„Сега и во едниот и во другиот дел на Македонија е пустош и смрт. Свирепстувува жестоката волја на убијците, коишто ги заборавија сите Божји заповеди“

Македонскиот народ, вклучително и струмичани, претрпел многу тешки и големи трагедии, а една од најголемите дефинитивно се Балканските војни. Нивното започнување на струмичани им донела само палење села, бројни злосторства, силувања, убиства и масовни егзодуси, како и палење на самиот град Струмица. Ниту една од трите завојувани страни – српската, грчката и бугарската – не покажала ни тронка жал кон струмичани; напротив, сите извршиле сериозни злосторства.
Во овој пекол што го зафатил градот и околината, особено тешка за струмичани била Втората балканска војна, која засекогаш ќе го промени градот и ќе остави неизбришлива трага од големите погроми што следувале. Ова се потврдува и во извештајот на Карнегиевата комисија од 1913 година, во кој се вели:
“Од почеток па до крај, во двете војни борбите биле толку жестоки, како да имале за цел, сеопшто истребување.”

Веднаш по завршувањето на војната започнале и првите реакции на овие злосторства, а првите од нив доаѓаат од македонската емиграција во Бугарија. Веќе на 15 април 1913 година, Извршниот комитет на Македоно-одринските братства објавил брошура под наслов „Положбата на Македонија“, која ги содржела првите сведоштва за српските и грчките злосторства. На 16 мај 1913 година, Внатрешната македоноско-одринска организација издала декларација, нагласувајќи дека војната, наместо ослободување, му донела на македонското население „нови тешкотии“ и „уште поголеми страдања“.
Следела и нова реакција од страна на Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија, кој испратил „Мемоар до претседателот на Конференцијата за мирот и до владите на САД, Велика Британија, Италија и Јапонија“.

Голем дел од податоците околу тоа што се случувало во и околу Струмица добиваме и од книгата на проф. Љубомир Милетич, ,,Грчките злосторства‘‘, издадена во 1928 година, којашто содржи 58 документи, и каде во детали се опишуваат настаните. Проф. Милетич еден период бил учител во Струмица, па и лично бил сведок на овие настани. За српските злостори дознаваме повеќе од Кирил Прличев, кој напишал книгата „Српскиот режим и револуционерната борба во Македонија“ издадена 1917 година.
Голем дел од злосторствата кои биле извршени од страна на сите завојувани страни се објавени веќе во 1914 година и се ноаѓаат во Извештајот на Карнегиевата комисија за Балканските војни, кои уште тогаш го потресол светот поради изнесените факти и документи за злосторствата врз македонскиот народ од страна на балканските завојувачи. Во него Комисијата ја опиша суровата реалност на војната во Македонија, истакнувајќи:

,,Доведувајќи ја оваа болна глава до крај, ние сакаме да го потсетиме читателот дека таа представува само делумна и апстрактна слика на војната. Таа ги соединува во една продолжителна перспектива страдањата на неборечкото население на Македонија и Тракија во рацете на војските висхитени од победа, или огрчени од пораз…Моралистот кој сака да ја свати бруталноста на која сведочат овие страници мора да помисли дека балканските раси израснале на сред турските модели на војување.
Народните песни, историјата и усната традиција на Балканот, за жал, зборуваат за војната како
за процес кој вклучува силување и грабеж, пустошење и масакр. Во Македонија сето тоа не е далечно сеќавање туку неодамнешно искуство… Единствената поука што ние сакаме да ја извлечеме од овие настани е таа дека војната во исклучителни услови доведува до нешто полошо одошто се нејзините нормални резултати. Крајното варварство на некои епизоди е локална околност која има свој корен во балканската историја. Но, главен факт е дека војната ги суспендирала воздржувањата на цивилниот живот, ги распалила страстите кои се задремени во време на мир ја уништила природната љубезност меѓу соседите и ја ставила на нејзино место волјата да се повредува. Тоа е секаде суштината на војната“

Извештајот нагласува дека војната ги уништила цивилните норми, разгорела скриени страсти и ја заменила добрососедската љубезност со насилство. Според Комисијата, „крајното варварство“ било длабоко вкоренето во балканската историја, но вистинскиот виновник била самата војна, која создавала услови за големи злосторства. Иако Грција учествувала со најмал број војници, по војните добила значителни територии од Вардарска и Егејска Македонија, како и Тракија – делови каде и не војувала. Бидејќи не бил постигнат договор за разграничување со Бугарија, двете држави изразиле претензии за што поголем дел од Македонија и Тракија.
Според извештаите, во првите денови од Првата балканска војна, во Струмичката каза биле убиени меѓу 5.000 и 6.000 луѓе, вклучувајќи жртви од судирите меѓу турската војска, башибозучките дружини, четите на ВМОРО и месната милиција. Со почетокот на Втората балканска војна на 29 јуни 1913 година, грчката армија ја разоружала и заробила бугарската воена единица во Солун. Меѓу заробените имало и војници и доброволци од Струмица, кои уште во првите денови на војната станале грчки затвореници. Струмичките затвореници веднаш биле депортирани во затвори на грчките острови, каде што поголемиот дел од нив ги загубиле животите.

Од паѓањето на Солун па натаму, се чини дека судбината на Струмица била запечатена. На 4 јули, грчката војска и нанела неколку порази на бугарската армија кај Лахна, Кукуш и Дојран, што во превод значело дека патот за освојување на Кукуш, Гевгелија, Дојран и Струмица бил целосно отворен.
Кобната среќа први да бидат посетени од грчките војски ја имале селаните на с. Костурино, во јули 1913 година. Грците „го почастиле“ селото со своето присуство така што пред да го нападнат селото, во него пуштиле една турска башибозучка дружина, составена од Турци од јуручките села под Беласица. Башибозуците разграбиле се што било вредно од куќите, ги врзале и тепале селаните, а заклале и три деца. Паралелно со овие нивни злодела грчките војници ја опкружиле селската црква, во која се наоѓале поголем број селани, и кога тие излегле во дворот на црквата ,,веднаш ги нападнале младите жени и почнале да ги изнасилуваат‘‘. Во дворот на црквата ,,биле давени и изнасилени‘‘ пет жени.

Селото Костурино во Првата и Втората балканска војна дало 98 жртви: убиени, затворени и сокршени од тепање, и 150-160, разграбени и изгорени куќи до темел. Само училиштето, црквата и турскиот затвор не биле изгорени. Но за жал грците не застанале тука па по опожарувањето на Костурино заедно со башибозуците ги опсадиле селата: Три Води, Раборци, Попчево и Чамчифлик.
Селаните од Три Води, кога слушнале што ги чека, веднаш побегнале и се иселиле во Нивичино. Тоа ги разлутило грчките војници, бидејќи никој не ги дочекал и немале што да ограбуваат, па решиле да надокнадат во селата Раборци и Чамчифлик. Селаните од овие села исто така побегнале, па откако ограбиле сè што можеле од имот и стока, грчките војници до темел ги запалиле двете села. Селото Чамчифлик оттогаш повеќе не постои.
Но и тоа не било доволно — следна мета било селото Попчево. И таму грчките војници нашле празно село, бидејќи жителите се евакуирале во селото Водоча, од другата страна на планината. Сепак, локални предавници ги издале, па грчките војници го откриле и нападнале нивниот логор во Водоча. Таму, не само што ги ограбиле и тепале селаните, туку ги силувале жените. По нападот, грчките војници се вратиле во Попчево, го опожариле, и продолжиле кон опсадата на селата Белотино и Рич.
Во селото Рич, грчките војници биле пречекани со бели знамиња од страна на селскиот кмет. Тој, заедно со неколку други селани, го довел грчкиот капетан во црквата за да му го покаже стариот натпис со грчки букви. Ваквата постапка на кметот помогнала селото да не биде опожарено. Но, и покрај тоа, грчкиот капетан изнасилил (силувал) две жени – снаа и свекрва.

Уште посурово постапиле грчките војници во селото Смолари. Иако биле достојно пречекани пред влезот во селото, по наредба на грчкиот офицер, уште со нивното влегување биле опожарени неколку куќи и масакрирани селани, меѓу кои и две жени. По крвавото злосторство, селото Смолари било изложено на општ грабеж од страна на 300 грчки војници и голем број турски башибозуци. За време на грабежот, многу селани биле тепани и присилувани да дадат пари, а жените и девојките биле изложени на насилства.
Во Ново Село, грчките војници, башибозуците и неколкумина гркомани од околината му нанеле огромни материјални и морални штети на месното население. Во селото пристигнала голема грчка коњичка единица, која со помош на башибозуците фатила 100–120 мажи и жени и ги затворила во дворот на црквата „Свети Ѓорѓи“. Една група грчки војници изнудувала пари од затворениците, додека другите вршеле грабежи по куќите, при што биле изнасилени голем број жени и девојки. Останатите жители на Ново Село се евакуирале кон планината Огражден, во месноста „Лебница“.

Поради тоа што не му биле удоволени барањата на грчкиот офицер да му бидат предадени неколку жени како заложници, тој наредил селото да биде запалено. Освен селската црква и две куќи, сите останати куќи и плевни биле опожарени. По Ново Село, грчките војници ги нападнале и селата Бајково, Бадилен, Стиник и Барбарево, каде пострадале голем број селани.
Големи масакри и грабежи биле извршени и во селата Сушица и Иловица. Во Сушица, грчките војници наметнале данок на сите семејства. Во дворот на црквата бил поставен килим, на кој селаните ги носеле парите – златни лири и други украси. Неколку војници ја ограбиле црквата, а друга група за време на грабежот фатила четворица селани и им изрекла смртна казна. Во меѓувреме, грчкиот терор се пренел и во соседното село Иловица, кое било целосно разграбено. Жените биле изложени на разни насилства, а осум мажи биле масакрирани – еден бугарски војник бил полиен со газија и жив изгорен. Сите биле одвлечени во блиската шума, каде биле сосечени и брутално убиени.

На големи грабежи од грчките војници биле изложени и селата Моноспитово, Муртино, С‘чево и Робово. Во Моноспитово Грците дошле со намера да го запалат селото и малтретирале и убиле неколку мажи и жени. Напуштајќи го ограбеното село, грците им се заканиле на селаните дека пак ќе се вратат и ќе стават ,,под нож‘‘ сѐ што ,,е бугарско‘‘. По Моноспитово, Грците го нападнале селото Муртино, во кое безмилосно се пресметувале со сите оние што немале да им понудат златни лири. Од Муртино собрале во заложништво 50 мажи, обвинувајќи ги дека се бугарски комити.
Заложниците биле врзани со ортоми и одвлечени надвор од селото за да ги стрелаат. Во меѓувреме
стигнала наредба од Струмица, заложниците да бидат доведени во градот, а само четворица мажи, кои служеле во бугарската војска, биле ставени во оков и транспортирани во затворот Еди Куле во Солун.
Од Муртино една група од 150 до 200 грчки војници го опсадиле селото С‘чево, а друга исто толку голема група го опсадила селото Робово. Во С‘чево селаните биле евакуирани во месноста орман ,,Матица‘‘, во реонот на Свидовица, дотерувајќи ја и стоката: овци, говеда и др. Грчките војници успеале само на брзина да ја ограбат куќата на војводата Томе Филев, ја силувале неговата жена Спасена и го напуштиле селото.

Групата грчки војници, кои тргнале за с.Робово, ги разграбиле сите куќи и силувале две жени. Незадоволни од грабежот и од зулумите, грчките воени единици што биле во Робово и оние од С‘чево, со сета бес ги нападнале селаните од соседното село Дабиље. Селото било целосно ограбено и
масакрирано од страна на 300 грчки војници. Покрај грабежот грчките војници во Дабиље измачиле голем број жени. Со посебна суровост тие се нафрлиле врз семејството на поп Трајко. Попот бил мачен, боден и горен и во рани и крв бил разнесуван низ селото. На крајот, поп Трајко ѕверски бил убиен, а заедно со него биле масакрирани неколку мажи и жени од селото. На крајот, грчките војници, од вкупно 96 куќи колку што броело селото, запалиле 50 куќи. Потоа се упатиле кон селата: Босилово, Драгомирово, Петралинци, Просениково и Пиперево.
Од грчкиот терор не било поштедено и населението на Струмица. Иако во Струмица немало Грци, туку само приврзаници на грчката кауза и верници на Цариградската патријаршија, грчките воени
власти веднаш по склучувањето на Букурешкиот мировен договор, издале заповед т.н. ,,Грци‘‘ од градот и селата Зубово, Мокрино, Габрово, Смолари и Вељуса, веднаш да ги напуштат своите домови,
што ја регистрирале и членовите на Карнегиевата комисија. Повикот за иселување од Струмица и од струмичкиот крај се однесувал и за Турците, во кој грчките власти ги заплашувале дека, доколку останат во своите домови, сите ќе биле ,,исклани од Бугарите‘‘.

Притоа, тие ,,ги убедувале дека во Кукуш ќе се изгради поубава Струмица и тука ќе добијат куќи и земја за обработување‘‘. Многу од нив не сакале да си ги напуштат домовите, но со сила биле протерани. Ноќта на август 1913 година група грчки војници почнале систематски да ги опожаруваат ,,грчките‘‘ и турските куќи и тоа го правеле до 23 август, лансирајки гласини дека тие самите си ги запалиле куќите. За време на опожарувањето на куќите, грчките војници насила влегувале во турските и еврејските куќи, при што вршеле и насилства врз жените на Евреите и на Турците.
Во деновите меѓу 21 и 23 август 1913 година осум грчки камиони по трипати на ден доаѓале и полни со инвентар се враќале од Струмица за Грција. Од градот и најмногу од селата Зубово и Мокрино се иселиле голем број на семејства во Грција. Но, набргу голем број од нив се разочарале и се вратиле во своите родни места. Во исто време, меѓу 21 и 23 август 1913 година, бил опожарен и манастирот во село
Вељуса. За време на грчката окупација на јужните делови на Македонија до почетокот на Втората балканска војна, Грците не престанале да ги прогонуваат сите поинтелегентни и побогати Македонци, а еден месец до војната грчките власти ги преполниле затворите со ,,сомнителни Македонци‘‘, испраќајќи голем дел од нив на заточение по грчките градови и на островите.
Според пишувањето на проф. Љубомир Милетич за грчките злосторства во Македонија за време на Втората балканска војна, на 26 јуни 1912 година грчките војски преку Дојран навлегле во Струмичко
заземајќи го градот Струмица. Злосторствата коишто ги извршиле по струмичките села и околијата биле многубројни. Додека грчките војски престојувале во Струмица, до 17 август во овој град и во Струмичко биле извршени нечуени варварства, како што биле: распнати луѓе со телеграфски тел, изгорени со газија, изгорени човечки глави, врзани луѓе за нозете со тел и обесени со главата надоле со очи, уши и раце откинати. Исто така, на боиштата останале многу оскарвавени трупови на бугарски војници.

Селаните од селато Ново Село, Босилово, Дабиље и Робово со солзи им раскажувале на бугарските војници за ужасните мачења на коишто ги подложиле грчките војници и офицери. Во село Орманово (Петричко) мажите биле затворени и држани 3 дена без храна и без вода. Жените биле собрани во една куќа и таму цело време биле држани и силувани. Истото се случувало и во Босилово, Дабиље и Робово. Во Робово грчките војници го врзале свештеникот и пред неговите очи му ја обечестиле ќерката и целиот женски род од неговото семејство и најпосле го застрелале свештеникот и неговата ќерка. Целото Робово било запалено и селото било изгорено. Биле изгорени и селата Ново Село, Раборци, Костурино и Дабиље.
Градот Струмица во почетокот не настрадал, бидејќи поголемиот дел од граѓаните биле гркомани и Грците ги поштедиле. Од друга страна сите македонски граѓани коишто не избегале биле уапсени, најголемиот дел од нивните куќи биле ограбени, а биле силувани и голем број жени. Кога станало јасно по Букурешкиот мировен договор дека Струмица ќе остане под Бугарија, Грците решиле да го изгорат градот, а со себе да го повлечат гркоманското, турското и еврејското население. Најпрвин се почнало со иселувањето на граѓаните, кои веќе на 27 јули биле натерани од воените власти да го сторат тоа. Еден дел од нив подлегнале на ветувањето, дека „во Кукуш ќе им изградат нова Струмица” и дека „грчкиот крал ветил дека ќе се грижи за нивната исхрана”. На 28 јули некои пофанатични гркомани дале прв пример и почнале да се иселуваат, а потоа и другите со заплашувања и насила биле принудени да се иселат.

Грчките воени власти им дале и превозни средства, коли и воени автомобили. На 8 август вечерта Грците тајно го запалиле центарот на градот, каде што била чаршијата, а пред тоа ги разграбиле дуќаните. Најпосле неколкупати градот бил запалуван, во прво време тајно, а потоа и јавно. Интересно е што турското население се пожалило кога го терале да се иселува, но не смеело пред грчките заплашувања да се противи. Исто така Грците постапиле и по селата. На крајот проф. Љубомир Милетич ја дава и наредната констатација: „Дали имало во новата историја нешто пожестоко и подолно од овие грчки злосторства?“.
Според изјавата на инспекторот на поштите и телеграфите, Билдирев, на 24 август 1913 година во Струмица грчките и турските маала, касарните и општествените згради биле изгорени. Пристигнатата бугарска војска успеала да ја разбие грчката војска, најправин кај Трстеник и Белица, потоа кај Бања, па кај Банско. Грчките војски отстапиле преку проходот Предел и таму го затекнале примирјето, што ги спасило од уништување. За присуството на грчката војска во август 1913 година во Струмица сведоштва дава и војводата Христо Чернопеев во својот дневник од Балканските војни.

Во дневникот тој пишува дека по настаните во Неготино за време на Тиквешкото востание и битката
со српската војска кај Криволак, бугарската војска и неговата чета отстапиле и се повлекле кон Радовиш, од каде тој со својата чета од 80 души се упатил кон Струмица. Струмица, како што пишува тој во Дневникот, броела околу 10.000 жители: Турци, Бугари (односно Македонци), и Бугари-гркомани (односно Македонци-гркомани). Кога се приближувал кон Струмица, на 26 август, околу 17 часот, забележал грчки одреди и откако четата отворила огин кон нив (еден убиле) грчката војска од два ескадрона се разбегала кон патот за Дојран.
Во градот настанала страшна паника. „Граѓаните: гркомани, андарти, жени и деца”, сите бегале по кавалеријата. Грчките знамиња биле симнати и заменети со бугарски. Понатаму, Чернопеев во
Дневникот пишува дека не ги прогонувал Грците за да не ја открие бројноста на својата чета.

Марија Георгиева-Ичева од Струмица, сведок на запалувањето на Струмица го раскажува следното:
„Грците влегоа во Струмица на 26 јуни. Бидејќи три четвртини од градското население е гркоманско, Грците направија пакости само на македонското население, главно во квартот “Чифлик” на
североисточниот крај на градот. Тука сите коишто не успеаја да избегаат, Грците ги уапсија. Имаше грабежи и обесчествување на жените. И по селата со исклучок на 4-5, кои се гркомански, Грците
извршиле уште поголеми злосторства и многу убиства, како во Ново Село, а многу села биле речиси целосно запалени како што биле Ново Село, Раборци, Костурино и поголемиот дел од селото Дабиље.
По Букурешкиот мировен договор, кога се установило дека Струмица ќе остане под Бугарија, Грците веќе на 27 јули почнале да ги канат и да ги заплашуваат граѓаните да се подготвуваат за иселување во грчките земји, зашто Бугарите ќе ги измачуваат и ќе ги убиваат. Им ветиле дека во Кукуш ќе им направат ‘нова Струмица’ и дека грчкиот крал ветил дека ќе се грижи за нивната исхрана. Граѓаните коишто биле пофанатички настроени веднаш се согласиле и уште на 28 јули некои тргнале откако си ги земале поважните работи, а побогатите, коишто располагале со превозни средства, си ги земале сите работи. Иселувањето од ден на ден се засилувало.

Кога луѓето ги гледале како се иселуваат, а особено кога се исплашиле, почнале и други да се иселуваат. Во почетокот луѓето сами се иселувале, а потоа Грчката влада им праќала воени автомобили преку Дојран. Во почетокот автомобилите ги земале само луѓето и малку покуќнина, по една бовча алишта, а потоа некој ден се враќале и земале и алишта. Така продолжиле до 8 август, кога Грците точно во 7 часот вечерта го запалиле градот од југозападната страна од чаршијата. Пожарот бргу се расширил, а граѓаните не смееле да излегуваат бидејќи имало и пукање од страна на војската, со цел да се исплаши населението да не го гаси огнот. Гореле повеќе дуќани меѓу коишто имало и полни со стока, коишто им припаѓале на македонските граѓани, бидејќи Турците и Евреите веќе ја однеле стоката кога се иселувале заедно со Грците.
На 9 дента, огнот бил изгаснат, најпрвин во маалото ‘Бабјак’, а вечерта пак пламнал зафаќајќи го грчкото училиште, грчката црква и целото грчко маало. Истовремено се појавил и пожар и на 2-3 места и на турското маало. На другиот ден огнот продолжувал да гори и веќе јавно Грците почнале да го потпалуваат и да не се кријат. На 10 август пак се појавила грчка војска во градот, еден мал одред слегол во градот, додека другите стоеле горе на Кулата, којашто се наоѓала над градот.
Пожарот продолжил до 15 август, уништувајќи го целиот град, а останале само македонските маала Бабјак и Чифлик, бидејќи македонското население деноноќно пазело за да не изгорат нивните куќи. Од другите грчки и турски маала останале само некои куќи, коишто се наоѓале во бавчите и во пошироките дворови. На 18 август дошла бугарската војска, а грчката веќе конечно се повлекла. Пред тоа, на 11 август вечерта Грците ги изгореле и големите турски касарни. По селата, коишто Грците ги изгореле имало многу настрадано население од тепање, како и многу голем број убиства и силување жени и др. Кога Грците ги палеле куќите и дуќаните на македонските граѓани пред нивните очи ги ограбувале, откорнувајќи ги насила вратите и прозорците. Сега и во градот и во селата останале само Македонци, Грците, Турците и Евреите се иселени”.

Според Карнегиевата комисија, од повеќето добиени извори, уништувањето на Струмица било само извршување на дел од планот изработен од грчки власти кога бил склучен мирот.
„Од 27 јули натаму”, како што им изјавила на членовите на Комисијата истата Марија Георгиева-Ичева, „Грците почнаа пропаганда меѓу грчкото население и го повикаа да ја напушти земјата. Им влеваа во главите страв дека ќе бидат мачени или дури убивани од Бугарите. Му ветуваа на народот дека ќе му изградат „нова Струмица” во градот Кукуш. Самиот грчки крал ќе се погрижи за населението. Всушност, однапред беше познато дека по присилната експатријација на Грците, на Евреите и на Турците, самиот град беше осуден на уништување како Ксанти, Ѓумурџина и „други места во Тракија”. Странските конзули во Струмица така информирани, се консултираа заедно и испратија телеграма до своите претставници да вложат протести во Атина. Грчката влада се согласила да ги држи сите тие места до доаѓањето на бугарската војска. Но, оваа вест била добиена во Солун на 8/21 август, на самиот ден во кој почнал пожарот во Струмица.

Во текот на десетте претходни дена грчките жители доаѓале и оделе од градот слободно, однесувајќи ги своите добра во автомобили што Владата им ги ставила на нивно располагање. Турците и Евреите биле принудени да ги следат. Штом таа операција завршила, Грците ги запалиле пазарите во југозападниот дел на градот, близу до куќата на грчкиот лекар Риксопуло. Замислата била дека кога веста ќе се рашири во Солун пред катастрофата, меѓународното јавно мислење ќе се натера помисли дека населението ги запалило своите сопствени куќи од страв да не остане под бугарско ропство.
Населението од бугарските квартови (само една четвртина од целината), гледајќи го пазарот во огин, излегло на празните улици и во текот на ноќта на 8-ми и 9-ти успеало да го изгасне пожарот. Тогаш се мислело дека грчката војска отишла; всушност, таа била само скриена. Утрото на 9-ти грчките
војници се појавиле и се заканувале дека ќе ги убијат Бугарите. Оттогаш бугарското население се повлекло во куќите и не се осмелувало да излезе и да го гаси пожарот.
Тогаш Грците ги прекинале водоводните цевки и ги расипале противпожарните машини. Вечерта огинот пак бил запален и во текот на ноќта грчките и турските квартови почнале да горат. Грчките војници веќе не се криеле, голем број очевидци ги виделе на дело. Тие имале бомби во рацете кои ги ставале под зградите и за неколку минути куќите биле во пламен. Шестмина или седуммина војници биле видени како подметнуваат огин во касарните трипати пред да ги запалат”.

За настаните во Струмица и Струмичко сведоштвата дал и аѓутантот на Првата дружина на 26-пешадиски полк, офицерскиот кандидат Пенев. По патот за Струмица, меѓу селата Орманово и Ново Село, тој наишол на поголем број војници убиени на ѕверски начин: распнати со телеграфски тел на врба, со изгорено лице од газија, трупови покриени со песок, со глави изгорени со газија, врзани трупови со нозете со тел обесени со главата надолу, со откинати очи, уши и раце, голем број трупови незакопани. Во селата Орманово, Ново Село, Босилово, Дабиље, Робово селаните со солзи во очите раскажувале за нечовечките злосторства на кои ги подвгрнале грчките војски и офицери.
Во селото Орманово во градската полициска зграда биле затворени сите мажи и 3 дена биле држани без леб и без вода и безмилосно измачувани од војниците. За една капка вода им барале по една лира. Во една куќа во селото биле затворени сите женски лица од 8 години нагоре. Истото тоа грчките војници го вршеле и во струмичките села Босилово, Дабиље и Робово. Во Робово грчките војници го врзале свештеникот и во негово присуство му ја силувале ќерката, а потоа и другите, најпосле го застрелале свештеникот, неговата ќерка и го запалиле селото. Две третини од Струмица биле изгорени, а најмногу гркоманскиот и турскиот кварт. Кога дошол редот на македонскиот кварт и веќе биле запалени неколку куќи од Солун пристигнал евангелискиот мисионер, Англичанецот Купер, којшто се јавил пред грчкиот командант и го замолил да го запре огнот, бидејќи ќе побарал од англискиот конзул во Солун да го стори тоа.
Тогаш огнот бил запрен од командантот. Купер го фотографирал градот запален од Грците и фотографиите му ги испратил на англискиот конзул во Солун. Меѓу изгорените грчки куќи била и новата христијанска црква, на која изгорела дрвената конструкција. Грците поставиле три бомби за да ја разрушат, но не успеале бидејќи била цврсто направена од камен и железо. Биле изгорени и македонските болници, каде биле сместени тешко болните бугарски војници без никаква медицинска помош и храна. Најпосле ги затвориле болните војници во турската кула и ја запалиле. Изгорените трупови на болните војници се наоѓале меѓу рушевините до 3 септември кога Грците го напуштиле градот. На 3 септември во Струмица дошле околу 20 семејства што избегале од Кукушко.

Тие на аѓутантот Пенев му раскажувале дека грчките власти им наредиле на Турците од околијата, кои биле добро вооружени, да се пресметаат со македонските жители и ниту еден да не остане жив.
Така и направиле. Откако го ограбиле житото и добитокот почнале да ги силуваат жените и да ги убиваат мажите во селата: Морарци, Алексиево и Порој. Бегалците од Дојранско и Кукушко расправале дека крај патот имало безброј оскрвнавени трупови на мажи, жени и деца.
Приложуваме уште едно кажувањето на Хаџи Сулејман Ефенди од Струмица, пред членовите на Карнегиевата комисија:
„… Потоа грчката војска го окупирала градот. Тогаш тие издале наредба дека муслиманите мора да го напуштат градот и додале дека тие, Грците ќе ги запалат куќите ако муслиманите не го сторат тоа. Јас лично ѝ понудив три лири на грчката патрола која дојде да ми ја запали куаќата. Наредникот одби да ги земе и рече дека ако не ја запали куќата тоа ќе го направи друга патрола. Сите куќи беа систематски палени, а ова се правеше во триесет и две околни села”.

Според збирните податоци на Карнегиевата комисија, собрани од повеќе извори за грчките злосторства во Струмица, изводи од еден официјален извештај (пренесен) од офицер кандидат Пенев, аѓутант на Првиот баталјон на 26-от Пешадиски, бегалци кон Солун, од еден угледен турски граѓанин од Струмица, од грчки бегалци од Струмица дојдени во Кукуш, од бугарски податоци во Софија, како и од „доверливи податоци” од „еден авторитативен сведок, државјанин на една неутрална сила”, кој ја посетил Струмица пред егзодусот да биде завршен, настаните во Струмица се одвивале на наредниот начин:
„Грчките воени власти во Струмица дале експлицитна наредба дека сите муслимански и грчки жители од градот и селата мора да ги напуштат своите куќи и да емигрираат на грчка територија. Наредбата била поткрепена со предупредувањето дека нивните куќи ќе бидат запалени. Било користено убедување и, во случајот со Грците, тоа делумно успеало. Ним им било речено дека Бугарите ќе ги масакрираат, ако останат. Исто така, биле уверувани дека за нив ќе се изгради прекрасна нова Струмица во Кукуш и им се ветувале куќи и земја. Некои од водачите на грчката заедница ревносно ја прифатиле таа политика и го искористиле своето влијание за да ја спроведат. Грчкиот егзодус ни оддалеку не бил спонтан, но, главно, бил доброволен. Наше уверување е дека муслиманите се потчиниле на силата. Вистина е дека тие имале страшно искуство под мешаното српско-бугарско владеење во првите недели на Првата војна.

Но, тоа го преживеале и повеќето од нив изјавуваа дека бугарското владеење, по тој прв екцес, било барем подносливо. Повеќето од нив заминале потчинувајќи се на наредбата. Некои попусто се обидувале да ги потплатат грчките војници. Некои тврдоглаво останувале и биле натерани со сила. Истата постапка се спроведувала и по селата. Емигрирањето почнало околу 10 август. Вечерта во средата на 21 август, групи грчки војници почнале да ги палат празните куќи во муслиманските и грчките квартови според систематски план и ја продолжиле својата работа во наредните ноќи, се до 23 август.
Грците го евакуирале она што останало од градот на 27 август и им го предале на бугарските војници. Бугарскиот кварт не бил запален, бидејќи целта на Грците била да се шири легенда дека небугарските жители сами ги запалиле своите куќи. За да се процени целосното значење на оваа вонредно срамна постапка мора да се потсети дека била извршена во време на мир, по потпишувањето на мирот од Букурешт”.

За настаните во Струмичко, Карнегиевата комисија ја дава наредната констатација: „Струмичката афера фрла јасна светлина Поранешните балкански војни… цит., врз извесен број слични настани во кои намерата и претходната организација не се толку лесно распознатливи. Ако изгледа дека таа ги надминува сите досега дадени случаи, тоа се должи просто на фактот што можевме подобро да ја следиме. Заклучувајќи го овој дел на нашиот извештај со тој акт на неограничен ужас, ние мора да го утврдиме само моралниот заклучок”.
Како што заклучиле членовите на Карнегиевата комисија, немало село во околината на Кукуш и Струмица што не било запалено од грчката војска „во нејзиниот марш на север“. Бројот на изгорените села во списокот изнесува 161, а бројот на изгорените куќи е околу 14.800. Според процената на Комисијата „бројот на куќите изгорени од Грците во Втората војна не може да биде помал од 16.000“.
Во списокот се наведени наредните податоци за изгорените села: Единаесет села запалени од Грците: Дабиље (50), Ново Село (160), Вељуса, Моноспитово, Сврабите, Попчево (43), Костурино
(130), Раборци (15), Чам-Чифлик (20), Балинци (2), Зубово (30). Девет турски села изгорени од Грците: Амзалија (150), Гечерлија (5), Чанаклија (2), Ново-Маала (2), Еднокуќево (80), Секирник (30), Сушица (10), Свидовица (10), Борисово (15). Две патријаршиски села, Мокрени (16) и Мокриево (10), со три четвртини од градот Струмица, околу 1.000 куќи и дуќани. Вкупно биле изгорени над 1.620 куќи.

Последиците од Балканските војни, односно раселувањето и егзодусот на македонското население од вардарскиот и егејскиот дел на Македонија, најмногу се почуствувале во Струмица, каде дошле
голем број бегалци. Според податоците што ги собирал Извршниот комитет на македонските братства во Бугарија, од 1 јануари 1915 година до 30 март истата година, во продолжение на 3 месеци, само во Струмица и околијата од Македонија пристигнале 5.654 бегалци.
До 1 септември 1914 година пристигнале 6.541 бегалец, а од 1 септември 1914 до 1 јануари 1915 година пристигнале 6.066 бегалци. Значи, вкупно во 1914 година во Струмица пристигнале 12.507 бегалци. Во продолжение од 15 месеци, само во Струмица и околијата пристигнале 18.151 бегалец. Во оваа бројка не влегуваат бегалците што ги напуштиле своите домови по валандовската афера, а коишто изнесувале повеќе од 10.000 бегалци.
Последиците од Балканските војни што ги претрпе македонскиот народ најдобро може да се илустрираат од завршните констатации на Карнегиевата комисија што таа ги видела токму во струмичкиот регион:
„Настаните опишани погоре служат за тоа да обезбедат уште повеќе потврда на една стара вистина на која вреди да потсетиме. Дека легитимното национално чувство кое инспирира акти на хероизам и
извртениот и шовинистички национализам кој води кон злостор се премногу блиску поврзани состојби на колективниот ум… Но, кога тие националности преминуваат од одбрана во напад и наместо да
го обезбедуваат своето сопствено постоење почнуваат да посегаат по постоењето на друга национална индивидуалност, тие прават нешто незаконско, дури злосторничко.

Не е националноста таа што треба да го жртвува своето постоење на каква било погрешна или излитена идеја за државата. Кога ќе се примени оваа здрава максима на фактите од Втората балканска војна, на човека неминовно му се наметнува заклучокот дека бидејќи Букурешкиот договор ги санкционирал нелегитимните барања на победничките националности, тој е дело на неправда кое по секоја веројатност не ќе може да му се спротивстави на дејството на времето… Меѓусебната толеранција е се што се бара; а неа ја оправдува фактот што и повредата е меѓусебна. Збрканата заплетканост на балканскиот национализам не може да се расплетка ни со обидите за асимилација по секоја цена, ни со нова преселба.
Но, во случајот со македонските Словени во грчка Македонија секоја национална група има потреба од заштита од некоја соседна држава, Романците, Бугарите, Турците, Грците, дури и Србите… Се што е
потребно, тоа е една ефикасна мегусебна гаранција на религиозна и просветна автономија. Ако постои некаква корист во тешката поука од настаните што ги опишавме, таа мора да биде да ги доведе
сојузниците од денес пред вчера, страсните противници од вчера, љубоморните и студени соседи од денес, кон солидарно утре во нивната работа за благостостојба на Балканот. Букурешкиот договор
треба да се ревидира и да се комплетира во таа смисла, ако не треба да биде прекршен од некој нов каприц на историјата”
текстот е делумно базиран на истражувањата извршени од Проф. д-р Зоран Тодоровски Државен архив на Република Македонија, Скопје
