Времеплов – Струмица низ историјата – воено-стратешкото значење на Струмица во Самуилово време

Поради својата поволна геостратешка положба, средновековна Струмица претставувала едно од најважните јадра и одбранбени центри на Самоиловата – Македонска држава. Тука се вкрстувале неколку значајни патишта што ги поврзувале главните политички и воени центри на Балканот – Солун, Скопје и Сер, а преку оваа рута директно и Консантинопол. Токму оваа стратешка позиција ја претворила Струмица во клучна точка за контрола на регионот, но и во сцена на еден од најголемите судири на таа доба. Да биде судбината уште позамрсена, на двета страни на тој судир ќе се најдат два македонски крала. На едната Самуил царот кој ќе ја создаде првата средновековна Македонска држава, а на другата уште еден македонец, византискиот император Василиј II – кој е дел од македонската лоза на императори.

Историските настани од почетокот на XI век ја поставуваат Струмица во самиот центар на борбата за доминација на Балканот. Тука не станува збор само за локално значење – туку за еден од решавачките моменти во историјата на Европа. Битката кај Беласица, која се одиграла на 29 јули 1014 година, во близина на Струмица, е јасен доказ за тоа. Овој судир меѓу двете македонски сили завршува со пораз на Самуил и ја одбележа пресвртницата во борбата за хегемонија на Балканот.

3Д претстава на Цареви Кули во средниот век

Покрај военото значење, градот бил и важен административен и црковен центар, седиште на епископија со висок ранг. Поставеноста на Струмица во триаголникот Солун–Сер–Скопје ѝ овозможила да доживее златен период во средниот век, претворајќи се во вистинско стратешко срце на регионот. И токму затоа, Струмица останува една од најзначајните точки во приказната за Самуиловата Македонска држава и нејзината борба за опстанок.

Една од најважните приказни за нашата историја доаѓа токму од перото на византискиот хроничар Јован Скилица – човекот кој ни го открива светот на Самуиловата држава. За жал поради ривалството на двете држави голем број од самуиловите записи се уништени од страна на византијците, па немаме сведоштва со кој можеме да го оспоруваме византискиот наратив, кој е доминатен во историја, а секако треба да се земе со одредена резерва, поради пропагандните елементи во него.

Централната одбранбена кула и нејзнините остатоци денес

Според неговите записи, во времето на судирите со Византија, градот Струмица бил под управа на војсководец по име Драгомуж (Δραγομους). Тој не бил обичен управник – во тврдината во Струмица држел голем број војници, подготвени за борба, а истовремено раководел и со повеќе тврдини во поширокиот струмички регион.

Кога во 1018 година византискиот цар Василиј II конечно ја потчинил Самуиловата држава, токму Драгомуж бил тој што мирно ги предал тврдините на Византија. За возврат, Василиј му доделил висок ранг – патрициј. И Скилица го бележи овој момент, дури и ги спомнува некои од тврдините со кои управувал Драгомуж. Меѓу нив се и Мацукион и Термица – две тврдини што, како што пишува, се наоѓале близу до Струмица, веднаш покрај патот кој водел од Сер кон градот.

Единствено на овој начин, преку зборовите на еден византиски писател, добиваме слика за едно време полно со пресврти, лојалности и судири – и за значењето што го имала Струмица во срцето на овие големи историски настани.

Во времето на големите судири меѓу Самуиловата држава и Византија, Струмица и нејзината околина имале исклучително значајна улога. Според изворите, целиот овој регион бил организиран како посебна воено-административна единица, на чие чело како што рековме стоел Драгомуж. Тој не бил само управител на градот – под негова команда биле и сите началници на околните тврдини, што покажува колкаво значење му придавал Самуил на овој крај.

Во почетокот на XI век, византискиот император Василиј II започнал серија големи офанзиви против Самуил. Царот Самуил, знаејќи колку е стратешки важна Струмица, се фокусирал на нејзината одбрана. Твдината Цареви кули била зајакната, а и околните тврдини биле дополнително утврдени. По патиштата биле изградени прегради, поставени гарнизони и испратени силни воени единици. Причината? Василиј секоја година го започнувал својот поход токму преку долината на реката Струма – по т.н. „Царски пат“ кој водел кон срцето на Самуиловата држава.

Цареви Кули – цртеж на средновековниот изглед

Бидејќи не можел директно да се спротивстави на моќната ромејска армија, Самуил започнал да води герилска војна. Неговите војници напаѓале од заседи, користејќи ја предноста на теренот и вешто поставени прегради по патиштата за да го изненадат непријателот.

Во тоа време, Струмичката област станала гранична зона меѓу двете големи сили – Самуиловата и Византиската империја. Природната бариера ја создавале планините Огражден, Беласица и Плавуш, а на клучните премини биле изградени палисади – односно дрвени и земјени барикади. Една таква преграда го штитела јужниот приод од Солун кон Струмица, а другата го затворала источниот пат од Сер кон градот.

Во овој внимателно организиран одбранбен систем, важна улога имале и старите тврдини од претходните векови и антиката, кои сè уште опстојувале. Заедно со новите прегради, тие го сочинувале она што историчарите денес го нарекуваат Самуилов лимес – заштитниот бедем на неговото царство.

Карта на Беласичката битка – изработена од Душко Цветанов

По падот на Струмица, не поминало многу време до крајот на Самуиловата држава. Затоа многу историчари со право веруваат дека токму овде, во Струмица, се случил решавачкиот, клучниот судир што ја одредил судбината на македонското царство. Императорот Василиј II, веднаш по освојувањето, не сакал да ризикува повторен отпор и возобновување на Самуиловото царство, па затоа наредил сите тврдини во овој крај – посебно оние што можеле да станат жариште на бунт – да бидат разурнати. Многу струмички тврдини биле погодени од оваа наредба. Во оние што ги задржал, според писанијата на хроничарот Јахја Антиохиски, Василиј поставил ромејски управители и им дал силна воена поддршка – со цел да воспостави трајна и стабилна власт во Струмица.

Ако се погледне стратешки, Самуиловата држава била изграденa како мрежа од големи тврдини – кастрони – околу кои биле распоредени помали утврдувања и стражи, наречени фруриони. Тие служеле за рана одбрана и поддршка на главните крепости. Со текот на времето, овие кастрони прераснувале во вистински средновековни градови: покрај воените акрополи се создавале цивилни населби – вароши, пазари, дури и црковни центри.

Приказ за тоа како се одвивала Беласичката битката

Струмица била токму таков пример. Нејзината тврдина Цареви Кули била главен одбранбен столб, а околните тврдини што ѝ гравитирале служеле како поддршка во целокупниот систем на одбрана. Во раниот среден век (VII–X век), кај нас речиси исклучиво се користеле постоечките доцноантички тврдини – најмногу оние од VI век. За повторна употреба, доволно било да се расчистат од шума и да се поправат дрвените порти и оштетените делови од ѕидовите. Со едноставни методи, како сувоѕид, тие можеле да се зацврстат во кусо време.

И во Струмичкиот регион имало многу такви тврдини. Дури и денес, по селските ридови, се среќаваат топонимите „Градиште“ – што речиси секогаш означува стара тврдина. Истражувањата покажуваат дека на овој простор имало над 20 такви утврдувања. Многу од нив биле користени и дообновени токму во времето на Самуил, на крајот од X и почетокот на XI век.

Иако во средниот век се градело, тоа се случувало со помал интензитет и квалитет. Причините за тоа биле многубројни – од економски и безбедносни, до логистички и географски. Но, она што останува јасно е дека Самуил, со малку средства и многу умешност, создал одбранбен систем кој се потпирал на старото, но бил прилагоден на новата реалност – сè додека последниот отпор не се срушил токму во срцето на неговата држава – Струмица.

Цртеж од Беласичката Битка

Во времето на цар Самуил, Струмица претставувала еден од најголемите кастрони – утврден воено-административен центар. Во него била сместена не само силна војска, туку и управен апарат со војсководецот Драгомуж на чело. Од овде се координирале сите воени и стратешки активности во поширокиот регион. Неодамнешните археолошки ископувања на локалитетот Цареви Кули го потврдуваат ова. Под средновековните бедеми, откриени се остатоци и контури од уште постара – доцноантичка тврдина. Таа најверојатно била повторно користена од Самуил со одредени прилагодувања и заштитни интервенции. Тврдината била мошне важна, но по нејзиното предавање во 1018 година од страна на Драгомуж, императорот Василиј II наредил таа целосно да се уништи. Иако археолошките наоди од тој конкретен период се оскудни, сепак постојат траги што упатуваат на активност и живот во времето на Самуил.

Струмичкиот крај не останал поштеден од суровата политика на Василиј. Биле разурнати и околните тврдини што на Самуил му служеле за одбрана. Иако не знаеме со сигурност дали самата Струмица била срамнета со земја како Охрид и други македонски градови, постои веројатност дел од зградите и тврдините да биле уништени. Она што е сигурно е дека кон крајот на XI и почетокот на XII век, во време на норманските походи и зајакнувањето на Византија под Комниновата династија, тврдините и градот биле повторно обновени и утврдени.

Средновековен цртеж каде е претставена битката на Беласица

Но, приказната за Цареви Кули не започнува со Самуил. Првата тврдина на овој локалитет најверојатно била изградена уште во доцноантичкиот период, веднаш по Готско-херулската наезда во 280 година. Тоа било време на римските цареви Диоклецијан и Константин, кога низ целиот Балкан се граделе силни тврдини за заштита од варварски напади. Наодите од тоа време, особено од некрополата „Јужен Рид“, ни го прикажуваат живописно секојдневието – од питоси за складирање жито, до разни керамички предмети и алатки. И денес на теренот се гледаат делови од старите бедеми на северозападната и југоисточната страна, како и остатоци од јужниот влез. Тоа се сведоштва за долготрајниот живот и значењето на оваа тврдина – од римски времиња, преку Самуиловото царство, па сè до доцниот среден век.

Патна мрежа и тврдини во околината на Струмица во времето на Самуиловата држава

Јужно од Струмица, на само 6 километри по воздушна линија, се издига уште една многу важна тврдина, Василица — некогашна крајпатна стража, стратешки поставена на најтесниот дел од клисурата на Древенска Река. Таа се наоѓа 3,5 километри северно од селото Костурино и еден километар јужно од Раборци. Преку оваа точка минувал и важниот пат кој ја поврзувал Струмица со Валандово и понатаму со Солун.

Тврдината е сместена на долг рид со зарамнет врв, од чии страни се спуштаат падини кон Маркова Река, лоцирана на запад. Ридот се издига 220 метри над реките, достигнувајќи вкупна надморска височина од 590 метри. Благодарение на ова положба, Василица имала одлична прегледност над теснецот и околниот терен. Првото детално мерење на оваа тврдина го направи познатиот археолог Виктор Лилчиќ кој тврди дека тврдината, или кастелот како што е наречен, имала улога на висока стража, чија посада можела целосно да го контролира и блокира патот кој поминувал низ клисурата. На врвот денес може да се видат остатоци од обѕидан центар, кој датира од доцноантичкиот период. Посебно на северната страна се забележуваат траги од две градбени фази — една од крајот на IV век, и друга од VI век.

графички приказ на Цареви кули – гледани од птичја перспектива – за време на Самуиловата држава

Близина до Струмица — само шест километри — ја правела тврдината исклучително важна за градот. Таа претставувала првата одбранбена линија за одбивање на секој евентуален напад што доаѓал од југ. Токму поради тоа, Василица била населена и во средновековието. Според историчарот Иван Микулчиќ, западната кула на тврдината, која има димензии 12 на 10–7 метри и необична форма за античко време, била обновена и повторно користена во подоцнежните векови. Меѓу археолошките наоди се пронајдени фрагменти од средновековна црепна и византиска глеќосана трпезна керамика.

Како крајпатна стража, Василица го чувала влезот од југ кон Струмица. Таа имала целосна контрола врз Стариот пат кој минувал западно од неа, како и над клисурата на реката Тркајна, лоцирана источно. Иако таа источна траса не се користела до средината на 20 век, кога конечно била пробиена. (денес на тоа место минува современиот магистрален пат Струмица – Валандово).

Карта која го покажува стариот средновековен пат од Струмица до Солун

Поради својата доминантна положба и највисока точка, тврдината Василица нудела прегледност на сите околни правци. Се гледал патот што доаѓал од Струмица, но и оној од Штип, кој преку реката Крива Лакавица водел кон подножјето на селата Рич, Белотино и Попчево. Покрај овие правци, тврдината ја контролирала и влезната точка од југ — патот што водел од Солун, преку Дојран и Валандово, па до Струмица. Овој пат се искачувал во атарот на селото Костурино.

Со оваа стратешка поставеност, тврдината Василица имала целосна контрола и прегледност над сите патишта кои воделе кон Струмица од јужната страна. Иако во турскиот период ја изгубила првичната воена функција, регионот не ја изгубил важноста. Турците исто така го ценеле значењето на патот што од Солун водел кон Струмица. За тоа сведочи и фактот што селото Костурино било дервенџиско село – односно село со задача да го чува патот – поради важноста на трасата што поминувала таму.

Додека ја разгледуваме стратешката важност на тврдината Василица и пределот околу неа, вреди да се навратиме на еден драматичен настан што ни го пренесува византискиот хроничар Јован Скилица. Тоа било по разурнувањето на Клучката дема, кога византискиот император Василиј II, продолжувајќи кон тврдината Мацукион, го испратил солунскиот дук Теофилакт Вотанијат со задача да премине низ ридовите крај Струмица. Требало да ги изгори сите препреки (деми) по патот и да отвори коридор за повлекување на императорот кон Солун.

Кога Вотанијат пристигнал, локалните стражи го пропуштиле без отпор. Но, кога се обидел да се врати кај император, паднал во стапица – заседа поставена во тесната и стрмна долина, најверојатно меѓу Беласица и Плауш Планина. Војската му била опколена во тесен премин, од чии височините самуиловите војници ги бомбандирале камења и стрели. Во оваа заседа Теофилакт Вотанијат бил убиен – прободен со копје во стомакот од страна на Гаврило Радомир, синот на цар Самуил. Неговата единица била речиси целосно уништена.

Карта на патната траса Струмица -Штип – Скопје во средниот век

Ридестиот и планински терен јужно од Струмица овозможувал чести и неочекувани заседи. Токму таму, скриена меѓу височините, се наоѓала тврдината Василица. Се претпоставува дека Самуиловите војски, сконцентрирани во тој дел, токму од таа тврдина го изненадиле Вотанијат. Каде точно биле поставени палисадите? Истражувањата изведени од струмичанецот Душко Цветанов, наведуваат 3 можни локации: 1. клисурата на реката Тркајна, долж патот с. Костурино – Струмица, источно од Василица; 2. старата патна траса Костурино – Раборци, која некогаш водела по стрмни ридови и падини; и 3. последната претпоставка, Валандовското брдо, познато како тежок и непрооден предел.

Во одбранбениот систем на јужниот влез во Струмичката Котлина, покрај палисадите сигурно биле активирани и блиските тврдини, дури и како набљудувачници. Западно од денешниот пат Валандово – Струмица, на возвишение, се наоѓа тврдината Вестерно-Раброво – активна уште од антика. Со неа директно комуницирал и локалитетот Исар-Кула, на растојание од 0,8 до 1,3 км од Валандово.

Карта на патната траса Струмица – Сер – Цариград за време на Самиуловото владеење

Скилица ја спомнува и тврдината Мацукион, близу Струмица. Во својата хроника тој детално го опишува патот по кој Василиј II марширал против Самуил: од Сер, преку Валовишта (денешен Демир Хисар), Рупел, па по долината на реката Струмица до Кладион (Клуч). По победата кај Клуч, византиските сили се дале во потера по Самуиловите војници кон Струмица. Според народното предание, токму во селото Мокриево дошло до судирот меѓу двете страни, каде учествувале и самиот Самуил и неговиот син Гаврило Радомир, кои со цел да им помогнат на своите војници ја напуштиле тврдината Цареви Кули и се дале во борба.

Овој судир завршил со катастрофален пораз за Самуил – огромен број на загинати, а околу 14 000 војници заробени. Василиј II потоа продолжил кон Струмица и ја зазел тврдината Мацукион, која се претпоставува дека се наоѓала на падините на Беласица, во близина на градот. Оттаму, покрај самата планина, тргнал кон Струмица. По кој пат се движел Василиј? Според конфигурацијата на теренот, препреките и природните опасности, како и потребата за безбедно движење, патот да минувал по падините на Беласица, бидејќи центарот на Струмичката Котлина бил мочурлив, не само поради Моноспитовското Блато туку и затоа што често бил поплавуван – особено поради реките Струмица, Водочница и Тркајна.

Денеска, на тој потег од Клуч до Струмица се наоѓаат значајни археолошки остатоци од бројни тврдини, дел од нив евидентирани и на Археолошката карта на Република Македонија. Тоа се: Градиште (Старо Коњарево), Пирго (Мокриево), Градиште-Калари (Банско), Градиште (Свидовица) и Падарница (Струмица). Сите овие тврдини егзистирале во различни периоди, а веројатно биле активни и за време на настаните од оваа историска епизода.

Од византиски извори знаеме дека стратегијата на византискиот император Василиј II, била брзо и ефективно да ја уништи Самуиловата држава, па затоа и решил да не се задржува на попатни тврдини – освен ако тие не му биле директна пречка на патот. Неговата крајна цел била јасна и немилосрдна: целосно уништување на Самуиловата држава, и доколку е можно, заробување или ликвидација на самиот цар Самуил. Знаел дека Самуил нема сили за отворен судир. Притиснат во ќош, Самуил бил принуден на герилски стил на војување – поставување замки, блокади и неочекувани напади од терен што тој одлично го познавал.

Тврдината Мацукион, која е честопати спомнувана во изворите, најверојатно се наоѓала на т.н. Подгорски пат. Овој пат ги поврзувал Струмица со селата распослани по подножјето на планината Беласица. Се верува дека тврдината била сместена некаде меѓу селата Старо Коњарево и Банско. Оваа хипотеза ја засилува фактот што таа паднала под ромејска власт веднаш по големата битка кај Беласица во 1014 година, додека пак соседната тврдина Термица – која се поврзува со денешното село Банско – останала неосвоена сè до крајот на 1015 година.

Долги години, оваа територија била археолошки недопрена – ниту една тврдина во подножјето на Беласица не била сериозно истражена. Се до 2011 и 2012 година, кога конечно се започнало со сондажни археолошки истражувања на локалитетот Пирго, кој се наоѓа југоисточно од селото Мокриево. Истражувањатакои ги водел археологот Зоран Рујак, иако кратки, откриваат една мошне значајна масивна централна кула со впечатливи димензии. Дали Пирго е навистина Мацукион? Одговорот се уште не е конечно утврден, засега тоа е едниствената структура која е пронајдена, а поради густата вегетација целиот простор не е истражен.

Скица на тоа како изгледа кулата Пирго

Кулата на локалитетот Пирго се издигала гордо над околниот предел, поставена врз цврста карпа и со импресивна основа со димензии од 10,65 на 10,65 метри. Ѕидовите ѝ биле дебели околу 3 метри, изградени во масивен емплектон – со огромни камења што ги оформувале надворешните лица и поситни камења со малтер внатре. Денес, највисокиот дел од неа достигнува само 6 метри, но според сведоштвата на локалните жители, до неодамна кулата била многу подобро зачувана и повисока. Некои селани дури тврдат дека собирале камења од неа за да ги изградат своите куќи и штали.

Според димензиите на основата, логично е да се заклучи дека таа некогаш била најмалку двапати повисока од сегашната – над 20 метри. Влезот бил поставен на висина од околу 5-6 метри од подното ниво, што упатува на силна дефанзивна намена. Се наоѓала на само 400 метри од Подгорискиот пат, стратегиски поставена за брзо реагирање на настани по должината на патот. Сепак, нејзината осаменост на овој терен и отсуството на дополнителни одбранбени структури, како и релативно рамниот терен, ја направиле лесен плен за огромната ромејска војска на Василиј II.

По начинот на градење, кулата најверојатно датира од доцната антика. Таа веројатно претставувала фрурион – набљудувачка кула која го обезбедувала патот. Самуил бил познат по тоа што користел токму вакви доцноантички тврдини во својата одбрана. Се верува дека и самата тврдина Мацукион, која паднала во 1014 година во рацете на Василиј II, припаѓала на овој тип. Од историските извори дознаваме дека во таа походна кампања на Василиј II, само тврдината Мацукон била освоена. Другите, како Термица и самата Струмица, успеале да одолеат. Доколку ја прифатиме тезата дека Пирго кај с. Мокриево била токму таа тврдина Мацукон, тогаш можеме да разбереме зошто таа паднала: недостапноста била мала, немала сложен одбранбен систем, и стоела изолирано.

Просторот околу кулата, според археологот Зоран Рујак, останал активен и во подоцнежните етапи. Присуството на средновековни наоди тоа го потврдува. Нејзината употреба продолжила сè до османлиските освојувања, кога најверојатно и била конечно разрушена.

По смртта на цар Самуил во 1014 година, на престолот застанал неговиот син Гаврило Радомир. За време на неговото кратко владеење, Струмица и повеќе тврдини во нејзината околина останале под контрола на македонското царство. Но, веќе во 1015 година, со доаѓањето на Иван Владислав на власт, Василиј повторно се обидел да ја освои оваа стратегиска област. Го испратил својот доверлив војсководец, патрицијот Давид Аријанит (Δαυίδ Αριανίτης).. Но, дури и тој, во својот поход успеал да ја освои само тврдината Термица, „во близина на Струмица“.

Уште во 1896 година, струмичкиот егзархиски митрополит Герасим ја забележал важноста на селото Банско. Во своите писанија „материјали по географијата – струмишко“, тој го опишал како место прочуено по својот летен панаѓур, по минералната бања лековита за ревматизам, како и по еден стар манастир и две цркви. Герасим исто така забележал остатоци од тврдина на еден врв на Беласица, наречен Калеери.

Повеќе од еден век подоцна, во своето фундаментално дело „Средновековни градови и тврдини во Р. Македонија“, историчарот Иван Микулчиќ ја лоцира тврдината Термица токму таму – на јужните падини на с. Банско, на 540 м надморска височина, издигната 250 м над Струмичкото Поле. Оваа локација нуди широк преглед кон котлината, а нешто подолу, на околу 800 метри, извира термална вода – денешната локација на хотелот „Цар Самоил“.

Иако според архитектурата Термица потекнува од доцната антика, постои основано сомневање дека токму овие тврдини, по мали доработки и зајакнувања, биле повторно активирани и користени во времето на Самуил – во крајот на 10 и почетокот на 11 век. Веројатно поради термалните извори, тврдината продолжила да има улога и во средниот век. Денес, ова место е густо обраснато со вегетација, а шумскиот пат кој минува низ него уништил дел од остатоците. Тврдината која се претпоставува дека е токму Термица се наоѓа на една од двете патни траси што се протегаат јужно од реката Струмица, покрај подножјето на Беласица, и ги поврзуваат Струмица и Сер – два средновековни центри со огромно значење за времето на Самуил и Василиј II.

Локацијата на тврдината Термица сликана од селот Банско

Оваа локација не е случајно избрана за изградба на тврдина. Нејзината стратешка положба — надвисната над околниот терен и заштитена од сите страни — била клучен фактор за одбранбената моќ. Од југ, тврдината била заштитена од природната бариера на Моноспитовското Блато, а од север ја штителе стрмните падини на Беласица. Дополнително, нејзината поврзаност со тврдината Цареви Кули, која се наоѓа на околу 11,5 километри воздушна линија, упатува на можност за меѓусебна комуникација и координирана одбрана.

До тврдината водел само еден тесен премин, во правец исток–запад, кој можел да се користи како премин, но и да биде лесно блокиран во случај на напад. Иако нема обемни историски податоци за активност на оваа локација во понискиот среден век, ниту доволно археолошки истражувања, се познати два наоди: остатоци од римска терма и еден средновековен артефакт, за кој се претпоставува дека е поврзан со култот кон светите Четириесет Севастиски маченици.

скица на тврдината Термица, креирана со вештачка интелегенција на база на описите од истражувањата

Архитектурата и градителскиот стил укажуваат дека тврдината и наоѓалиштето се активни најрано од XII и XIII век, а самото село Банско се појавува во писмени извори веќе во XIV век, кога станува дел од имотите на српските и локалните феудалци.

Овој краток преглед за средновековните тврдини и палисади ја истакнува важноста на одбранбената линија што ја воспоставил цар Самуил. Преку анализа на теренот, прецизна локација на тврдините и нивната меѓусебна поврзаност, можеме јасно да согледаме дека сето тоа не било случајно, туку дел од внимателно изграден одбранбен систем. Струмица, во тој контекст, излегува на површина како еден од клучните пунктови во отпорот против ромејските офанзиви – не само заради својата географска положба, туку и заради својата развиена црковна, економска и воена структура.

Во самото срце на судирот меѓу двете империи – Самуиловата и Византиската – Струмица претставувала вратар на македонската државност и последна одбрана на независноста. Овој град и неговата околина биле директно вклучени во финалните судири, каде македонската војска под водство на цар Самуил и неговиот син Гаврило Радомир, се соочила со страшната сила на Василиј II. Иронијата на судбината е во тоа што, откако Самуил починал, неговиот наследник и внук – Иван Владислав, кој самиот бил Македонец – со своите постапки и сомнителни дипломатски потези, придонел за конечното уривање на единствената средновековна македонска држава.

На тој начин, Македонец го уништува македонското царство – како што вели народната приказна, „Македонец му стави крај на македонското“. И токму таа народна традиција, сочувана во фолклорот, сведочи за едно многу постаро проклетство кое, според преданието, го изрекол самиот Александар Македонски: дека Македонците нема да имаат своја држава цели две илјади години. Со падот на Самуиловата држава, тоа предание започнува продолжува се до 1945 година.

Во овој историски контекст, Струмица не е само сведок, туку и симбол на последната голема борба за македонска независност во средниот век – точка каде се судриле амбициите, предавствата, и проклетствата. Таа останува вечен стражар на таа историја, како што нејзините тврдини, и денеска, молкум сведочат за падот на македонското царство и почетокот на долгата борба за национална самобитност.

текстот е делумно преземен и базиран на истражувањата на М-р ДУШКО ЦВЕТАНОВ – НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading