Времеплов – Струмица низ историјата – Походот на Ситалк

Колку значајна била Струмица како град и регион уште во антиката, можеме да видиме и од пишувањата на историчарот Тукидид кој веќе во петтиот век пр. н.е го споменува градот како местото каде се случил големиот судир помеѓу војските на Ситалк и Пердика II. Македонскиот антички крал Пердика II кој бил познат по своето брзо менување сојузници и сојузи, владеел со Струмица, град кој исто така бил центар на Пеонците, кои се едно од поголеми и позначајните македонските племиња.

Пајонски воин

Овој судир се случил веднаш по Пелопонеска војна, во која Македонија учествувала како дел од неколку сојузи. Пердика најпрвин се борел со Атињаните, но подоцна одлучил да ја промени страната и да им помага на Спартанците, што довело до судир помеѓу Македонија и Атина.

Со цел да се одмазди Атина, која била во сојуз со Одриското Кралство, го поткупила нивниот крал Ситалк, во 429 г. пр. н.е. и го мотивирала со еден поход да продре длабоко во Македонија. Оваа понуда била идеална за Ситалк, кој поради тракискиот начин на живот и општествените тракиски норми во тоа време, едноставно морал периодично да предводи воени походи за плен и грабеж, кои во суштина и го одржувале неговиот престиж како крал на воинствени племиња, за кои војувањето било дел од начинот на живот.

Мапа на антички племиња каде Струмица е запишана под името Добер

Како една од главните држави во тоа време античка Македонија морала постојано да балансира, и да ја прилагодува својата надворешна политика, што во времето на Пердика II била посебно изразено, затоа што Атина се обидувала да ја дестабилизира македонската доминација на егејското крајбрежје. Во овој период често се воделе војни кои денеска се нарекуваа прокси-војни, т.е поголемата сила користела еден или повеќе од своите сојузници да го нападне својот противник во граничните региони со цел да го дестабилизира. Иако Пердика II очекувал дека лутата Атина ќе нападне сепак бил изненаден дека овој напад воопшто не дошол преку Егејското море, туку целосно бил изведен на копно и тоа само од трупите на одринскиот крал Ситалк.

Античка мапа на која е прикажан градот Добер

Ситуацијата била дополнително замрсена и затоа што постоел и сојуз помеѓу Македонија и Одриското царство, а Атина сакала од власт да го собори Пердика и на македонскиот престол да го постави неговиот брат Филип или филиповиот син Аминта.

Мапа на Пајонија каде се прикажани Добер и Астрион

Еве како Тукидид ги објаснува причините за походот:

„тој (Ситалк) сакал од двете ветувања да предизвика да биде исполнето едното, коешто му било дадено, и сам да го исполни второто ветување, коешто го дал. Првото ветување му било дадено од Пердика [II] (кога во почетокот на војната тој се наоѓал во тесно) под услов тој да го смири со Атина и да не го врати за крал во Македонија брат му Филип, којшто војувал со него. Меѓутоа Пердика не го исполнил она што го ветил.

Пердика II на монетите кои ги ковал, каде се гледа тој на коњ и на задната страна лав, кој уште тогаш бил симбол на античка Македонија

Другото ветување самиот Пердика им го имал дадено на Атињаните, кога го склучувал својот сојузен договор со нив, кога се задолжил да стави крај на Халкидичката војна по границата на Тракија. Поради тие две причини имено Ситалк го презел походот (против Пердика [II]) и со себе го водел и Филиповиот син Аминта со намера да го постави на македонскиот престол, а исто така и атинските пратеници, коишто во тоа време се наоѓале таму од истите причини заедно со војсководецот Хагнон. Зашто и Атињаните требало да дејствуваат со флота и по возможност со поголеми сувоземни сили против Халкидичаните.“

Остатоци од античка Македонија пронајдени на Цареви Кули – Струмица

Анализирајќи ги целите на походот на Ситалк, историчарите се уште спорат која била главната цела на овој поход, едни се потпираат на информациите на Тукидид, и неговото тврдење главната цел на Ситалк била да го отстрани од власта божемно „вероломниот“ Пердика. Други автори, пак, сметаа дека Ситалк сакал да ја поврати или прошири хегемонијата на Одрисите во регионот западно од Стримон и на Халкидик. Трети современи историчари, пак, сметаат дека негова цел била преку поврзување со Атињаните за повторно да воспостави контрола на мошне значајниот Халкидик, и да ја спроведе атинската одмазничка акција.

Тукидид – првиот историчар кој ја спомнува Струмица


Добер – местото каде војската на Ситалк ќе се собере

Како што веќе споменавме во тоа време, во Струмичката котлина имало три града, од кои едниот по име Добер, според археолошките истражувања се наоѓал во близина на денешното село Добрашинци. Добер и Струмица не биле случајно одбрани, не само што се наоѓаат во погранични регион помеѓу Пајонија и Централна Македонија.

Оваа теза ја потврдува и Тукидид кој запишал:

„Приближно по истото време, во почетокот на таа зима, тракискиот крал Одрисот Ситалк, синот на Терес, тргнал во поход против Пердика [II], синот на Александар [I], кралот на Македонија, и против Халкидичаните на брегот на Тракија…“ Како зборно место за концентрација на сите сили пред непосредното навлегување на територијата на Македонското Кралство, бил одреден пајонскиот град Добер спроти најсеверната граница на македонската област Амфакситида (во денешното Долно Повардарје)“.

Токму затоа и бил одбран Добер, затоа што неговата стратешка позиција во близина на реката Струмица, планините Беласица и Огражден, како и пристапот до рамнините и долините, го правеле идеално место за собирање на голема војска. Ситалк сакал да го искористи Добер и Струмичката котлина како логистичка база за подготовка на својот масивен поход, во кој би учествувале околу 150.000 војници.

Кралот Ситалк со Одринки коњаник

Тукидид, пак, понатаму пишува:

„И така, тие се собрале во Добер и се подготвувале да се спуштат од планината во Долна Македонија, каде што кралувал Пердика [II]. Кон Македонците спаѓаат и Линкестите, и Елимиотите и други племиња во внатрешноста, коишто биле сојузници и потчинети на Македонците, но сите тие имале свои кралеви…23 Целата таа страна се нарекува Македонија…“

Па така за кратко време, Ситалк со своите трупи најпрвин ги исекол дрвата и припремил патишта, а потоа ја преминал планината Керкина (античко име заОграждем), и се спуштил во Струмичката котлина, па се упатил кон центарот на котлината каде се наоѓал градот Добер.

Походот на Ситалк во Македонија – античка слика

Походот на Ситалк

Интересен е податокот дека 150 000 војници кои ги собрал Ситалк, биле големо изненадување и за Атина, па и меѓу Атињаните се јавил одреден страв од тоа како овој поход ќе тече. Кога се проширила веста за походот на Ситалк, а се знаело дека Пердика ќе одбегнува голема битка, месното население и градовите од тој дел на Македонското Кралство, бидејќи знаеле дека се препуштени на сопствената судбина, решиле сами да се бранат и снаоѓаат како знаат и умеат.

Историчарот Тукидид соопштува:

„Со приближувањето на таа силна војска, Македонците, коишто не биле во состојба да ѝ се спротивстават, се повлекле на такви места коишто биле природно непристапни, и во крепостите коишто постоеле во земјата. Впрочем последните биле ретки…“

Семејното дрво на Аргеадската кралска лоза

„Војската на Тракијците навлегла од Добер првин во поранешните владенија на Филип и со сила ја завладеала Ејдомена (денешно Валандово), а Гортинија (денешно село Марвинци), Аталанта (Гевгелија) и некои други земји се предале по спогодба од пријателството кон Аминта, синот на Филип, којшто бил со војската. Тракијците го опседнале и Европ, но не можеле да го заземат. Потоа тие навлегле во другиот дел на Македонија, тој којшто е влево од Пела и Кирос. Подалеку од тие места, до Ботиаја и Пиерија, тие не стигнале, но ги опустошиле Мигдонија, Крестонија и Антемунт. Македонците дури и не мислеле да се спротивстават со пешадија.

Меѓутоа тие ја повикале коњицата на своите сојузници од горните делови на земјата и каде што сметале дека е погодно, ја напаѓале војската на Тракијците во секое време со малубројни одреди против многуброен противник. А таму, каде што напаѓале, никој не можел да им се спротивстави, бидејќи биле добри коњаници и биле облечени во панцир-кошули. Кога биле опколени од многубројни непријатели, Македонците немале никаков успех, а само се изложувале на опасност против многукратно побројната војска на непријателите. Ете зошто најпосле тие престанале да се противставуваат, бидејќи чувствувале дека не се во состојба да се излагаат на ризик против едно такво големо мнозинство.“

Античка Гевгелија – Аталанта

Од пишувањата на Тукидид добиваме податоци дека во Струмица уште во тој период биле активни неколку рудници: кај Дедели (бакар) и кај Костурино (бакар и хром). Понатаму заклучуваме дека од Добер (Струмица) каде се собрала неговата војска, Ситалк се упатил по долината на реката Тркајна кон с. Костурино, Бушева Чешма, с. Рудник и кон Исарот над денешното Валандово, каде се наоѓал градот Идомена. Градот не го издржал нападот на тракиската војска и бил освоен со јуриш.

По Идомена, Ситалк ја упатил својата војска кон Гортинија (денешно Марвинци), каде што жителите, поттикнати од лојалноста кон македонскиот принц Аминта, којшто бил со тракиската војска, одлучиле да не даваат отпор, со цел градот да не биде разурнат како и Идомена.

Ситалк продолжил кон градот Аталанта, за кој се верува дека се наоѓал на Вардарски Рид кај денешна Гевгелија. Атланта исто така се предала пред Ситалк, а и наредниот град кој бил опседнат Европ го сторил истото.

Со оглед на тоа што противничката војска била многу побројна, а во овој регион немало многу добро утврдени тврдини, македонскиот крал Пердика II решил да води герилска војна, со ненадејни напади на неочекувани места и истоштување на непријателот. Искусниот војсководец, без изгледи за успех во отворен судир со побројната непријателска војска, воопшто немал намера да се спротивстави со својата пешадија, туку се повлекувал со своите главни сили и целосно ја зачувал, но ги повикал и ја употребил вештата коњаница на своите сојузници, македонските племиња од Горна Македонија, на која „никој не можел да се спротивстави“, организирани во мали коњички одреди за ненадејни и брзи напади на погодни места во секое време против изненадените побројни противници.

3Д реконструкција на тврдината Цареви Кули над Струмица

Поради малиот ограничен успех во овој регион Ситалк ја свртел својата војска и преминал преку реката
Аксиј, па се упатил на исток против независните Халкидичани и Ботиајци кои биле сојузници на македонскиот крал Пердика II, опустошувајќи ги средишниот дел на Халкидик, Мигдонија, Крестонија и Антемунт, кои се наоѓале под власта на Македонското Кралство.

Стратешка улога на Струмица

Регионот на Добер во антиката или денеска Струмица бил значаен не само поради својата географска позиција, туку и поради богатите природни ресурси. Близината на рудните богатства и плодната земја го правеле атрактивна цел за освојување. Планините Беласица и Огражден, како природни граници, не само што го ограничувала пристапот, туку служела и како одбранбен појас, додека рамнините околу Струмица биле идеални за развој на земјоделство и трговија.

Воените походи низ овој регион, како походот на Ситалк, го нагласиле неговото значење како главен премин кон внатрешноста на Македонија. Контролата над Добер и околината обезбедувала доминација над патиштата што го поврзувале северниот егејски брег со внатрешните делови на Балканот.

И покрај иницијалниот успех, походот на Ситалк не ги постигнал главните цели. Неколку фактори придонеле за слабиот успех, најпрвин тоа што Атињаните одбиле да приклучат на походот, а другиот фактор е тоа што Пердика II успешно избегнувал директен судир што придонело војската на Ситалк да се истошти. Дополнително, овој судир бил разрешен преку вештата дипломатија на Пердика кој на Сеут еден од највлијателните војсководци и внук на Ситалк му ја ветил својата сестра Стратоника.

3Д реконструкција на тврдината Цареви кули

По еден месец воени активности, Ситалк бил принуден да ја прекине воената кампањата. Недостатокот на храна, студените зимски услови и недостигот на опсадна опрема го направиле натамошниот поход невозможен. Условите понудени од Пердика, изгледале одлично, ако се има предвид ситуацијата во која се наоѓала неговата војска, па така Ситалк радо ја прифатил понудата. Веднаш откако бил склучен мир тракиската војска се повлекла преку Добер- Струмица назад во Одриското Кралство, оставајќи зад себе голем дел опустошени области, вклучувајќи ја и Струмица.

Иако походот на Ситалк не успеал да ги оствари неговите замислени и главни цели, оставил голема трага во историјата на Струмица, и во антиката ја сместил во еден од најважните региони и градови. Античките Македонски кралеви сфатиле дека контролата над Струмица значи контрола над важните патишта, природните ресурси и пристапот кон Централна Македонија и Егејското Море. Токму оваа нејзина локација ја направила Струмица клучна за стратегиските и трговските релации во Античка Македонија а и на Балканот.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading