Времеплов – Струмица низ историјата – Грците ја палат Струмица 1913

Лето, 1913 година. Струмица и околината штотуку се ослободиле од првата грчка окупација, која била краткотрајна. Но, никој не очекувал дека ќе следи втора, уште пожестока и поразурнувачка окупација. На 25 јуни 1913 година, само девет дена по почетокот на Втората балканска војна, грчките војски ги пробиле бугарските позиции јужно од градот. Веќе следниот ден, грчката војска влегла во Струмица. Бугарските воени сили, неспособни да го задржат градот, биле принудени на повлекување кон Малешевско, Петричко и Кресненската Клисура.

Струмица некаде околу 1900 година, сликата е од османлиските архиви во Истанбул

Но, следува нов пресврт, неполн месец подоцна, станало јасно дека Струмица и струмичко, ќе и бидат отстапени на Бугарија. Телеграмата која стигнала од Атина, во себе ја имала пораката дека грчките воени власти морале да ја напуштат Струмица. На состанокот на кој присуствувале грчкиот воен командант, митрополитот Арсение и неколу фанатични струмички гркомани, се разговарало како да се дејствува при напуштањето на градот. Митрополитот Арсение, инсистирал да се присилат струмичани кои биле дел од Патријаршијата масовно да го напуштат градот. За да се оствари таа цел, по долги разговори судбината на Струмица била запечатена и било решено „градот да им го остават на Бугарите изгорен и во пепелишта“.

По донесувањето на одлуката, грчкиот Главен воен штаб започнал со логистиката која била потребна и обезбедувањето на превозни средства (коли, запрежен добиток и камиони) за масовна евакуација на населението. Процесот започнал на 28 јули и траел се до 8 август 1913 година. Покрај македонското патријаршиско население, градот го напуштиле, бегајќи кон Солун и Цариград, и многу Турци, како и скоро сите струмички Евреи.

Струмичка улица пред струмица да биде запалена, околу 1908 година, извор Истанбулска архива

Големо влијание врз одлуката на Македонците да го напуштат градот имало непријателството меѓу Патријаршијата и Егзархијата, кое довело до насилства и прогонства, особено по второто доаѓање на грчките војски.

Посебно тежок момент бил 5 октомври 1912 година, кога освен Турци, биле претепани и многу невини Македонци, што ја зголемило несигурноста кај струмичани.

На 8 август, пред повлекувањето, грчките војници ја запалиле Струмица од повеќе страни. Бидејќи во градот немало војска, пожарна или организирана власт, струмичани сами се бореле со огнот.

Слика од Струмица по пожарот

Во наредните 7 дена, струмичани со цела своја сила и способност ќе се борат да спасат се што можат од својот сакан град. Пожарите конечно ќе стивнат и ќе бидат ставени под контрола дури на 15 август 1913 година. Во уништувањето кое го започнале Грците, а какво не се памети во историјата на Струмица, биле изгорени над 1900 јавни згради, цркви, куќи, кафеани, дуќани, магазини, и скоро сите објекти од културно-историска вредност итн.

Во едно-неделната огнена стихија целосно биле проголтани патријаршискиот, турскиот и еврејскиот дел од градот, кои во тоа време всушност и биле најголемиот дел од градот. За среќа од огнените јазици биле спасени маалите „Бабјак” и „Чифлик”. За спасот на овие две маали голем придонес дал и протестантскиот мисионер У. К. Кунер, кој во Струмица пристигнал од Солун со цел да го спречи ваквиот развој на настаните.

Срумица во рушевини, во позадина силуетата на црквата св. Кирил и Методиј

Два дена подоцна на 17 август, а во согласност со одредбите на Букурешкиот договор, во пеплосана Струмица влегла бугарската окупаторска војска, откако грчката војска целосно ја напуштила котлината. За жал, градот не бил единствената жртва на грчкото лудило. Од грчката војска, или делумно или целосно биле изгорени и следниве села: Костурино, Раборци, Попчево, Дабиље, Ново Село, Зубово и Чам Чифлик. Селото Чам Чифлик кое се наоѓало над градот, никогаш повеќе не било обновено.

За жал, пустошењето на струмичко не завршува тука, туку при своето заминување грчката војска го запалила и прочуениот манастир Св. Богородица Елеуса во Вељуса, чии конаци, а делумно и црквата, исто така изгореле.

Струмичките патријаршисти кои го напуштиле градот заедно со грчката војска, заминале за да се населат зад новата граница, и линија по која била поделена Македонија. Па така доаѓа до одредена размена на население, затоа што тие патријарши ќе се населат во градови како Кукуш, Порој, Дојран од грчка страна и околу Солун. Токму од овие места во времето и по Втората балканска и Првата светска војна, поради силниот грчки притисок или заради повлекувањето на линијата на Солунскиот фронт, во струмичко ќе се доселат голем број македонци “бежанци“.

Струмица по пожарот

Како главна дестинација на прогонетите македонци од Егејскиот дел, ќе бидат главно, напуштените турски куќи и испразнети села како што тогаш биле: Иловица, Штука, Добрашинци, Нова Маала, Сушево, Сушица, Секирник, Робово, Турново, Борисово, Мокриево, Габрово, Свидовица, Градско Балдовци, Сарај, Гечерли, а најмногу семејства тогаш ќе се доселат и во самиот град.

За тоа колку бил значаен, и колкави последици оставил пожарот и палењето на градот од страна на грците можеме да видиме и од пописот на населението. Имено во 1910 година Струмица била трговски центар кој имал 25 000 илјади жители, а во 1921 кога бил направен нов попис, во Струмица живееле само 6500 струмичани. Па така од град со средна големина, Струмица станала опустошена, опожарена, и осиромашена паланка.

Во истиот тој попис од 1921 постои уште еден интересен податок а тоа е дека од 6500 струмичани – 2700 биле “бежанци“. Ова е уште еден доказ дека палењето на Струмица, Балканските, а и Првата Светска Војна засекогаш ќе го променат не само самиот град туку и целата негова околина.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading