Како што веќе споменавме во претходните времеплови, на почетокот на 1901 година Организацијата се нашла во сериозно лоша финансиска состојба, што донело до двете „Струмички афери“, кои за цел имале да набават средства за македонската кауза. Покрај неуспешната акција, која донела до огромен број апсења, Струмица била сериозна мета на турските власти, затоа што во меѓувреме Назлам-бег бил киднапиран, а следувало и киднапирањето на американка Мис Стон, кое на меѓународната сцена го вратило македонското национално прашање.
Киднапирањето на Назлам-бег
Веќе споменавне дека по одлука на Гоце, Струмичкиот револуционер округ добил задача преку киднапирање на богатите струмички бегови да најде финансиски средства за Организацијата, за таа да може самостојно да дејствува и да се самофинансира. Струмица не била случајно избрана, во оваа котлина имало доста богати бегови-чифликчии, а и доста пари од трговија. По неколку неуспешни обиди со неколку други бегови, дошло ред да се киднапира и Назлам-бег. Тој бил син на богатиот Јусеин-бег, и зет на струмичкиот кајмакан Црната Брада, кој жестоко им се одмаздувал на струмичани за се што сметал дека погрешиле.
Со цел да се киднапира Назлам-бег му била поставена заседа пред селото Василево, и од левата и десната страна на патот. Четата која била специјално формира за таа цел, знаела точно кога тој ќе се враќа од пазар во Струмица, и успеала успешно да ја изврши акцијата. Бегот бил држан 20 дена, но тој некако успеал да избега, што пред се се должело на неискуството на комитите при вакви акции. Бидејќи за него не бил обезбеден никаков поткуп, Организацијата била принудена да направи нов обид, овој пат во соработка помеѓу Серскиот и Струмичкиот округ, што не носи во наредното поглавје.

Аферата Мис Стон
Во исто време со овие три афери се случувала и една четврта, уште поспектакуларна и успешна, позната во македонската историја како „киднапирањето на Мис Стон“. Во тоа време доста активна во Струмица и струмичко била протестантската пропаганда, што значело дека во и околу градот имало доста американски мисионери, кои би биле лесна мета за киднапирање, што и довело до изведување на акцијата. Аферата мис Стон според времетраењето, начинот на кој била изведена, спектакуларноста, парите кои биле добиени, а и афирмацијата на македонската кауза на меѓународен план е најголемата афера во историјата на Организацијата.
Главни учесници во неа биле Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов на страна на Организацијата, и Мис Стон, која станала првиот американски граѓанин во историја на САД кој бил киднапиран надвор од својата земја.

Како што веќе рековме по Солунската провала, ТМОРО се нашла во безизлезна финансиска состојба, па на претходно споменатиот состанок во март 1901 година, кој се одржал во хотелот Батемберг во Софија, каде се сретнале Д-р Руменов, Ризo Ризов и адвокатот Стрезов, со Гоце Делчев и Ѓорче Петров, било одлучено дека киднапирањето и барање откуп се единствено решение. Ова решение посебно се наметнало под влијание на Гоце Делчев кој одбивал секаква надворешна финансиска помош посебно од страна на бугарската влада.
Како што веќе знаеме Гоце директно му наредил на Михаил Герџиков да извршат неколку такви акции во Струмица, кои како што видовме биле неуспешни. Затоа во летото 1901 година се одржало ново советување во Ќустендил на кое се сретнале Гоце, Јане Сандански и Чернопеев и тука било заклучено дека:
„ситните грабежи само го нарушуваат престижот на Организацијата, а не придонесуваат за нејзино финансиско закрепнување“.
На оваа средба Јане предложил да се киднапира кнезот Фердинанд, при неговата посета на Рилскиот манастир, идеја која Гоце ја отфрлил, поради ризиците кои таа акција ги носела, и инсистирал да се дејствува во Македонија.

Првата акција која била подготвена и договорена од страна на Јане Сандански, Христо Чернопеев и Сава Михајлов било киднапирањето на Сулејман-бег во Горна Џумаја, на Петровден 1901 година, кое пропаднало затоа што бегот бил болен и не се движел. Откако таа акција била откажана, Јане и Чернопеев, решиле да го киднапираат протестантскиот мисионер во Солун, д-р Хаус. Но, и оваа акција пропаднала, затоа што тој неочекувано го откажал своето патување.
Затоа било решено да се киднапира наредната цел на листата, Мис Стон. Зошто таа била избрана за цел можеме да разбереме и од зборовите на самиот Чернопеев:
„Д-р Хаус секогаш бил пријател на селаните. Кога чув дека тој решил да не доаѓа, јас на пример не се сожалуваав. За Мис Стон јас не држев многу. Таа често проповедаше против нас, велејќи им на селаните дека Господ ќе ги оттргне од бедните, а не разбојниците… тоа ја направи работата полесна за проголтување“.
Подготовки и планот за грабнување
Акцијата била испланирана и изведена главно од Јане и Чернопеев, повеќе на своја рака, затоа што откако биле известени, Гоце се двоумел, а Ѓорче смЕтал дека нема да се обезбеди голем откуп. Сепак, акцијата била спроведена, а за нејзиниот тек известен ОК во Банско (каде требало да биде извршено грабнувањето) на чело со Димитар Лазаров, бил утврден план со следниве точки:
1. Четата која ќе го изврши грабнувањето да се состои од малку луѓе, а во неа требало да влезат Јане Сандански, Христо Чернопеев, ајдутинот Стојан Просјакот и уште двајца комити кои требало два дена порано да заминат за село Градево
2. Киднапирањето да се изврши на патот од Разлог за Горна Џумаја кај месноста Потпрена Скала
3. Содејство да даде комитетот од село Градево на чело со Ангел Мазнеов
4. Со четата да замине и Вапцаров кој требало да ги посочи жените
5. Пред жените со крпа на глава требало да оди Митре Захов за да го најави нивното пристигање
6. Како придружник на Мис Стон да се земе Катерина Ушева

Иако биле направени подготовки, ништо не одело според планот. Јане и Чернопеев, се подготвувале за киндапирањето кога добиле писмо од нивната чета, на чело со Никола Дечев, во кое тој се заканувал дека повеќе нема да чека во Пирин и ќе се врати во Бугарија, доколку војводите не се појават уште истата вечер на договорено место. Тоа довело до расправија меѓу војводите, и затоа 11 од 14 члена на четата биле разоружани и испратени назад, а со војводите останале само Димитар Ќосето, Стоил Просјакот и Димитар Инев. Се што сега било потребно било знак од ОК во Банско, но и тука се јавил проблем, затоа што неколку локалните чорбаџии негодувале, па затоа Чернопеев остро им се обратил со зборовите:
„Добро, но дајте вие по 5.000 лири секој, и ќе се откажеме“.
Во меѓувреме, Лазар Димитров кој бил раководител на ОК во Банско, успеал да се запознае лично со Мис Стон, и да дознае кога ќе замине од Банско. Со цел планот да биде полесно спроведен како нејзини кираџии биле наместени Саве Мехомиски и Георги Мацурев, кои работеле за Организацијата.
Се било подготвено и четата била зајакната од шестмина селани и 5 комити под водство на Крсто Асенов, па била поставена заседа кај местото Потпрена скала. Со цел да се остави впечаток дека грабнувањето е извршено од Турци, сите биле облечени во турска облека и меѓусебно зборурувале турски. Во караванот се наоѓале: Мис Стон, Катерина Ушева, Катерина Цилка со нејзиниот маж Григор, три учителки, две ученички и други. Караванот тебало да се раздели во Горна Џумаја, од каде Мис Стон планирала да отиде во Солун, додека пак Цилка со нејзиното семејство требало да замине за Корча.

Киднапирањето било извршено на 28 август 1901 година, Мис Стоун била одведена во планина, а со цел да не се создадат гласини дека таа е обесчестена и неморал, првично било планирано со неа да биде киднапирана и Катерина Ушева, но откако било утврдено дека таа е болна, на нејзино место било земена Цилка. Киднапирањето воопшто не одело по план, напротив, се се искомплицирало затоа што најпрвин Мис Стоун го одложила патувањето за 2 дена, а поради турските патроли храна не можело да и биде доставена на четата, па комитите изгладнеле во заседа. Во меѓувреме дошло и до престелка со еден Арнаут, кој откако ранил едно момче од четата бил совладан, и исто така киднапиран. Токму гладот ги издал комитите, затоа што по грабнувањето, барајќи храна во товарот, тие почнале да ги јадат свинските производи.
Сомнежите дека комитите не се Турци, иако зборуваат турски се зголемиле уште повеќе, откако се испоставило дека грабнатиот Арнаут е познат разбојник кој со години ги малтретирал селаните, а кога тоа го дознал Крсто Асенов, веднаш пред очите на сите го егзекутирал.
На 3 септември (16 – нов стил) османлиското комесарство испратило вербална нота до Министерството за надворешни работи и вероисповед во Софија, во која се вели дека:
„Од сигурните податоци, испорачани на царското комесарство, излегува дека четата, која киднапирала на територијата на Сер, Солунска област, мис Стоун и нејзината другарка, е составена од членови на македонскиот комитет“
Во наредните неколку дена четата постојано го менувала правецот на движење со цел да ги избегне потерите, и се движела исклучиво ноќе. Откако четата влегла во Бугарија, и во селата Флорош и Црвиште, на Мис Стоун и било соопштено дека за неа ќе се бара откуп од 25.000 лири односно 101.000 долари, што ја исплашило затоа што сумата била огромна за тоа време.
Чернопеев ги предупредил жените да не се обидуваат да бегаа затоа што ќе бидат убиени, а тие ветиле дека нема да се обидат да избегаат. Набрзо стигнала вест дека и бугарската армија и жандармерија ја пребаруваат пограничната област, па четата ја напуштила Бугарија. Веќе на 4 септември Григор Цилка и останатите ослободени, стигнале во Банско и ја известиле протестантската заедница, која веднаш на 5 септември испратила телеграма до д-р Џон Хаус, што создало вережна реакција па за киднапирањето дознале американскиот конзул во Солун П. Х. Лазаро, и цариградскиот Дикенсон. Двајцата веднаш од Портата побарале да биде платен откупот и да не се испраќаат потери со цел заложниците да не бидат повредени.
На 9 септември Јане и Чернопеев и издиктирале и ја натерале Мис Стоун да го напише првото писмо со цел да се започнат преговорите. Тоа било испратено до Костадин Петканчин од Банско. Во него се барал откуп од 25 илјади лири, но Петканчин се исплашил и го предал писмото на турските власти и така пропаднал првиот обид за преговори. Нов обид бил направен со писмо до д-р Хаскел, а оваа писмо лично го доставил Крсто Асенов, со помош на Ѓорче Петров и Никола Малешевски.

д-р Хаскел го доставил писмото во Цариград на 28 септември, каде бил пречекан од Вилијам Пит, Еди Пенсер и Чарлс Дикенсон, тогашниот генерален американски конзул. Стејт Департментот бил известен, и од него бил добиен одговор дека тие нема да се занимаваат со киднапирањето, и дека нема да биде понуден откуп, затоа што тоа ќе постави опасен преседан. Единствена опција било парите да се соберат преку доброволни прилози. Иако одбил директно да се вмеша, сепак Департментот го подржувал Вилијам Пит, кој како секретар на Американскиот мисионерски совет во Цариград ги водел преговорите.
Во меѓувреме Дикенсон добил нова улога и бил испратен како дипломат во Софија, каде тој веднаш почнал да ја притиска тамошната влада за помош. Во тоа бил писмено одбиен од министерот Михаил Сарафов, кој го известил дека киднапирањето било извршено надвор од нивната територија, т.е во Отоманското Царство, дека тие немаат никаква врска со истото, а и нема да дозволат откупот да се изврши на бугарска територија. Дикенсон, продолжил со своето инсистирање и повел своја лична истрага со што си заработил статус на „персона нон грата“.

Од друга старана од турските власти било барано да не се опколува или напаѓа четата. Било побарано и од рускиот конзул Зиновјев да влијае над ЦК на ТМОРО, со цел да бидат ослободени заложниците. Истрагата на Дикенсон дала резултати па на 7 октомври, тој дознал дека четата е во планината Пирин и побарал здружена акција од турските и бугарските армии, што веднаш било одбиено. Немајќи друг избор Дикенсон се решил директно да преговара со четата.
За таа цел најпрвин на 5 ноември Дикенсон се сретнал со Асенов во хотелот Бугарија, а во истиот хотел на 8 ноември се сретнал и со Чернопеев. На 13 ноември се сретнал со двајцата и им дал последна понуда од 10 000 лири, и им поставил ултиматум дека ако понудата не биде прифатена, тој ќе ја напушти Софија, што и го направил, со цел да докаже дека е сериозен.
Како оделе преговорите дознаваме директно од Ѓорче Петров:
„Дикенсон во преговорите се однесувал од високо и не сакал да преговара со разбојници. Нему му било одговорено дека тие не ја признаваат бугарската влада, дека таа е нивни непријател и дека доколку тој се осуди да ги предаде на бугарските власти, не ќе го остават жив, а и самите не ќе се предадат живи“
Проблем претставувало и тоа каде ќе се предадат парите и каде ќе бидат ослободени киднапираните, затоа што комитите барале парите да се предадат во Бугарија, а ослободувањето да се изврши во Македонија. Преговорите биле дополнително комплицирани и затоа што Дикенсон не бил единствениот преговарач. Преговарачи биле и Вилјам Пит и Гарџиоло, кои како претставници на дипломатското претставништво, понудиле 66.000 долари односно 15.000 лири. Поради оваа забуна и паралелни преговарања, Департментот реагирал и побарал да се формира Комитет за преговори, а доколку тоа биде неуспешно да се направи една од следниве опции:
1. Да го платат целиот откуп од 25.000 лири
2. Да побараат воена акција од Турција и Бугарија
3. Да се принуди Бугарија да ја преземе одговорноста за ослободувањето на Мис Стон преку испраќање на воени бродови во Варна
Компликации
Кога ја планирале акцијата Серскиот и Струмичкиот округ, а и Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов, не можеле да предвидат дека таа ќе трае цели 6 месеци. Дополнително, имало постојан притисок од бугарски патроли, врховистички чети како таа на Дончо Златков, и фактот што Мис Стон била 55 години, а Цилка била бремена веќе петти месец, нешто што се дознало дури по грабнувањето.
Голем проблем посебно биле врховистите кои се обидувале со сите сили да им ги одземат заложниците, па така во селото Тросково, дошло до престрелка помеѓу комитите и четата на Дончо која имала 78 четници. Иако престрелката траела цела ноќ, сепак комитите успешно се извлекле со заложниците.
Следувала нова компликација, затоа што при движењето Цилка добила контракции и морала да се породи. Јане одлучил да се засолнат во селото Србиново, и веднаш биле донесени две бабици кои Сандански ги повикал. Неколку години по ослободувањето од заложништво, Катерина Цилка со писмо од САД ѝ се заблагодарила на бабицата баба Миропа од Ратево за успешното породување што го имала во многу тешки услови.

На 22 декември 1901 година (стар календар), Цилка се породила, а бебето го добило името Елена во чест на Мис Стон. Па така четата добила нов член, а бројот на заложници се зголемил на 3 со што и уште повеќе се искомплицирала ситуацијата. Мис Стон и Цилка биле позитивно изненадени од односот на комите кон детето, а Цилка го опишала оваа однесување вака:
„Два или три часа подоцна се појави самиот водач. Тој беше висок, набиен и мургав. Очите му, друг пат свирепи, сега беа наведнати… потонати во длабоки размисли. Секој пат кога бебето ќе заплачеше или кивнеше тој се сепнуваше… мис Стон го зеде детето и го подаде на водачот. Од почетокот изгледаше збунет, но додека го гледаше малото беспомошно суштество во своите силни раце, на лицето му се појави насмевка… која почна да станува подолга… За мене тој веќе не беше разбојник, туку брат, татко, закрилник на моето дете… Бебето слатко спиеше во неговите силни машки раце… Таму од страна, беше револверот, таму беше страшната кама и пак таму малото бебе, нежно гушнато во тие чиниш железни раце. Истовремено се насмеав и се расплакав од радост. Му се заблагодарив на бога за благодарноста на тој човек… Настапи утрото. Водачот… се држеше заштитнички кон бебето. Го нарекуваше … малата ајдутка, ќерка на четата, а најсакано име за неа му беше ксметчето“
Не поминале ни 3 дена од породувањето, а во селото веќе се појавил турски аскер па четата морала да бега. Бидејќи Цилка не можела ни да јава ни да оди, за неа бил направен специјален сандак, за да може да биде префрлена во селото Влахи. По пат бебето почнало да плаче, што создало страв дека четата ќе биде откриена, па некои од комитите и Чернопеев сугерирале бебето да биде убиено за да не бидат откриени, на што Јане одговорил:

„Ако ги погубиме, се убиваме себе и своето дело пред народот, впрочем, нека изумреме сите, но да не го погребеме нашето дело“.
Сандански со сета сила се обидувал да ги заштити заложниците и успешно да ја спроведе акцијата, па затоа преземал и конкретни мерки, за што сведочи и следнава наредба:
„Таа жена ќе ја гледате, како принцеза да се гледа. Влакно не смее да и падне од главата, минутка не треба да биде ниту гладна, ниту жедна… Пиле ако влезе во таа куќа, не треба живо да излезе, а камо ли човек. Американката ни е многу потребна и ако успееме, ќе има голема полза за нашето дело. Сите сомнителни, кои се навртуваат околу куќата да бидат ликвидирани“.
Поради ваквиот однос на Јане кон нив Мис Стон и Цилка го нарекле Сандански – добриот човек, а Чернопеев – лошиот човек.
Разрешница
Со формирањето на Комитетот за преговори, процесот се забрзал па така на 17 декември Пит и Гераџиоло пристигнале во Солун, каде како преведувач го ангажирале Џон Хаус, кој требало со нив да замине во Горноџумајско и да помогне во преговорите. Преговорите се одвивале добро, и било догорено дека најпрвин ќе бидат предадени парите, а потоа заложниците ќе бидат ослободени.
Веднаш била испратена телеграма до Цариград, од каде на 20 јануари 1902 година со специјален вагон и обезбедување парите тргнале кон Македонија. Гарџиоло барал од турските власти да не го пратат вагонот, и парите да бидат оставени, каде што тој ќе побара, но тие насетиле дека парите ќе одат во Демир Хисар, и го зајакнале своето присуство таму со цел да ги фатат комитите.

Од Демир Хисар, Пит и Гарџиоло се упатиле кон Горнаџумајско, нивното обезбедување ги оставило во Разлог, од каде ти се префрлиле во Банско. Се сместиле во куќата на Иван Грнчаров, и оттука започнале со преговори кои траеле од 21 до 31 јануари. Конечно на 31 јануари 1902 во куќата на Константин Петканчин, се сретнале Јане Сандански, Христо Чернопеев, Крсто Асенов и преговарачите. На оваа средба било договорено следното:
1. Да се чува во строга тајност местото и времето на размена
2. Да се заштитат од власта невините кои помогнале или имале контакт со четата
3. Цилка и Стон да не бидат сведочат пред турските власти
4. Да се заштитат Константин Петканчин и Иван Грнчаров кои ги олесниле преговорите
По завршувањето на сите подготовки, сите 104 килограми злато биле предадени, а никогаш не се дознало како златото било пренесено во Банско, нити како четата го презела.
Според тврдењата киднапираните Елен Стон, Катерина Цилка и нејзиното бебе биле одведени до селото Митрашинци каде што од страна на курири на Јане Сандански биле предадени на Андон Јанев-Ќосето. Тој, киднапираните ги спровел до селото Нивичино каде што добиле поддршка од Атанас Цонев-Нивички и неговата чета. Цонев одлучил жените и бебето да бидат засолнати и згрижени во месноста „Орлово Гнездо“, јужно од селото. Таму ќе бидат снабдени со храна од страна на Ангелина Цонева и Стојан Цонев, сопругата и синот на Атанас Цонев-Нивички, а за нивната безбедност ќе се грижи Нивичанската чета. Откако сето злато било предадено, Ќосето добил задача да ја ослободи Мис Стон. Ослободувањето било извршено во селото Градашорци на 23 февруари 1902 година.
Турските власти посебно ќе го таргетираат селото во Струмичките афери и голем број од селаните ќе завршат во затвори, под обвиненија дека ги помагаат комитите токму поради овој настан.

Од страна на Јане Сандански, Крсто Асенов и Сава Михајлов парите биле префрлени во Бугарија, каде за нивно трошење била формирана четиричлена комисија. На крај, најголем дел од овие пари биле потрошени во борбата против врховизмот.
Аферата која траела неколку месеци, придонела конечно да почне да се зборува за македонското прашање во меѓународната јавност и дипломатија. Вниманието било свртено кон Серскиот и Струмичкиот револуционерен округ, затоа што киднапирањето било изведено и планирано од страна на нивните војводи, Сандански и Чернопеев. Градашорци бил одбрано како место за предавањето затоа што во Струмица, Организацијата уживала огромна подршка, а и во градот имало протестантски мисионери кои би помогнале за позитивна разрешница на аферата.
Мис Стон, станала голем поборник за македонската кауза, па истиот ден откако била ослободена, таа отишла во струмичката протестантска црква да се помоли, а на струмичките протестанти им рекла:
„Да се помолиме за тие браќа во гората, кои работата за слободата на своите браќа и кои покажаа кон нас поголеми грижи, отколку што покажаа нашите родители. Тие ги изложија своите животи за да не заштитат“
Откако од Струмица заминала во Солун, Мис Стон продолжила да ги брани комитите, тврдејќи дека тие не се разбојници, туку луѓе на Организацијата која за цел има да ја ослободи Македонија. Истовремено додала и дека, една од причините за киднапирањето било и тоа што таа проповедала заминување од православието, и предупредила дека слична судбина може да ги снајде и другите протестантски мисионери.

Афера на Мис Стон добила огромно внимание и во американскиот печат, па за неа се пишувало уште од ноември 1901 година. Македонското прашање добило трајно внимание во американската јавност како еден од најважните проблеми во Европа. По своето ослободување Мис Стон, таа неколку пати изјавувала дека киднапирањето не било дело на разбојници туку: „важна епизода од борбата за слобода и човекови права“.
Таа вината за киднапирањето ја пренела на Отоманското Царство, кое не го исполнило членот 23 од Берлинскиот конгрес. Со слични изјави настапувала и Катерина Цилка, која во летото 1903 година со бебето Елена била со посета на САД. Американскиот печат продолжил внимателно да ја следи ситуацијата во Македонија, па така често се известувало и за Илинденското востание. По востанието на 1 јануари 1904 година Мис Стон го издала следниов апел:
„Сегашното избивање на илјади христијани и уништувањето на стотици села е победа на муслиманскиот деспотизам над христијанството и христијанската цивилизација на XX век. Зар верниците од целиот христијански свет ќе останаат бесшумни и нема да возвратат на горчливите лелеци на оние што умираат во Македонија“.
Киднапирањето на Мис Стон, останало историски еден од најважните настани за македонското револуционерно движење. Истото имало и големо влијание врз Струмичкиот округ затоа што 1902 година е одбележана со огромен број на апсења, кои се поврзуваат со настаните во Ново Село, но и ослободувањено на Мис Стон во Градашорци, што ќе придонесат, Организацијата во Струмичкиот округ значително да биде уништена, а со тоа и да не биде подготвена за востание.
