Времеплов – Струмица низ историјата – Струмичките амами


Со оглед на тоа што целата Струмичка котлина лежи на вода, воопшто не е чудно што во овој регион водата секогаш имала посебно значење. Како што го почитувале сонцето, така според Св. Климент Александриски, античките Македонци ја почитувале и водата на изворите и реките, па за таа цел имале и свое божество кое го нарекувале Веди. Односот кон водата како нешто свето не се променил ни со доаѓањето на христијанството во Струмица, напротив, реките и водите биле сметани за свети, поради крштевањето на Исус Христос во реката Јордан.

Традицијата на уживање во јавни бањи и води била доста застапена и популарна и за време на Римското и Византиско владеење во Струмица. Покрај бањите во Банско за кои веќе пишувавме, во овој период постеле и други бањи низ струмичко, посебно покрај големите манастири како на пример оној во Водоча.

Скица и остатоци од римската бања во село Банско

Со доаѓањето не Османлиите, овој однос кон водата не се променил, туку се зајакнал. Поради муслиманското верување дека за да се моли човек мора да биде чист, се започнало со градење на повеќе бањи и сакрални објекти кои муслиманите во Струмица и струмичко, би можеле да ги користат за одржување на личната хигиената.

Тој тренд се засилил во 18-от век, кога османлиите во Струмица населувале Читаци, Јуруци и Мухаџири. Овие доселеници во Струмица со себе ги донеле и имплементирале своите животни потреби, навики и обичаи, што во превод значело изградбата на сакралните и профани објекти, како што се Xамии и Амами, преку и во кои ги остварувале своите религиозни потреби и задоволувале хигиенски навики.

Остатоци од Големата бања во село Банско и реконструкција на нејзиот внатрешен изглед

Од овој период во Струмица датираат вкупно 9 јавни и семејни амами, од кои 2 се изградени во самиот град и 7 во околните села од кои 4 во Банско, 1 во Баница, 1 во Сарај и 1 во Градашорци. Освен амамите во Банско, кои ја користеле топлата, термална вода, сите други користеле загреана вода, која се носела од блиските реки или извори, преку керамички тубуси. Во Струмица вода се носела од реката Тркања, во Банско од термалните извори Врело и Јаките, а во Баница се доведувало вода од блиската река Водоча. Во Сарај водата доаѓала од Голчеви извори, а во Градско Балдовци од блискиот извор Бел Бунар.

Според пишувањето на историчарот Милован Ристиќ кој ја посетил Струмица во 1925 година, функционирањето на овие амами престанало по масовното иселување на Турците пред и по Балканската војна.

Изглед на Струмичките амами

Струмичките амами биле солидно ѕидани објекти со цврсти и масивни ѕидови, во кои имало одвоени простории за мажи и за жени.

Просториите биле засведени со калоти, со вентилација поставена во горните делови на покривот. Светлината навлегувала преку застаклени и перфорирани отвори на куполите. Струмичките амами се градени од камен, вар и хоризонтално поставени редови печена тула. Перфорациите на калотите биле мали, главните влезови кои биле поставени во централниот дел на објектите, како и влезовите во внатрешноста исто така биле мали, а така биле градени со цел да ја зачуваат топлината внатре во амамот.

Турски амам во село Банско

Струмичките амами биле градени како единечни или двојни, а се разликувале и по тоа дали се приватни или јавни. Јавните струмички амами (Karl humami) имале неколку основни простории и тоа: Гардероба (Souma jeri, kamekah), малку затоплени простории (Likihik), топол простор за бањање (Sikilik), просторија за тоалет (Abnes Hane), и берберница (Trashhane Ustulalik). Главниот и најтопол дел од амамот кој се користел за бањaње, а имал подигнато плато на висина од 40 до 50 см -на оваа просторија и го дал името (Gobek Tasi). Во таа просторија покрај ѕидовите имало поплочувања на кои можело да се легне, а бидејќи биле веднаш до огништето (Klhan) температурата во нив била висока и се користеле за потење.

Турски амам, село Баница

Амамите имале и резервоар за вода (Sanu Hzesi-Hanza), а со цел да останат секогаш загреани, огнот горел постојано со цел топлиот воздух кој циркулирал низ преграден простор наречен пеколен простор (ehenemnik), да го загрева целиот амам. Да сумираме, секој Струмички амам поседувал шадрван-гардероба, капалук – просторија за одмор по бањање, халвате – просторија за миење, ханза – резервоар за вода и просторија за ложење – Чулхан.

Во Струмица амамите најчесто ги граделе богатите Османлии, кои потоа ги оставале како своја завештина за јавно користење. Покрај муслиманите, јавните амами биле достапни и за другите струмичани. Со изградбата на амамите само се продолжила порано споменатата струмичка традиција на градење бањи, како што биле тие во Банско и Водоча.

Амами во Струмица и струмичко

Како што споменавме во Струмица и струмичко за време на османлиското владеење биле изградени вкупно 9 амами, од нив во самиот град Струмица биле изградени два амами во XVI век, првиот во денешниот централен дел, источно од зградата на општина Струмица, додека другиот југоисточно од Инќар Џамија.

Скица на амамот Коха Мустафа

Амам на Коха Мустафа

Овој амам се наоѓа во денешниот централен дел на Струмица на улица Ленинова, а бил откриен во март 1983 година, кога при иградба на зграда во близина на сегашното собранието, биле откриени неговите темели, па се пристапило кон археолошко истражување. Амамот бил затрупан откако врз него 1922 година биле изградени куќи. Овој амам бил изграден од страна на Коха Мустафа, уште во времето на султанот Бајазит (1481-1512), кога тој станал станал везир при Високата порта.

Од амамот останале и биле откриени шест простории, резервоарот за вода и влезот од јужната страна. Тој имал површина од 145м2, а ѕидовите биле дебели дури 90 см. Најверојатно бил висок 4 метри, но од куполата не останало ништо. Откако бил истражен се дошло до заклучок дека во внатрешноста влезовите и другите функционални елементи кади – гуртни, се уништени, а некаде во 1900 година, амамот бил пренаменет и употребуван како затвор.

Поради тоа што остатоците биле доста оштетени и нецелосно зачувани, тој бил целосно срушен и на негово место е изградена станбена зграда.

Амам – Коха Мустага, ископувања од 1983 година

Амам на Сеид Ибрахим Челеби

Овој амам е пронајден во приватен двор источно од Инќар Џамија, на улицата Ѓуро Ѓаковик бр.25. Според археологот Александар Стојановски, тој наjверојатно бил изграден во XVI век. Овој струмички амам бил граден од богатиот турчин Сеид Ибрахим Челеби, чија професија не е позната, како негово завештание. Овој богат струмичанец исто така изградил и неколку чешми во Струмица. Водата во амамот и чешмите била носена од реката Тркања. Овој амам не е археолошки истражен и освен основните податоци дека имал ѕидови дебели 90 см, и височина од барем 2 метра, и дека е ѕидан со камен, вар и печена тула. Не се знае со сигурност дали бил семеен или јавен амам.

Остатоци од амамот на Сеид Ибрахим Челеби – ул. Ѓуро Ѓаковик, Струмица


Амам на Мехмед-ага во с.Баница

Според информациите добиени од жителите на селото Баница, овој амам бил изграден од страна на Мехмет-ага, кој во селото имал свои имоти. Од остатоците на овој амам може да се види дека тој бил семеен амам и не бил за јавна употреба. Од него се зачувани само една купола и темелите на три простории, чија употреба за жал не може да се установи. За амамот може да се заклучи дека бил висок околу 4 метра, и имал димензии од 8х12 метри и имал четири простории. Од остатоците може да се заклучи и дека бил поделен на женски и машки, а бил изграден за сакрална употреба затоа што се наоѓа западно од некогашната селска џамија. Како и другите струмички амами граден е од камен, вар и печена тула.

Остатоци од амамот на Мехмед-ага во Баница

Амам во с.Градско Балдовци

Темелите на овој амам се денеска речиси целосно затрупани под земја, затоа што во 1950 година, според Стојан Митев жител на оваа село, тој бил целосно разрушен. Амамот стоел се до таа година, а бил изграден северозападно од селото во месноста Бел Бунар, со цел да црпи вода од реката Тркања. Од остатоците на овој амам, може да се заклучи дека бил од семеен тип, а специфичен е по тоа што е граден од хоросан малтер и доцно средновековна тула, која е типична за градбите на доселеното турско-османско население од Анадолија.

местото каде што се наоѓал амамот во с.Градско Балдовци

Амам во с.Сарај

Овој имам кој се наоѓа северозападно од селото Сарај, бил изграден во XVII век за потребите на муслиманско население. Водата за амамот се носела од Голчеви Извори од реката Турија, и тој бил од семеен тип. Денес постои остаток само од источниот ѕид, кој се уште стои на приватен имот – нивата на Китанов Зоран од с. Сарај, а куполата стоела се до 1945 година кога била срушена. Амамот имал димензии 6х6 метри, а најверојатно бил висок околу 2 метра, и претставува еден од првите амами изградени во Струмица.

Остатоци од амамот во село Сарај

Амами во с.Банско

Поради фактот што во оваа село се наоѓаат извори со топла вода, а и затоа што тука веќе постоела римска термална бања, во оваа село биле изградени најмногу амами во Струмица. Со самото населување на турското население во оваа село кое порано се викало Илиха (во превод со значење топла минерална бања), се започнало се изградба на амами. За нивната градба бил заслужен и Мехмед Јаничар, под чии чифлик селото Банско било во тоа време. Амамите кои биле изградени биле и од јавен и семеен тип.

Внатрешен изглед на турски амам во село Банско

Екси амам (Стара голема бања)

Овој амам е најверојатно првиот турски амам кој бил изграден во селото. Граден е на источната страна од селото под поранешната римска терма. Се претпоставува дека е изграден во XVI век, а бил граден од камен, вар, и тула. Поради својата големина се работи за амам од јавен вид, за него од пишани извори на турската администрација дознаваме дека се викал Екси амам. На почеток на неговата градба бил концепиран со три простории со голема квадратна централна со голем длабок базен и
две помали на јужната и на источната страна со мали кади. На амамот во првите децении на ХХ век додадени се и простории за сместување на североисточната страна.

Од податоците кои постојат знаеме дека амамот во утрата бил користен како машки, а вечерта како женски. Се работи за доста голем амам кој има површина од 242 м2, и висина од подот до почетокот на куполите од 2 метра. Имал 3 влеза, а влезовите се високи 1,70 см и широки 70 см. Големиот базен кој бил и најдоминантен, а во кој се влегувало по скали имал димензии од 6,8х8,7метри и длабочина од 1,40 см.

Водата во амамот се носела преку тубуси од термалниот извор Парило кој се наоѓа околу 50 метри јужно. Амамот имал и резервоар за вода на јужната страна и прегради за акумулирање на топла и студена вода. Овој амам се користел дури и по Втората Светска војна.

Слика од Екси амам

Мал амам – село Банско

Овој турски амам кој бил изграден во XVIII или во XIX век, всушност бил граден над просторија со голем базен на поранешна римската терма. Амамот бил ѕидан од камен и варов малтер, а во него имало кади и ниски клупи обложени со бел мермер, гуртни и под од плоснати плочи поврзани со хоросан малтер. Пред да биде срушен во 1996 година поради тоа што се распаѓал имал две простории и речиси се поклопувал по ѕидовите на старата римска терма. Се наоѓа не далеку од Екси амамот, и со топла вода се снабдувал од изворот јужно од него.

Ископувања на малиот амам во село Банско

Амам Саланха – село Банско

Според истражувањата на овој амам и неговата големина, може да се претпостави дека тој првобитно бил изграден во XVII век, како семеен амам. Не се зачувани податоци кој го изградил, но со сигурност знаеме дека во него имало базен со длабочина од 140 см, и купола која била изведена со лим, со цел да се зачува топлината.

Саланха амам, кој порано бил римска терма

Овој мал амам има само околу 33 метри квадратни, и димензии од 5х5метри. Интересно е тоа што дури во 1960 година добил придружни простории, кои служеле како соблекувални. Димензиите на базенот се: 3,4х3,4 метри, а куполата е со дијаметар од 4 метри, додека дебелината на ѕидовите изнесува 90 см. Висината на влезот е 1,70 см а ширина 70 см. Овој амам се снабдувал со термална вода преку цевки од извори кои се наоѓаат источно од него.

Саланха амам село Банско

Кирли амам – село Банско

Една многу интересна легенда е поврзана со изградбата на овој амам. Според кажувањето на постарите муслимани од селото Банско, овој амам бил изграден од многу богатиот Меси-бег. Имено, Меси-бег бил толку богат што имал огромен имот, кула со високи ѕидови и многу пари, па си изградил и семеен амам. Сето ова се случувало некаде во XIX век. За несреќа на Меси-бег приказната за неговото раскошно богатство се расчула до Цариград, каде тој бил повикан за да го објасни своето богатство. Откако не успеал да го оправда своето богатство, султанот заповедал тој да биде убиен, па Меси-бег никогаш повеќе не се вратил во Банско.

Овој амам се наоѓа под старата црква Св. 40 Севастиски маченици и Тулбето на Меси Беј, а бил изграден во квадратна основа, со димензии 9х9 метри. Како што било типично за амамите ѕидовите се со дебелина од 90 см, а влезот е со висина од 1,70 см. ширина 80 см.


Скица на Кирли амам, село Банско

Амамот бил граден од грубо обработен камен, вар и тула, но и покрај сега лошата состојба може да се види дека имал убаво украсен ентериер, за чие украсување се користени сина боја за куполата и црвена за под куполата. Амамот зафаќа површина од 81 метар, а ѕидовите кои останале сочувани се во висина од 9 метри. Поради оддалеченоста од термалните извори амамот користел загреана вода од блискиот извор – Бабјак.

Остатоци од Кирли амам, село Банско


Сите овие амами и нивните рушевини и денес сведочат за богатата струмичка историја, за промените кои се случувале во струмичката котлина, и како градот растел, се развивал или се справувал со доселувањата и отселувањата на струмичани. Сите овие амами се направени или во самиот град или рамниците на струмичката котлина, таму каде што концентрацијата на муслиманско население била најголема, затоа што со доаѓањето на Османлиите, Македонците и струмичани се повлекле да живеат во ридските и планински села, каде што притисокот да се прифати исламот и османлиската култура бил значително помал.

По периодот од 1912 година голем дел од овие амами згаснале затоа што со почетокот на војните и разни окупации кои ја потресле Струмица, голем дел од оваа муслиманско население го напуштило градот, па тие веќе не биле користени, со исклучок секако на бањите во Банско. Овие амами се исто така и сведоци на промената на архитектурата и изгледот на средновековна Струмица и селата во котлината. Започнал период каде стариот град и тврдината полека западнале и се распаднале, а се граделе објекти само во исламско-османлиски стил, што значајно го променило изгледот на Струмица и околните претежно муслимански села. Сепак, овој изглед на градот речиси целосно исчезнал по распадот на Османлиската империја и по 1912 година.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading