Како што веќе споменавме во претходните времеплови, Струмичкиот митрополит Анание претставува една трагична личност за македонската историја, затоа што директно ќе помогне во укинувањето на Охридската архиепископија. Но, дури и по нејзиното укинување во 1767 година, иако биле сериозно погодени, словенската богослужба во црквите и манастирите, и манастирските ќелијни училишта, во кои се добивала црквено-словенска писменост во Струмица не исчезнале.
Токму тука во Струмица, ударот на фанариотската грчка црква бил најсилен. Во струмичко словенската богослужба и црквено-словенската писменост, во првите две-три децении од XIX век, биле скоро сосема уништени. Во тоа време богослужбата на словенски јазик, според тврдењето на митрополитот Герасим, кое се потврдува и од други посредни податоци, се задржала единствено во селото Водоча.

Кога дошло до одредено ослободување на овој црковен јарем, првите свештеници, кои во струмичките села започнале да изведуваат словенска литургија, биле доведувани од Малешевско, од Радовиш и други соседни места. Во овој извонредно лош период за струмичко, во првите три-четири децении од XIX век, повеќето села немале свои цркви, а свештениците покривале по неколку села. Уште по трагичен е податокот, што во ниеден струмички манастир не се зачувала словенската писменост, нити пак библиотеките кои порано постоеле, како што бил случајот со епископскиот манастир во Водоча.

Вељушкиот манастир кој веќе поодамна бил во рацете на грчката Патријаршија, ќе стане еден од главните орудија во рацете на грчката Патријаршија. Преку контролата на црковниот-духовен живот на струмичани, Патријаршија во овие децении го држела во свои раце сиот духовен живот на населението, макар што тој бил крајно скромен. Речиси целиот епархиски црковен клир кој митрополитот го насобрал околу себе, а бил и под силно негово влијание, се обидувал да ја погрчи не само Струмица, туку и целата епархија.
Токму за таа цел, а и за да ја спроведе на терен оваа асимилаторската политика и пропаганда, струмичкиот митрополит од Патријаршијата добил повисок хиерархиски ранг. Па така, под негова власт се наоѓало сето свештенство и сиот учителски кадар; зад него стоел богатиот градски гркомански слој, па дури и одделни селски првенци; нему му помагала месната турска власт која била подмитувана; а зад сите нив се наоѓале грчките политички кругови во Атина.

Иако Струмичката митрополија, играла важна улога во држење на македонското население под грчка духовна власт, бидејќи таа немала голем успех и влијание врз училиштата и просветата не успеала да го грцизира населението со некој поголем и подолготраен успех. Грчка писменост, просвета и култура не фатиле силни корени во Струмица.
Сепак мора да се признае дека грчката пропаганда постигнала ограничени и привремени резултати. Тие резултати се должат пред се и на фактот што како што тврдат и некои современи грчки автори, за Струмица се водела „посебна грижа“. Причината за ваквата посебна грижа се должи на една грчка стратегија. Според таа стратегија оската Струмица – Дојран – Солун, била последната „тврдина на грцизмот“ и доколку Струмица падне, на ред ќе дојде и самиот Солун.
Интересни податоци ни доаѓаат од една брошура за Струмица напишана од К. Бонис. Во неа тој вели дека „Струмица претставувала силна предна тврдина на грцизмот (во неговата борба) против туѓите елементи”. Нешто подоцна во истата таа брошура, тој сам ќе се негира кога ќе посведочи дека во 1878 година сите села на север од Струмица — до бугарската граница, како и селата јужно од Беласица — до Солун, со цело Кукушко, ја напуштиле грчката Патријаршија и станале егзархисти.
Сепак, влијанието на грчката пропаганда во самиот град Струмица не треба да се занемари. Имено таа останал „грчки остров“ доста долго време. Доцна во XIX век, еден доста голем дел од патријаршиското население во градот се сметало себеси за грчко. За тоа сведочи и фактот што дел од него најактивно се вклучил, не само во борбата против македонската преродба, туку и против ВМРО.
Интересен податок за грчкото влијание ни доаѓа и од рускиот научник Виктор Григорович, кој низ своето поминување низ Струмица во 1844 година во своите споменари го забележал грчкото училиште кое тука постоело. За истото тоа училиште податоци добиваме и од официјални документи кои за учител во тоа училиште, околу 1854 година го споменуваат X. Папамарку. За него се вели дека имал завршено факултет во Атина, а се истакнал и како педагог, организатор и реформатор на основното школство во Грција. Тој во Струмица учителствувал околу 3 години.
Оваа училиште кое се наоѓало во близина на црквата „Свети Димитрија”, ќе биде проголтано од огнените јазици, во 1869 година кога во Струмица избувнал голем пожар. Покрај училиштето изгорела и црквата, но обете биле брзо обновено. Грчката пропаганда не застанала тука, туку и го проширила училиштето. Колку важна била Струмица за грчката пропаганда можеме да видиме и од податокот дека веќе во 1873 година во градот имало три грчки училишта.

Со забрзано темпо грчката пропаганда ќе продолжи и во 1875 година кога во Струмица (како и во низа други градови во јужна Македонија) било основано грчко „Ученољубиво друштво” кое ќе внесе нов импулс во ширењето на грчката просветна пропаганда, не само во градот, туку и во неколку струмички села. Ова друштво претставувало филијала на „Друштвото за ширење на грчката писменост”, со седиште во Атина.
Со формирањето на оваа друштво (на грчки силогос), грчката пропаганда покрај митрополитот и конзулите, добила уште едно моќно асимилаторско оружје. Друштвото се финансирало директно од Атина, а средствата ги трошело за финансирање на грчките училишта во Струмица и струмичко, а и за други асимилаторски цели. Во документите кои се достапни да се види дека во 1882 година, за само 5 училишта во Струмичко, друштвото потрошило околу сто турски лири, што во тоа време била значителна сума. Овој податок ни помага да заклучиме дека грцизмот во селата бил купуван, со лири.

Што се однесува до училиштата во градот тие се издржувале од годишните квоти од Атинскиот силогос за грчка писменост, од прилози од митрополитската каса, од приходи на грчката црковна општина во градот, како и од одделни подароци и завештанија од богатите струмички граѓани.
Финансирањето на грчката пропаганда од струмичани имала и практични причини. Имено, грчкиот јазик, не само што бил во употреба во трговските кругови на Османлиската империја, туку помогал во успешното водење на истата. Па така богатите струмичани се обидувале да ги описменат и школуваат своите синови за од нив да направат успешни трговци. Ваквата определба за „општествено и интелектуално издигање на неговите членови и ширење на грчката просвета” била запишана и во Статутот на струмичкото „Ученољубиво друштво”.

Покрај своите „просветни цели“ оваа друштво, било активно и на политички план. Па така во 1878 година, друштвото испратило мемоар до големите сили со кој грчката општина во Струмица, откако ја подвлекла својата верност кон „великата Христова црква и кон традиционалните убедувања”, барала да се поништи Сан-Стефанскиот мировен договор, а со тоа да се спречи потпаѓањето на Струмица во составот на бугарската држава. Ваквиот чин, на друштвото му „купило“ уште поголеми привилегии кај локалните турски големци.

Ваквиот развој на настаните, друштвото го искористило за засилување на својата работа. Па така во наредните децении засилено се фокусирале на зголемување на бројот на училишта и ученици. Од извештајот, напишан од страна на училишниот инспектор Константин Јерсос, кој порано учителствувал во Струмица, а испратен до грчкиот генерален конзул во Солун во 1882 година – каде тој констатира голем напредок, можеме да видиме дека во во градот имало четири грчки училишта со вкупно околу 370 ученици. Тој број во наредните неколку години се зголемил. Во тоа време во Струмица работела и една неполна гимназија со три класа. При крајот на турското владеење грчката пропаганда основала и бесплатен интернат за ученици од селата и за „децата чии родители биле убиени од бугарските комити”. Но овој интернат бил кратковечен.
Идејата за отварање на ваков интернат, бил само обид на грчката пропаганда да ги привлече децата на струмичките селани кои ги прекршиле законите на ВМРО, и од нив да направи поборци на грцизмот. Ваквата политика и фокус кон регрутирање на млади струмичани, биле неколку децениска политика. Истата вродила со резултати, затоа што била активна и добро финансирана. Па така кога во 1909 година пожар ја уништил гимназијата во Струмица, истата била обновена за две години.
Колку била успешна грчката пропаганда во Струмица сведочат и неколку грчки автори, кои тврдат дека уште пред 1912 година градот произвел значаен број образовани луѓе. Меѓу нив се набројани: четворица лекари, двајца адвокати, двајца филозофи, еден математичар и околу стотина грчки учители. Сите тие, кој повеќе кој помалку —зеле активно учество и биле поборници на грчката пропаганда не само во Струмица, туку и во разни други места во Македонија.

Како еден од поистакнатите струмичани, кој имал големи заслуги се наведува Константин Јоанидис. неговото име го добиваме од писанијата на Константин Бонис, и самиот од овој круг на интелигенција (од семејството Боневи, кои и денес живеат во градот).
Во овие документи посебно се истакнуваат заслугите на К. Јоанидис, кој во својата долгогодишна политичка кариера бил учител во Цариград, училишен инспектор во Битола, каде што бил виден соработник на конзулот Јон Драгумис во неговото организирање на грчкото андартство, издавач на весник во Лерин, висок чиновник во Костур итн. Тој во 1857 година бил награден со Сребрен медал а и парично од страна на Грчката Академија на науките за неговите заслуги за грцизмот.
Со ослабувањето на турската власт и појавата на Егзархијата, почнало да опаѓа и грчкото влијание во градот а и селата. Започнало враќањето на словенската богослужба а и голем дел од селата црковно се откажале од Патријаршијата.
Од историските податоци дознаваме дека најрано биле отворени отворени грчка црква и училиште во Колешино, и тоа во 1840 година; потоа во 1856 година — во Куклиш, и тоа прво училиште, а потоа и црква. Во 1865 година биле отворени црква и училиште во селото Габрово, а во 1874 година — во Мокриево. Ваквиот тренд, бил најизразен во подгориските села каде ваквото грчко влијание најкасно ќе биде истиснато.

Според некои грчки извори, во цело Струмичко (без градот) во 1873 година имало дванаесет
училишта, во 1878/79 — петнаесет. Токму во овој период грчкото влијание во селата започнало бргу да ослабнува и да исчезнува и покрај тоа што Атина испраќала уште повеќе пари од претходно.
При крајот на турското ропство одделни патријархисти останале само уште во селата Вељуса (мешано со егзархисти и протестанти), Габрово (мешано со егзархисти), Колешино (мешано со егзархисти и протестанти), Мокриево (мешано со егзархисти) и Мокрино. Во некои од овие села се задржале и грчките училишта, но во мешаните од нив имало и егзархиски.

Грцизмот во струмичките македонски села, не фатил корен, а набргу по ликвидирањето на турската власт, и наполно исчезнал. Дополнително, струмичкото селско население, многу придонело за ослабнување на грчките позиции и во градот, кои систематски и постојано биле на удар и слабееле.
