По 1919 година и со доаѓањето на српската управа во Струмица, следел строг режим, кој забранувал голем дел политички активности. Мерките уште повеќе се заостриле кога била формирана тајна служба на стара Југославија наречена Обзнана, која посебно во Струмица жестоко ќе се бори со четите на Тодор Александров, кои се уфрлувале преку бугарската граница.
Единствени партии кои биле дозволени биле српските, што значело дека дел од струмичани, посебно по 1920 година се свртеле кон Демократската партија, која во тоа време била опозициона во кралството, а остатокот кон ВМРО на Тодор Александров. До таканаречената шестојануарската диктатура во 1929 година, во Струмица дејствувале две партии — Радикалската и Демократската, чии однос кон македонскиот народ во суштина бил исти, т.е тие не признавале постоење на македонска нација.

На општинските и парламентарните избори кои се одржале во 1920 година, обете партии истакнале свои кандидати, за чија поддршка кај струмичани врбувале познати струмички трговци и поимотни селани. Бидејќи не наоѓале голема поддршка кај струмичани, партиите се одлучиле да придобијат познати струмичани, со тоа што ќе им ветат места во општинската управа, претседателски места, па дури пратенички мандати. И покрај оваа тактика, тие главно биле подржувани од чиновници, доселеници и колонисти.
На изборите 1923 година, Радикалската партија извела еден доста умешен и успешен политички маневар, имено на Панде Црнгаров — Куклишки, раководител на Околискиот комитет на ВМРО, му било ветено поголема слобода на делување во замена за гласови, што и успеало, но за жал тие ветувања не биле исполнети.

Ваквиот однос на овие партии придонело тие во Струмица да се гледат само како можност да се добие некаква мала функција, но не носеле била каква моќ дури ни на локално ниво, што придонело голем дел од струмичани да се разочараат во нив и речиси целосно да ги игнорираат нивните активности.
Со цел да не се дозволи создавање на локални моќници и политички влијателни струмичани, кандидатите за локални и парламентарни избори речиси секогаш биле менувани. Па така често се случувало еден кандидат да биде избран да ја изврши својата функција, а по завршувањето на истата да биде мета на прогон од страна на полицијата. Речиси секогаш со ретки исклучочи (освен на изборите во 1920 година, кога е избран кандидатот на КПЈ и на општинските избори во 1936 година, кога се избрани општински управи во три општини од листата на здружената опозиција) биле избирани кандидатите на власта.

Со текот на времето на радикалската и на демократската листа, се повеќе се намалувал бројот на македонски кандидати на сметка на српските кандидати како на пример Бесарабиќ 1923, Аќимовиќ — 1935 и 1938 година и други. Чест случај било локалните кандидати да ја менуваат партиската припадност во зависност од тоа кој е на власт, Така, на пример, д-р Фиданчев во 1927 година е избран на листата на Радикалската партија за претседател на општина Струмица. Во 1931 година, со благослов и поддршка од полицијата, д-р Фиданчев е избран за пратеник на листата на Југословенската национална странка (ЈНС).
Во 1935 пак д-р Фиданчев како на листата на ЈНС не бил избран затоа што полицијата сега го подржала д-р Јордан Аќимовиќ, кој пак ќе ја загуби довербата на полицијата веќе наредна 1936 и ќе биде заменет со д-р Тома Фиданчев. Речиси сите македонски кандидати во Струмица, биле заменувани по потреба и биле само обични извршители на волјата на партиите во кои припаѓале или полицијата.

Во овој период нараснало политичкото влијание на струмичката емиграција во Белград. Таму во овој период имало доста струмичани кои работеле, и кои активно се вклучиле во политичка агитација кога се враќале во родниот крај. Па така по 1935 овие струмичани на гурбиет во Белград значително влијаеле на изборите во самата Струмица, со тоа што активно ги насочувале струмичани кон опозиционите партии.
Тоа придонеле на општинските избори во 1936 година, не само во Струмица, туку и во Босиловска и Муртинска оптина да победат кандидати на здружената опозиција. Токму во овој период како надежен млад агитатор и политичар ќе се истакне Благој Јанков — Мучето.

ВМРО на Александров
Поради ваквиот однос на српската жандармерија, кралската политика во Струмица се повеќе сѐ зголемувало незадоволството, што било одлична прилика за соседна Бугарија, која иако поразена во војната сепак продолжила со својата политика спрема Македонија.
ВМРО на Тодор Александров, продолжило да дејствува во Струмица речиси паралелно со доаѓањето на српските трупи. Една таква чета била под водство на Димитар Димашо, а во неа членувале и Атанас Чонев, Борис Изворски и други. Димашот поради своето „успешно делување“ во Струмица подоцна станал и „околиски војвода” во Кукушко. Оваа група оставила посебен белег по Струмичка околија, затоа што не само што уценувала огромен број струмичани, таа еден дел од нив кои не сакале да го платат рекетот и елиминирала.

Еден таков пример било и убиството на Кочо и Афродита Каратаневи во јули 1921 година, во бањите Банско, затоа што одбиле да ја исплатат уцената од 50.000 динари. Откако бројот на ликвидации почнал да расте, а и бројот на грабежи бил преголем за да се игнорира, жандарите конечно почнале активно да ја бараат оваа група, што конечно ги натерало да ја напуштат Струмица.
Нешто подоцна истата година почнала да дејствува една друга група на четници составена пред се од луѓе блиски до Тодор Александров која ги тероризирала и ограбувала струмичани. Оваа група ја водел Томе Филев, од село Сачево а во неа биле и Панде Грозданов и Харил Драганов. Групата обично се засолнувала во село Сачево, кај некои роднини на Томе Филев. Но, групата набрзо било откриена и во пресметката која следувала загинал Панде Грозданов, во близина на Ново Село бил уапсен Харил Драганов, а единствено Томе Филев се спасил и пребегнал во Бугарија. Томе Филев е познат по тоа што бил и првиот агитатор, кој ги известувал струмичани дека ВМРО е обновена и од населението барал помош.

Веќе наредната 1922 година, во пролетта Струмичка околија за првпат стигнала четата на еден од народот најпознатите војводи во Струмица, „Четата на Вндев“. Предводена од Ѓорѓи Вндев и секретарот Костадин Мишев таа во Струмица оставила неизбришлива трага. Вндев кој порано бил четник кај врховистите, е роден во Ениџе Вардарско, а во Струмица поради своите акции брзо стекнал репутација на суров и крволочен човек. Четата броела околу 20 до 30 комити и формално била наречена „Струмичка околиска чета”. Веднаш по своето доаѓањето четата започнала со систематско организирање на незадоволните струмичани кон својата кауза.

Следувала брза реакција на овој развој на настаните од страна на српската управа, па и покрај големото присуство на војска и жандари, биле формирана и контрачета од Коста Печанац, на чие чело бил поставен Илија Трифуновиќ — „Луне војвода”. Оваа чета во Струмичка околија останала нешто повеќе од два месеци, и веднаш била повлечена од власта, затоа што наместо да се борат со четата на Вндев, тие оделе по селата, каде се пијанчеле, пљачкосувале и ги злосторувале струмичани. Тоа придонело струмичани се повеќе да се свртат кон четите испратени од Бугарија.
Откако била повлечена оваа контрачета бил испратен и еден одред, составен од Руси-белогардејци, што уште повеќе ја влошила состојбата на теренот. Па затоа била организирана втора контрачета на чие чело застанал Иван Паљошов, поранешен војвода на ВМРО. Следувале неколку судири меѓу четите на Вндев и Паљошов, поради што било наредено Паљошов по секоја цена да биде елиминиран.
Па така во 1922 година, додека Паљошов бил во кафеаната на Гоно Ѓунулиев, по него биле испратени Панде Николов — Струмички и Петар Костурски, со цел да му извршат атентат. Во кафеаната била фрлена бомба, по што загинале неколку невини струмичани, еден студент од Пехчево и синот на Гоно Ѓунулиев.

Следувале и други атентати и убиства спроведени од ВМРО, во кои загинале пред се струмичани кои се сметале за соработници на српската управа. Речиси ниеден србин од полициски писари, жандари, општинари, даночни чиновници и други не бил убиен, иако тие би биле полегална мета. Србите во Струмица загинувале единствено во вооружени судири помеѓу ВМРО и жадармеријата, како што бил примерот кај селото Белотино, кога во една престрелка на 22 март 1922 година, загинале десеттина жандари.
ВМРО (Автономистичка) на Тодор Александров, уште по своето формирање почнала да агитира во Струмица. Па така во 1921 година во струмичките села почнале да се формираат огранизации. Бил формиран и првиот Околиски комитет, а за негов раководител бел избран Панде Црнгаров-Куклишки, од селото Куклиш. Бидејќи во оваа време задоволството од српската управа и власт била огромна, а ВМРО пропагирала „слободна” или „автономна” Македонија, зачленувањето било примамливо за струмичани.

За зголемување на членството многу помогнал и големиот авторитет, и организаторските вештини кои ги поседувал секретарот на четата на Вндев, Костадин Мишев. Откако струмичани почнале да се разочаруваат во ВМРО на Александров, се отпочнало со разни притисоци и присилби, а секој кој што одбивал да соработува се сметал за шпион соработник на србите и речиси истовремено ликвидиран.
Првото седиште на Околискиот комитет било селото Куклиш, а од 1923 година — Моноспитово. Откако бил убиен Панде Црнгаров-Куклишки за раководител на Околискиот комитет бил избран Атанас Ансаров. Градскиот комитет на ВМРО бил формиран во 1922 година, а за негов прв претседател бил избран Дончо Илиев, кој во тоа време работел како даночен чиновник, а подоцна на таа позиција дошол Глигор Киров. За секретар на комитетот бил избран Арсо Кујумџиев, а на местото градски војвода бил поставен Васил Катин-Голаш.

Првата активност која комитетот ја добил било да се состави список на имотните и „сомнителни” граѓани, од кои подоцна ќе се побарало одредена сума која би треба да ја платат, а сумата која ќе биде одредена требало да се исплати во злато. Сумата која била одредена од ВМРО за Струмица изнесувала 3.000 турски лири во злато. Првично струмичани одбиле да го палатат овој данок наложен од ВМРО, па со цел да ги заплаши, четата на Вндев, во маалото „Свети Петнаесет”, обесила двајца Турци од селото Свидовица, на кои им биле закачени слика од Вднев и натпис „така се казнуваат шпионите“.
По оваа свирепо убиство, речиси сите струмичани кои „биле задолжени“ да исплатат пари на ВМРО, сами ги барале членовите на комитетот за да си „го откупат“ животот. Но Вндев не застанал тука, напротив следувале убиства и во Босилово, Пиперево, Свидовица и други села, што ја натерала српската управа на сите доселеници, чиновници, колонисти од српска националност, за одбрана од четата на Вндев да и додели оружје.

Данок бил наложен и за струмичките села. За селата се барало да платат од неколку стотини до две илјади лири, во зависност од големината и имотната состојба на селото. Селата во подножието на Беласица биле во надлежност на Панде Црнгаров-Куклишки, а котлинските и огражденските села пак во надлежност на Атанас Ансаров.
Со Струмица раководел Градскиот комитет, кој бил потчинет на Околискиот комитет, а обата комитета — на околискиот војвода Горѓи Вндев. Повеќето поголеми села имале селски раководства на чело со селски раководител, чија улога била да го собира наложениот „данок”, да обезбеди сместување и храна за околиската чета, да одржува врски со комитетот и четите, а и да помогне во префрлувањето на четници од едно до друго село.

Селската чета требало да и помага на околиската чета на Вндев, во извршувањето на разните терористички акции. Селските и градскиот војвода биле извршители — егзекутори на одлуките на
околискиот војвода. Користејќи го искуството и традицијата на претходното ВМРО, и речиси копирајќи го системот на Гоце Делчев, ВМРО на Тодор Александров успеало да направи солидна организација. На почетокот паролите за слободна и автономна Македонија привлекле многу струмичани кои го поистоветувале оваа ВМРО со оригиналното ВМРО.
Но, овој процес нема да трае долго, во Струмица порад ликвидациите, убиствата, разбојништвото кое го вршела четата на Вндев, довербата во ВМРО на Александров брзо опаднала, и почнало да се создава мислење дека оваа организација не ѐ ништо повеќе туку продолжена рака на големо-бугарската политика и влада.

Следува период кога голем дел струмичани и понекогаш и цели села целосно ќе се откажат од ВМРО на Александров, а во некои случаи ќе започнат и борби против неа.Прва таква контра-чета ја формирал Иљо Кацарски, а подоцна се формирале уште неколку. Овие контра чети биле наоружани од српската управа, и добивале и одреден надоместок, но за разлика од контра-четите составени од Срби, овие чети кај струмичани наишле на топол прием.
Во 1924, ВМРО на Александров целосно ќе ја загуби поддршката во Струмица и селата, кои сега и активно ќе преминат во борба против неа. Околискиот комитет се распаднал, а Градскиот Комитет во 1923 година емигрирал во Бугарија, затоа што градскиот војвода Васил Капин — Голаш и Атанас Скрнаков, го убиле Костадин Цеков (од село Колешино). Со тоа по 1924 година во Струмичката околија повеќе не дејствува постојана чета, а сите дејствија биле извршувани од чети кои се уфрлувале преку границата од Петрич. Оттука дејствувале четите на Горѓи Вндев и Гоно Раборски, кои броеле по околу 10 комити.

Овие две чети со Струмица ќе дејствуваат се до 1926 година. Од историските податоци знаеме дека четите на Вндев, Гоно Раборски или од месните и градските војводи, во периодот од 1922 до 1926 година убиле 72 струмичани. Во овој период струмичани биле убивани и од страна на жандармите, како одговор на овие напади, но жал таа бројка не останала документирана. Бројот на струмичани кој бил уапсен пак во тој период бил во неколу илјади.
Овој период бил навистина тежок за Струмица и струмичани затоа што тие се нашле во вкрстен оган. Од една страна ВМРО вршел атентати и напади, некои од нив со бомби, кои биле фрлани во локалните кафеани, а во овие напади гинеле, или биле целосно осакатени, сосема невини струмичани, а од друга страна постојано ги апсела српската жандармерија. Струмичкиот затвор бил преполн со струмичани кои претрпеле страшна тортура.

Поради тоа што затворот бил преполн, решението на овој проблем бил да една една стара турска бања, да се претвори во нов затвор. Оваа бања станала симбол за мачеништво во Струмица. Имено покрај тоа што тука биле измачувани од жандарите, самата нејзина внатрешност била чисто измачување. Поплочена со камен, без прозорци, туку само со мали отвори на покривот кои некогаш служеле за излегување на пареата, оковани во тешки железни пранги, струмичани тука биле претепувано до смрт, држани по неколку месеци, а некогаш и со години. Овој затвор можел да се напушти само ако добро се подмити, затоа што сите адвокати, биле дебело поврзани со судиите.
За тоа колку била катастрофална состојбата во Струмица дознаваме од еден текст објавен во весникот „Оковани радник” (легален орган на КПЈ). Во текстот напишан во број 8 од 15 X 1924 година, стои следново:

„Во минатата недела слегнала една чета, составена од пет комити, во селото Робово. Селаните ја дочекале со огин од пушки, и таа се повлекла истата вечер во насока меѓу селата Амзалија и Гечерли. На другиот ден ноќта, четата упаднала во селото Петралинци, каде што дигнала две овци и одвлекла двајца селани.
Околискиот началник го испратил својот љубимец — полицискиот писар Јагош (Марковиќ б. н.), не во потера на комитите, туку на лов на селаните. Од Робово собрал 10 селани и ги претепал; кметот од тепање пред смрт.
Во Петралинци ги уапсил сите петмина полнолетни селани, колку што ги има селото. Во селото Дрвош, уапсил шестмина, а во Амзалија 14 души. Од нив барал да признаат дека ги дочекале комитите. Кај адвокатите се чувствува живост и радост, а меѓу селаните и граѓанството, вознемиреност и страв од утрешниот ден”.

Оттука можеме да видиме дека струмичани биле во една речиси невозможна ситуација. Од една страна морале со поткупи да се бранат од српската власт, која поради секое упаѓање, атентат или друга провокација на ВМРО, ги затварала граѓаните, а од друга страна дејствувањето на александровистичките и михајловистичките чети и банди, кои доаѓале да го собираат „својот данок“ и да ги елиминираат сите неистомисленици. Од Србите, струмичани биле сметани за „бугараши“, а пак од страна на про-бугарското ВМРО за „Срби“, па така во тој маѓепсан круг речиси секогаш подебелиот крај го извлекувале невини струмичани.
Струмичани посебно биле разочарани од „околискиот војвода” Вндев, кој речиси сите средства кои ги собирал од струмичко ги користел за лично а и за богатењето на поединци — раководители во ВМРО. Вндев од парите кои ги украл од Струмица во Петрич изградил цела улица со негови згради, а во Горна Џумаја, на „многу висока нога„ живеел и војводата Милан Постоларски, токму од колачот кој го добил од струмичко.

Како одговор на акциите на ВМРО, во 1921 година српската управа создала посебна воено-четничка организација, наречена „Удружење против бугарских бандита” која своето седиште го имала во Штип. Оваа организација брзо се проширила во сите краеви источно од Вардар, а набргу дошла и во Струмица.
Поради нивната посебна врска која ја имале со власта раководителите на оваа организација имале неограничени овластувања, и честопати знаеле да го мобилизираат населението во гонење на комитите, дури и кога земјоделските работи биле во полн ек. Овие раководители морале да бидат издржувани од селаните, кои веќе и без нив морале да ги издржуваат, жандарите кои биле во секое село, а и војниците, што уште повеќе ја влошувала состојбата на струмичани, а никако не помагала.
Така во период од 1920 година па се до 1926 година струмичани живееле во постојан, политички, управен, и четнички терор и од српската а и од бугарската пропаганда.


