Како што веќе споменавме во претходните времеплови, Струмица била еден од првите рано-христијански центри на Балканот. Во Струмица, христијанство рано фатило корени и почнало брзо да се шири. Првите докази за тоа колку рано христијанството дошло во Струмица, ги наоѓаме во записите за синодскиот христијански собор во Сердика (Софија) кој се случил во 343 година, каде како еден од присутните е заведен учесникот – Теоктист, Епископот тивериополски, што потврдува дека тогашен Тивериопол (Струмица) веќе бил седиште на епархија.

Овие историски податоци потврдуваат дека уште во самото зачнување на христијанството како официјална религија на Римската империја, Струмица веќе играла активна улога. Нема да поминат ни 20-тина години, кога еден друг важен историски настан ќе и се случи на Струмица. Имено, за време на владеењето на императорот Флавиј Клаудиј Јулијан наречен „Отпадникот“, од 361 до 363 година во Струмица дошле св. Петнаесет тивериополски маченици.
Император Јулијан бил познат како последниот „пагански император“ кој особено ги мразел христијаните, често ги убивал и ги прогонувал низ империјата. Токму поради таа негова политика 15-те христијани кои потекнуваат од градот Тивериопол во Фригија – Мала Азија, морале да побегнат од својот роден град во градот Никеја. Тука како христијани едвај успеале да избегнат мачеништво, па морале да побегнат во Македонија. Токму тука во тогашен Астраион, пострадале за верата и ги загубиле своите животи. Се претпоставува дека поради нивниот маченички подвиг Струмица го добила името Тивериопол, според името на фригискиот град во кој тие биле родени.

Другата теорија зошто Струмица во овој период го добила името Тивериопол е римскиот император Тибериј, по чие име биле крстени дури 5 града во империјата, а освен македонскиот и фригискиот, името Тивериопол го носеле и денешниот бугарски град Варна, еден град на западниот брег на Тиверијатското Море во денешен Израел, и еден друг град на југозапад од Охрид и од Преспа, во денешна Албанија.
Следува еден период на христијанизација во Римската империја која била најинтензивна во IV век, а во неа Струмица и струмичани како рано-христијански центар значително се истакнале и по своето мисионерство. За струмичани во “Житието на Св. Тивериополски маченици” од Теофлиакт Охридски се вели:
Иако Словените во Струмичката област „ги затвориле своите очи да не гледаат и уши да не слушаат“, сепак покорените од нив христијани кои ја чувале чистата татковска вера во разговорите со нив им зборувале за Христа и колку било можно им ја откривале евангелската светлина (љубов).

Тивериополската епархија продолжила да постои се до периодот на бугарскиот кнез Борис. Со влегувањето на Струмица во Бугарското царство во IX век, од тогашните документи дознаваме дека Струмица повеќе не била епархиски центар. Ваквата информација ни доаѓа од наредбата на кнезот Борис моштите на мачениците да бидат пренесени во катедралниот град на Брегалничката епархија, каде за нив бил изграден и посебен храм.
Следувало пренесување на моштите во Баргала, а најпрвин биле пренесени моштите на св. Тимотеј, св. Комасиј и св. Евстатиј, додека подоцна за време на кнезот Симеон биле преместени моштите и на
св. Сократ и на св. Теодор. Моштите на другите светци останале да почиваат во Тивериопол. Како што веќе споменавме пренесувањето на моштите зборува и за нешто друго, односно – дека во тоа време во Тивериопол немало епископија и обично такви драгоцени реликвии се селеле во катедралните градови.

Друг податок кој го добиваме од историски документи е дека во текот на V-VIII век, Тивериопол бил во рамките на епархијата со седиште во Баргала, а пак таа била во рамките на митрополијата Стоби. Тоа го посведочува и фактот што во епархиските нотиции на епархиите на Македонија Прва, Македонија Втора, како и на Јустинијана Прима (535-602), не постои Тивериополска епархија.
Возобнувањето на Тивериополската епархија се случило во времето на кнезот Борис, при крајот на IX век. Тоа го потврдуваа и списоците на епархиите во Бугарската црква од X век, каде се појавува Тивериополската епархија. Во овој список се вели дека кон неа биле приклучени и градот Радовиш со селото Конче. Во рамките на Бугарската црква, епархијата постоела сѐ до пропаѓањето на Првото Бугарско Царство 969/71 година.

Со создавањето на Самоиловата Македонска Држава (976- 1018), Струмичката епархија влегла во составот на епархиите кои ја сочинувале Преспанско-охридската архиепископија. Следува еден период на долготрајна стабилност затоа што оттогаш, т.е од создавањето на Охридската архиепископија па сѐ до нејзиното укинување во 1767 година, трите епархии– Охридската, Пелагониската и Струмичката го сочинуваат нејзиното јадрото, и во нејзиното 800-годишно постоење никогаш не биле отуѓувани или згаснале.
Како што споменавме во еден од претходните времеплови, најодговорен за конечното згаснување на Охридската архиепископија е токму струмичкиот епарх Анание, кој гласал за нејзино распуштање.
Со паѓањето пак на Самоиловата Држава под Византиска власт (1018), следува еден краток турбулентен период, но за цело време во текот на XI – XII век, Струмичката епархија постои, и е во рамките на Охридската архиепископија. Во XIII век пак, кога Охридската архиепископија била изложена на најголеми територијални промени, Струмичката епархија сепак останала нејзина епархија.

Постои еден краток период по смртта на севастократорот Стрез (1207-1214), кој управувал со македонското кнежевство, чие седиште било во Просек, денешна Демир Капија, кога Струмичката епархија била изгубена, и не била во рамките на Охридската архиепископија. Меѓутоа, овој период траел кратко, бидејќи веќе во 1219 г. кога била создадена Српската православна црква, со што Охридската архиепископија ги изгубила епархиите во Србија, Струмичката епархија повторно е вратена во склоп на епархиите кои се дел од Охридската архиепископија.
Следува еден интересен периодот кога се менувале државните и црковните граници, но се до влегувањето на Струмица во рамките на српската средновековна држава 1334 г., Струмичката епархија останала во рамките на Охридската архиепископија. Под српска власт околу 1334 година од оскудните историски извори можеме да заклучиме дека во овој период функционирале само три епархии на Архиепископијата и тоа: Охридската, Пелагониската и Струмичката. Всушност, токму во владеењето на Душан Силниот (1331-1355), Охридската архиепископија била територијално најмала во своето 800 годишно постоење.

По смрта на цар Душан – декември 1355 г. и по распадот на неговата држава, следува период кога Струмица, територијално е дел од Серската Држава, а по Маричката битка (1371 година) таа се нашла во рамките на деспотсвото на браќата Дејановиќи. Големиот углед, права и привилегии што охридскиот архиепископ Григориј II ги уживал во Сер, произлегуваат од тоа што Струмичката и Сланичката епархија (Пела), биле под непосредна јурисдикција на Архиепископијата, иако територијално влегувале во рамките на Серската Држава. И во осмата деценија на XIV век, струмичкиот регион бил во рамките на Ќустендилско деспотство, а епархијата била под јурисдикција на Охридската архиепископија. Во такви околности го дочекала и судбоносниот ден – паѓањето на Македонија под отоманска власт во 1394 година.
За време на османлиското владеење во Македонија, откако првиот охридски архиепископ во овој период, Матеј, во 1410 година успеал да го легализира постоењето и автокефалниот статус на црквата во новата држава, Струмичката епархија останала во нејзин состав се до укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година. Кон крајот на 16 век, епископската катедра во Струмица била издигната во ранг митрополија, а на почетокот на 17 век, ѝ биле приклучени Радовишката и Валандовската епархија.

Големата поделба на епархиите во рамките на Охридската архиепископија, направена со цел да се зачува нејзиниот углед преку зголемување на бројот на епархии, наскоро се покажала како непрактична. Поради тоа, повторно било спроведено спојување на помалите епархии со поголемите, враќајќи ги во составот на нивните матични митрополии.
Овие промени ја зафатиле и Струмичката епархија, па така Радовишката и Валандовската епархија биле приклучени кон Струмичката митрополија. Во текот на 17 и 18 век, таа останала во ранг на митрополија, сè до укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година.

По укинувањето, Струмичката епархија, како и другите македонски епархии, била ставена под ингеренција на Цариградската патријаршија, а во нив биле испратени грчки владици. Во целиот регион започнала инфилтрација на грчката богослужба, јазик и писменост, особено во училиштата. Сè до создавањето на Бугарската Егзархија (1870/71), Струмица и другите македонски градови биле под силно фанариотско влијание.
Тука е важно да се напомене дека Отоманската Држава ја предавала целокупната културно-просветна и црковна дејност на подвластените христијански народи во рацете на официјалната црква што ја признавала.

Во овој период, за сите балкански народи, Цариградската патријаршија била единствената официјално призната црковна институција. Сепак, македонскиот народ жестоко се спротивставил на интензивната грцизација, при што предничеле градовите Скопје, Охрид и Кукуш, а и Струмица не заостанувала.
На 31 октомври 1867 година, струмичани упатиле писмо до Високата порта, барајќи богослужбите да се одвиваат на црковно-словенски јазик, а во училиштата да се воведе македонски наместо грчкиот јазик:
„Принудени сме да се обратиме до високославната царска влада во Цариград со една синовска молба и да ја помолиме со својата голема милост да благоволи и не награди со едно царско ираде, како би можеле слободно, без пречки да воведеме во нашето општонародно училиште изучување на нашиот мајчин јазик.“

Положбата во Македонија дополнително се влошила по Берлинскиот конгрес (1878), а тоа ја погодило и Струмичката епархија. Патријаршискиот митрополит Агатангел, користејќи го турското незадоволство кон македонското население поради учеството во Кресненското востание, заедно со отоманските власти, започнал принудно воведување на јурисдикцијата на Патријаршијата преку терор.
Со окружно писмо до селаните во епархијата, забранил во црквите да се богослужи на „варварски словенски јазик“, заканувајќи се со заточение во Мала Азија за сите што не ја почитуваат наредбата.
Кон крајот на февруари 1883 година, патријаршискиот митрополит Агатангел започнал поход низ селата, уништувајќи сè што е словенско и палејќи словенски книги. Црковно-училишните настојатели и учители биле малтретирани и казнувани, бидејќи биле обвинувани како иницијатори за воведување на црковнословенскиот јазик во црквите и мајчиниот јазик во училиштата.

Со создавањето на Бугарската Егзархија во 1870/71 година, Цариградската патријаршија добила силна конкуренција во македонските епархии, вклучувајќи ја и Струмичката. Откако Егзархијата била прогласена за шизматичка (разделена) црква во 1872 година, нејзиниот водач, егзархот Антим, повторно го поставил прашањето за нејзините граници. Во тој контекст, Струмичката епархија била меѓу првите што тој сакал и успеал да ја приклучи кон Егзархијата. Иако притисокот од пропагандите бил силен, струмичани пак силно се спротивставувале, и барале македонска црква.
Веќе во 1873 година, македонските црковно-училишни општини сфатиле дека нивната борба не носи очекувани резултати. Тоа довело до еден од најзначајните обиди за обнова на Охридската архиепископија, каде Струмичката општина била меѓу шесте водечки општини во иницијативата, за отцепување од Егзархијата.
По разочарувањето од одлуките на Берлинскиот конгрес во 1878 година, започнало Кресненско востание, заедно со нови сериозни напори за враќање на Охридската архиепископија. Во тие обиди, Струмичката епархија повторно била на првата линија на отпорот.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, во Струмица се судирале интересите на Бугарската Егзархија и Цариградската патријаршија. Според статистика од 1897 година, поголемиот дел од населението во Струмичката епархија било под Егзархијата, додека гркоманите, останале приврзаници на Патријаршијата. Во истата статистика се споменува и пробивот на српската дипломатија во Беровско, каде што била создадена српска црковно-училишна општина.
Во 1897 година, Егзархијата за првпат добила берат за поставување на свој владика во Струмица. На таа позиција бил назначен архимандрит Герасим, кој подоцна ќе стане сериозен противник на Струмичката револуционерна организација. Неговата жестока спротивставеност на поставувањето револуционерни учители во македонските градови довела до сериозен судир со Струмичкиот револуционерен комитет и војводата Христо Чернопеев.

Герасим се обидел да ги разоткрие тајните на месниот комитет на ВМРО, па дури и да го заземе неговото раководно место. Ова предизвикало голема криза, поради што во 1900 година Струмичкиот револуционерен комитет го осудил владиката на смрт. Сепак, ЦК на ВМРО ја одложил казната, за да избегне вмешување на странски сили поради неговиот духовен статус.
По Илинденското востание (1904), врз Герасим бил извршен неуспешен атентат, по што била изречена втора смртна пресуда, која повторно била одменета. Тој постојано се жалел до егзархот и до владата во Софија, но без успех. На крајот, му бил поставен ултиматум во девет точки, со закана дека ако не ги исполни, ќе биде осуден на третата смртна пресуда.

Кога започнале преговорите за формирање на Балканскиот воен сојуз против Отоманската Империја, егзархот првично бил убеден дека Македонија целосно ќе ѝ припадне на Бугарија. Верувал дека Србија ќе се прошири кон Нови Пазар, Босна, Херцеговина и Хрватска, додека Бугарија ќе ги реализира границите на Санстефанска Бугарија, вклучувајќи го и Скопје и цела Македонија.
Сепак, непосредно пред Првата балканска војна, Егзархијата дознала дека Западна Македонија ќе ѝ припадне на Србија, поради што брзала да ги префрли црковните имоти на свое име. Со ова, бугарската влада по војната би можела да бара обесштетување од Српската влада. Овој процес бил изведуван со провизорни откупи, при што често истите лица биле и купувачи и продавачи, а биле засегнати и манастирските имоти и црковно-училишните општини.
Во тој период биле оштетени многу историски споменици, натписи и записи, кои сведочеле за присуството на други балкански земји во Македонија, а Струмичката епархија не била поштедена од овие процеси. Кон крајот на 19 век, интересите на соседните балкански земји во Македонија значително се засилиле. Веќе во 1889 година, Никола Пашиќ иницирал создавање на српско-бугарски сојуз против Отоманската Империја. Дошло до договори меѓу Србија и Бугарија за заедничка воена акција, што резултирало со спогодба во 1897 година. Истовремено, уште од 1890 година, се воделе преговори меѓу Србија и Грција за нивните интереси во регионот.

Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Србија и Грција разговарале за поделба на сферите на влијание во Македонија, при што северниот дел требало да ѝ припадне на Србија, а јужниот на Грција. Областите Струмица – Крушево – Лерин – Костур останале спорни.
Со протерувањето на Отоманската Империја од Балканот, Русија и Австро-Унгарија не сакале да изгубат влијание, па по Илинденското востание (1903) биле донесени Мирцштегските реформи. Но, балканските држави не биле задоволни, па Србија и Бугарија на 30 март 1904 година склучиле Сојузен договор за поделба на сферите, но несогласувањата продолжиле.

Во 1911 година, започнале преговори за Балканската војна, а на 19 септември во Белград пристигнал бугарскиот амбасадор Д. Ризов. Двете страни понудиле различни гранични предлози, но сите варијанти предвидувале Струмица да ѝ припадне на Бугарија, што било потврдено и со договорите од 28 и 29 февруари 1912 година.
По Првата балканска војна, Струмичката епархија останала под Бугарската Егзархија, без промени во црковната јурисдикција, сѐ до крајот на Првата светска војна (1918). Во последните децении на 19 век, по примерот на Кукуш и Гевгелија, Струмица била под силно унијатско влијание, што довело до судири меѓу Егзархијата и унијатите.

Во обид да ја зачува Македонија, Бугарија предложила македонскиот и бугарскиот народ да ја прифатат унијата под покровителство на Австро-Унгарија, за да се одвојат од Грците и Србите. Преговорите биле доверени на ВМРО и Тодор Александров, но Ватикан одбил да се дискутира без директни македонски претставници. Егзархијата не го поддржала овој план и се спротивставила.
Од 1919 година, Струмица и Штип станале дел од Злетовско-струмичката епархија во состав на Обединетата српска православна црква, каде што останале до април 1941 година. За време на Втората светска војна (1941-1944), Струмица била дел од Струмичко-драмската епархија под Бугарската Егзархија.
По ослободувањето и создавањето на НР Македонија во рамките на ФНР Југославија, до 1956 година во Македонија немало епархии, туку духовни одбори по градовите под раководство на Иницијативниот одбор во Скопје. Во 1956 година биле формирани Скопска, Злетовско-струмичка и Преспанско-битолска епархија. Од 1980-тите, Струмица се одвоила од Злетовско-струмичката и била приклучена кон Велешко-повардарската епархија, а во 1988 година била обновена како самостојна Струмичка (Тивериополска) епархија, која функционира и денес.

текстот е базиран на истражувањата направени од Проф. д-р Јован Белчовски, Богословски Факултет ,,св. Климент Охридски”,
