Времеплов – Струмица низ историјата – Спортски друштва меѓу двете војни

За време на Првата светска војна, поради близината на фронтот, во Струмица не постоеле речиси никакви услови за каква било културно-спортска активност. Но, по завршувањето на војната младите струмичани започнале сами да си создаваат маалски оркестри и спортски клубови. Токму ваквиот процес ќе доведе до формирањето на спортското друштво „Беласица” во 1922 година.

Прва слика од членовите на ФК Беласица – 1922 година

Фудбалот и фудбалската игра, пак, за првпат дошле во Струмица малку порано. Струмичани првпат заиграле фудбал со англиските војници кои биле стационирани во градот, откако бил пробиен Солунскиот фронт. Тие играле фудбал на една ширинка близу касарната, каде што младинците и децата често знаеле да им се придружат.

Токму оттука се проширила љубовта кон фудбалот во Струмица. Децата почнале да играат по своите маала и да создаваат „клубови“, иако најчесто играле со топка направена од крпа. Првата кожна топка во Струмица се појавила во село Баница, откако еден англиски војник ја оставил таму при своето заминување. Првите маалски натпревари се играле помеѓу Водоча и Баница, но подоцна група младинци ја купиле топката и фудбалот се преселил на празните простори во Струмица, кои биле последица на големиот пожар подметнат од Грците во 1913 година.

ФК Беласица, слика од 1930 година

Неколку години фудбалот во Струмица се играл меѓу „дивите“ маалски клубови, на секоја достапна ширинка. Кога струмичани слушнале дека во Скопје веќе постои фудбалски потсојуз и дека се одржуваат натпревари меѓу регистрирани клубови од повеќе градови во Македонија, група младинци решиле да формираат спортско друштво и да се зачленат во потсојузот.

Тоа се случило во пролетта 1922 година, кога било одржано основачкото собрание на кое било формирано Спортското друштво „Беласица“. Интересен е податокот дека основачкото собрание се одржало во една од градските кафани. На собранието присуствувале околу педесетина струмичани кои ја поддржале идејата. За прв претседател бил избран Ѓорѓи Москов, а клубот бил крстен по планината Беласица. На првиот службен натпревар се чекало кратко — тој бил одигран во мај истата година, против Спортскиот клуб „Победа“ од Скопје.

Младинската екипа на ФК Беласица помеѓу 1925 и 1928 година

На почетокот „Беласица“ не била само фудбалски клуб – таму се собирале многу млади струмичани, главно од занаетчиската младина. Во рамките на клубот постоеле и тамбурашки оркестар и пејачка група. Често по фудбалските натпревари се организирале настапи и музички приредби.

Нешто подоцна, во 1924 година, друштвото „Беласица“ ја започнало својата прва турнеја, со гостувања во повеќе градови низ Србија, Босна, Херцеговина и Далмација.

Во времето на Кралството Југославија, спортскиот клуб „Тиверија“ во мај 1933 година го променил името во СК „Југославија“ и под тоа име настапувал заедно со струмичките клубови „Беласица“ и „Шумадија“ во „Велешката жупа – група Струмица“, сè до окупацијата на Кралството Југославија во 1941 година.

По формирањето на „Беласица“, друга група занаетчии го формирала спортското друштво „Тиверија“. Официјалното формирање на „Тиверија“ е заверено во 1923 година, но според некои податоци и сеќавања на постарите навивачи, друштвото било создадено уште пред „Беласица“, во 1921 година.

Проблемите со официјалното регистрирање започнале веднаш, затоа што тогашните српски власти, имајќи предвид кои биле иницијаторите за формирање на новиот клуб, решиле да го попречат процесот. Имено, иницијаторите биле членови на тогашното работничко движење, па дозвола за официјално регистрирање на клубот била издадена дури на 13 февруари 1923 година.

слика од тимот на ФК Тиверија во 1930 година

Како основачи на „Тиверија“ се спомнуваат: Ристо Заев – Зајакот, Љамо Џатев, Благој Карабакочев – Барбата, Мито Маџиров, Ристо Вртев – Сликарот, Глигор Дрваров и Ѓорѓи Тангачев. За секретар на клубот бил избран Борис Нецев. Слично на „Беласица“, и „Тиверија“ имала свое гостување во 1924 година – и тоа во Солун. Интересен е податокот дека фудбалерите на оваа турнеја патувале со запрежни коли.

Името на клубот „Тиверија“ било избрано по старото име на градот Струмица, кој во римскиот период се среќава под името Тивериопол.

Првото официјално игралиште на спортското друштво „Тиверија“ било изградено веднаш зад денешниот стадион „Младост“, на местото каде што денес се наоѓа АД „Грозд“ – Струмица. Во првите години по формирањето, фудбалерите на „Тиверија“ најчесто играле натпревари со струмичкиот ривал „Беласица“, со „Кожуф“ од Гевгелија, „Брегалница“ од Штип, со гарнизонот на војската во Струмица (каде што служеле многу добри фудбалери), а нешто подоцна и со „Брегалница“ од Делчево, „Овче Поле“ од Свети Николе, „Слога“ од Виница, „Плачковица“ од Радовиш, „Малеш“ од Берово и други.

Составот на ФК „Беласица“ од сезоната 1937/38 година (преземено од „Стара Струмица“)

Сепак, највозбудливи и најинтересни биле натпреварите со „Беласица“, на кои секогаш присуствувале по неколку илјади гледачи – без разлика дали станувало збор за првенствени или пријателски натпревари.

Друг интересен податок за Струмица и овие две спортски друштва е тоа што сè до 1931 година тие биле единствените што постоеле. Поради тоа, најголемиот дел од младите струмичани го поминувале своето време во градските кафани. Во тој период во Струмица имало дури 70 активни кафани, а во градот не постоеле ниту кино, ниту било какви други културно-забавни институции.

Составот на ФК „Беласица“ од сезоната 1940 година (преземено од „Стара Струмица“)

Покрај овие два клуба, кои и денес постојат, во Струмица кон крајот на 1923 година било формирано и Соколското друштво (атлетско-гимнастичко друштво). Во него се зачленувале млади струмички ученици, бидејќи друштвото било раководено од учители, чиновници и режимски лица дојдени од други делови на Југославија, како и од неколку локални трговци. „Соколите“ се сметале за великосрпска режимска организација.

Друштвото „Сокол“ оформило свои привремени организации и во некои поголеми села, како Дабиле, Иловица и Ново Село. Долгогодишен претседател на друштвото бил д-р Светислав Атанасковиќ, во градот познат како „големосрбин“. Покрај него, во Струмица постоело и Скаутско друштво, во кое членувал дел од струмичката младина.

Составот на ФК „Беласица“ од сезоната 1935 година (преземено од „Стара Струмица“)

Културно-просветни друштва

Во обидите на големосрпската пропаганда да ги придобие срцата на струмичани, а воедно и да ги асимилира, биле формирани и културно-просветни друштва. Во периодот меѓу двете светски војни, во Струмица постоеле следниве српски друштва: „Реља Крилатица“, „Јадранска стража“, „Коло српских сестара“, „Занатска омладина“ и неколку други, но сите со ограничена активност на теренот.

Токму затоа што овие друштва биле организирани од српската управа и со цел асимилација, учеството на струмичани во нив било многу мало, а често биле и бојкотирани. Едно од поретките поактивни друштва било „Реља Крилатица“, формирано во 1927 година, кое имало музичка секција, хор, драмска секција и народен универзитет. Името го добило по средновековниот „српски“ феудалец во Струмица, за кого веќе стануваше збор во претходните времеплови.

Исечок од српски весник во кој се зборува за фудбалскиот клуб „Беласица“, со историски осврт за времето на неговото формирање и имињата на првиот состав на екипата.

Ова друштво било финансирано со државни субвенции и имало задача да служи како организатор на излети и посредник за зачленување во други друштва. Главната активност се одвивала преку хорот, кој бил раководен од Богољуб Цвијановиќ, учител во селото Куклиш. Иако главно станувало збор за црковен хор, струмичани често го напуштале, особено кога се обидувале да се наметнат песни со великосрпска и шовинистичка содржина.

Хорот во Струмица одржал неколку концерти, а во 1930 година гостувал и во Штип и Кочани. Во 1937 година, по повод десетгодишнината од постоењето на „Реља Крилатица“, по иницијатива на неколку младинци – членови на друштвото – било донесено решение драмската секција да ја одбележи јубилејната годишнина со изведба на драмата „Печалбари“ од познатиот македонски писател од Струмица, Антон Панов.

Првата екипа на ФК „Беласица“ – Струмица, 1922 година.
Од лево кон десно: Томе Кујумџиев, Миле Урдинов, Сандо Морарчалиев, Митко Кабранов, Ставре Атанасов, Јанко Аџијанков, Ѓорѓи Антароров, Васил Џинев, Кирил Динков, Ѓорѓи Цинцев и Ѓорѓи Босиљанов.

Оваа иницијатива наишла на силно противење од д-р Атанасковиќ, протата Поповиќ, диригентот Цвијановиќ и други, кои се обиделе да го спречат нејзиното изведување. Причината за тоа била што драмата била напишана на македонски јазик. Откако струмичани се заканиле дека членовите на драмската секција и хорот ќе го напуштат друштвото, управата била принудена да попушти. Процесот траел неколку месеци, па „Печалбари“ била изведена дури на 7 ноември 1937 година.

Првиот состав на фудбалскиот клуб „Беласица“ од Струмица, 1922 година – почетоците на организираниот фудбал во градот.

Драмата во Струмица имала голем успех и била топло пречекана од струмичани. Како реакција на овој „престап“, во 1938 година управата и диригентот одлучиле хорот да започне со вежбање песни со изразито шовинистичка и великосрпска содржина, што придонело голем дел од струмичани да го напуштат хорот.

Управата на „Реља Крилатица“ потоа го принудила управникот на Монополот, со закани и уцени, да ги натера жените вработени таму да пеат во хорот, со што друштвото било привремено спасено. Сè до 1941 година друштвото продолжило да постои со ретки активности, за на крај да се сведе на хор кој настапувал само во црковните служби.

ФК „Беласица“ – Струмица, околу 1938 година.

Во периодот меѓу двете светски војни, Струмица поминала низ бурни општествени и културни промени, обележани со асимилациски политики, економска немаштија и силен дух на отпор. И покрај сите притисоци, струмичани успеале да ја сочуваат својата национална свест, култура и љубов кон спортот и уметноста. Токму тие вредности станале темел на идниот подем на градот по Втората светска војна.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading