Времеплов – Струмица низ историјата – влегување на Врховизмот и убиства во ВМРО

Откако во април 1909 година целосно го победиле султанот Абдул Хамид II, младотурците на себе го навлекле целото внимание на македонскиот народ, и секако струмичани. Од нив се очекувало суштински да ги променат работите на терен и да им помогнат на селаните и чифлигарите да се ослободат од експлоатацијата, даноците, насилствата и злоупотребите која дотогаш ги вршеле беговите. Од нив дополнително се очекувала политичка и религиозна слобода за Македонија.

За жал, до такви промени, не само што не дошло туку ситуацијата почнала дополнително да се влошува. Со цел да ги зајакнат своите политички позиции, младотурците започнале да населуваат муслимански доселеници (мухаџири) како во Македонија (главно од Босна) така и во Струмица.

Во Струмичкиот округ на пример, селаните од селото Трибичино, биле истерани од својот чифлик, за на нивно место да бидат донесени мухаџирите. Во средината на 1910 година младотурците презеле воено-полициски акции за насилно собирање на оружјето од струмичани. Интересен е фактот што во струмичко овие акции биле поумерени споредено со остатокот од Македонија, затоа што младотурците почнале да се плашат од посериозен организиран отпор. Затоа било донесена одлука во Струмица привремено да не се населуваат нови мухаџири. Да биде ситуацијата уште полоша, веќе во август 1910 година младотурците ги забраниле и легалните политички партии, со што НФП згаснала.

Седнати од лево кон десно: Костадин Самарџиев – Џемото, Христо Чернопеев, Петар Китанов.
Стојат: Мирчо Икономов, Пандо Попманушев, Михаил Шкартов и Методи Алексиев, 1908 година.

Во средината на 1910 година младотурските придобивки речиси исчезнале и состојбата во Македонија, а и Струмица се вратила на султановото време. Тоа било знак за раководителите на Струмичкиот округ повторно да се активираат. За жал, за ВМРО левица во Струмица следува тежок период затоа што X. Чернопеев, се поврзал со врховистите, и откако бил врбуван од бугарски агенти, преминал во ВМРО врховистичка. Токму затоа тој од Солун се вратил во Струмица, и започнал да ги обиколува селата, обидувајќи се да ја обнови растурената мрежа на ВМРО.

Новата ВМРО на Тодор Александров била под големо влијание на бугарската влада, а за да ја освојат Струмица, која традиционално била на левата страна, врховистот Михаил Думбалаков и бугарскиот конзул во Солун, А. Шопов, активно работеле на тоа Чернопеев, да им се придружи. Думбалаков дури и лично учествувал во обиколката на Струмичкиот округ заедно со Чернопеев.

Војводата Ристо Џолев е роден во село Моноспитово, Струмица

Последиците од оваа непромислена одлука на Чернопеев, за која подоцна и самиот тој признал дека се срами, биле катастрофални за Струмичкиот округ. По прв пат од настанувањето на Организацијата, дошло до меѓусебни обвинувања и прогонувања, убиства и раскол во струмичко. Така на мала врата преку Чернопеев, врховизмот се вовлекол и во Струмица.

Набрзо, поради оваа своја одлука, Чернопеев ја изгубил поддршката на струмичани и морал засекогаш ја напуштил Струмица. Во пролетта 1910 година се обидел да организира комитство во Кукушко, но не успеал, зашто и Кукушани му откажале поддршка. Чернопеев загинал во 1915 година.

Покрај Чернопеев, во врховистите преминал и К. Самарџиев-Џемото, и двајцата заедно отишле во Софија, па се обиделе да лобират ВМРО да се врати кон претходната лева ориентација, но многу бргу сфатиле дека за тоа сега е предоцна, и дека врвот на ВМРО е полн со велико-бугарски агенти, а во него за луѓе како X. Чернопеев, К. Самарџиев и други, немало место. Ваквите залудни обиди се најдобро опишани од циничниот М. Думбалаков кој вели: „Животот на револуционери и македонствујушти минуваше со Софија, во севозможни обединувачки и разединувачки акции”.

Па сепак, во есента 1910 година дошло до возобновување на ВМРО, во форма на ВМРО Врховистичка на чие чело во Струмичко дошол Костадин Самарџиев. Му се придружиле војводите Кочо Хаџи Манов, родум од Струмица, и Ристо Џолев, од Моноспитово. Сепак, меѓу струмичани немало голем одѕив, нити расположение за обновеното комитството и четите. Струмичани биле преморени и загрижени дека ќе следува нова војна од која не се очекувало ништо добро, па затоа расположението било наклонето кон соработка со младотурците.

Еден од првите струмичани кои се побунил против овој обид за возобновување на комитството бил Атанас Караманов од Дабиле, за што од врховистите бил осуден на смрт. Ваквата пресуда Џемото, по се изгледа ја примил многу болно, затоа што Панде Филев тврди дека тој го рекол следното: „Јас на Карамано пушка не теглам; тој ми беше учител, тој ме научи да се обувам! Ако тоа го сторам, сакам и јас да загинам”.

К. Самарџиев-Џемото

На крај, оваа приказна во јули 1911 година завршила трагично за двајцата, затоа што меѓусебно се убиле во една престрелката која ја започнал Џемото, а која се одвивала кај познатите врби, на патот меѓу Струмица и Дабиле. Нешто подоцна бил убиен и Гаљо од Сачево, приврзаник на А. Караманов. Против новото комитство се кренал и Мирчо Икономов, поранешен член на Окружниот комитет, а во ова време, според еден податок — судија во Струмица. Во есента 1912 година, по наредба од Т. Александров бил убиен и познатиот малешевски раководител Герасим Огњанов.

Оваа тортурата на Александров можела да се предвиди затоа што во октомври 1910 година во една дописка на солунскиот весник „Lе Progrеs dе Ѕаlоniquе” биле објавени смртните пресуди на А. Караманов, познатиот трговец Каратанев, архимандритот Паисиј, Мирчо Икономов, и Атанас Нивички. Посебна цел на врховистите бил Мирчо Икономов, кој и најрешително се борел против нив. Овие цели биле внимателно одбрани затоа што нивната ликвидација значела елиминација на анти-врховистичкиот отпор во Струмица.

Причина за ваквите пресуди било и тоа што оваа група во текот на 1910 година организирала два протестни митинзи против обновениот четничко-врховистички терор. Единствениот од оваа група кој на крајот бил убиен е А. Караманов. Следувал еден период на тероризирање, малтретирање и убиства во струмичко на сите оние кои биле против врховизмот, но загинале и луѓе кои биле сметани за „централисти”, т. е. неоврховисти, кои се вклучиле во ВМРО.

Војводата Атанас Караманов

Една таква жртва бил познатиот централист и учител Иван Николаев, Бугарин од Пловдив, кој бил убиен во Ново Село во есента 1912 година. Тој бил егзекутиран од страна на Кочо Хаџи Манов, а по наредба на Александар Протогеров. На ова убиство му претходел еден друг скандал од ноторниот Думбалаков, кој од Иван Николаев зел 400 турски лири, пари и средства на Организацијата, кои струмичани ги собирале за купување на оружје. Думбалаков, тврдел дека наводно ги предал „во бугарската државна хазна, зашто таму им било местото!“. Од писанијата на Думбалаков може да се види дека Протогеров, навистина инсистирал да се расчисти Струмичкиот округ кој „бил полн со непријатели на ВМРО“, а може и да се види дека користењето на името ВМРО било само камуфлажа на бугарските агенти со цел полесно да го придобијат населението.

Да биде ситуацијата уште полоша на почетокот на 1910 година, се активирале и грчко-андартските агенти, коишто исто така извршиле неколку убиства. Таков бил примерот со попот од село Попчево и неговата сопруга, кои биле убиен на патот кај селото Чам Чифлик, кое денес не постои.

Следувал општ хаос во Струмица, во кој не се знаело кој со кој се бори и кој кого убива. Бугарија преку врховистите успеала да навлезе во Струмица и да го окупира ослободителното движење, во што несомнено им помогнале и младотурците, кои не исполниле речиси ниту едно од своите ветувања. Токму во таков, хаос, страв и постојана борба Струмица ќе ги дочека балканските војни.

Струмичката група во МОРО

Оваа фракција која се развила во МОРО, НФП и ВМРО (Автономистичка) како и во главната структура на БНМОРО, и чија задача било да дејствува во Струмица и Струмичко од 1908 до 1912 година, популарно се нарекува „Струмичката група“. За нејзин водач се смета Христо Чернопеев, кој со своето одметнување од Јане Сандански и премин во ВМРО – врховистичка го започнал создавањето на оваа група и примањето на нивната идеологија.

Зачетоците на оваа група може да се најдат веднаш по поделбата на МОРО (Македонско-одринска револуционерна организација) на 3 групи, и тоа Струмичката, Серска и Солунска група. Иако се правеле обиди во МОРО повторно да се најде заеднички јазик, тоа било невозможно поради овие поделби па така на секоја од групите се фокусирала на своите интереси. Со цел да придобие што поголема масовност Струмичката група на 27 септември 1908 година започнала со издавање на весникот „Единство“, како засебен и одделен од „Конституциона зора“, кој бил весник на Организацијата.

Сепак во еден краток период се постигнало обединување на Организицијата, кога овие 3 групи на 15 јануари 1909 година потпишале протокол за обединување. Во име на Струмичката група овој протокол бил потпишан од страна на Чудомир Кантарџиев и Чернопеев. Со потпишувањето на овој протокол, се ставило крај на работата на весникот “Единство“, поради тоа што заедничкото гласило на МОРО „Народна Волја“ започнало да се печати.

Прв конгрес на НФП, Чернопеев (седнат, втор од десно) и Самарџиев (седнат, втор од лево).

Со започнувањето и победата на младотурската револуција над султанот, МОРО како движење од илегала преминало во легална политичка партија – Народната федеративна партија, или НФП. Поради блиските врски меѓу Чернопеев и Сандански, Струмичката група веднаш се приклучила кон партијата.

НФП го одржала својот прв Конгрес од 3 до 10 август 1909 година во Солун, а на него како делегати во партијата од Струмица биле избрани Христо Чернопеев и Костадин Самарџиев. На овој конгрес исто така било одлучено Чернопеев да влезе во Советот на партијата како делегат од Струмичко.

Со оглед на тоа колку големо било разочарувањето од младотурската револуција воопшто не чуди што дошло до раскол во НФП веќе на вториот конгрес. Имено, поради тоа што партијата не била во можност да ги оствари целите кои ги зацртала, а дополнително и поради тоа што бугарските агенти активно работеле на тоа да го врбуваат Чернопеев, расколот бил неизбежен. Чернопеев не бил задоволен од политичките позиции на Сандански кој сакал да дејствува внатре во Османлиската империја, а не се согласувал ни со левичарските идеи на Влахов, па повторно ја создал така наречената Струмичка група. Со тоа и во НФП се формирале истите 3 групи како и во МОРО, Струмичката, Серската и Солунската.

Конечното излегување на Струмичката група од НФП се случило во јануари 1910 година кога оваа група се приклучила на Бугарската народна македонско-одринска револуционерна организација или БНМОРО.

Чернопеев со членови на БНМОРО, 1910 година.

Бугарската народна македонско-одринска револуционерна организација (БНМОРО) била револуционерна организација спонзорирана и водена од бугарските власти, а основана на 4 мај 1910 година. Неа ја основале група дејци на Солунскиот, Струмичкиот и Серскиот револуционерен округ, секако без соработниците на Јане Сандански. Тие себеси си дале задача Македонија и Одринско да добијат автономија, а се со цел подоцна не само духовно, туку и политички да се обединат со Бугариjа.

Па така на основачкото собрание на БНМОРО кое се одржало на 4 мај 1910 година во Софија, на чело на Главниот комитет бил избран струмичанецот Чернопеев. Како нејзин водач бил Чернопеев, кој по одметнувањето од НФП и Сандански, започнал заедно со поранешни дејци на ВМОК да ја обиколува струмичката околија со цел повторно да формира комитет. Имено БНМОРО се обидувала да се претстави како дел од и да го обнови старото ВМРО. За среќа кај струмичани ваквиот обид не бил успешен и бил осуетен како што споменавме погоре.

статутот на БНМОРО

Откако не ги постигнале зацртаните цели, Чернопеев се решил за промена на стратегијата и по разговорите кои се одржале во Софија на почетокот на 1911 година, дошло до зближување и обединување на Конзервативната струја со БНМОРК и со дел од поранешниот ВМОК. Тоа значело спојување на овие организации и избор на на нов ЦК во кој влегле: Тодор Александров, Христо Чернопеев и Петар Чаулев, а за резервен член бил избран врховистот Александар Протогеров.

Овој состанок е всушност зачетокот на ВМОРО Автономистичка – или Врховистичка, но не се постигнало целосно обединување на ВМРО, затоа што Сандански со своето крило одбил да се приклучи на организација контролирана од бугарската влада. Уште во тоа време се знаело дека БНМОРО е производ на бугарските институции за нивните политички цели во Македонија. Оваа констатација ја потврдува и тогашниот бугарскиот конзул во Солун – Атанас Шопов.

Сепак, како што споменавме одѕивот на струмичани бил мал, а отпорот кон Врховистите голем, што придонело за неуспехот на оваа група. Со избувнувањето Првата балканска војна, на Струмичката група и дошол крај, затоа што поголем дел од нејзините членови загинале, а оние кои преживеале престанале да одржуваат меѓусебни контакти.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading