Како што веќе видовме во претходниот времеплов, по укинувањето на Охридската архиепископија, Струмица, црковно и политички потпаднала под влијание на грчката Патријаршија. Но, по формирањето на на бугарската Егзархија, и откако во 1870 таа и официјално била призната од султанот, во струмичко почнува да дејствува и втора политичко-црковна пропагандна машинерија.

Ваквиот развој на настаните ќе ги стави струмичани помеѓу два огна и избора, и тоа кое од двете црковни зла да го изберат. Поради фактот што грчката Патријаршија била доста омразена и сметана за не-словенска, струмичани во голема мера претпочитале да преминат во Егзархијата , пред сѐ затоа што богослужбата се вршела на словенски јазик.

Дополнителен мотив за преминувањето во Егзархијата, било и тоа што македонското преродбеничко движење, кое иако во својот зачетокот, веќе имало свое влијание, и сметало дека тоа е многу подобра опција за македонците. Тоа се должи на фактот што со вклучувањето на Нишката Митрополија, во склоп на Бугарската Егзархија, се сметало дека се создава едно сесловенско движење кое ќе помогне во ослободување на Балканот од Османлиите.
Ваквиот развој на настаните не треба да изненадува, ако се има предвид дека македонското преродбенско движење во Струмичко, било водено од селскиот и градски трговско-занаетчиски слој, како што биле на пример Хаџи Трендо и дедо Мицо, кои ги споменувавме претходно. Имено, овој слој на луѓе покажувал интерес да ги образува своите дека на народен јазик, за македонска култура, и за нивно духовно ослободување од грцизмот.

За оваа тврдење наоѓаме пример во дневникот на младиот учител А. Костенцев, кој во него запишал дека по своето доаѓање во Струмица, во 1859 година, како 17 годишен даскал, пријателите на татко му браќата Араникови, го задржале кај нив дома повеќе од еден месец за да им ги описмени децата.
Понатаму во неговиот дневник можеме да прочитаме дека жедта за описменување, образование и просвета, била огромна и во струмичките села. Па така Костенец, за една расправија околу неговата плата помеѓу Дедо Мицо и робовчани го забележал следното:
„Ако вие не го сакате за даскал, јас ќе го држам дома, ќе му плаќам, за да ми ги учи синовите, ќерките, внуците и внуките”.

Богатиот селски слој, а секако и самата Струмица, веќе биле решени по секоја цена да се започне со процесот на описменување и просветлување на струмичани. Па така од писанијата на Костенцев ги добиваме и следниве информации:
„Во училиштето во Робово, во четирите години во кои таму учителствував, по клас имав и по четири-пет чорбаџиски деца од Дабиља, Сачево, Муртино, Моноспитово, Банско како и деца од Струмица. Во училиштето во Попчево пак, каде исто така учителствував четири години, имав околу петнаесеттина ученици.“
Ваквата желба за образование, се повеќе била мотивирана и од развојот на македонски трговски слој и неговата трговска активност. За тоа сведочи и одговорот кој Дедо Мицо му го дал на еден селанец, на прашањето – Зошто им е учител?
Дедо Мицо одговорил: „Абе, ќе пишеш у Малеш — за борина, у Тиквеш — за ракија; зошто ни е!?”
Па така на преден план во потрагата по учителки и формирање на училишта, не само во Струмица туку и во селата, се истакнале трговците и занаетчиите. Тие се грижеле и за нивната издршка, за набавка на учебници, се бореле против фанариотите за да не се затворат училиштата, и се обидувале да најдат што повеќе ученици. Струмичките трговци и занаетчии покажале колку се заинтересирани за просвета и со тоа што се вклучиле во финансирањето и помагањето на печатењето книги.

Па така, книгата „Различни поучителни наставленија” од Јоаким Крчовски, што излегла во Будим (денес Будимпешта) во 1819 година, била финансиски потпомогната и од струмичани. За печатење на книгата во Струмица биле собрани 50 гроша, а поради поголемите донации останале запишани следниве струмичани: „Илија — со 10, Трајко Абраш — со 10 и Мануил Икономович — со 10 гроша”.
Иако овие суми не се навидум големи, треба да се има предвид дека македонското преродбенско движење постојано се испречувала грчката пропаганда и Патријаршија, која со сите сили се обидувале да спречат, културно, духовно и национално будење. Особено било тешко да се постигне нешто на овој план затоа што училишните и црковните теми често биле под директните ингеренции на Патријаршијата, која инсистирала на тоа единствено грчкиот јазик да се користи за овие потреби.
Во ваквите напори Патријаршијата била посебно потпомогната и од Отоманските власти, кои секако уживале во богатите поткупите и митото, кое грците го нуделе. Секако, за сето ова на крај плаќале струмичани, кои на Патријаршијата биле приморани да и ги плаќаат следниве даноци и такси: за Великата црква, за Божји гроб, за свети Синај, владичнина, филотимо, за венчило, за миро, за црква светење, антимински, за мртовци итн.
Ваквите даноци и такси често пати биле и насилно собирани, а истите потоа се користеле не само за поткупи туку и за финансирање на сите дејности на пропагандната машина како што биле финансирањето на училиштата, печање книги итн.
Ваквиот однос на Патријаршијата придонел струмичани на нејзиното напуштање да гледаат како на ослободување од уште еден јарем. Токму поради тоа, секогаш кога струмичани граделе нова црква независно дали во некое село или градот, веднаш се градело и училиште во близина. По изградбата на црквата и училиштето, струмичани се обидувале да го воведат македонскиот јазик со примеси на црковно-словенски како главен јазик на наставата.
За градењето и подигањето на нови цркви секогаш било потребно да се има султански ферман (дозвола), за која било потребно да се даде „рушвет“ (мито) на локалните власти, а потоа истата лесно се добивала, што секако не било случај пред XIX век. Токму поради ваквиот развој на настаните, забележано е забрзано градење цркви во струмичко по 1840 година.
Трендот во струмичко започнал во Колешино, кога во 1840 година со помошта од грчката струмичка Митрополија била изградена црквата „Свети Спас”. Сличен бил и случајот со црквите во Габрово и Мокриево изградени 1874, и Мокрино 1876 година.
Во некои од овие цркви подоцна, богослужбата се вршела по ред — на црковно-словенски и на грчки јазик, додека Куклишката црква, изградена во 1862 година, станала егзархиска. Во Водочката црква литургијата се изведувала постојано на словенски јазик, а во ова време, најзаслужен за тоа бил попот Тодор Жилков, кој поради тоа извесно време одлежал затвор во Серес. Од друга страна пак, во црквите кои селаните ги граделе од сопствени средства, веднаш го воведувале црковно-словенскиот јазик за богослужба.

Со трудот на селаните, прилози и донации биле изградени црквите во Моноспитово 1838 година (зографисана во 1858 година), а во 1842 година биле изградени црквите во Ново Село и Босилово. Доста стара е и црквата во Робово, изградена во 1864 и Дабиље во 1868 година. По нив следувале црквите во Попчево, подигната во 1866, па во Муртино, Пиперево, Рич и Смолари — сите изградени во 1870 година итн.
Откако биле направени црквите, во нив најчесто биле донесувани попови надвор од Струмица затоа што во тоа време немала доволно попови, а тие пак по обичај почнувале да водат и свои црковни книги, од кои денес ни останал и по некој запис. Од нив може да се види кои и од каде биле поповите во овие цркви. Во Робово, на иницијатива од дедо Мицо, во 1867 година дошол „папа Михаил папа Николов от Берово”. По него, во Робово служувал попот Јане Темелкович, а уште подоцна попот Глигор, обајцата од Радовиш.
Во некои црковни книги се забележани и одделни природни несреќи или настани што се случиле во текот на годините. Попот Марко од Ново Село во 1863 година забележал силен земјотрес кој се случил утрото на 21 август. Попот Глигор, кој служел во Робово, ја забележал во 1877 година познатата Руско-турска војна. На 25 март 1907 година Босилово, па и другите околни села, ги зафатило голема поплава од реките Стара Река и Турија. Во записот стои дека целото село било поплавено и станал „голем зијан на селото”.
Посебни траги оставиле и градители на овие цркви, а посебно зографите. Црквите во Моноспитово, Босилово, Ново Село и Мокриево биле зографисани и потпишани од „смирениј зограф Андон Петрович, от село Гари, каза Дебар”. Андон е само еден од зографите кои произлегувале од познатата Дебарска зографска школа која живописувала цркви низ Македонија. И Струмица дала еден познат зограф кој живописал неколку селски цркви во струмичко.

Пиперевската црква ја зографисал „Јосиф иконописец от дебарско, село Лазарополе”, додека црквите во Мокрино и Смолари ги зографисал некој мајстор од Мелник. Дека селските цркви биле изградени од самите селани, се гледа и од многу натписи и записи, кои ги одбележуваа имињата на дарителите. Во моноспитовската црква е забележано дека одделни икони биле подарок од Илјо Младенович, од Велко Панович, од селото Габрово, од Дино Манчо — од Бориево, од Коте Годев итн. Во црквата во Мокриево два полилеа биле подарен и од Стојан чорбаџијата, а еден од Ангел Кукачков. Во Новоселската црква, покрај името на зографот се запишани и имињата на двајца од епитропите и тоа „г. г. Велко Костадинович и Тане епитроп Маркович”.

Интересно е што во овој период голем дел од зографите и градителите, па и самите трговци и занаетчии, се потпишувале со презимиња кои завршуваат на -ИЧ. Ваквиот тренд бил со цел да се истакне словенското потекло, и бил застапен не само на територијата на Македонија, туку и Бугарија и Србија. Истиот бил дел од едно поголемо движење кое го зафатило овој регион, често ословуван само како „славјанизам“, каде руското влијание било прифаќано како водечко, па така презимињата кои завршувале на ИЧ многу се прошириле. Впрочем, токму зографите и свештениците биле тие кои ги запишале и им дале вакви завршоци и на своите и на други презимиња.

Интересни податоци за тоа како се граделе цркви во ова време добиваме повторно од дневникот на Костенцев, каде тој го опишува градењето на црквата и училиштето во Робово. Иницијативата најпрвин ја преземал еден од побогатите селани, во конкретниов случај Дедо Мицо Караџата, кој и самиот поставил пример со тоа што донирал поголема сума пари. Дедо Мицо дал 10 турски лири, по што се започнувало со собирање на пари низ селото, и секој давал од пола до околу 5 лири.

Потоа се почнувало со собирање на прилози во натура. Па така во споменатиов пример, дедо Мицо за својата фамилија дал 40 бучука пченица (еден бучук изнесува 18 оки), а потоа и самиот тргнал од куќа до куќа да собира прилози. Кога се завршило со собирање во Робово биле собрани околу 150 турски лири, кои биле искористени за градење и на училиштето а и на црквата. Селаните исто така биле должни да помогнат во превозот на градежниот материјал.

Токму од овој период потекнува обичајот, кој и денес постои во Струмица, каде и во селата, и во градот се собираат прилози за градба на цркви, училишта, камбанарии итн. За таа цел по селата се одржувале и русалиските игри, обичај кој постоел во Струмица се до почетокот на Втората светска војна, а во некои села и денес се практикува.
Во самиот град, постоле две цркви, „Свети Димитрија” и „Св. цар Константин и Елена”, Грчката патријаршија ја задржала контролата над нив се до 1912 година, кога конечно ја напуштила Струмица, а во меѓувреме не дозволила Егзархијата воопшто да изгради своја црква. За црквите знаеме дека „Свети Димитрија” била митрополитска, соборна црква на грчкиот митрополит. Таа настрадала во големиот пожар од 1869 година, но набрзо била обновена. За нејзината обнова имаме податоци дека биле потрошени дури 4000 турски лири, кои биле „собрани од струмичкиот христијански народ”. Поради огромната сума потрошена на црквата, училиштата во Струмица не биле финансирани неколку години.

Трета, овој пат егзархиска црква била изградена дури при крајот на турското владеење, кога бил издејствуван султански ферман (градежна дозвола). Со тоа во 1911 година конечно била изградена и осветена црквата „Свети Кирил и Методиј“.
Токму изградбата на цркви и училишта во струмичко значително ќе го помогнат и забрзаат националното будење. Имено, при градењето на секоја црква, а и за нејзините подоцнежни потреби, се формирало епитропски одбор, во кој биле избирани самите селани. Токму овие епитропски одбори се и првите такви одбори по вековниот сон на македонците, кои почнале активно да се залагаат и со различни активности да работат на подобрување и промена на состојбата на струмичани. Токму од нив подоцна ќе израсне и македонското револуционерно ослободително движење.

Црквите покрај духовен центри, почнале да стануваат и национален центар, затоа што по нивната изградба, почнувало да се врши богослужба на црковно-словенски јазик, а подоцна и на македонски, по што следувало и отварање на училиште. Ваквото тврдење се поткрепува и во историските натписи, каде следново останало запишано следново:
„И покрај севозможните пречки, (пишува еден автор во 1896 година), богослужбата во новоселската црква се извршуваше, од нејзиното изградување, па до денес на словенски јазик. Исклучок се правеше само кога во селото доаѓаше митрополитот. Тогаш тој служеше на грчки, а месните свештеници и тие што ним им помагаа — на црковно-словенски”.
Интересен е и случајот со црквата во Босилово, каде најпрвин се служело на грчки, но кога на Спасовден 1869 година, група ученици со нивниот учител Костенцев ја извеле првата богослужба на словенски јазик, предизвикале еуфорија кај селаните, кои повеќе не сакале да чујат грчки во нивната црква. Па така босилската црква почнале да ја посетуваа и соседните села, затоа што и тие сакале да чујат зборови кои можат да ги разберат.
Успешни обиди за воведување на народен јазик во богослужбите имало и во самиот град Струмица, но сепак со ограничен успех. Поврзаноста на Струмичката грчка митрополија, со локалните турски власти, во двоец со недостатокот на свештеници кои го знаеле црковно-словенскиот, ќе го забави овој процес за неколку децении.

Ваквото грчко влијание го спречувало и отварањето на народни училишта, па сепак, струмичани кои се познати по својата снаодливост, успеале во 1840 година да отворат едно приватно училиште во градот во кое се учело на мајчин јазик. За ваквиот развој на настаните придонел и еден од најголемите македонски преродбеници Димитар Миладинов. Неговото влијание посебно се чувствувало во двогодишниот период од 1857 до 1859 година кога тој учителствувал во Кукуш.

Овој податок го добиваме од едно писмо, на бугарскиот деец В. Чолаков, кој на Д. Миладинов му гостувал во Кукуш. Во него тој пишува дека Д. Миладинов бил главниот носител на преродбата, не само во Кукуш, туку и во многу други македонски градови и паланки, како Дојран, Струмица, Воден, Охрид и други. Чолаков во своето писмо се восхитува и на добро организирана и широка преродбенска дејност која Димитар ја спровел во овој регион.

Д. Миладинов имал навистина длабоки врски со Струмица и струмичани, а за тоа добиваме и потврда од фактот што прочуениот Миладиновски зборник од македонски народни песни, биле вклучени и публикувани и неколку песни од струмичко. Друг интересен податок е и тоа што од четири млади Македончиња, кои биле пратени на школување кај него во Русија, еден од нив бил струмичанец. Овој млад струмичанец кој своето црковно образование ќе го заврши во Киев, подоцна ќе се искачи високо во врвот на Егзархијата и ќе стане Софиски Митрополит под името Милетиј.
Интересно за Милетиј е тоа што тој потекнува од семејство од кое потекнува и архимандритот Антим Ризов, инаку негов вујко. Како и Милетиј така и Антим, рано ја напуштиле Струмица, а подоцна во животот се искачиле високо во егзархискиот владички врв. Нити Милетиј, нити Антим, како и Константин Јоанидис, кој претходно го споменавме, не придонеле воопшто кон македонската кауза туку напротив, активно се вклучиле и придонеле за пропагандите од кои и биле платени.
Сепак, струмичката котлина се покажала како плодна за преродба. Имено, Робово ќе се запише во историјата како едно од првите села во Македонија, заедно со Башино Село, кај Велес, и Банско, Разлошко (денес во Пиринска Македонија) каде најрано било отворено световно училиште во кое се учеле на народен македонски јазик. Како што веќе споменавме за тоа бил заслужен дедо Мицо Караџата и младиот учител Костенцев. Во училиштето се работело по буквари и учебници кои биле набавени од печатницата на Константин Држилович, и донесени од Солун. (Овие учебници К. Држилович ги пишувал на своето воденско наречје, се разбира со многу примеси од црковно-словенскиот јазик, што во тоа време било вообичаена појава).
Отварањето на училиште во Робово е интересно и по тоа што е типичен пример за тоа како функционирале тогашните училишта, затоа што во нив не само што учеле, туку и живееле децата од локалните села, а дома си оделе само во сабота. Во Робово на пример имало пет деца од самиот град –три од Араникови и две на Кантаџи Панов Гогуш. Костенцев оставил податоци и за вкупниот број ученици, па така знаеме дека во училиштето имало 45 деца, повеќето од Робово, по 4-5 чорбаџиски деца од соседните села и Струмица. Откако учителствувал тука 4 години Костенцев се преместил во Попчево а подоцна, во Ваташа, Кавадарско. За жал, за тоа кој ја презел неговата функција не знаеме многу, но од Костенцев дознаваме дека училиштата продолжиле да постојат, затоа што од неговите ученици, подоцна многумина станале учители.

Со отварањето на училиштето во Робово, започнува еден бран кој брзо ќе се пренесе низ котлината. Најпрвин, во Ново Село по залагањата на чорбаџијата Димчо Хаџи Пенев, во 1866 година ќе биде отворено првото училиште, а нешто подоцна истиот пример го следеле и селаните од Дабиље, Василево, Водоча и Сачево, чии училишта биле отворени во истата година. Бранот полека се раширил низ соседните села па така во повеќето села до 1870 постоеле училишта.
За жал, отварањето на македонско училиште во самиот град Струмица се покажало како навистина тешко, што се должи на макотрпната работа на грчките владици, кои со сите сили се обидувале истото да го спречат. Кога Костенцев дошол во градот и се обидел да отвори училиште тој бил протеран од властите, па затоа првото училиште го отворил во Робово. Сепак, струмичани не се откажале од идејата. Па така во 1867 година за прв народен учител во градот бил донесен Ѓорѓи Милетич, Србин од Војводина, кој претходно бил учител во Велес. За жал ни тој не можел да остане повеќе од една година затоа што жестоко бил прогонуван од владиката Јеротеј, поради што се преместил во Штип.
Иако тој заминал, сепак училиштето не било затворено, на негово место за кратко време учителствувале Захари Бобошевски и Христо Алексиев, но и тие, ја доживеале истата судбина и биле протерани од грчкиот владика Јеротеј. Нареден на листата кој се обидел да учителствува бил архимандритот Агапиј Војнов, кој со поддршка на свештеникот Тодор Митев, и трговците браќата Шулеви, се обидел да го одржи македонското училиште. Но, Јеротеј, успеал да организира група млади гркомани, кои една ноќ, го нападнале и се обиделе да го убијат Агапиј, а откако едвај се спасил од нападот, и тој решил да ја напушти Струмица и да се префрли во Петрич.
За тоа колку навистина бил моќен митрополитот Јеротеј, дознаваме и од писанијата на Костенцев, во кон тој вели дека тој бил апсолутен господар на својата епархија „И Турци и христијани трепереа од него”. Ваквата негова моќ произлегувала не само од големите поткупи кои тој ги давал на турските управници, туку и од фактот што тој бил побратим, „суд-кардаши”, или брат по млеко на солунскиот валија Јусни-паша. Тие обајцата биле родум од Цариград и кога биле бебиња биле доени од иста доилка.
Поради ваквата неограничена моќ која Јеротеј ја поседувал, било невозможно да се има македонско училиште во Струмица, па истото останало затворено долги години потоа.

One response to “Времеплов – Струмица низ историјата – Црковен и училишен развој”
[…] што веќе споменавме во претходните текстови, Црковен и училишен развој, Црковни борби помеѓу Патријаршијата и Егзархијата и […]