За време на Балканските војни, Струмица доживеала судбина слична на многу македонски градови, но поради својата стратешка местоположба, се нашла на крстопатот на интересите на Бугарија, Грција и Србија. Овој специфичен геополитички контекст ѝ дал на настаните во регионот посебни карактеристики. Во Првата балканска војна, на 22 октомври (ст. стил) / 4 ноември 1912 година, во Струмица прва влегла мала бугарска единица, без борби. Иако бугарските и српските сили настапувале заеднички, на 23 октомври градот свечено бил пречекан од бугарската и српската војска, заедно со оџата, егзархискиот и патријаршискиот митрополит.

Веќе на 24 октомври (ст. стил), бугарските сили ја напуштиле Струмица, брзајќи кон Солун, оставајќи само српски гарнизон. Подоцна, во градот влегла и мала грчка чета. Иако Бугарија немала воени сили во Струмица, ја сметала за своја окупациска зона и се обидела да организира цивилна управа, што довело до тензии со српските воени власти. За време на Втората балканска војна, бугарските војски панично ја напуштиле Струмица, која потоа била заземена од грчките војски. Сепак, со Букурешкиот мировен договор (1913), Струмица ѝ припаднала на Бугарија. Како одмазда, при повлекувањето, грчките сили запалиле голем дел од градот, а заедно со нив се повлекле и струмичките патријаршисти.

Во овој текст најмногу внимание ќе биде обратено на личните днецвни и записи на луѓето кои биле директни сведоци на настаните во Струмица. Во фокусот посебно е извештајот на генерал Георги Тодоров, командант на Седмата рилска пешадиска дивизија, кој го документирал движењето на бугарските сили. Главната стратешка цел на оваа дивизија била Солун, поради што на 20 октомври (ст. стил) 1912 година, три нејзини бригади биле упатени кон градот:
- Првата бригада се движела од Кочани преку Плачковица, Струмица, Дојран и Кукуш кон Солун.
- Втората бригада напредувала преку Малешевско, Петричко, Хамзали, Кукуш до Солун.
- Третата бригада дејствувала самостојно, преминувајќи низ Кресненската и Рупелската клисура, продолжувајќи преку Демирхисарско кон Солун.
Ова движење покажува дека Струмица била важен транзитен центар во воените планови, со што нејзината положба станала клучна во Балканските војни.

Според извештајот, на 23 октомври (ст. стил) 1912 година, кон Струмица бил испратен еден ескадрон војска. При влегувањето во градот, војниците биле радосно пречекани од многубројно население, кое, како што е забележано, се состоело од „Бугари и Турци“. Претходно, османлиските воени началници планирале да дадат отпор кај Струмица, но бугарскиот и грчкиот владика, заедно со неколку угледни Турци, ги убедиле да се откажат, за да го заштитат градот од разорување.
Во извештајот е забележано дека на 24 октомври (ст. стил), Турците доброволно почнале да го предаваат своето оружје, а во градот останал 14. српски полк, додека бугарските сили заминале кон Валандово. По патот, војниците наидувале на тела на паднати турски војници и башибозук, но немало информации под кои околности загинале. Исто така, наишле на групи турски цивилни бегалци, кои во паника не знаеле ниту од што, ниту каде бегаат. Сиот нивен имот бил натоварен на едно муле, а околу нив талкале кучиња. Бугарските офицери се обиделе да ги уверат да се вратат по домовите и да останат смирени.

Со Штабот на Седмата рилска дивизија се движел и Георги Т. Пеев, како дописник на весникот „Мир”, каде ги публикувал и своите записи под наслов „До Солун и обратно”. Според него, Штабот на Седмата рилска дивизија на 21 октомври (ст. стил) од с. Владимирово– Малешевско се упатил кон Гарван Планина, со намера да воспостави контакт со дел од Првата бригада. Меѓутоа, Штабот тука не успеал да се поврзе со своите единици. Единствено што знаеле бил фактот дека Првата дивизија преку Плачковица треба да настапи кон Струмичко Поле.
Независно од околностите, Штабот се сместил на Готен, со надеж дека ќе воспостави контакт со левото крило на Првата бригада. Според записите на Г. Пеев, таму се сретнале со селанец од околните колиби, кој никогаш дотогаш не видел топ, туку само слушал за неговата „магична моќ“. Силно убеден во неговата разорна моќ, селанецот инсистирал да се испука барем еден проектил, дури и нудел позиции од каде тоа да се направи, со цел „цела Струмичка Долина да се затресе, а Турците да побегнат од Струмица“. Бидејќи Штабот не успеал да воспостави врска со своите единици, а воедно не го познавал доволно теренот, одлучил да се повлече кон месноста Караѓозли. Со овој маневар, речиси несвесно избегнал судир со османските сили (редовна војска и една башибозучка чета), кои во тој момент дејствувале кај селото Подареш.

Овие турски формации на 22 октомври (ст. стил) кај Подареш имале судир со Првата бригада од Седмата рилска дивизија. Истото утро Штабот на Седмата рилска дивизија низ Смиљанската Долина се спуштил кон Радовишко. Тогаш кај с. Смиљјанци бил воспоставен посакуваниот контакт со Првата бригада. Таму сретнале една група од жени, деца и старци, бегалци од селото Јаргулица– Радовишко. Според Г. Пеев, сред убавата природа таквата глетка била „поразителна”. На Г. Пеев, особено трогателен впечаток му оставил непрекинатиот плач на 14-годишната Бела Василева. Бегалците отрпнати од плачот на девојчето веќе не му обраќале внимание и го оставиле да тагува. Сепак, одвреме навреме, едно девојче ја фаќала Бела за рака со зборовите:
„Трај Бела, трај, мајка ти е жива”.
Г. Пеев му пристапил на девојчето и од него ја дознал приказната: Башибозукот го нападнал селото
Јаргулица при што сите жители побегнале. Мајка ѝ на Бела, бидејќи била бремена не можела да бега поради што останала во селото, а соседите го повеле девојчето со себе. Што се случило со мајка ѝ на
Бела, „само еден господ знаел”. Сведоци на ова слика покрај Г. Пеев, биле Анастас Иширков и Јордан Иванов.

Во попладневните часови, Штабот на Седмата дивизија се спуштил кон полето кај село Подареш, каде тоа се спојува со Струмичко Поле. Полето било покриено со густ чад од изгорени села. Штабот се упатил кон Струмица за да се поврзе со Првата бригада, додека десно од нив се движел 14-тиот полк од српската Тимочка дивизија. Еден час претходно, кај чифликот до Подареш и долината на реката Струмица, била разбиена турска единица и башибозук од околу 1600 војници.
На околу десет километри пред Струмица, војската се распоредила во боен поредок во форма на лак, зафаќајќи ја рамнината и околните ритчиња. Десното крило го држел 16-тиот српски полк, левото 13-от Искрски полк, а во центарот бил 26-от Пернички полк. Штабовите на дивизијата и бригадата се движеле зад авангардата, подготвени за евентуална битка. Првите истрели се слушнале од десното крило, каде настапувала српската ридска батерија, веднаш следена од артилеријата.

Сепак, не се појавил сериозен противник. Се испречила само малечка башибозучка чета, која претходно била потисната од кај село Подареш. Кога се смрачило, војската влегла во село Василево и таму преноќила, додека Штабот се сместил во чифликот на Тасим бег. Во истиот момент, во Василево пристигнале неколку струмичани, кои како пратеници соопштиле дека градот се предава. Веднаш по оваа вест, кон градот се упатила Втората дружина од 26-от Пернички полк.
Утрото на 23 октомври (стар стил), Штабот на Седмата рилска дивизија заедно со еден ескадрон од коњаницата и командантот на 14-от српски полк, полковникот Књажевиќ, свечено влегле во Струмица. Според Г. Пеев, биле дочекани од граѓаните – и христијани и муслимани – со цвеќиња и извици „Да живее Бугарија”.
Веселбата на струмичките улици била голема – граѓаните ги фрлале своите шапки нагоре, а оние што немале шапки, на своите фесови ставиле крстови. На куќите почнале да се веат бугарски знамиња, а градските камбани непрекинато биеле, славејќи ја слободата. Во оваа еуфорична атмосфера, струмичките граѓани ги предводел егзархискиот митрополит Герасим, придружуван од патријаршискиот митрополит Арсениос, оџата и градскиот кмет Турчин. По нив оделе градските првенци – муслимани и христијани.

Митрополит Герасим одржал говор, величајќи ја бугарската „ослободителна“ војска. Оџата принел тепсија со „леб и сол“ и градските клучеви, истакнувајќи дека турското население решило да го предаде градот на бугарската војска. Поворката се упатила кон егзархиската митрополија, каде радосниот митрополит Герасим изјавил дека последните дваесет години се чувствувал како во „затвор, секогаш презиран од власта и непријателите на бугарштината“.
Особено впечаток на Г. Пеев му оставило пријателството меѓу бугарскиот и грчкиот митрополит. На свеченоста во егзархиската митрополија присуствувале многу влијателни Турци, меѓу кои и Сулјеман паша. Тој бил пофален како од владиката Герасим, така и од неколку струмичани. Присутен бил и Митхад ефенди, прокурор во Струмица и младотурчин по убедување, кој претходно ги ослободил сите затвореници и ги спасил од сигурна смрт.

Попладнето, славениците заминале во седиштето на грчката патријаршиска митрополија, каде биле одржани говори за значењето на „балканската акција“ и сојузот на „православните народи“. Владиката Герасим одржал говор во чест на царот Фердинанд, додека полковникот Димо Овчаров зборувал за грчкиот крал, а Никола Сурин за Србија и Црна Гора.
Наредното утро на 24 октомври (стар стил), муслиманското население доброволно го предало оружјето. Г. Пеев забележал интересен настан тој ден: во егзархиската митрополија била доведена една потурчена жена, која потекнувала од сиромашно семејство и се омажила за турчин вдовец, кираџија од Пехчево. Во бурните времиња, неколку жени од Пехчево ја довеле пред струмичкиот митрополит за да ја вратат во православната вера. Беспомошната жена велела дека со неа може да прават што сакаат:
„Ако ме оставите ќе живеам со Турчинот, бидејќи немам при кого да идам и кој да ме храни. Ако ме одделите од него ќе се помирам и со тоа“.
Препуштајќи ја својата судбина во рацете на другите, оваа жена инсистирала да не ги задеваат децата на сопругот Турчин од неговата прва жена, кои таа ги гледала како вистинска мајка. Притоа велела „тие се деца“ и дека биле „невини“. Трогнат од постапките на оваа бедна, но благородна жена, Г. Пеев пишува:
„Јас првпат видов мајка– маќеа да полага толку грижа за туѓи деца“.
Околу пладне, Штабот на Седмата рилска дивизија ја напуштил Струмица и се упатил кон Валандово, додека 14-от српски полк останал во градот. На патот кон Валандово, наишле на групи бегалци – муслимани, кои беспомошно талкале. Офицерите од дивизијата се обиделе да ги убедат да се вратат во своите домови, ветувајќи им безбедност.

Со Седмата рилска дивизија патувал и Васил П. Коларов, кој подоцна своите дневнички записи ги објавил во „Работнички весник“ под наслов „Победи и порази“. На денот на триумфалното влегување на бугарските и српските војски во Струмица, Коларов бил во село Василево. Таму слушнал за заземањето на Димотика и напредувањето на бугарската војска кон Одрин. Според Коларов, Седмата рилска дивизија значително задоцнила во напредувањето. Во своите записи, Коларов наведува:
„Можевме да бидеме во Солун, бидејќи на 11 октомври ги разбивме Турците кај Кочани и оттогаш не наидовме на никаква турска сила. Се појави малку башибозук во јуруклукот, но неколку стотини башибозук не можат да го спречат 12-дневниот марш на цела бригада со артилерија и кавалерија. Се вели дека нашето напредување било забавено по наредба на командантот Степан Степановиќ, можеби затоа што српската команда сакала да го задржи нашето брзо напредување…“.
Се појави малку башибозук во јуруклукот, но дали неколку стотини башибозук може да го сопрат 12 дена маршот на цела бригада со артилерија, кртешници и кавалерија. Велат дека нашето настапување било забавено по наредба на командант Степан Степановиќ. Тоа можеби е вистина, бидејќи српската команда можеби сакала ние да не напредуваме многу бргу…“.

Наредниот ден оваа единица добила наредба да замине за Струмица. Тоа утро иако ведро и сончево, било многу ладно и речиси сѐ било замрзнато. В. Коларов за пејзажот пред Струмица пишува:
„Пред градот е рамно, полето е добро обработено и прикриено со црничкови градини, ниви со памук и со афион. По стрмнините насекаде имаше лозја. Фабрички оџак не се гледа. Само при влезот се слуша пуфтањето на еден мотор.“
Коларов потенцира дека во градот биле пречекани со цвеќиња. Мажите, жените и децата биле празнично облечени за да ја пречекаат бугарската војска. Христијанските дуќани биле отворени, при што повеќето продавачи биле „Грци“, додека „Бугарите“ претежно биле занаетчии. Турските дуќани биле затворени, но грабање немало. Турското население биле повлечено во своите домови, а низ градот се движеле патроли. Овде онде се среќавале вооружени комити. Жените им принесувале леб, грозје и слатки на војниците.

Коларов и неговата единица не се задржале во Струмица, туку веднаш заминале кон село Робово. Таму затекнале неколку изгорени куќи, кои биле запалени од Турците и една мајка која го оплакувала својот 12-годишен син кој бил убиен. Турците влегле во селото, го ограбиле и убиле две момчиња. Малку подолу се слушале истрели во празно од бугарската војска, која прославувала, а еден бугарски војник водел четворица невооружени Турци. Според Коларов, поради својот пораз, Турците се одмаздувале дури и на животните.
Коларов го поткрепува ова со пример на убиено јаре и „ѓаурско“ магаре, чии црева биле расфрлени на патот. Потоа се упатиле кон Валандово. Како и Г. Пеев, Коларов забележува дека на патот сретнале муслимани-бегалци, натоварени на коли со бели знамиња. Имотот што го носеле се состоел од неколку партали, а бегалците биле придружувани од бугарски војници. Коларов се запрашува зошто овие луѓе ги напуштиле своите домови и сами си одговара:

„Стихијата на војната ги завлекла и сега ќе најдат само пепелишта и црна мизерија…“.
Со Седмата рилска дивизија во Струмица влегол и рускиот воен дописник Николај Сурин, кој ги објавил своите впечатоци во весникот „Мир“. Неговите извештаи биле кратки и директни. Сурин забележува дека Струмица бил единствениот град каде турското население не побегнало, туку останало во своите домови, надевајќи се на праведноста на бугарските војски. При влезот во градот, бугарските војници биле свечено пречекани од турска делегација, која со „сол и леб“ ги предала клучевите на градот. Муфтијата, со побелена брада, одржал говор во кој истакнал дека струмичани го доверуваат својот имот, живот и чест на победниците.
Важни информации за воспоставувањето на бугарската администрација и полиција во Струмица оставил и Владимир Караманов, кој бил назначен за привремен окружен управник. На 10 ноември 1912 година, генерал Г. Тодоров издал заповед за организирање на административно-полициска управа во новоосвоените области на Седмата рилска дивизија.

Според заповедта, на струмичкиот окружен управник му биле потчинети околиските началници во Струмица, Радовиш, Дојран и Петрич. Нивната задача била да организираат административна и полициска служба според бугарските закони. Дополнително, во секој околиски центар требало да се формира месна милиција од млади луѓе на возраст од 20 до 25 години. Генералот Тодоров ја образложил оваа наредба со потребата за воспоставување ред и мир во новоосвоените територии, а назначувањето на обични војници и доброволци на административни функции било израз на итноста за брзо воспоставување на власт.
Генералот Г. Тодоров ја оправдувал својата постапка со локалните потреби и околности, тврдејќи дека бил принуден да се соочи со грчките агитатори и војски, кои ги нарекол „грчки апостоли – грабачи“. Според Владимир Караманов, уште при првиот контакт на бугарските војски со српските и грчките сојузници, меѓу нив се појавила недоверба. Грчко-бугарската недоверба најпрво се почувствувала во Солун, а потоа и на подрачјата околу Дојран, Струмица, Петрич, Порои, Демир Хисар, Сер, Драма, Нигрита, С’ботско и Гуменџа.
Иако овие места првично биле ослободени од партизански одреди и од бугарската војска, набргу станале сцена за грчки агитатори, кои преку месното духовенство и учителите започнале силна кампања во корист на грчката идеја.

Проблеми се појавиле и со Србите во местата каде што биле присутни нивни гарнизони, како што се Штип, Радовиш, Струмица и Дојран. Овие градови и нивните околии биле заземени од Седмата рилска дивизија, која напредувала заедно со српската Тимочка дивизија под команда на генерал Степановиќ. Присуството на грчките и српските воени единици го охрабрувало однесувањето на локалните гркомани и србомани, додека отсуството на бугарски воени сили и организирана административна и полициска власт довело до хаос, насилство и убиства.
Според Владимир Караманов, бугарските централни власти, особено Министерството за внатрешни работи, не испратиле искусни административни и полициски службеници во окупираните области за да воспостават ред и да спречат ширење на грчкото и српското влијание. Поради тоа, генерал Тодоров, без да ја чека централната власт, именувал административни функционери од редовите на војниците и доброволците.

Привремениот Струмички округ бил воспоставен на 15 ноември 1912 година, кога Караманов бил назначен за управник. Овој округ опфаќал четири околии: Струмичка, Радовишка, Дојранска и Петричка, кои територијално се поклопувале со границите на претходните кази. Исклучок било Богданци, кое од Гевгелиската преминало во Дојранската каза.
За управници на околиите биле назначени следниве лица, сите војници од Седмата рилска дивизија: Никола Коцев за Струмица, Тодор Попов за Радовиш, Иван Топков за Дојран и Михаил Станоев за Петрич. Нивна придружба биле 16 полициски стражари. На 14 ноември Караманов пристигнал во Струмица и наредниот ден почнал со извршување на должноста. Во тој период градот сѐ уште не бил во целосна нормализација на животот. Струмица била под контрола на Вториот баталјон од 14-та Пешадиска бригада на Тимочката дивизија, под команда на мајор Живоин Грбиќ, кој истовремено бил и командант на градот.

Во Струмица немало бугарска војска, освен резервниот потпоручник Никола В’лчев, кој бил привремен околиски началник и ја претставувал административно-полициската власт. Тој бил поставен од полковникот Тодор Митев, командант на Првата бригада од Седмата рилска дивизија. За привремен кмет на градот бил назначен Епаминонда Томчев, гркоман, но други административни органи на бугарска власт не биле воспоставени.
В’лчев регрутирал околу дваесетина полициски стражари од егзархиското население, од кои некои биле поранешни четници. Тие носеле цивилна облека, вооружени со мартинки, манлихери и револвери, а единствен знак на власт била лента во боите на бугарското знаме на левиот ракав. Кметот бил поддржан од неколку граѓани (егзархисти и патријаршисти) и еден Турчин како помошник. Значајна улога во првите денови по ослободувањето на градот одиграле и струмичкиte владици.

Истиот ден во Струмица пристигнал Георги Драмсизов како финансиски началник, именуван од Министерството за финансии. Покрај српската војска, во градот и во некои патријаршиски села се наоѓала и една грчка чета со 3-4 офицери, кои поттикнувале месните гркомани да ја гледаат бугарската власт како привремена. Бугарската власт во Струмица се потпирала единствено на двете чети под водство на Никола Жеков и Кочо Хаџи Манов, кои биле мобилни и се движеле со коњи низ околијата. Сепак, во ниту едно село не била воспоставена привремена бугарска власт.
Во Струмичкиот округ, во отсуство на организирана власт, настанала анархија, особено во селата со мешано население. Дотогашните муфтари и некои повидни селани, најчесто раководители на ВМОРО, ја извршувале кметската должност. На просторот меѓу Струмичко и Пехчевско се појавиле банди кои грабале добиток од турските села. Поради изолираноста, не постоеле телеграфски и поштенски врски, а комуникацијата се одвивала преку специјални курири.
Претставниците на привремената бугарска власт, изолирани и без поддршка од централната власт, се нашле сами на себе. Владимир Караманов, привремениот управник, првата средба ја остварил со егзархискиот митрополит Герасим, кого го пофалил за неговата заложба за зачувување на „бугарскиот дух“ кој дотогаш бил задушуван од „грчкото духовенство и пропаганда“. Потоа се сретнал и со претставниците на месната административна и духовна власт.

Истиот ден, Караманов на двапати се сретнал со командантот на српскиот гарнизон, мајор Грбиќ, при што настанало првото недоразбирање. Караманов побарал српската команда да го ослободи конакот за да се смести привремената бугарска управа, но мајорот го одбил. Тогаш Караманов ги прегледал сите јавни објекти и ја одбрал зградата на поранешниот турски окружен суд како нова административна зграда, каде веднаш поставил бугарски знамиња. Полициската стража, која претходно била сместена во конакот, ја преселил во близина на окружниот суд, каде што било седиштето на новата бугарска администрација.
По воспоставувањето на привремената бугарска управа, Караманов ги испратил четниците по селата за да обзнанат дека бугарската административна и полициска власт започнала да функционира. Истовремено ги повикал селските првенци, поповите и учителите во Струмица за да добијат понатамошни инструкции. На 16 ноември (стар стил), по предлог на потпоручник В’лчев, Караманов издал заповед за назначување на 30 полициски стражари од месното егзархиско население. Никола Жеков бил именуван за градски полициски пристав, а Кочо Х. Манов за околиски. Со тоа сите четници биле ставени во служба на привремената власт. Градскиот кмет добил задачи за чистење на градот, отстранување на потенцијални епидемии и осветлување на улиците.

Кочо Х. Манов, како околиски полициски началник, добил задача да замине на Огражден и да ги ликвидира разбојничките банди кои го тероризирале турското население и пљачкале добиток. На 17 ноември (стар стил), Караманов ги именувал административно-полициските органи за Струмица и околните 54 села. Тој ден биле назначени околу 300-400 лица на разни позиции. Изборот бил направен од околу 1500 луѓе кои се појавиле пред окружната управа на негово барање.
Во изборот на административно-полициските кадри биле претпочитани пописмените луѓе, селските првенци, учителите и поранешните четници. Нивните обврски биле утврдени во следниве препораки:
- Одржување на редот и мирот во селата преку патролирање на селска милиција.
- Зачувување на селските амбари со храна, кои ќе се користат за исхрана на бугарската војска.
- Составување на списоци на машкото население (20-25 години) способни за оружје, во рок од два дена.
- Погребување на непогребаните тела и повторно погребување на несоодветно закопаните луѓе и добиток, подалеку од водоизворите.
- Информирање за појава на заразни болести.
- Редовно доставување информации за ситуацијата во својот крај (убиства, нереди и сл.).
- Собирање и чување на сето турско државно оружје и имотот на избеганите Турци.
- Дополнителни инструкции ќе бидат дадени по потреба.
На собирот учествувале и околу 400 Турци од селата, па препораките за нив биле преведени на турски јазик. За секое село бил назначен кмет, секретар-бирник и тричлена комисија. Бројот на општинските стражари зависел од големината на селото и бројот на жители. Дотогашните падари биле задржани, освен ако не биле компромитирани. Во турските села биле задржани постојните мухтари, но биле формирани и тричлени комисии со мешан состав на стражари и падари.

Во приквечерните часови било уредено и градското кметство. За претседател на тричлената градска комисија бил назначен Васил Дудуклиев, угледен струмички лекар кој ја добил улогата на кмет. Членови на комисијата биле Стојан Георгиев, долгогодишен учител и секретар на скопската бугарска митрополија, и Панде Ќосев, еснаф и трговец.
Комисијата имала и советници во вид на општински советници – вкупно 14 души, меѓу кои биле егзархисти, патријаршисти и три муслимани. На 18 ноември (ст. стил), по покана од грчкиот владика, В. Караманов присуствувал на молебен во патријаршиската црква. За време на церемонијата, грчкиот владика прво го спомнал грчкиот крал Георги, а потоа бугарскиот цар Фердинанд, што предизвикало реакција од Караманов, кој му забележал дека требало да го спомне бугарскиот цар прв, бидејќи областа била ослободена од бугарските војски и под бугарска власт.

Истата вечер пристигнале поштенски службеници за да ги воспостават прекинатите телеграфски врски. На 19 ноември (ст. стил) Караманов издал наредба до околиските началници за формирање на месна милиција, според доставените списоци од општините. Лицата избрани за милицијата требало да се појават во Струмица на 24 ноември, а биле преземени мерки за нивно сместување и обука.
На 21 ноември (ст. стил), Караманов бил информиран од В’лчев дека добил известување од штипскиот окружен управник дека Струмичкиот округ не бил предвиден и дека сите распоредувања требало да се координираат преку Штип. И покрај оваа информација и отсуството на конкретни наредби, Караманов продолжил со своите обврски, особено фокусирајќи се на организирањето на месната милиција.
Во меѓувреме, поради одбивањето на мајорот Грбиќ да го даде потребното оружје за милицијата, Караманов издал наредба до сите кметови да го соберат и достават оружјето што се наоѓало по селата. На 22 ноември (ст. стил), Караманов и Никола Коцев имале разговор со мајор Грбиќ околу формирањето на месната милиција. Тогаш Караманов сфатил дека српскиот командант добил наредби да го попречи создавањето на милицијата, што довело до затегнати односи меѓу двете страни.

И покрај тоа, граѓаните сѐ повеќе се обраќале кон локалната бугарска власт за своите потреби, игнорирајќи го српскиот командант. На истиот ден била воспоставена телеграфска врска помеѓу Струмица и Пехчево, со директна комуникација кон Бугарија преку Царево Село, што значително ја олеснило комуникацијата. На 23 ноември (ст. стил), Караманов издал наредба обуката на идните милиционери да ја спроведуваат војводите со своите четници. Истиот ден повторно разговарал со мајор Грбиќ во врска со конституирањето на милицијата, планирано за наредниот ден.
Најуспешен ден од своето службување, Караманов го сметал 24 ноември (ст. стил), кога во градот пристигнале околу 800 души повикани за милиција. Тие биле пречекани во дворот на окружната управа, по што следувало свечено дефиле низ градските улици. На чело на колоната бил потпоручник В’лчев, придружуван од полициските пристави – војводите Никола Жеков и Кочо Х. Манов. Зад нив марширале четниците и новодојдените милиционери.
Интересно е што во церемонијата учествувала и мала српска единица, испратена од мајор Грбиќ. Но истиот ден, Грбиќ го информирал Караманов дека добил заповед да не дозволи формирање на месна бугарска војска. Караманов возвратил дека собраните младинци не се војска, туку се претставници на локалната административна власт кои треба да се обучат за ракување со оружје и одржување на редот и мирот.

Наредниот ден новите милиционери свечено положиле заклетва во егзархиската црква, каде што владиката Герасим чиноначалствувал на литургијата. По молитвата, милиционерите положиле заклетва бакнувајќи го евангелието, крстот и раката на владиката. Во исто време, мајор Грбиќ писмено побарал распуштање на милиционерите, но неговото барање било игнорирано, што дополнително ги зголемило тензиите меѓу бугарската и српската окупаторска власт во Струмица.
За да го зацврсти бугарскиот воен престиж, на 25 ноември 1912 година во Струмица пристигнал штабот на Првата ополченичка дружина, предводен од потполковникот Бенју Маринчев. Неговото присуство требало да го стави во подредена положба српскиот мајор Грбиќ. Утрото, Маринчев побарал од Грбиќ да му ја предаде командата на градот, но српскиот мајор одговорил дека не може да го стори тоа без наредба од претпоставените.

За да се надминат недоразбирањата меѓу српските и бугарските власти во регионот на Дојран, Гевгелија и Струмица, на 22 декември 1912 година бил потпишан протокол за соработка. Протоколот го потпишале полковник Табаков од бугарскиот Прв коњанички полк и потполковник Катаниќ, началник на артилеријата на Првата српска Дунавска дивизија.
Во меѓувреме, струмичкиот околиски началник Козарев добил известување од министерот за внатрешни работи да го преземе управувањето на Струмица од рацете на Караманов, бидејќи Струмичкиот округ не бил предвиден. Сепак, Караманов одбил да ја напушти функцијата без наредба од командантот на Седмата рилска дивизија. Приквечер во Струмица пристигнала чета ополченичка единица со задача да ја спроведе обуката на новите милиционери. На 27 ноември бил именуван и нов градски лекар, д-р Хаџи Василев, кој потекнувал од патријаршиско село и студирал медицина во Атина.
Овие настани го означуваат крајот на привремената бугарска власт во Струмица. На 28 ноември (стар стил), по краток лекарски преглед на новопримените милиционери, биле ослободени сите физички неспособни лица. Утрото, Васил Караманов добил телеграма од Министерството за внатрешни работи да ја предаде должноста на новоименуваниот околиски началник Козарев.

Караманов веднаш се обратил до командантот на Седмата рилска дивизија со прашање дали Струмичкиот округ официјално постои и дали треба да ја предаде должноста. Вечерта пристигнал одговор од генерал-мајор Андрев, со кој му било објаснето дека неговата функција била привремена и дека треба да ја предаде должноста на Козарев. На 30 ноември, Караманов и Никола Коцов ја напуштиле Струмица и заминале за Солун, со што сите активности на Привремениот струмички округ биле завршени.
Според одлуките за управување со територијата:
- Струмица и Дојран се сметале за територии под бугарска воена контрола, но ако српскиот командант бил постар по чин, тој имал право на гарнизонска команда.
- Целиот затечен турски државен имот, оружје и магацини припаѓале на бугарската армија.
- Прехраната на воените единици на двете армии се обезбедувала преку реквизиција, со издавање на редовни потврди од реквизициските комисии или дивизиските интендантства.
На крајот од овој историски преглед се спомнува судбината на струмичкото семејство на Васил Пандев Драгомиров, кое на уникатен начин ја одразува тежината на животот во времето на Балканските војни. Васил Драгомиров бил егзархиски учител и активист на ВМОРО, роден во с. Драгомирово, но живеел во Струмица. Балканските војни го затекнале како учител во Радовиш. По заминувањето на османлиите, веднаш тргнал кон Струмица за да ја провери судбината на своето семејство. Кога стигнал во с. Градашорци, дознал дека татко му бил приведен и ослободен, но брат му Тимо го немало.

Кога конечно стигнал дома, мајка му кажала дека добиле телеграма од Тимо од Дојран, но дека сѐ уште го нема. Меѓутоа, татко му ја открил вистината. Тој му кажал дека брат му тргнал од Дојран, но дека кај с. Костурино му се губи трагата. Всушност, Тимо дотаму дошол со некои овчари. Тие дознале оти селото е блокирано и дека се приведени повеќе селани. Поради тоа го предупредиле да продолжи по заобиколен пат. Меѓутоа, Тимо не ги послушал овчарите и влегол во Костурино. Таму бил фатен од дојранските Јуруци, кои му ги зеле парите, часовникот, потурите, појасот и го фрлиле во една запалена купа слама каде изгорел.
Неговите останки биле собрани од костуранчани во две сандачиња за газија и донесени во црквата.
Поради тоа, мајка му го заколнала да не оди да ги види останките од својот брат. Заедно со останките на Тимо во Струмица биле доведени и седуммина Јуруци вмешани во случајот. Татко му на В. Драгомиров отишол да ги види. Тогаш еден Јурук му поткажал дека едниот од нив, всушност, е облечен во потурите на син му Тимо. Откако се дознало тоа во градот, некои од градските касапи, посакале да влезат во конакот и да го заколат убиецот, но српскиот командант не го дозволил тоа.
Наместо тоа, наредниот ден бил формиран народен суд во кој влегле командантот, аѓутантот, и петмина граѓани и тројца војводи: Никола Жеков, Кочо Хаџи Манов и Лефтеров. Обвинетиот бил испрашан, а сведоци Турци потврдиле дека учествувал во убиството. Кројачот Георги Лазаров, кој ги сошил потурите на Тимо, ги препознал како негови. Судот изрекол смртна казна на обвинетиот — да биде запален, исто како и неговата жртва.

По барање на аѓутантот, смртна казна била изречена и за останатите приведени Јуруци, бидејќи учествувале во претепувањето на 20 жители во Костурино. Васил Драгомиров и неговиот татко биле сведоци на извршувањето на казната од страна на четата на Лефтеров. Неколку дена подоцна, Васил бил назначен за секретар при околискиот началник во Радовиш. Но, по само два-три дена, бил повикан во Струмица и оттаму преку Дојран заминал за Сер. Таму се собрале толку многу луѓе што бугарските воени власти не знаеле што да прават со тие милицајци. Со отворен лист, повторно се вратил во Струмица.
Во меѓувреме, во Струмица пристигнал нов пристав (висок функционер во полицијата) кој според Драгомиров го гледал градот како „Калифорнија“, место за брзо збогатување. Често ги праќал милицајците на разни тешки должности, посебно оние што не сакале да платат поткуп, додека оние што го подмитувале биле ослободени од обврски. Драгомиров, кој одбивал да плати, бил редовно назначуван за ноќни патроли. Во текот на Втората балканска војна, по влегувањето на грчките војски во Струмица, Васил Драгомиров со своето семејство побегнал кон Бугарија.

Тој со својата жена, двете деца и сестра му, тргнале пешки кон с. Сарај, каде сакал да најде добиток за полесно патување. Оттаму со две магариња тргнал кон Огражден, каде сакал да остане до доаѓањето на генерал Радко Димитров со неговата армија, која требало да ги протера Грците од Струмица. Меѓутоа, наместо генерал со голема армија, кај нив дошол еден офицер и еден војник, кои биле сосема изгладнети. Тие им советувале да бегаат кон Бугарија дури има време, бидејќи Кресненската Долина веќе била заземена од грчки војски, а од кај Царево Село настапувале српски војски, кои можеле да им го пресечат патот.

Оттука тргнале во Берово, од каде по еден ден заминале за Пехчево. Во тоа време Пехчево било преполно со бугарски војски, а еден бугарски офицер им советувал да продолжат кон Горна Џумаја, бидејќи овде требало да се развијат воени дејства. Поради тоа В. Драгомиров со семејството продолжил кон Г. Џумаја. Кога стигнале таму, повторно им советувале да продолжат кон Бугарија. Во с. Кочериново биле прифатени во училиштето. Таму биле прибрани од еден поранешен четник од струмичкото село Дрвош, кој од порано се преселил во Кочериново. Таму останале една недела. Во меѓувреме пристигнале мајка му и татко му кои ја зеле неговата сестра и заминале за с. Рила, а Васил преку Дупница, заминал за Софија.
Таму биле сместени во Бобешкиот ан, каде како бегалци добивале леб бесплатно. Во меѓувреме, напредувањето на грчките војски запрело. Родителите на Драгомиров откако ја дознале оваа информација од офицерите на фронтот, веднаш тргнале назад. Непосредно пред Струмица останале во с. Пиперово, бидејќи грчките војски сѐ уште биле во градот. Еден ден тие влегле во градот за да ја видат својата куќа, која била опљачкана. Во меѓувреме еден пријател им соопштил веднаш да го напуштат градот за да не биде затворени. Татко му успеал да побегне, но мајка била затворена, меѓутоа благодарение назалагањето на некои пријатели, таа била ослободена.

Според В. Драгомиров, кога грчките патријаршисти разбрале дека, според Букурешкиот договор, Струмица треба да ѝ припадне на Бугарија, тие ги запалиле своите куќи и патријаршиската црква, а потоа на најголем дел се преселиле во изгорениот Кукуш, некои во Солун и на други места. По потпишувањето на Букурешкиот договор, В. Драгомиров одлучил да се врати во Струмица. Меѓутоа, проблем било кога и
со што. Парите што ги имал завршиле. Додека бил во Софија, како помош добил една турска лира од Христо Чернопеев, чии деца претходно престојувале цела година кај него во Струмица.
По извесно време случајно се сретнал со Христо Џолев од с. Моноспитово, кој без двоумење прифатил да му ги однесе децата до Горна Џумаја. На еден коњ ги натовариле бремената жена и двете деца, а тие тргнале пешки. По пат жена му добила породилни болки. Во Горна Џумаја им се родила ќерка, која ја крстиле Перса, но по враќањето во Струмица ја прекрстиле во Данка. Така, девојчето останало со двојно име Перса/Данка.
Седум дена по породувањето продолжиле за Струмица, пак со еден коњ, но овој пат, со четворица врз него. Во еден кош од едната страна било бебето, од другата багажот, врз самарот била жена му со
едниот син пред неа, а другиот зад неа. Така, во средината на октомври 1913 год. стигнале на своето огниште во Струмица. Меѓутоа, тоа не траело за долго. По Првата светска војна и заземањето на Струмица од страна на Србите, Драгомиров одново се сели во Бугарија.

Такви биле судбините на сите преселници и бегалци од Струмица и струмичкиот крај во војните – без разлика на етничката или верската припадност, без разлика дали биле на страната што победува или губи. Обичниот струмичанец секогаш останувал најголемиот губитник – избркан од својот дом, ограбен, понижен и принуден да започне одново на туѓа земја или во својот изгорен град. Историјата на Струмица во тие години била низа од прекинати животи, изгорени куќи и цркви, изгубени имоти и скршени семејства.
Од Костурино до Моноспитово, од Водоча до Зубово, цела Струмица била претворена во изгорена пустина. Секое враќање во родниот крај, како во случајот на Драгомиров, било полно со надеж, но и со неизвесност – надеж дека ќе се најде својот праг и страв дека тој веќе не постои.
текстот е базиран на истражувањата извршени од Проф. д-р Ванчо ЃОРЃИЕВ, Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,
