Времеплов – Струмица низ историјата – казата Струмица, и пописот на струмичани во 1894 година

Кон крајот на XVIII и во почетокот од XIX век, градот Струмица продолжил да биде седиште на турска околиска (казалиска) административна власт. Струмичката каза влегувала во составот на Солунскиот санџак, односно и Солунски вилает, и под власта на струмичкиот кајмакам се наоѓале градот и шеесет и шест села.

Но, турската каза Струмица, територијално не се поклопувала потполно со подоцнежната, па и денешната Струмичка околија. На својата западна страна Струмичката каза завршувала околу селата Владевци, Едрениково, и Седларци, додека пак на источната страна границата на казата биле селата Смоларе, Дражево, Старо Коњарево, потоа огражденските села Стиник, Бајкобо и Бадилен — кои влегувале во составот на соседната Петричка каза.

Влез во Струмица некаде околу 1910 година

Меѓутоа, османската султанска администрација во текот на XIX и во почетокот од XX век не била и
единствената власт што струмичанецот ја чувствувал над себе, и плаќал даноци и ја издржувал.
Властодршци биле и турски бегови, силници и чифлиг-сајбии. Потоа, во доменот на црквата, на училиштата, во задоволувањето на сите верски и некои други потреби, своја одделна власт остварувал апаратот на Струмичкиот грчки епископ (владика), а по 1897 година овој владика својата власт морал да ја дели со својот бугарски (егзархиски) колега.

Граници на Струмичката каза

Во црковен поглед, власта на струмичкиот грчки митрополит се простирала далеку зад границите на
Струмичката каза. Струмичката епархија тогаш ги опфаќала уште и казите на Радовиш, Малеш, Тиквеш, Гевгелија и Дојран, дури и на дел од Прилепско во дванаесет села од Мариово. Тоа што во Струмичката епархија влегувале и Радовишко и Малешевско, како и фактот дека тие одржувале мошне живи трговски и други врски со Струмица, ќе овозможи сите тие да поведат и заедничка борба, најпрво против грчкото духовно ропство, а потоа и за отфрлање на турското ропство.

Влезот на Струмица околу 1900 година

При крајот на XIX и во првата деценија од XX век, со проширувањето на (ВМРО) и влегувањето на Струмица и струмичко во ослободителното движење, струмичани ќе си изградат свои револуционерни органи. За струмичани највисок месен орган на ВМРО бил Струмичкиот окружен комитет.

Во Струмичкиот револуционерен округ, кој бил еден од петте окрузи во Македонија, покрај денешна Струмица и струмичко, влегувале револуционерните реони Радовишки, Малешевски, Петрички и Поројски. (Поројско се наоѓа југо-источно од Струмица, зад Беласица, денес во Егејска Македонија). Токму затоа револуционерните ослободителни напори на струмичани во текот на близу две децении, ќе бидат многу тесно поврзани со овие соседни околии.

Струмица некаде пред 1900 година

Покрај својата стратешка, трговска и економска важност, уште една причината зошто Струмица била одбрана за револуционерен центар, е и тоа што во тоа време градот истовремено бил седиште на кајмакам и другите турски бегови и аги; на грчко-патријаршиски владика, од 1897 година и на бугарско-егзархиски митрополит.

Во овој период во Струмица и струмичко биле извршени и неколку пописи, со цел да се установи бројот на населението. Она што е интересно е тоа што турските власти вршеле пописи на база на милетот во кој некој припаѓал, па така често среќаваме податоци како муслимани, христијани, евреи наместо националност. Затоа во овие статистики припадниците на грчката, цариградска Патријаршија (црква) најчесто се претставувани за Грци, додека оние на бугарската Егзархија (црква) — за Бугари. Токму заради оваа пракса не само што било екстремно тешко за македонците во Струмица да се попишат како такви, туку практично не ни постоела таква графа.

Обновената црква Св. Кирил и Методиј по нејзиното палење 1913 година

На статистиките треба да се гледа низ призма на тоа дека струмичани единствено можелр да се попишат како православци, и така да се дојде до некој број на населението во различни историски периоди. Од 1807 година имаме една француска статистика која ни ги дава следниве информации:

Струмица и околните 30 села имале околу 10.000 православци и 5.000 муслимани, број кој во наредните години ќе расте, а покрај порастот на населението за тоа придонело додавањето на неколку села на Струмичката каза.

Според неколкуте турски, бугарски и руски автори и статистики, Струмичка околија во 1878 година имала: 6.365 муслимани и 18.732 Македонци/православци — или вкупно 25.097 струмичани.

Во 1881 година — 8.699 муслимани и 19.220 Македонци, или вкупно — 27.919 струмичани; во 1905 година — вкупно 36.833 струмичани од кои Македонци — 18.830 и муслимани — 18.002; и во 1912 година — само 18.500 Македонци. Во градот и околијата, при крајот на турското владеење, имало и околу 1.500 Роми, 700 Евреи и 400 Власи. (Власите се доселиле во Струмица од Крушево по Илинденското востание). Според тврдењето на постарите струмичани во Струмица, само во градот живееле и десеттина грчки семејства чиишто предци се доселиле овде од егејскиот остров Мителин. (еден автор тврди дека таа бројка била 40 грци).

Улицата кај црквата Св. Кирил и Методиј, пред Струмица да биде запалена 1913 година

Интересен е податокот за растот на македонското население во градот, па така во во 1807 година Струмица имала вкупно 3.000 македонци, при крајот на XIX век, во 1894 година во градот живееле 5.800 Македонци и 3.100 Турци. Шест години подоцна, во 1900 година, бројот на македонското население се зголемил на 6.200, а градот имал 10.160 струмичани.

Од страна на странските пропаганди, и на турската управа се до 1913 година, струмичани се пребројувале во две црковни групи, или патријархиски или егзархиски. Па така во Струмица во 1897 година 265 домаќинства биле егзархиски, а 526 — патријаршиски. Овие две пропаганди воделе жестока битка на сметка на струмичани, и се обидувале да го придобијат градот кон себе со цел да го вклучат во своите територии и идеи за Голема Грција или Голема Бугарија.

Струмица 1918 година

По 1897-та година, овој однос на егзархиско и патријаршиско население продолжил да се менува, особено на сметка на Патријаршијата, затоа што струмичани или преминувале во католици, протестанти или Егзархијата. Сепак во самиот град македонско население се до летото 1913 година, останало патријаршиско.

Поради ваквата состојба на теренот за македонското преродбеничко и револуционерно движење во градот, имало огромни потешкотии, затоа што струмичкиот грчки митрополит бил екстремно моќен и тежок противник. Тој ги користел „погрчените“ струмичани како агенти за да ги оствари своите цели, т.е да ја асимилира Струмица. За неговата способност може многу да се зборува, затоа што успеал да ја наметне и изедначи припадноста кон грчката црква и грцизмот со повисоката, граѓанска класа. Па така, за градските чорбаџии-трговци, и лихвари таа била и статусен симбол, и ако се откажеле од неа се сметало дека преминуваат во необразована, сиромашна селска раја.

Струмица пред 1900 година

Со отварањето на училишта во градот покрај материјалните интереси, Струмичката младина била труена и со грчката култура, грчката историја и грчката пропаганда. Тоа придонеле од Струмица да изелзат неколку значајни борци за грчката „Мегали идеја“, а тоа секако значело и голем отпор да се премине во Егзархијата.

Друго значајно влијание имал и фактот што и свештениците и верниците во Струмица многу се плашеле од проклетство (анатема), страв од прогласување на оние кои се откажувале од Патријаршијата за шизматици, т. е. отпадници од Христовата црква, а за таква себе си се сметала грчката Цариградска вселенска Патријаршија. Па така често се користеле изговорите од свештениците: „Како ќе се откажам од дедо владика, тој ме ракоположил”, а од верниците за свештеникот: „Тој ме венчал!” или: „Тој ми ги крсти децата!”.

влез во Струмица некаде околу 1900 година

Во струмичките селата ситуацијата била малку поразлична, па често се случувало тие да преминат во Егзархијата. Затоа, до Балканските војни грчкото влијание се задржало само уште во шест села, од кои четирите биле мешани — патријаршиско-егзархиски, а во трите од нив живеело и турско население.

Струмица во 1894 година

Еден посебно интересен документ со доста податоци за овој период е обработен од страна на Драги Ѓоргиев, и е објавен од страна на Струмичкиот музеј. Се работи за „Салнамето за Солунскиот Вилает“ од 1894/95 година кој на 586 страни го обработува целиот Солунски вилает, каде припаѓала и Струмичката каза. Овој документ денес е зачуван во Османлискиот Архив во Истанбул.

Листови од Салнамето 1894 година – каде може да се видат финансиските приходи од даноци, бројот на градби во градот, бројот на поправени и срушени објекти во Струмица

Имено овие вилаетски салнамиња се издавале еднаш годишно и во нив биле бележени сите релевантни податоци како што се: бројот и називите на санџаците, казите, нахиите и селата, кои биле во состав на тој вилает, нивната административна структура, бројот на училишта и нивните ученици, бројот на џамиите, црквите, синагогите, амамите, ановите, дуќаните, болниците итн. Дополнително, се бележела и војската, годишниот буџет, приходите и расходите, целата структура на теренот, со имињата на службениците, и со тоа се составувала многу јасна слика за организацијата во вилаетот.

Струмичката каза влегла во составот на Солунскиот вилает уште при неговото формирање во 1867 година. Како единствено поголемо урбано место во целата каза, сета административна, воена и друга структура била лоцирана во самиот град Струмица.

Состав на општина Струмица 1984 година

Од листот 200 дознаваме дека Струмица била и седиште на кајмакам – позиција која по прогласувањето на Танзиматот во 1839 година значела раководител на каза, но била и чин на потполковник во османската армија. За Струмички кајмакам во 1894 бил назначен Омер Хусамедин-бег, а негов заменик Мехмед Тевфик-ефенди. Кајмакамот во својата улога бил помаган од „Административен совет“ во кој имало 8 члена, 4 назначени члена, и 4 избрани членови.

Лист 200 – на кој се гледа составот на раководните лица во казата Струмица

Интересен е податокот, што во тој совет во 1894 година, бил Сулејман-паша – мирмиран. Мирминар е синоним за беглербег, што во превод значи управник на провинција или вилает, што значи да некој поранешен управник на вилает, тогаш живеел во Струмица.

Советот на каза Струмица 1894 година

Во градот имало и Основен суд, чии претседател бил заменикот на кајмакамот, т.е Мехмед-ефенди. Претседател на општина Струмица пак бил Ќамил-ефенди.

Основен суд на казата Струмица 1894 година

Во градот имало и експозитура на Земјоделската (Зираат) Банка, чиј претседател бил Исмаил Хаки-ефенди. Постоеле и комисии за образование и комисија за вакафи – која се бавела со сите донации кои биле давани од струмичани или во џамиите или црквите.

Членови на Канцеларијата за финансии – каза Струмица 1984 година

Шеф на струмичката полиција бил Садик-ага. Во градот имало и Комисија за подготовка на воени средства за превоз. Во воен поглед Струмица имала две касарни во кои била сместена 4-тата чета од 42-от Солунски полк. Со неа командувал капетанот Бекир-ага.

Членови на Земјоделската банка во казата Струмица 1894 година

Во Струмица постоело и средно училиште, во кое учениците доаѓале од Машкото основно и Женското основно училиште. Прв учител на средното училиште бил Хасан-ефенди, на машкото Бекир-ефенди а прва учителка во женското госпоѓа Нимети. Во овие училишта, учеле само турските деца во Струмица.

Комисија за образование – каза Струмица 1894 година

Доста се интересни белешките кои се ставени во овој документ, а ја опишуваат Струмица. Во нив се вели:

„Касабата Струмица од центарот на вилаетот (Солун), е оддалечена 18 часа, а со железница оддалеченоста е 8 часа и тоа до железничката станица Удово има 5 часа оттаму до Солун 3 часа. Во касабата живеат вкупно 7,664 жители, од кои 3,903 се мажи а 3,761 е жени“.

Според салнамето од 1876 година пак, Струмица со селата имала вкупно 18,018 жители од кои 9,907 биле муслимани а 8,111 христијани.

Учители во турските училишта во казата Струмица 1894 година

Во Салнамето од 1894 година понатаму се вели:

„Касабата е поделена на 31 маало и има 1360 куќи, 428 дуќани, 31 кафеани, 6 џамии, 7 текии, 1 мадрес, 3 муслимански и 5 немуслимански основни училишта, 2 цркви, 1 синагога, 1 амам, 2 царски касарни, 1 болница и 1 телеграфска станица“.

Тука е забележано дека царските касарни, болницата и основното училиште биле неодамна изградени, а таков бил случајот и со телеграфската станица која била донесена во Струмица по 1879 година.

Полицијата на каза Струмица 1894 година

Очигледно Струмица брзо се развивала во овој период, затоа што во Салнамето од 1876 година речиси сите бројки пораснуваат, па така следново е запишано:

„Во Струмица има: 14 џамии и месеџиди, 939 куќи, 430 куќи, 14 магази, 25 анови, 1 имам, 15 фурни, 5 медреси (муслиманско-религиозно училиште), 6 текии, 10 турбиња, 1 градски саат, 1 кожара, 6 тулани и керамидници, 1 владин конак, 3 цркви, 3 училишта за муслимански деца, 3 христијански училишта, 1 синагога и 1 еврејско училиште. Вкупно има 1474 објекти“.

Листа на членови на останатите служби на казата Струмица 1894 година

На листот 207 од Салнамето (1894 година) го добиваме и следниов опис за Струмица:

„Иако за оваа каза во пишаната историја нема детални информации, ако се обрне внимание на остатоците од една многу цврста тврдина која се наоѓа на еден висок рид над касабата и на некои стари монети кои се појавуваат на некои мета, може да се претпостави дека Струмица во средниот век имала посебно место“.

Листа на почитувани и важни луѓе во казата Струмица 1894 година

„Навистина од денешните остатоци не е можно да се открие времето на изградбата и староста на оваа тврдина која заслужува внимание. Исто така, легендите и приказните кои се пренесуваатод дедовците и татковците, и од уво до уво не заслужуваат доверба, затоа што ги зголемуваат работите. Сребрените и бакарните монети што од страна на некои ентузијасти се вадат во околината на оваа тврдина и селата Свидовица, Банско и Мокрино, се стари римски и грчки пари. Местото на касабата Струмица е многу пријатно и убаво. Полето кое се простира пред неа заслужува најубав опис, па дури и планините кои го опкружуваат од четири страни заслужуваат внимание. На некои места од овие планини има мали водопади, а рекичките кои до спуштањето во полето ги вртат тркалата на бројните воденици, откако ќе оживеат оризовите полиња кои се единствено богаство на населението на Струмица, се соединуваат со реката која доаѓа од Штип“.

Прицоди на казата Струмица во 1892 година – даноци собрани од струмичани

„Шуми – иако од шумите посебно внимание заслужуваат, Беласица и Малеш, поради недостаток на средства за превоз денес не се искористува ни половина од нив. Единствено за задоволување на локалната потреба годишно се произведуваат неколку илјада даски од борово дрво. Меѓутоа, од пред извесно време и оваа производство е преполовено“.

На наредниот лист 208, за Струмица е забележано следново:

„Во Струмичката каза се произведува пченица-црвеника, бела и црвена пченица, ‘рж, јачмен, грашок, пченка, оприз, афион, сусам, памук, просо, грав, папуда, мерцумек, наут, анасон, тутун, компири, лен. Во централната постојат кожарскиот, сарачкиот, крзнарскиот, ткајачкиот занает, а најголем дел од населението од касабата и селата се занимава со земјоделство, одгледување свилена буба и градинарство“.

Список на села во казата Струмица 1894 година – со број на куќи и жители, и оддалеченоста на тие села од градот Струмица

„Во казата Струмица постојат три патишта. Првиот од нив води од градот кон селото Дабиље. Неговата должина изнесува 1 километар и на него има 4 моста. Другиот пат се протега до чешмата Бездник, долг е 200 метра и на него има еден мост. Третиот пат е патот кој води кон станицата Удово. Неговата должина изнесува 40 километри и има 21 мост“.

Список на села во казата Струмица 1894 година – со број на куќи и жители, и оддалеченоста на тие села од градот Струмица

Од овие и слични документи може да се види дека се до пред Балканските војни, Струмица брзо се развивала и растела, се зголемувал градот и населението во него, а и соседните села. Од овие документи може да се види дека во 1894 година најголеми села во Струмица биле: Свидовица, Моноспитово, Мокриево, Ново Село и Иловица со Штука.

Детални информации за населението на казата Струмица, за 1894 година – број на родени, починати и венчани, и број на кореспонденција

На сликата погоре може да се види составот на населението во самата Струмица, а интересен е податокот дека бројот на венчани и починати е речиси ист помеѓу муслиманите и македонците во градот. Разлика може да се забележи во бројот на родените, каде бројот на македонци е поголем и тој тренд ќе продолжи да расте во наредните години, кога и ќе дојде до целосна промена на населението во градот.

На сликата погоре може да се види и бројот на убиства во казата Струмица за годината 1894, а таа официјално заведена бројка е 15, што секако не соодветствува со реалноста, затоа што што знаеме дека доста од убиствата на македонци не се заверувале и сметале како такви.

Како што веќе споменавне, бројот на македонското население, градбите, приходите и трговијата во Струмица и струмичките села ќе продолжи да расте во период по 1894 година па натаму, но овој тренд ќе биде прекинат околу 7 години поради постојаната војна од 1912 до 1919 година.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading