Струмичкиот округ пред Илинденскиот период се нашол во навистина незавидна ситуација. Апсењата кои следувале по аферите (провалите) значајно ја ослабнале и погодиле Организацијата. Огромен дел од оружјето во струмичката околија, кое и така било малку, било запленето од турските власти. Струмичката Окружната организација имала и дополнителни проблеми затоа што во 1902 година морала да се ангажира во борба против врховистите особено во Петричко и Малешевско, кои правеле напори да се прошират и кон Струмица. Податоците за тоа што се случувало во струмичко, запленување на оружјето, претреси, тепања и мачења кои ги вршеле турските власти, ги добиваме од споменарите на X. Чернопеев кој на почетокот на 1903 година со една чета од десетина души бил испратен во Струмица да ги залечи раните, да го охрабри населението и да ги посети сите погодени села за да ја процени нанесената штета.

Но, за жал лошите и неповолни услови за востание во струмичко не биле земени предвид, кога во јануари 1903, по иницијатива на прикриениот врховист во ЦК на Организацијата, Иван Гарванов и зад грбот на најеминентните организациони раководители, на Конгресот во Солун, била донесена одлуката за востание. Со цел да ја спроведе својата скриена агенда Гарванов на Конгресот поканил само „делегати“ кои сметал ќе го поддржуваат неговиот став.

Од Струмичкиот округ на овој Конгрес учествувале само двајца делегати и тоа Иван Ингилизов, за Струмичко, и Ѓорги Варналиев — за Радовишко. (И. Ингилизов подоцна се истакнал како следбеник на Ванчо Михајлов). Статусот на Ингилизов е оспорен и во споменарите на Чернопеев, каде тој вели:
„Тој не беше никаков делегат, но него го нашле”.
Планот на Гарванов за жал успеал, па тој „нашол“ доволно делегати да се изгласа подигање на востание, иако Чернопеев јасно ставил до знаење дека во Струмица немало ни 200 пушки. На Струмичкиот округ и на Чернопеев му било ветено дека, ЦК на Организацијата ќе се ангажира и од Грција преку Солун, ќе набави уште 300 пушки. По официјалната одлука Чернопеев веднаш ја напуштил Струмица, и заминал во Солун на неколку дена во потрага на ветеното оружје, но истото не го добил. Својата потрага по оружје и муниција ја продолжил во Горно Џумајско и Софија, но и тука не успеал. Додека тој бил отсутен неговата чета продолжила да се движи по струмичките села и да го подготвува населението, под водство на К. Асенов.

Како дел од подготовките за претстојните борби, група учителки од Струмица изработиле и востаничко знаме, кое му било предадено на А. Нивички, но за жал, на истото му била изгубена трагата. Во оваа време поради реакциите на турската војска по провокациите на врховистите, за прв пат биле создадени и мали турски воени гарнизони во Струмица и Ново Село, што дополнително го отежнувало започнување на востанието во Струмичкиот округ.

Не само од денешна перспектива, туку и на тогашните организациски раководители кои биле одлични познавачи теренската ситуација, било сосемо јасно дека Илинденското востание востание неможе да започне, затоа што и четите и населението во Струмица биле целосно неподготвени. Тоа е подвлечено и во споменарите на Чернопеев, кој слично како и Јане Сандански, вели:
„Кога ми го соопштија тоа (решението за востание б. н. ) ќе полудев (од јад б. н. )”.

Токму поради тоа во Струмичкиот округ, не се се одржал конгресот на кој требало да се изготви план за востанички акции. За време на Илинденското востание изостанале и посилни акции на чети, иако такви се предвидувале. Поради ваквата ситуација струмичката Организација се фокусирала и ангажирала на тоа да им го олесни движењето на четите кои доаѓале од Бугарија, а со цел да се движат кон внатрешноста на Македонија и обратно. Тоа обично било дочекување, снабдување со храна и испраќање на четите.

Но, ваквото раздвижување на четите во Струмичкиот округ не останало незабележано од турските патролни единици, што често водело и до кратки судири помеѓу нив. Еден таков судир се случил на на 12 февруари 1903 година кога четата под команда на К. Асенов, била пресретната и откриена кај Владимирово. Борбата за извлекување на четата траела цел ден, со епилог од 8 загинати комити и 30 загинати војници.

Стиник, Струмичко, Македонија
Една од најкрвавите битки во пред Илинденскиот период, ќе се случи на 6 април 1903 на врвот Готен, во Малешевските планини. Во неа се судриле три чети од Струмичкиот округ и турскиот аскер. Струмичката чета ја водел X. Чернопеев, а радовишката пак Коста Мазнејков. На чело на другите чети стоеле војводите: Делчо Кочов, К. Кондов, Никола Дечев, Питу Гули, Ванчо Србакот, Тимо Ангелов и др. Четите си помагале една со друга, но засилување му пристигале и на турскиот аскер. Кога паднал првиот мрак, со користење на бомби и молскавичен напад, четите некако успеале да се извлечат од битката, и се упатиле кон Нивичино. Конечниот епилог од битката бил, 25 мртви комити и 200 мртви војници.
Наредниот судир меѓу четите се случил во месец мај, кај Смоларе кога четата на Алексо Поројлијата била нападната од 30 војници. Загубата била минимална и загинал само еден комита. Не поминале ни неколу дена, а веќе на 8 мај се случила нова „средба“ на планината Огражден. Тука четата на Чернопеев, со околу 75 комити се судрила со околу 400 војници. Оваа „средба“ поминала лесно и немало загинати борци.
Но, борбите во Струмичкиот округ се интензивирале на 11 мај кај селото Дедино, кога се водела битка која траела цел ден. Тоа воедно била и последната битка на радовишкиот војвода Костадин Мазнејков, кој тука биле тешко ранет и до крајот на денот починал. Втората битка се случила на 21 мај, а во неа овој пат учествувала четата на радовишкиот војвода Стамен Ораовски, при што загинале петмина комити, повеќето од кои биле од радовишките села.

Како што можеме да видиме, и покрај малата достапност на оружје и фактот што Струмичкиот округ се наоѓал во многу незавидна состојба, пред Илинденското востание, сепак се воделе борби на теренот и како се наближувало востанието, така тие станувале се почести и покрвави. Струмичани се обидувале да дадат свој придонес кон револуционерната борба со храна, логистика, курири и вооружена борба, иако состојбата на теренот била далеку од идеална за тоа. Овие нови судири помеѓу четите и аскерот, ќе значат и нов бран на апсења во Струмица, па така Стојан Георгиев ќе биде уапсен и осуден на 101 година затвор во Солун. Нешто подоцна ќе биде амнестиран.

Откако избувнало Илинденското востание, следувала и уште една битка во која ќе загинат неколкумина четници, родум од струмичко. На 5 август 1903 ,една група од 7 чети, со вкупно од околу 250 борци, ја минувала границата во планината Осогово, во реонот на селото Витоша, Кочанско, кога била откриена, по што следувале дводневни борби. Дел од таа група била и четата на Чернопеев, која се враќала во Струмица. Да биде ситуацијата полоша тие два дена беснеела планинска бура и имало густа магла. Според споменарите на Чернопеев, неговата чета изгубила 25 комити од кои двајца биле од струмичкото село Бориово —Христо Јанчев и Томе Петров Љатев.

Па така уште пред да влезе во Струмица и да се обиде да започне било какви теренски активности, четата на Чернопеев била речиси целосно разбиена, а тоа во комбинација со веќе очајните услови во кои се наоѓал Струмичкиот округ, со вооружување, логистика, организација и чети значело дека Илинденското востание ќе ја прескокне Струмица.
