил под силно влијание на „Директивата за идната дејност на Организацијата“ и покажал јасна намера за ревизија на минатото. Конгресот го осудил централизмот и прогласил дека одлуката за востанието од 1903 година била незаконска и предвремена.

Прогласувајќи децентрализација и демократизација, конгресот одлучил круцијалните прашања да произлегуваат од окружните комитети, а не од Централниот комитет. Ова означува пресврт во насока на реформи, кои ќе добијат дефинитивна форма на Рилскиот конгрес во 1905 година.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading