Со самото доаѓање на српските окупаторски сили во 1919 година започнува периодот на замирање на каква било политичка активност во Струмица. Голема заслуга за тоа имал полковникот Мишковиќ, кој заедно со уште неколку други офицери и претставници на власта бил страв и трепет за струмичани. Режимот што го донеле започнал не само политички, туку и економски да ги ослабува струмичани. Покрај фактот што речиси сите млади во градот биле невработени, а постоела и интелигенција што можела да работи во администрацијата, за службеници биле назначувани само полуписмени Срби — верни потрчковци на власта. За многу кратко време во Струмица се создало длабоко незадоволство против великосрпската управа.

Дел од младите почнале да се состануваат тајно, а понекогаш и јавно, со цел да го искажат своето незадоволство и да создадат отпор против теророт. Во почетокот отпорот се изразувал со пеење револуционерни и македонски песни секој викенд и за време на празници, одејќи низ струмичките улици. Подоцна започнало и симболичното одење боси на јавни места, поради што често биле апсени и малтретирани во Околиското начелство. Се формирал и Македонски хор, кој подготвувал и изведувал македонски песни под раководство на еден капетан по народност Словенец — но тој многу брзо бил забранет од српската управа.
Доста рано, веќе во мај или јуни 1920 година, Епаминонда Поп Андонов покренал иницијатива со група млади струмичани за формирање организација на Комунистичката партија на Југославија во Струмица. Веднаш започнала агитација по селата, со цел не само да се формира организацијата, туку и да се прошират комунистичките идеи. Од власта оваа иницијатива била пречекана со апсења и претепувања.

Сепак, тоа не ги спречило младите струмичани да ја продолжат иницијативата. Биле организирани неколку состаноци, на кои бил оформен иницијативен одбор и составен список на младинци што сакале да се зачленат во партијата. Овој список, заедно со предлогот за членство, бил разгледан на еден состанок одржан надвор од градот, на местото викано „Орманот“, каде требало да биде избрано и раководството. За подготовка на состанокот, бидејќи никој од младинците не знаел српски, учителот Кокиќ бил замолен да изработи правила и програма со кои би можело да се излезе пред властите со барање за официјално формирање на организацијата на КПЈ.
На овој состанок Кокиќ пристигнал директно од Околиското начелство, каде бил известен дека формирање на партија во Струмица не е можно, затоа што „Струмичката околија била воена зона“ во која важеле воени закони, и секој што ќе се обиде да направи такво нешто ќе заврши на воен суд. По оваа средба и самиот Кокиќ бил убеден дека во тој момент не е поволно да се формира организација, што влијаело демотивирачки на дел од групата. Другиот дел од младинците, кои продолжиле да се залагаат организацијата сепак да се формира, биле главно ученици или млади службеници, па најголемиот дел од нив биле наскоро преместени надвор од Струмица или мобилизирани во војската — со што на овој обид му бил ставен крај.

Во истата 1920 година биле распишани парламентарните избори за Уставотворната скупштина на Кралството СХС. Во Струмица, која тогаш била дел од Тиквешкиот округ, биле истакнати кандидати на двете водечки партии: Радикалната и Демократската. Иако во градот сè уште не постоела организација на Комунистичката партија, сепак учителот Иван Давчев бил нејзин кандидат. Тој, иако роден во Тиквешијата, имал блиски врски со Иван Илиев, па преку него бил предложен како кандидат во Струмица. Помогнало и тоа што Давчев веќе подолг период работел како учител во Вељуса и во неколку други села од Струмичката околија.
Струмичани биле многу незадоволни од власта и режимот на Кралството СХС, па голем дел од нив активно се вклучиле во предизборната агитација. За оваа зголемена активност особено придонел македонскиот револуционер и комунист Иван Илиев од Ново Село, кој, иако бил протеран во Бугарија, и натаму активно дејствувал. Неговата работа придонела социјалистичките и комунистичките идеи во Струмица и околијата да се прошират и зајакнат.

Горна Џумаја, Пиринска Македонија
Во изборната кампања најмногу се истакнале: Епаминонда Попандонов, Димитар Ѓорѓиев, Кочо и Томе Босиљанови, Илија Ричлиев, Васил Карчев, Наќе Просениклиев, Михаил Витанов и Ѓоше Попандонов.
Покрај нив, видно учество зеле и: Спиро Захов, Благој Горгиев, Петар Попдимитров, Коста Кљамбов, Васил Велков, Ристо Николов, Киро Петрушев, Штерјо Џованлиев, Мануш Стаменов, Ристо Проданов, Костадин Караќиров, Димитар Чорев, Ташо Комитов и други.
Покрај младинците, листата на комунистите активно била поддржана и од занаетчии и ситни трговци. Таа, исто така, добила поддршка и од неколку дејци на старата ВМРО, како што биле: Панде Кујумџиев, Наќе Туфекчиев, Наќе Абрашев, Илија Мудинов, Ѓорѓи Белев, Глигор Божинкочев, Тимо Тренчев и други.

Ваквиот фронт на струмичани, обединет зад Иван Давчев, однел убедлива победа на изборите со речиси двотретинско мнозинство, што значело дека Давчев бил избран за пратеник во Уставотворната скупштина. Интересно е што српската управа се обидела со сите сили да го спречи овој резултат, но без успех.
Српските власти се обиделе преку притисоци и ширење гласини да го компромитираат комунистичкиот кандидат и да го спречат гласањето. Како дел од таа кампања, струмичани биле заплашувани дека комунистите се бугарски агенти. Како аргумент за ваквите тврдења, српската власт го користела циркуларното писмо кое Тодор Александров го испратил на 20 јуни 1920 година, во кое ги повикувал Македонците да гласаат за „најдобрите месни водачи кои останале во Југославија“. Тоа се однесувало на членовите на ВМРО, а во случај да немало членови од организацијата, се препорачувало да се поддржат комунистите – под услов да го прифатат федеративното уредување и да го поддржат договорот за малцинствата, сметајќи ги Македонците за бугарско малцинство во Југославија.

Српската власт го злоупотребувала ова писмо, иако во овој период ВМРО на Александров немала силно влијание во Струмица и струмичко. Во околијата дејствувала само врховистичката чета на Димитар Димашо, која често пљачкала и убивала по струмичко, па затоа не уживала голема поддршка меѓу струмичани.
Како потврда на ваквото тврдење служи написот во број 226 од 23 септември 1920 година на весникот „Радничке новине“, во кој стои:

„Како најдобар демант на клеветите на буржоазијата дека нашите другари во Македонија се комунисти затоа што биле бугарски агенти, зборува фактот што во Струмица, додека била под Бугарија, на парламентарните избори во август 1919 година, три четвртини од сите гласачи гласале за Комунистичката партија. Онаа една четвртина што тогаш гласала за бугарската буржоазија, сега гласаше за српската буржоазија.“
Комунистичката партија убедливо победила на парламентарните избори во Струмица, но тоа не бил случај со општинските избори. Српската управа одлучила со сила и закани да ги манипулира резултатите, па со помош на полицијата се вршел притисок врз струмичани да не гласаат за комунистите. Тоа предизвикало голем револт, па струмичани решиле да ги бојкотираат изборите. Од вкупно 1.649 запишани бирачи, на гласање излегле само 410, кои гласале за Демократската и Радикалната партија.

Слична била ситуацијата и во селата низ струмичко. Со бојкотот, струмичани сакале да покажат дека доколку не им се дозволи самостојно да ги изберат своите претставници, нема ни да гласаат. Српските власти, меѓутоа, не ја сфатиле пораката – напротив, следувал нов бран насилства, а Иван Давчев, по краткотрајното притворање, бил принуден да емигрира во Горна Џумаја.
По успехот на комунистите на изборите во Струмица, се сметало за нужно во градот да се создаде партиска организација. За таа цел, во јуни 1925 година, во Струмица пристигнал Тодор Зографски од Велес, кој отворил часовничарски дуќан. Тој во Велес бил секретар на комитетот на КПЈ, а со отворањето на неговиот дуќан започнало формирањето на првата комунистичка ќелија во Струмица.

Во дуќанот на Зографски почнале да се собираат национално свесни и напредни струмичани, меѓу кои Епаминонда Попандонов и Илија Ричлиев, па постепено се формирала група од младинци и интелектуалци која редовно се состанувала. Во неа влегувале и Милентије Стоиљковиќ, наставник во гимназијата, и судијата Пантиќ.
На почетокот на 1926 година се формирала првата партиска јатка, составена од Тодор Зографски, Епаминонда Попандонов и Милентије Стоиљковиќ. Групата активно се занимавала со пропагандна работа, собирала и делела литература, меѓу која и весникот „Балканска федерација“, што излегувал во Виена како „орган на народните малцинства на поробените балкански народи“ и се печател на повеќе јазици. Во него соработувале бројни комунисти-емигранти, меѓу кои Ѓуро Ѓаковиќ, Димитар Влахов и други.

Интересен е податокот дека во оваа партиска јатка членувале и младинци кои биле дел од ВМРО (Обединета) и Независната работничка партија на Југославија (НРПЈ), формирана по забраната на КПЈ. Во групата често се дискутирало за македонското национално прашање, за улогата на ВМРО (Обединета) и за поставувањето на македонското прашање во познатиот Мајски манифест од 1924 година.

Групата агитирала меѓу струмичани да не ја поддржуваат ВМРО на Тодор Александров и четите на Ѓорѓи Вндев, кои тогаш навлегувале во струмичко од петричка страна. Истовремено, се борела и против големосрпските партии, со цел да им покаже на граѓаните дека тие служат единствено за спроведување на великосрпската политика.
Но, набрзо оваа активност била прекината. Чести „гости“ во дуќанот на Зографски станале полициски агенти, а дополнителни закани пристигнувале и од ВМРО на Александров. Во октомври 1926 година, по една „посета“ на полицијата, на Зографски му било јасно ставено до знаење дека мора да ја напушти Струмица, па веќе следниот ден се преселил во Скопје. Наскоро и Милентије Стоиљковиќ бил преместен надвор од градот, со што на комунистичката активност во Струмица ѝ бил ставен крај. До повторно активирање и формирање на партиска организација не дошло сè до 1939 година.

ВМРО Младинска
Како што веќе споменавме, при крајот на 1926 година ВМРО на Александров и Михајлов речиси целосно ги изгубила срцата на струмичани. Но тоа не значи дека нивните обиди да продрат во Струмица престанале. Напротив — во 1926 година, преку група предводена од Димитар Ѓузелов, тие се обиделе повторно да создадат организациска мрежа, не само во Струмица, туку и пошироко.
Димитар Ѓузелов, тогаш студент во Скопје и претседател на „Македонската студентска организација“, заедно со Димитар Чкатров, Коста Црнушанов и Иван Попов, активно работел на создавање младински структури на ВМРО. Откако ја формирал првата таква организација во Струмица, Ѓузелов успеал да ја снабди со пропагандна литература, чија цел била да го шири влијанието и идеологијата на ВМРО.

Веќе во летото истата година, Ѓузелов отпатувал за Виена, каде од раководни луѓе на ВМРО добил инструкции за понатамошна работа. Од таму заминал во Петричко, на средба со генерал Александар Протугеров. За време на престојот бил обезбедуван од четниците на Ѓорѓи Вндев — Милан Постоларски, Јосиф Киров и Атанас Гоцев.
На тие состаноци се расправало за тоа како да се обнови ВМРО и на кој начин да се делува во услови кога организацијата била речиси распадната. Донесен бил заклучок дека во Струмица треба да се дејствува преку Скопје, под координација на Ѓузелов, и да се продолжи со активности преку границата. Протугеров од Ѓузелов побарал да избере човек кој ќе биде најпогоден за спроведување на овие планови на терен, а Ѓузелов го предложил Арсо Кујумџиев.

По враќањето на Ѓузелов во Скопје, преку Виена, Кујумџиев бил повикан на разговор кај Протугеров и веднаш ја добил задачата да се врати во Струмица. Но, плашејќи се од прогонот на српските власти, Арсо одбил да се врати. Поради тоа потрагата по погодна личност продолжила, и на крајот изборот паднал на старите организациски дејци Дончо Лазаров и Костаќе Стојков, кои се согласиле да се вратат во Струмица.
При преминувањето на границата тие успеале да ги убедат жандармите дека се враќаат како покајници, разочарани од ВМРО и од Бугарија, и дека сега сакаат да бидат лојални граѓани на државата СХС. Но, една вечер во село Моноспитово, Костаќе, опиен, почнал гласно да зборува дека тој и Дончо Лазаров се испратени од Бугарија за да ја обноват ВМРО. Некој од селаните ги предал на жандармите, по што биле уапсени. Дончо Лазаров бил убиен без судење, а Костаќе Стојков осуден на 12 години затвор.

Така трагично завршил животот на некогашниот авторитетен и заслужен организационен раководител Дончо Лазаров, еден од првите основачи на Гоцевата ВМРО во Струмичко. Неговото име, сепак, продолжило да се користи и експлоатира и подоцна — дури и кога Бугарите повторно влегле во Струмица во 1941 година, преку неговата личност се обидувале да привлечат приврзаници кон својата пропаганда.
И покрај овој трагичен настан, Ѓузелов сепак успеал да создаде организација позната како „Младешка ВМРО“. Иако не добила масовна поддршка, успеала да опстане и да делува сè до 1941 година. Членовите на оваа организација за време и по војната биле сметани за пропагатори на големобугарските идеи во Струмичката околија.

Во 1938 година, Младешката ВМРО се обидела да го кандидира Димитар Ѓузелов за пратеник, но без успех. Откако тоа не им успеало, преку листата на Земјоделската странка успеале да истакнат свој кандидат — Коте Пецанов од село Дабиле, кој, сепак, на изборите добил само минимален број гласови.
„Младешката ВМРО“ останала запаметена во историјата како организација што соработувала со Бугарија, затоа што за време на бугарската окупација (1941–1945) Димитар Ѓузелов и неговите соработници отворено соработувале со бугарските окупатори и биле жестоки противници на Народноослободителното движење.

