Во текот на 19 век, изразот „Болниот човек на Европа“ станал синоним за Османлиската империја. На речиси сите им било јасно дека оваа некогаш моќна империја полека умира и дека нејзиниот крај на Балканот е само прашање на време. Но, политичките игри и интереси на тогашните велесили – Русија, Австро-Унгарија и Велика Британија – како и нивните калкулации за поделба на територијата помеѓу нивните балкански сојузници, ја одржале слабата и корумпирана империја во живот барем уште 100 години.
Уште со почетокот на Првото српско востание станало јасно дека започнал почетокот на крајот на османлиското владеење на Балканот. По 1900 година веќе било очигледно дека Османлиите нема да можат уште долго да ја задржат Македонија. Прашањето повеќе не било дали, туку кога и како ќе бидат поделени преостанатите териториите што сè уште ги контролирала империјата. Во таквата неизвесна и напната ситуација, балканските држави – Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора – започнале интензивни преговори за создавање заеднички сојуз, со цел за себе да приграбат што поголем дел. Нивната цел била јасна: конечно протерување на Турците од Балканот и зграбување на што поголем дел од Македонија.
Во есента 1912 година, условите за судир со „болната империја“ биле совршени. На 18 октомври Црна Гора прва започнала со воени дејствија, а неколку дена подоцна, останатите сојузници – согласно договорот потпишан на 8 октомври – ѝ објавиле војна на Османлиската империја.

Македонците, вклучувајќи ги и струмичани, во војната виделе вистинска шанса најпрво да се ослободат од турското владеење, а потоа и конечно да ја исполнат својата желба за независна држава. Затоа, илјадници Македонци, вклучувајќи и многумина кои се вратиле од странство, зеле активно учество во Балканските војни, притоа борејќи се во армиите на соседните држави.
На 5 октомври 1912 година, низ Струмица завладеала паника, бидејќи воената атмосфера се чувствувала веќе неколку дена. Најпрво во Малешевијата, а потоа во Радовиш и околните струмички села, почнале да пристигнуваат илјадници турски бегалци, од кои многумина продолжиле да бегаат кон Дојран, Кукуш и Солун.

Еден од современиците и очевидци на настаните дал свој одличен опис од прва рака:
„Управата, беговите и граѓаните (од Малешевско и Радовишко б. н. ) дојдоа први, а после, ете ти ги и сите турски села потекле во долги кервани од воловски и биволски коли и натоварени коњи и магариња, потерале стада овци и кози. Повлекле жени и деца, натоварени со завивки и, овде-онде, со покуќнина… Не по волја на човека му се сакаше да плаче пред ваквата слика. Но тешко на народ што има управници какви што беа турските. Војската која требаше да го брани овој исплашен народ… напротив, прва избега. За срам на нивното петвековно царување!”
Поради големата опасност која постоела во Струмица да избувнат немири, кајмакамот во струмичката касарна затворил 600 струмичани, кои ги држел како заложници. Овие струмичани биле ослободени дури откако Струмица била ослободена. Покрај ваквата мерка на струмичките Турци им било забрането да го напуштат градот поради што голем дел од нив и останале тука.

Не поминало многу време, а војната ја зафатила и Струмица. По кратка битка кај Радовиш, на 21 октомври 1912 година, првата чета на бугарската војска влегла во градот. Веќе на 22 октомври, бугарските воени единици свечено влегле во Струмица, но не останале долго, бидејќи продолжиле кон Солун. Подоцна истиот ден, во градот влегла и српската војска. Според претходен договор меѓу сојузниците, контролата врз Струмица му била предадена на командантот на српските единици, кои потоа се стационирале во градот.

Брзото напредување на бугарските и српските воени единици кон Струмица било помогнато од македонските чети и доброволци, меѓу кои имало и многу месни комити.
Нивните акции биле насочени кон:
- Уништување на телефонските линии и комуникациски врски,
- Напади на вардарската железничка пруга,
- Создавање хаос и дезорганизација во турската војска.
Со почетокот на воените дејствија, во Струмица настанала вистинска хаварија. Покрај судирите со турската армија, ВМРО врховистите почнале пресметка со своите некогашни и сегашни противници – македонските „централисти“, при што биле извршени неколку атентати.

Од друга страна пак, испровоцирани од струмичките чети и доброволци, Турците решиле својот последен бес да го истурат врз Куклиш. Па така поставиле брдски топови на ридовите од градот и со нив го бомбардирале селото. Во оваа крвава одмазда загинале најмалку 20 куклишани а поголем дел од селото изгорело, што ги натерало остатокот од селаните да се разбегаат по околните села во потрага на засолниште.
Како одмазда неколку дена подоцна, околу 5000 струмички Турци биле егзекутирани, на крајот од тогашниот град, на десната страна од патот за Радовиш. Слична судбина доживеале и турците по селата, иако при влегувањето во градот, бугарските и српски офицери ветиле дека до тоа нема да дојде. Тука и се завршил првиот воен виор, во кој најмногу настрадале Куклуш и турското население во Струмица.

Вториот бран ќе дојде доста брзо, кога на 16 јуни ќе започне Втората Балканска војна, која ќе заврши со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, и во која Македонија ќе биде поделена на три дела.
Битките кои следувале накратко ја зафатиле и Струмичка околија, но набрзо Бугарија била поразена и на војната и било ставено крај. Според Букурешкиот мировен договор, Струмица и струмичката околија и припаднале на Бугарија, а соседните Малешевка, Радовишка и Гевгелиска — ги задржале Србите. На југ од Беласица, се било под грчка управа. Границата помеѓу Србија и Грција минувала јужно од селото Костурино, со што биле разделени Струмица и Валандово.
Во наредните неколку времеплови во детали ќе ги разработиме Балканските војни и црната судбина која Струмица морала да ја преживее во нивното времетраење.
