Како што веќе споменавме, Струмица, како град кој се развил околу неговата античка тврдина „Цареви Кули“, има долг континуитет на постоење. Уште од раната антика па наваму, Струмица, заради својата поволна геостратегиска положба, блискоста до градот Солун и ресурсите со кои располага, била значаен центар. Токму затоа, околу струмичката тврдина полека почнале да се удараат и темелите на градот, кој низ вековите продолжил да расте и да станува сѐ поголем. За тоа сведочат и историските извори, како и археолошките истражувања кои во последните децении се вршени над старото урбано јадро на Струмица.

Нашиот фокус во овој времеплов ќе биде средновековието – па сѐ до почетокот на XX век, каде црквата Св. Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици одиграла една од главните улоги во формирањето на градското јадро во средновековието и во тоа како Струмица растела и се развивала во овој период.
Пред да почнеме, само да дадеме мал контекст на тоа како градовите од антиката и средновековието главно се развивале. Имено, „акрополата“, или така наречениот горен град, кој обично бил во форма на добро утврдена тврдина, бил зародишот на градот. Бидејќи тврдината – во нашиов случај Цареви Кули – нудела безбедност и сигурност за населението, но и место каде може да се засолните од опасност и непријателски напади, населбите често биле формирани што е можно поблиску до самите нив.
Со текот на времето, таа безбедност во Струмица придонела бројот на населението под и околу Цареви Кули експоненцијално да се зголемува, со што јадрото на стариот град се зголемувало, а со него и градбите од јавен карактер кои го подобрувале и организирале животот на струмичани.

Типично за средновековниот период е тоа што Струмица имала потреба и од одредено утврдување и на самата населба околу тврдината, па така околу цивилната населба биле изградени ѕидини и бедеми кои за цел имале да ги штитат струмичани од непријателски напади. На овие ѕидини дополнително биле изградени и кули, кои служеле за надгледување и бранење на просторот. Внатре во овие т.н. „цивилни ѕидини“ биле распространети разни административни и јавни објекти, плоштади, ќепени, цркви, кули, џамии, дуќани, занаетчиски работилници и куќи.
Од историски извори дознаваме дека типично за Македонија и за Балканот во средновековието било во ваквите утврдени градови да живеат отприлика од 2000 до 4000 жители, па така можеме да заклучиме дека и во овој период Струмица броела околу 4000 струмичани. Бројот на жители често варирал во овој период, не затоа што струмичани не сакале да живеат во градот, туку затоа што условите за егзистенција биле навистина тешки, а во средновековието заразните болести најмногу ги погодувале токму градовите како Струмица – поради погустата населеност во однос на селата.

За средновековна Струмица, доста информации добиваме од истражувањата на нашиот сограѓанин Душко Цветанов, кој во своите научни трудови и археолошки испитувања приложува доста детали за самиот средновековен град, како и за бедемите и ѕидините кои го опколувале градот.
Според него, утврдувањето на Струмица најверојатно било завршено во доцната антика, а во подоцнежните векови на бедемите биле вршени делумни поправки, со што тие останале во употреба. Според испитувањата кои тој ги вршел, средновековните ѕидини кои ја опкружувале Струмица ја имале следнава форма: првиот бедем се наоѓал од денешната Дупина Чешма кон Орта Џамија, го заобиколувал денешниот локалитет Мачук. Оттука, тој продолжувал кон денешната улица „Стив Наумов“, од каде се искачувал во правец северозапад – југоисток. Ѕидините понатаму минувале некаде кај денешната црква „Св. Кирил и Методиј“ и Стариот суд, за на крај да го затворат бранетиот простор кај денешното мало ритче Самораница, каде што е лоцирана денешната Спомен–костурница.

Интересен е податокот дека средновековната патна инфраструктура, која Турците речиси целосно ја презеле, останала да постои до денес како дел од старото урбано јадро на Струмица. Околу овие тесни улички од збиен тип биле подредени и самите куќи и објекти од јавен карактер.
Токму затоа, дури и денес, во овој дел од градот, од периферијата навлегуваат неколку главни патни артерии за кои можеме да речеме дека претставувале и главните влезови на стара Струмица, а тие се: северозападно од градот, кај улицата „Стив Наумов“ (пат кој доаѓа откај селото Баница); југоисточно од градот, улицата „5 Ноември“ и црквата „Св. Кирил и Методиј“ – (пат кој доаѓа јужно од градот, откај црквата „Св. Петнаесет тивериополски маченици“) и уште еден влез (пристап), улицата „Тошо Арсов“ кај Орта Џамија.

На база на истражувањата може да се заклучи дека утврдениот, т.е. бранетиот простор, заштитен со овој бедем, зафаќал површина од околу 15 хектари (или 150.000 м²). Овие претпоставки дополнително се потврдуваат и според локациите на некрополите (гробишта), кои секогаш се наоѓаат надвор од бедемите. Во Струмица за време на средновековието постоеле неколку такви некрополи. Досега се истражени и познати следниве средновековни струмички некрополи: некрополата на Цареви Кули – Јужен Рид, некрополата „Св. Петнаесет тивериополски маченици“ и некрополата кај Старата пошта во центарот на денешна Струмица (некои од нив биле користени и во доцната антика).

Со доаѓањето на Османлиите во Струмица – 1383 година, положбата и значењето на тврдината Цареви Кули, т.е. и самиот град Струмица, значајно се менува. Струмица сега се наоѓала длабоко во територијата на Отоманската Империја, и нејзиното одбранбено значење постепено почнало да се намалува и исчезнува. Наредниот век, крајот на XIV и почетокот на XV век, тврдината се уште имала одредена улога, но на крајот на тој век речиси целосно ја изгубила таа функција. Дополнително, во османлискиот период, Струмица почнала да добива лик на еден отворен ориентален град, кој нема свое утврдено предградие, со што Цареви Кули целосно замрела.
Потврда на оваа претпоставка ни доаѓа и од деталниот и опширен опис на турскиот патеписец Евлија Челебија, кој во 1670 година ја посетил Струмица. Според него, Струмичката тврдина била скоро потполно напуштена и одамна започнала да се руши. Челебија го дава и следниов опис на градот:
„Струмица, која била многу жива и убаво изградена со големи градби, е лоцирана на место проширено со ридови, долови и могили. Таа е голема населба, целата во лозја и градини, околу неа нема бедеми. Има 2040 едноспратни и двоспратни куќи, изградени од камен и малтер, терасесто расположени, покриени со рубин-црвени керамички ќерамиди.“

Токму од овој дел на описот што Челебија ни го дава, можеме да видиме дека Струмица веќе не била обградена со бедеми, а утврдена останала само тврдината Цареви Кули, која во овој период веќе ја изгубила својата функција и почнала да се распаѓа. Бедемите и ѕидините што некогаш ја опкружувале Струмица сега биле користени како материјал, кој Османлиите го користеле за градење на нови јавни објекти и куќи.
Во овој период, од писанијата на Челебија дознаваме дека Струмица се делела на четиринаесет муслимански маала, едно христијанско и едно еврејско маало. Во градот сега имало црква, неколку џамии, медреси, бањи и дванаесет јавни чешми. Очигледно е дека Струмица останала трговско-занаетчиски центар, затоа што во градот имало околу петстотини дуќани, неколку трговски и караван-сараи во кои патниците-намерници и трговците ноќевале, но немало безистен. (Безистенот е покриен пазар, кој се сметал за симбол дека градот е всушност голем економски центар – како што во тоа време биле Битола и Скопје.)

Од описот кој ни го оставил Челебија можеме да извлечеме неколку интересни податоци, во Струмица во тој период имало само една црква и едно христијанско маало. Па сепак, иако во овој период градот бил претежно муслимански, црквата сепак претставувала центар на урбаното живеење и голем дел од активностите се одвивале околу неа. Веќе во овој период е сосема јасно дека еден од најважните центри во целата Струмичка котлина, а и самата Струмица, е токму црковниот комплекс Св. 15 Тивериополски маченици. Од историски извори знаеме дека култот кон нив веќе бил силно развиен во Струмица уште од IV век.

Од претходните истражувања знаеме дека црковниот комплекс Св. 15 Тивериополски маченици, кој се наоѓа во јужниот дел на градот, се наоѓал надвор од утврдениот дел од градот. Всушност, просторот околу црквата бил користен како некропола каде се погребувале христијаните. Ваквото тврдење е поткрепено и од археолошките истражувања вршени од 1972 па сè до 2008 година, а преку нив е откриен цел еден комплекс на црковни градби и 23 засводени гробници.
Во наосот на една од црквите е сместена централната гробница со портретна претстава на светите Тивериополски маченици. Времето кога комплексот градби е граден се сместува од V–VI, IX до XIV век, со што се потврдува континуитетот на култот кон мачениците, но и постоењето на градот низ сите овие векови. Дополнително, ископувањата покажуваат и дека покрај базиликата тука постоеле и три ремоделирани средновековни цркви.
Значењето на овој комплекс за Струмица се потврдува и во средновековните пишани извори, како што се грамотите кои од 1348–1352 година ги издал српскиот цар Стефан Душан. Во нив црквата Св. Петнаесет била подарена како задужбина на новооснованиот манастир „Св. Архангели Михаил и Гаврил“ во Призрен, заедно со луѓето, црквата, лозјата и сè што имала црквата од почетокот.

Значењето на црквата го потврдува и фактот што османлиите ја сметале како потенцијална опасност за нивната способност да го контролираат градот, па така таа била разурната. Но, ниту тоа не го уништило колективното сеќавање на струмичани за светоста на ова место, ниту ги спречило христијаните и понатаму да доаѓаат тука на поклонување и барање на исцелителната моќ на светците.
Токму љубовта на струмичани кон светците, кои ги сметале за свои заштитници, придонела овој дел од градот да продолжи да игра важна улога и да биде еден своеобразен центар околу кој ќе се формира населба. Колку овој дел од градот бил еден вид трн во окото на османлиите можеме да видиме и од фактот што во оваа населба се пронајдени остатоци на таканаречена „феудална кула“. Оваа кула била градена некаде околу XVII век и била во стилот кој се нарекува „мали семејни утврдувања“ – кои се граделе како османлиски воени утврдувања. Имала два спрата и приземје, а на вториот спрат имала издадена тераса на две од четирите страни, а пак на првиот спрат имала мали отворени прозори кои служеле како пушкарници.

Оваа кула посочува на тоа дека овој дел од градот бил доста жив и полн со активност, затоа што самата кула се користела не само како чуварница, туку во неа живееле војници, а приземјето обично служело за стопански активности. Како што реков, локацијата на оваа кула е многу интересна затоа што „муслиманскиот“ или трговскиот центар на градот бил доста подалеку од неа. Дополнително, околу овие кули османлиите обично имале и други градби, што посочува дека тука постоела голема населба.

За жал, како оваа населба се викала или била ословувана немаме точни информации. Од анализите кои Цветанов ги вршел на турските пописни дефтери од 1519 и 1570 година, можеме да видиме дека во тоа време во Струмица постоеле неколку населби кои денес се исчезнати. Имено, во турските пописи од 1519 година, во Струмичката нахија се споменува село Свети (?), за кое не постои потврдена локација и струмичките археолози сè уште му ја немаат пронајдено локацијата. Во ова населено место живееле 29 домаќинства, 8 неженети и 8 вдовици, сите христијани.
Истото ова населено место во пописот од 1570 година е забележано како Свенича, и во него живееле 35 христијански домаќинства, 31 неженет и 8 вдовици, како и 14 муслимански домаќинства и 1 неженет.
Она што нè води на заклучок дека ова населено место се наоѓало околу црквата Св. Петнаесет е тоа што местото се споменува како Свети / Свенича / Светица, што јасно покажува дека егзистирало околу свето место. Она што дополнително ни дава до знаење дека се работи за населба околу црквата е тоа што во пописот се споменува Струмичката нахија, а и од професиите јасно се гледа дека се мисли на градска населба.

Покрај тоа што во пописот од 1570 година поголемиот дел од населението е христијанско, што докажува дека црквата е близу, и професиите кои струмичани ги извршувале покажуваат дека се работи за градска населба. Чисто за контекст, во средниот век занаетите и занаетчиите како што се: „челенгир“ (бравар), терзија (кројач/шивач), арабаџија (колар), сарач (изработувач на узди, амови, седла итн.) и самарџија, главно работеле во градовите, каде се наоѓале не само нивните продавници, туку и работилници.
Токму овие професии се спомнати во пописот на населението кое живеело во населбата околу црквата Св. Петнаесет. Со тоа добиваме јасна слика дека овој дел од градот не само што бил христијанска населба, туку бил еден вид христијански трговско-занаетчиски центар. Типично за времето по доаѓањето на османлиите е христијаните да се повлекуваат надвор од јадрото на градот или во повисоките села со цел да ги избегнат турските репресалии.
Од она што можеме да го видиме од описите, населбата околу Св. Петнаесет еден период функционирала како населба делумно одделена од градот. Но, веќе во 1570 муслиманите почнале да се населуваат тука и со тоа оваа населба престанала да биде засебна и полека се припоила кон остатокот од градот. Имено, во пописните дефтери од 1570 година за населбата Свенича (Светица, Свеница) е забележано дека муслиманските домаќинства биле без земја или со земја помала од половина чифлик, т.н. бенак. Во населбата околу Св. Петнаесет се наведени 14 бенаци, што нè наведува на заклучок дека ова население, поради тоа што немало земјиште, примарно не се занимавало со земјоделство. Поради фактот што бенакот може да се користи најмногу како мали бавчи (градини), можеме да заклучиме дека веќе во овој период населбата била урбанизирана и густо населена.

Дополнително, позицијата која оваа населба ја заземала на јужниот влез од градот Струмица значи дека оттука често поминувале трговци и патници, што придонело тука да се отворат анови во кои патниците одмарале, но и работилници за поправки на превозните средства.
Понатаму, во подоцнежните пописи се чини дека населбата полека преминала во јадрото на самиот град, затоа што таа почнала да се споменува како една од градските маала. Имено, градот под османлиите полека почнал да се шири кон поројната река Коритниче, која била природна граница меѓу градот и населбата Св. Петнаесет. Кога точно се случило припојувањето е тешко да се потврди со сигурност, но јасно е дека веќе во XIX век речиси сите извори ја наведуваат населбата како дел од самиот град.

Преку оваа кратка историја на населбата околу црковниот комплекс Св. Петнаесет можеме да нацртаме една интересна историска слика и скица за тоа како од доцната антика, па преку средновековието и сè до денес се развивал градот Струмица. Можеме да видиме како го менувал својот лик во зависност од времето и историската доба, и како, и покрај сите промени, култот и почитувањето на Светите Петнаесет Тивериополски маченици се длабоко врежани во секоја пора од постоењето на градот. Речиси целото негово постоење во себе носи белег од овие светци, кои не само што му го дале името кое го носел во доцната антика, туку и засекогаш го одбележале неговото население и историја.
текстот е делумно базиран на истражувањата извршени од Душко Цветанов, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица
