Една од главните причини зошто Илинденското востание речиси и не започнало во Струмичкиот револуционерен округ, секако не било тоа што кај струмичани не постоел револуционер дух или не сакале да се востанат, напротив. Струмичкиот округ горел од желба не само активно да се вклучи во борба на македонскиот народ, туку и да помогне во собирањето на финансиски средства со цел да се помогне целокупната македонската кауза.
Токму таа желба, во комбинација со неискуството во ваков вид дејствување и борби ќе придонесат, Организацијата во Струмица да направи неколку кардинални грешки, во комбинација со предавства, што ќе придонесат во предилиндескиот период во струмичко да се случат две големи „афери“ (провали).

Ваквата ситуација на теренот била забележена и во Мемоарот на ВМРО, каде стои дека во Струмичката каза, во периодот од 1897 до октомври 1902 година биле уапсени 741 лице, a од нив 280 биле измачувани. Овие бројки се должат на двете големи афери кои веќе ги споменавме, а првата била предизвикана од месниот комитет на ТМОРО во Ново Село, откако една нивна непромислена акција за обезбедување пари придонела за низа убиства и апсења. Оваа провала толку брзо се проширила што добила и регионален карактер.

Претходница на оваа провала била познатата Солунската провала (јануари 1901 г.), која придонела до големо заладување на односите помеѓу Врховниот македонски комитет (ВМК) на Борис Сарафов и ТМОРО, поради што Организацијата се нашла во голема беспарица. Ваквата ситуација барала брза интервенција, па за таа цел кон крајот на март 1901 година во Софија било одржано советување на кое присуствувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Михаил Герџиков, д-р Владимир Руменов, Р. Ризов и адвокатот Стрезов. На овој состанок како решение за ваквата ситуација, д-р Руменов предложил Организацијата да побара пари од бугарската влада.

Ваквиот предлог од страна на Гоце Делчев, бил дочекан со жестока реакција и со зборовите:
“Тоа не може, тоа никогаш нема да биде! … Еднаш земени пари од владата при денешните политички услови и атмосфера, значи даден ангажман, значи обврзување … Бугарската влада, која има чисто завојувачки намери кон Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ja искористи создадената состојба внатре со таа помош: таа нема да ce задоволи со чисто платонски чувства, туку ќе сака реално обврзување? Повторувам, ударот ќе биде страшен!”

Затоа под притисок на Гоце, и под негово полномоштво било решено М. Герџиков со својата чета да замине во Струмичкиот округ, и тука без да ја доведе Организацијата во опаснот, да киднапира еден од богатите струмички бегови, со цел да се изнуди откуп. Била формирана и посебна чета составена од 12 души која била водена од Герџиков, чиј заменик бил Петар Јуруков.
Четата најпрвин се обидела да ја изврши споменатата акција во Малешевско и Радовишко, но откако не успеала, во јуни се спуштила во струмичката котлина. Тука бил воспоставен контакт со Атанас Нивички – пунктов началник во с. Нивичнино. Била спроведена акција за проучување на теренот, и за таа цел А. Нивички, М. Герџиков и И. Варналиев се спуштиле во струмичкото поле како извидници, додека остаток од четата заедно со П. Јуруков останале в планина.

Еден од клучните состаноци се одиграл во с. Дабиље, каде М. Герџиков и А. Нивички, се сретнале со Атанас Караманов, кој бил голем борец за Организацијата, а често бил опишуван како “побабит и малку со ајдучки нарави”. Планот за киднапирање му бил соопштен и на претседателот на Струмичкиот окружен комитет Стојан Георгиев. Тука бил скован план, еден од градските бегови да биде киднапиран при посета на некој од своите чифлички села.
Откако планот бил кристализиран, Герџиков се вратил во Нивичино за да ја поведе четата. Кога стигнал таму го дочекало целосно разочарување, затоа што повеќето четници заминале по своите родни места, а еден од нив Петар Уже ги зел со себе конзервите, бомбите и останатите воени материјали и побегнал во Малешевско. Ваквата состојба придонела акцијата да биде откажана и Герџиков заминал за Гевгелија.

Од друга страна пак, Јуруков тврди дека акцијата не била откажана поради недисциплина, напротив, Маказлиев (помошник на претседателот на Струмичкиот окружен комитет – С. Георгиев), на четата и соопштил дека е премногу е опасно да се спроведе акцијата, затоа што постои опасност од провала. Токму затоа акцијата била откажана, со цел да се избегне таква провала.
За жал, три месеци подоцна, во септември 1901 година, поради една непромислена акција во Ново Село, провалата сепак се случила, и тоа многу поголема од таа за која се плашел Маказлиев, и го зафатила целиот Струмички регион.

Имено, пролетта 1901 година, на своја рака месниот комитет во Ново Село, иако за тоа немал искуство, решил да собере пари, и спровел акција на чело со Јануш Малчев. Акцијата не само што не била смислена и добро организирана, туку не се размислило ни за последиците од нејзината реализација. Се дејствувало брзоплето и без размислување, кога се укажала приликата.
За таква прилика се сметало поминувањето на петмина Арнаути низ полето, па така месната полиција во Ново Село, ги фатила во заседа и убила во близина на селото. Со цел да се сокријат трагите, телата биле закопани во една нива и таа веднаш била изорана, за да не биде сомнителна. Коњите кои биле одземени од Арнаутите, по еден од каналите на Организацијата биле испратени до Никола Малешевски
во Дупница, каде биле продадени за 65 наполеони. Од Арнаутите биле одземени 135 турски лири, кои веднаш биле предадени во окружниот комитет на Струмица.

За жал, невнимателноста во извршувањето на акција, значело дека таа не останала тајна, туку набргу потоа, за неа почнал да зборува Георги Ѓозев од Ново Село. Месниот комитет, не можел да си допушти неговата приказна да продолжи да се шири, па била донесена одлука тој да биде ликвидиран. Убиството на Ѓозев го извршил Крсто Новоселски. За неговото прикривање биле задолжени претседателот на месниот комитет Јануш Малчев, заедно со Андреа Стојанов, Димитар Гачев и Стојчо Кујумџиев. Бил искористен претходниот метод, па телото на Ѓозев било закопано во нивата на Димитар Шабанов.
Ликвадацијата на Ѓозев, донела нови проблеми, па за неа од инает јавно зборувал Коце Китанов, кој споделувал детали, а и имињата на извршителите. Оваа убиство било посведочено и од Севдин Иван, кој откако му биле побарани 2 лири од Организацијата, за да се набави пушка, заканувачки рекол:
“Пушка не ми треба. И повеќе да не ме гибате за пари, за да не ме принудите да го откријам убиството што го извршивте летоска убивајќи го Георги Ѓозев”.

Грешките на Месниот комитет продолжиле да се редат, па брзоплето и без согледување на можните последици, била наредена егзекуција и на Коце Китанов. Ваквата одлука, не била добро скриена, па за неа дознал и самиот Коце, кој веднаш побегнал од Ново Село, и дошол во Струмица, кај познатиот кајмакам „Црната Брада“.
Веднаш по предавството на Китанов, Црната Брада, решил лично со еден оддел аскер да дојде во Ново Село, и да ги уапси комитите. Црната Брада го повикал селскиот кмет, и во стил на голем мудрец се обидел со измама да ги намами комитите. Имено кметот побарал од Ново Село да му посочат „неколку вешти ловџии, со кои би уловил еден волк, чија кожа ќе ја испрати до солунскиот валија, за тој да си направи кожув“.
Ново-селскиот кмет, многу брзо разбрал дека се работи за мамец, па само смирено одговорил: „за жал во Ново село нема такви“. На ваквиот одговор, Црната Брада со насмевка одговорил: “има, има” и почнал да ги реди имињата на членовите на месниот комитет: Јануш Малчев, Атанас и Димитар Гачев итн.
За среќа тие веќе биле побегнати од селото, и Црната Брада не можел да ги уапси. Но, тоа не го спречило да ги уапси: Илија Паљошов, Коце Стаменов, Нојко, Ице Терзиев, Гоне Милански, Мице Баџуков, Мите
Лештарски, Христоман Трајков, попот Стојче и други. Тие веднаш биле спроведи во струмичкиот затвор, каде биле подложени на испитувања и мачења.
Откако разбрале за масовните апсења и мачења, пребеганите Јанко Илиев, Димитар Гачев, Костадин Трајков и Иван Стаменов, се поколебале и решиле да се предадат. Откако паднале во рацете на кајмакамот, тие биле жестоко измачувани, и под тој притисок Иван Стаменов признал дека е убиен, и каде е закопан Георги Ѓозев, со што ги потврдил тврдењата на Коце Китански. За убиството на Арнаутите, ништо не било откриено.
Под тортура, Стојче Кујумџијата и Андреј Стојанов, истотака споделиле значајни информации, што довело до приведувања на над триесетина селани кои биле обвинети за криење на комити. Истрага набрзо почнала да се шири низ целата котлина, со што бил загрозен целион Струмички округ. Додека траела истрагата 17-мина осомничени побегнале и преминале во илегала, а од нив десетмина заминале во Дупница – Бугарија. Во Струмица бил приведен претседателот на окружниот комитет – Стојан Георгиев.

Истрагата толку се проширила што од с. Куклиш во струмичкиот затвор завршиле 120 куклишани. Бидејќи во затворот немало место, дотогаш уапсените, биле пренесени од Струмица во Солун. Во текот на октомври за 39-мина било било покренато обвинение дека се членови на револуционерен комитет, дека собирале пари од населението кои ги праќале во Софија, a оттаму добивале пушки. Најголемиот дел од обвинетите биле од Н. Село, Струмица и Градашорци.
Во обвинението дополнително било наведено дека обвинетите обезбедувале храна и облека на четите кои го нарушувале мирот во земјата. Кон истото биле додадени и убиствата на Георги Ѓозев од Н. Село и тамошниот бекчија Азис. Меѓу обвинетите во оваа група ce нашол претседателот на струмичкиот ОК – Стојан Георгиев и двајцата свештеници од Н. Село: поп Стојчо Димитров и поп Иван Георгиев. На избеганите, им се судело во отсуство.
Судскиот процес траел доста долго, иако обвинението било подигнато уште во октомври 1901 година. Првите шестмина осудени добиле по 5 години тешка работа, и тоа дури во април 1902 година. Поради развлечениот судски процес, четири жени од Н. Село на 11 мај 1902 година сѐ пожалиле пред англискиот конзул во Солун. Во поплаката било истакнато дека поради одолжувањето, тројца затвореници веќе починале без да им биде судено.
Во конзулскиот извештај стои дека судењето било усложнето поради контрадикторноста и постојаните промени во изјавите на сведоците и обвинетите. Според истиот извештај, делата почнале побрзо да ce разгледуваат откако во Солун, за нов јавен обвинител бил поставен Хаки-беј од Крит, кој имал искуство во политичките процеси. Наредната вест за тоа што се случувало во процесот ни доаѓа од весникот “Право” каде во еден натпис кон крајот на јуни 1902 година, се наведува дека: “наскоро ќе бидат разгледани делата на 26-мина од Струмичко, кои во Солунскиот затвор се наоѓале од октомври претходната година“.

Според А. Динев, главните сведоци Коце Китанов, Иван Стаменов, Атанас Ржовски и Атанас Цветанов, под влијание од обвинетите, за време на судењето ги смениле исказите што ги дале претходно при истрагата, овој пат во прилог на обвинетите. Поради тоа и тие биле осудени на по 3 години, поради лажно сведочење и како соучесници во конспирацијата против државата. Од првоприведените 39-мина, 7 души биле осудени на доживотен затвор, неколкумина на 10 години (меѓу нив 1 поп и 1 учител), додека на 10 души им биле изречени казни во отсуство.
Од Мемоарот на ВМРО ја добиваме информацијата дека биле уапсени 210 души, 28 биле мачени, 26 биле осудени, a 17 души побегнале. Но, овие бројки изгледа се нецелосни, затоа што во еден извештај на англискиот конзул во Солун, од крајот на ноември 1901 година до почетокот на април 1902 година од Струмичко во Солунскиот затвор биле доведени 139 души. Според весникот „Право“ пак 120 души биле уапсени само во Куклиш.
Независно од тоа кој ги има точните бројки, заклучокот останува јасен, последиците за Организацијата биле огромни. Струмичкиот округ бил сериозно ослабнет, и многу набрзо тоа ќе доведе до една нова афера, која била последица на еден судир во селото Бориево.

Есента 1902 година, насетувајќи дека Организацијата е заслабната и сега е вистинско време да се освои округот, тука почнале да навлегуваат врховистичките чети, кои за цел имале да предизвикаат востание. Ваквите маневри веднаш биле препознаени од страна на ТМОРО и со цел да се зацврстат позициите на организацијата, па како засилување на Христо Чернопеев биле испратени Васил Попов, Славчо Ковачев и Крсто Асенов. Дополнително, тука во потесната Струмичка околија (псевдоним Вирово) во тоа време дејствувал и Андон Ќосето.

Меѓутоа, и покрај сите овие превентивни мерки, врховистичките чети сепак успеале барем делумно да влезат во Струмичко и да испровоцираат судири. На 15 октомври 1902 година врховистичките чети под водство на Иван Пашалијата и С. Бакалов, се судриле со османлиските војски на планината Огражден во реонот помеѓу селата Барбарево и Стиник. Овој судри траел околу седум часа и однел жртви на двете страни. За протерување на врховистичките чети покрај редовните трупи, биле ангажирани и неколку башибозучки одреди со околу 400 борци.

Крајниот резултат на борбите бил повлекувањето на врховистичките чети, заедно со дел од селаните, селото Стиник запалено и опустошено, а дел од селаните приведени, а меѓу нив биле приведени и кметот Јанчо и селскиот поп. Приведените најпрво биле одведени во Н. Село, а оттаму, некои биле одведени во Петрич, a други во Струмица.
Но, судирите не запреле кај Стиник, туку следувал уште еден кај селото Смолари, каде што аскерот загубил 6 борци, а 8 биле ранети. Поради блискоста на овие села до Ново Село, истото било ставено под опсада. Масло на огнот дотурило, и појавувањето на една жена од Ново Село, пред дипломатскиот кор во Солун, каде подбуцната од страна на врховистичките провокатори, таа тврдела: „дека околните бачила се полни со комити кои се спремаат да започнат борба до смрт и да ги напаѓаат поголемите населени места“.
До целосна ескалација дошло на 7 ноември 1902 година, кога по едно невнимание четата на Андон Ќосето била откриена во Бориево. Следувала кратка престрелка во која загинале еден жандар и еден полјак, a еден таксилдар бил ранет, додека пак на другата страна загинал четникот Атанас. Ќосето со четата се дал во бегство кон Ново Село, каде аскерот го натерал да бега кон Барбарево. Оттука заминал кон Безгаштево (Малешевско), а неколку дена подоцна слегол во Нивичино, од каде пристигнал во Варварица, па Попчево, и повтроно се вратил во струмичкото поле.

Ваквите маневри му помогнале да ги избегне османлиските потери, но по него во струмичките села следувала вистинска хајка. По престрелката во Бориево, од страв поголемиот дел од мажите побегнале од селото, затоа што мажите од околните претежно турски села Турново, Еднокуќево и Секирник, насобрале оружје и тргнале кон селото. За само неколку часа во Бориево стигнале околу 50-тина наоружени Турци, кои убиле околу десетина селани, а остатокот избегал од селото кон Струмица. Бориево било ограбено и оставено пусто.
Ситуацијата само привремено ја смирил струмичкиот кајмакам, кој откако дошол и наредил на толпата да се разотиде, а на селаните од Бориево им ветил дека нема да бидат повредени доколку се вратат назад во селото, но се вратиле само дел од жените и децата. Но, за тортурата над Бориево, тука не бил крајот, па така на 1 декември 1902 година, нова потера од 40 до 50 души под команда од Али Ефенди, пристигнала во селото. Биле уапсени 16 бориевци и одведени во Ново Село. Тие биле мачени со цел да ги предадат селските пушки. Со цел да и се стави крај на тортурата, селскиот кмет Ефтим Трајков, во придружба на азите (членови на месниот совет) Јанче Стоилов и Андон Манчев заминале за Н. Село за да изјават дека селаните не поседуват оружје. Како „награда“ за оваа нивна иницијатива, околу вратот им бил врзан тежок камен, и биле натерани да стојат така 14 часа.
Мачењата и малтретирањето, не било ограничено само на Бориево, туку се проширило и во околните села. Затоа што две жени од Бориево пребегнале во Моноспитово, истото, веќе следниот ден било претресено од една потера во потрага по комити. Неколку селани биле жестоко мачени, под изговор дека кријат комити. Неколку дена подоцна на 26 ноември 1902 година во селото влегол аскер, кој броел околу 70 души, и барал моноспитовци да предадат 150 пушки. Поради тоа кметот Цоне Бонев и азите Кољо Стојанов, Атанас Николов и Милчо Данев биле одведени во Н. Село за да изјават дека во селото нема пушки. Последниот не го издржал мачењето и признал дека знае за 4- 5 пушки. Следувала нова опсада на Моноспитово и нова потера. Овој пат виле затворени уште петмина, а голем дел од селото тепано и малтретирано. Аскерот си заминал со ветување дека „повторно ќе се врати по 150 пушки кои селото ги крие“.

Али-ефенди не застанал тука, туку продолжил и во село Муртино. Тука влегол со 100 души аскер, ги запоседнале селските куќи и започнале со зулуми. Од муртинчани се барало да ги предадат пушките и откако не нашле ништо, а до смрт претепале осуммина го напуштиле селото. Али-ефенди, побарал за крај да му биде донесена селската учителка, „за да се наслади со неа“, но таа успеала да побегне од селото и да се спаси.
Слична судбина доживело и Босилово, во кое на 1 декември 1902 година влегла една голема потера. Откако неколку дена го малтретирала селото, на 10 декември 1902 година ги внела сите босилчани во селската црква и ги натерала пред попот да се заколнат дека не поседуваат оружје. Ни тоа не помогнало, па на крај околу 30-мина биле приведени и однесени за Ново Село.
Оваа втора афера, била уште полоша и поголема од втората, па набрзо речиси во сите села, следувале апсења. Во Нивичино биле уапсени 10 души, во Босилово 15, Моноспитово 40, Попчево 20, Куклиш 20, Дабиље 20, Белотино 10, Муртино 40, Вељуса 20, Пиперево 4, Робово 20, Водоча 9, Дрвош 10, Барбарево 1, Сачево 10, Ново Село 100 итн. Вкупниот број на уапсени во оваа втора афера надминал 428 души, a барем 230 биле жестоко мачени. Од нив само 67 биле однесени пред судот во Солун, a само 26 биле осудени, на избеганите им се судело во отсуство.
Ново Село, било селото кое најмногу настрадало, во него уште во првата афера се сместиле околу 800 војници на чело со еден колас (мајор) и еден бинбашија, а било и центар на истрагата под контрола на струмичкиот кајмакам “Црната Брада”. По самото нивно влегување, селото било подложено на страшни тортури, не само што се барало оружје од куќа до куќа, туку селаните имале рок од три дена се да предадат. Предадени биле неколку стари и неупотребливи пушки и пиштоли, што повторно ги налутило кајмакамот и војниците, кои барале понови оружја. Со цел да спречат понатамошно измачување на селаните, коџобашијата Атанас Илиев, азите Тодор Георгиев, Атанас Поп Николов и свештеникот Васил Петров, доброволно отишле да изјават дека во селото нема друго оружје, со што си заработиле измачување. Од мачењето успеал да се извлече само Атанас Поп Николов со плаќање на 12 лири рушвет (поткуп).
Откако заминал првиот бран војска, селаните не успеале ни да се соземат од шокот, затоа што следувал нов бран. Овојпат дошла уште побројна војска, па Ново Село било запоседнато со нов аскер од околу 1000 души. Ново Село кое во тој момент имало само 170 куќи, било принудено да обезбеди конак во кој ќе се смести целата војска. Бидејќи тоа било физички невозможно, селаните морале да ги отстапат своите куќи, и во некои случаи да се групираат по 5-6 фамилии во една куќа, а доста селани морале да спијат под отворено небо. Оваа потрага по оружје била уште крвничка, па така на селаните околу вратот им бил врзуван камен од 20-25 оки (околу 32 килограми), и биле терани да стојат на една нога, а во меѓувреме биле и тепани.
Ново Село се нашло во една неизлезна ситуација, затоа што во селото навистина немало оружје. Во свој секогаш креативен стил, турските поробувачи ги советувале селаните да си купат пушки од соседните турски села, и истите да ги предадат за да не бидат мачени. Селаните немајќи друг избор со последни пари се обиделе да си најдат чааре, па така A. П. Николов, купил пушка за 3,5 лири од Хасан налбатот од Борисово и ja предал. Лазар Гонев си купил пушка од Сушица и ja предал, Иван Танасов со пушка ce снабдил од Мокриево. Коле Цветков дал 3 лири рушвет за да се извлече. Некогаш и тоа не било доволно, па така на Велика Ристоманова и бил ставен жежок вршник врз главата за да каже каде нејзиниот син ја крие пушката, која не постоела, па така син и платил 3 лири рушвет за да не бидат мачени повеќе.
Уште потежок за селото бил престојот на војската, која разграбала сѐ што нашла по домовите. Во некои случаи, како тој на Марија Гачева, во чија куќа имало војска, трудниците морале да се породуваат надвор во својот двор, иако се било завено со снег. За жал, војската со своите зулуми не застанала тука, туку почнала и да ги силува и обесчествува жените. Како такви примери останале запишани, вдовицата Каранфила Иванова била силувана од 10 војници, Марија Никовска и нејзината 19 годишна ќерка Илинка, кои бинбашијата лично ги силувал, а и многу други.
Бинбашијата бил посебно разбеснет, па така на пазарен ден со нож го пробол кондурџијата Никола Поцков од Струмица кој дошол на пазар во Ново Село, без било каква причина. Истата вечер, влегол во куќата на Јанко Илиевски кој бил затворен во Једи Куле ja силувал неговата жена и ќерка му Ана.

Паралелно со тортурата над Ново Село, страдале и сите околни села, па така во Робово, војниците заклале 3 деца, поради тоа што нивните родители не биле дома. Поради иста таква причина слична судбина ги снашло и неколку деца во Муртино.
Поради невидениот терор од страна на власта кон крајот на ноември 1902 година повеќемина селани од Ново Село, Бориево, Моноспитово, Муртино, Робово и други села заминале во Солун и го информирале ЦК на ТМОРО. ЦК веднаш реагирал, подготвил и испратил поплаки до солунскиот валија и странските дипломатски претставници. Истите поплаки ЦК ги препратил и до Задграничното претставништво во Софија за нивно публикување во печатот. Токму затоа и ги имаме достапни овие информации, голем дел од кои биле објавени во весникот “Право”.
Поплаките биле регистрирани и во преписката на бугарското трговско агенство во Солун, а жалбата на жителите од Ново Село е објавена и во Мемоарот на Внатрешната организација. За жал, во нив се безброј конкретни примери, имиња на жртви и злостори кои сведочат за свирепиот терор од страна на војската и претставниците на локалната власт.
Овие документи се и од голема историска важност за Струмица и Македонија, во нив може да се види масовноста на Организација во Струмица и струмичко, и желбата на македонците и струмичани за конечна слобода од турскиот јарем. Овие две афери чии центар бил Ново Село, значително ќе влијаат на понатамошниот развој на настаните, и ќе бидат искористени од страна на врховистите на Солунскиот конгрес (1903) како аргумент да ја протуркаат идејата за востание, кое како што знаеме Гоце Делчев сакал да го одбегне, знаејќи дека овие афери целосно ја потресле Организација, и ќе биде потребно време додека истата се врати во борбена подготвеност.
Токму овие афери ќе придонесат Струмичкиот округ да биде обезглавен од раководство, лишен од оружје и кадар да започне востание, што секако директно ќе се преведе во останувањето на округот надвор од Илинденското востание, и лимитирање на борбите во Струмица на лесни судири со турските поробувачи.
