По завршувањето на Првата светска војна, Струмица, заедно со цела Вардарска Македонија, влегува во составот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, кое подоцна ќе се преименува во Југославија.
По изборите во Кралството СХС и Уставотворното собрание во есента 1920 година, бил донесен устав со кој било зацврстено централистичкото управување на земјата, а со него било негирано постоењето на Македонците како посебна нација. Со тоа продолжил трендот на српската управа започнат уште во 1912 година.

Токму ваквиот однос на српскиот политички врв и на кралот, кои со помош на жандармите, т.е. „државните комити“, со цврста рака владееле над Македонија и Струмица, придонел за создавање отпор кај струмичани против српското владеење. Затоа, при крајот на 1919 година, кога српските единици влегле во градот, биле пречекани исто како и бугарските – како окупатори. На струмичани им било кристално јасно дека ова е почеток на нова окупација.
Дополнително, ситуацијата била уште потешка поради ужасната економска состојба што владеела во Струмица како последица од војната и фронтот што минувал низ регионот: висока невработеност, нерешени аграрни проблеми во околните села, опаѓање на занаетчиството и пазари преплавени со поевтина индустриска стока.

Од друга страна, малубројната интелигенција која некако ги преживеала седумте години постојана војна, била целосно исклучена од државни функции и политички шиканирана. Ситуацијата дополнително се влошувала затоа што, со војската, пристигнале и жандарми донесени од Србија, кои биле присутни во секое второ или трето село во струмичко, што дополнително ги влошувало односите. На сите повисоки функции во Струмица, исто така, биле поставувани Срби, што создадавало уште поголемо незадоволство кај струмичани.
Бројот на жители во градот во овој период паднал на околу 6.500, а бројот на Турци на околу 500. Речиси половина од населението, односно околу 2.700 лица, биле бежанци, најмногу доселени од Кукушко за време на Втората балканска војна. Промени во населението имало и по селата, каде што само мал број Турци останале да живеат, а неколку села биле целосно населени со бежанци.

Административно, Струмица станала седиште на околија во составот на Тиквешкиот округ. Како дел од тој статус, во градот било формирано околиско начелство, финансиска управа, околиски економат и други слични установи. Од документите и податоците на овие управи можеме да видиме дека во 1922 година земјоделството, сточарството, трговијата и занаетчиството биле најзастапените гранки со кои се занимавале струмичани.
Од овие документи може да се види дека најмногу се одгледувале: житото, пченката, оризот, памукот, афионот, свилената буба и тутунот. Превозот на стоки, а и сообраќајот воопшто, сѐ до 1930 година, претежно се одвивал преку железничката станица Удово, оддалечена околу 42 километри од градот, како и со запрежни коли (коњски и биволски), товарање стока, па дури и со камили — кои, интересно, биле присутни во Струмица. Поради ваквата примитивност на превозните средства, трговскиот развој во Струмичката околија бил речиси непостоечки.
Во овој период дошло и до промена на водечкиот трговски партнер на Струмица: најголем дел од трговијата почнал да се насочува кон Скопје, додека врските со Солун слабееле и со тек на време речиси целосно исчезнале.

Речиси целата трговија била во рацете на неколкумина крупни трговци, кои истовремено биле и извозници, како Зекри Алилов, браќата Темкови, Илија Каратанев и други. Овој период го одбележува и бавното изумирање на занаетчиството во Струмица. Поради приливот на индустриска стока од другите краеви на Југославија многу занаетчиски дуќани биле затворени. Еден таков пример се кондурџиските дуќани кои биле масовно затворени, особено откако во градот била отворена продавницата за кондури на претпријатието „Бата”.
Ваквиот развој на настаните придонел струмичките кондурџии да испратат делегација во Белград со цел да побараат продавницата „Бата“ да се затвори. Ваквиот обид за преживување сепак не само што немал ефект, туку придонел само да се отворат уште повеќе продавница на „Бата“ во Струмица, а и во неколку поголеми села во струмичко.
Ситуација на струмичките земјоделци не била ништо подобра. Цената на земјоделските производи особено по воведувањето на Шестојануарска диктатура во 1929 година, со што започнала и големата економска криза, ги довела струмичани на работ на егзистенција. За тоа, секако придонела и презадолженоста поради откупувањето на земја од турските чифликсајбии. Поради екстремно лошата состојба на струмичките селани, занаетчиството и трговијата во градот почнале уште побрзо да изумираат. Голем дел на ситни и средни трговци ги затвориле своите дуќани, и преминале во земјоделство, затоа што во оваа време во Струмица не постоеле индустриски претпријатија.

Струмица исто така била погодена и од аграрната реформа и колонизацијата на таканаречените „јужни краишта“. Имено, во 1920 година, со донесувањето на таканаречените „Преодни одредби“ во „Законот за подготовка на аграрната реформа“, било забрането беговската земја во Струмица да се отстапи и подели на селаните, бидејќи тој земјишен фонд требало да се задржи за потребите на колонизацијата. Ова било потврдено и со „Законот за колонизација“, донесен во 1922 година.
Овој закон имал особено значење во Струмица, затоа што голем дел од струмичките села биле „чифлизи“, односно сопственост на турските бегови сѐ до 1912 година. Затоа многу потребната аграрна реформа била постојано одложувана, со цел да се добие време за колонизација, а со тоа и да се асимилира и разреди етничкиот состав на Струмица. За време на Балканските и Првата светска војна, неколку селани со откуп успеале да стекнат сопствени имоти, но најголемиот дел од струмичани се надевале дека со аграрната реформа земјата што со векови ја обработувале конечно ќе премине во нивна сопственост.

Со населувањето на колонисти од другите делови на Југославија, на таа надеж ѝ бил ставен крај. Ваквата состојба била последица и на уредбата за „новоослободените“ и присоединети краишта, со која било одредено дека право на населување имаат сите граѓани на Кралството СХС кои се занимаваат со земјоделство, а немаат земја или немаат доволно сопствена обработлива земја.
Со Законот за колонизација на „јужните краишта“ од 1931 година, покрај сиромашните селани, право да бараат земја како колонисти добиле и селски и градски занаетчии, пониски државни службеници, доселеници кои веќе купиле земја во „јужните краишта“ или планирале да купат за создавање угледни имоти, како и агрономи, аграрни задруги, доброволци од војните — „солунаши“, четници (за кои биле предвидени поголеми права) и други категории.
Таквите мерки довеле до ситуација во која земјата во струмичко била држена од луѓе што воопшто не ја обработувале — жандарми, граничари, општински и други чиновници, учители, свештеници и слични. Тие од државата ја добивале земјата, а потоа им ја најмувале за обработка на струмичани, кои со векови ја обработувале. На тој начин, во Струмица се формирале неколку големи земјопоседници, како жандармите Перо Ровчанин, Радивоје Јанковиќ и други, а во Турново речиси нов „бег“ станал Васо Браевиќ.

Меѓу двете светски војни, во Струмичката околија биле создадени 28 колонии со околу 200 колонистички семејства. Најголемиот дел од нив билe населени во самиот град, каде што во 1924 година за нив биле „резервирани“ 260 хектари земја, со што биле опфатени речиси сите бавчи и местата предвидени за градежни плацеви околу градот. На тој начин српската управа сметала дека земјата ќе биде поделена на „сигурни“ елементи. Колонии, исто така, биле создадени и во повеќе струмички села: Баница, Анѓелци, Градашорци, Гечерли, Секирник, Ново Коњарево, Ново Село и други.
Ситуацијата во струмичко за селаните била толку тешка, што струмичани речиси целосно ја изгубиле надежта дека ќе добијат земја за обработка. Ваквата очајна состојба придонела 42 струмички семејства во 1935/36 година да поднесат молби во кои барале да се иселат од Југославија. Во овие молби, меѓу другото, стоеле и следниве зборови: „дојдов до заклучок дека во Југославија не можам да живеам, па решив да се иселам“ и „изгубив доверба во целата држава Југославија, која не нѐ третира подеднакво со другите граѓани од старите граници“. Од нив можеме да видиме дека струмичани биле стигнати до крајот на своето трпение.

Особено непопуларна била и мерката со која на турските бегови, како поранешни сопственици на земјата, им било дозволено да ги продаваат своите чифлизи на селаните. Селаните биле ставени во крајно незгодна ситуација, затоа што морале од банките и градските лихвари да земаат кредити со огромни камати за да ја откупат земјата од беговите. Ситуацијата дополнително се влошила по 1929 година, кога цената на земјоделските производи била толку ниска што не постоела никаква можност селаните да ги отплаќаат кредитите. Тоа ги довело многумина во пропаст: секојдневно во Струмица имало лицитации на кои селаните биле принудени да продаваат работен добиток, алат, па дури и самите имоти. Така многу градски лихвари и трговци ја присвојувале земјата за себе. Дополнително, српската управа им дозволила на избеганите бегови во Турција или да се вратат, или преку посредници да ја продаваат земјата.
Поради географската положба на Струмица, и покрај тоа што во одредени периоди во градот имало и недостаток на храна, српската управа се фокусирала на колонизацијата, со цел да создаде силна погранична зона со Грција и Бугарија, населена со „лојални граѓани“. Ваквата политика се одразила и врз просветата, работата на училиштата, како и врз културно-просветните и други организации и друштва, чии главни цели биле асимилацијата на струмичани и нивно претопување во Срби.

Тоа придонеле за дополнител пад на писменоста во самата Струмица, а и во селата. Една од причините било и тоа што српската управа се фокусирала повеќе на изградба на жандармериски станици, кои никнале во секое струмичко село, отколку на изградба на училишта. Дури и селата кои сами си изградиле училишта не добивале учители кои тука би работеле.
Во 1921 година, според статистичкиот преглед на Вардарска просветна област, во цело Струмичко работеле само четири основни училишта со 16 одделенија, во кои учат вкупно 582 ученика. Во Струмичка околија, со преку 70 села, работеле 16 постојани учители, 4 повремени и 3 вероучители (свештеници). Во некои струмички села имало училишни згради, изградени пред 1912 година, но тие биле напуштени и оставени на забот на времето. Колку малку внимание се посветувала на просветата во Струмица, може да се види и од фактот дека во овој период имало седумнаесет училишта со 25 училници, кои поради „немање” на учители, биле оставени празни.

Мал напредок е забележан во 1924 година, кога во неколку поголеми села ќе бидат отворени основни училишта, а во градот пак и неполна гимназија, која била сместена во една стара турска куќа. Колку биле лоши условите во оваа гимназија дознаваме од написот на Ј. Гашпаревиќ, кој за неа вели:
„Не влегувајте во зградата на гимназијата. Во неа ќе најдете неволја и сиромаштија. Таа зграда е наша национална срамота. Попусто енергичниот и способниот директор Џамоња се довива на многу начини да ги дотера в ред ѕидовите и скалите и да го поправи подот. Свири ветар низ дупките кои зјапат меѓу штиците. Достојни се за почитување наставниците и многубројните деца што поучуваат и се учат во таквите училници. Ние присуствувавме еден ладен ден на пробата на хорот. Сеедно, иако од устата навира врел воздух, во ладниот воздух одекнуваат младите гласови и срца”

Состојбата со основните училишта не била ни малку подобра. Кога српската управа забележала дека асимилаторските напори не даваат резултати, почнале да се кратат и така ретките ресурси за образование во Струмица. Па така неполната гимназија во Струмица, била сведена на нижа гимназија. За жал, не се застанало тука, па по воведувањето на диктатурата од страна на кралот Александар на 6 јануари 1929 година, укината била и нижата гимназија, со што било оневозможено натамошно школување.
Тоа во превод значело дека само најбогатите струмичани можеле да си приуштат да ги школуваат своите деца, и тоа обично во други градови, каде постоеле гимназии. Бројот на достапни стипендии за вишите школи и факултети, бил речиси непостоечки. Имено, за време на 22-те години владеење на кралска Југославија, само една единствена училишна зграда била подигната, и тоа на местото на некогашната „грчка” црква. (види слика погоре)
Наставата во сите струмички училишта се изведувала на српски јазик, а на учениците им било забрането да зборуваат македонски, не само во училиштата туку и во своето слободно време. Настрадал и малиот број на македонски учители во Струмица, затоа што по шестојануарската диктатура, тие биле преместени во разни делови на Југославија, со цел да се спречи нивното „влијание врз развивањето на националната свест кај децата“.

Односот спрема турското малцинство пак бил поразличен, ним им било дозволено да да отворат комбинирана паралелка во „Горното училиште”, во која се учело на турски јазик на наставата се одбивала под бившиот турски капетан Селами Хашим-бег.
Поради недостапноста на повисоки училишта, струмичките деца кои завршувале основно образование, биле принудени или да изучат некој занает или да се определат за земјоделие. Најголем дел од тие деца останувале општи работници, што довело до голем број општа и евтина работна сила во Струмица и околијата. Во есента, 1929 година, во Струмица била отворена и нова Нижа граѓанска гимназија, како замена за укинатата Нижа гимназија, која привлекла голем интерес и ученици кои се запишале во неа.
Иако Министерството на просветата, донело одлука на овие ученици да не им биде дозволено да го продолжат школувањето во гимназиите и другите средни училишта, бидејќи била единствената можна опција во оваа училиште во просек имало околу 150—160 ученика. За жал и оваа училиште од српската управа не добила никакви финансии и своја зграда, па било сместено во една зграда на крајот на градот. По иницијатива, молба и борба на струмичани со градската управа, некако успеале да ги добијат клупите и инвентарот од затворената гимназија.

Во училиштето работеле само 5 постојани наставници и 3 хонорарни од кои еден лекар, еден судија и еден инженер, поради што наставата била од низок квалитет, а имало и хроничен недостаток на наставници. Ова училиште се финансирало исклучиво од струмичани, па затоа и било тешко да се обезбедат подобри услови. Секако треба да се знае дека ваквата состојба била намерно произведена со цел да се спречи било како прогрес на интелектуален, политички и на економски план.
За тоа колку била лоша просветната политика на српската управа сведочи и фактот дека Струмица и околијата во 1940 година имале 18.157 неписмени лица, а 16.382 писмени, или 53% од струмичани биле неписмени. На околу 1.100 жители имало само едно училиште. Ваквиот резултат е посрамен и кога ќе се спореди со турското ропство, во кое иако повеќето од училишта биле пропагандни, сепак биле по достапни по глава на жител.

Струмица не поминала ништо подобро и во областа на јавното здравје за време на стара Југославија. Иако кон Струмица гравитирале неколку околии (Малеш, Валандовска и Радовишка) во градот немало нити една болница или друга јавна здравствена установа. Единствена опција за струмичани биле приватните амбуланти на неколку лекари. Првиот напредок на оваа поле е забележан дури некаде пред Втората светска војна, кога била формирана Здравствена задруга, која за прв пат ќе назначи свои лекари најпрвин во Босилово па во Ново Село.
Во овој период смртноста кај струмичани поради лошите животни услови и слабата исхрана, иако Струмица е сместена во една од најплодните котлини била навистина голема. Не само туберкулозата, која на големо ги косела струмичани, поради Моноспитското блато, во Струмица доста се умирало и од маларија. Струмица предничела во речиси цела стара Југославија по бројот на заболени од маларија. Оваа болест не само што го уништувала населението со загуба на живот, туку и економски. Бидејќи лековите за неа биле прескапи за сиромаштијата која владеела во струмичко, струмичани главно се лекувале со растителни лекови, и стари „бабини иљачи“.
Поради големината на проблемот кој постоел дури ни српската управа не останала рамнодушна, па во 1925 година конечно била отворена таканаречената Маларична станица, во која на сите заболени им се давало кинин. Покрај овој здравствен дом во Струмица, била отворена здравствена амбуланта и во селото Моноспитово. Шокантен е фактот дека во тоа време помеѓу 65% и 85% од струмичани биле заболени од маларија.

Останале достапни доста податоци од здравствениот дом, па затоа знаеме дека сѐ до 1934 година тука работел само еден лекар и неколку болничари, а од 1934 до 1941 година работеле два лекара. Низ здравствените маларични амбуланти во текот на 1926 година поминале 21.525 заболени лица од маларија, во 1927 поминале дури 26.690, во 1928 — 22.407, а во 1930 — 35.232 струмичани. Годишно се трошеле и по 125 килограми кинин.
За жал овие цифри воопшто не се точни, а ни конечни, затоа што огромен број струмичани воопшто не се пријавувале во амбуланти, или пак барале лекарска помош, така што бројката секако е поголема. Овие бројки во секој случај се фрапантни затоа што се собрани од само две здравствени станици, и тоа едната во Струмица а другата во Моноспитово. (во која се примале само пациенти со маларија).
Отварањето на овие амбуланти во голема мера помогнало во лекувањето на заболените, но воопшто немале било како ефект во превенцијата на маларијата. Затоа било потребно да се исуши Моноспитското блато. Но, на овој план не се преземале речиси никакви активности. Во оваа време за огромниот број болести во Струмица придонело и тоа што во селата немало протечна вода за пиење. За таа потреба се користеле нехигиенски бунари. Откако властите не презеле ништо за решавање на оваа прашање помеѓу 1935 и 1941 година, во повеќе од десетина струмички села, со сопствени средства и сили на селаните биле ископан артерски бунари, со што конечно било решено прашањето за пивка вода.

Од маларијата сериозно настрадале и колонистите и доселениците, а поради недостатокот на природен имунитет, смртноста кај нив била и уште поголема, а посебно кај нивните деца. Тоа придонеле дел од колонистите од селото Гечерли (Личани и Херцеговци), иако биле населени на едно од најплодните земјишта во Струмица, помеѓу 1935—1937 година, да ја напуштат котлината и да се вратат назад.
Српската управа била целосно свесна за големината на овој проблем но преземала ништо. Овој проблем се „решавал“ единствено за време на кампањите за општинските, а особено пред парламентарните избори. Ветувањето дека Моноспитовското блато ќе биде исушено било користено од сите кандидати и партии. Па така парламентарците од Струмица како д-р Аџи Велко, Бесарабиќ, д-р Фиданчев и Милчо Стојанов, постојано ветувале сушење на блатото и решавање на аграрното прашање. (т.е прераспределба на обработливото земјиште).
Во 1924 година, интервенирала и владата на стара Југославија и за исушувањето на Струмичкото Поле, за претходни работи (проекти и друго) биле доделени 700.000 динари државни средства. Каде завршиле тие средства не се знае но на терен не биле извршени било какви работи, и секоја година површината на обработлива земја под вода се повеќе се зголемувала. (Моноспитовското блато конечно е исушено во 1947/1948 година).

