Пораката е примена?

“Разбрав, многу наши поддржувачи ми испратија порака „Еј ало, менувај нешто, не ја бива вака“, изјави вчера Зaев.
Првиот круг штотуку заврши, а традиционално сите партии слават. Ништо чудно, не се сеќавам кога последен пат една партија изгубила. Секогаш, сите се морални победници. Но, како и да е, секогаш губи Македонија.

Она што вистиниски ме воодушевува е тоа што СДСМ верува дека за две недели ќе успее да промени се што не успеа во последниве 2 години. Уште поимпресивно е што партијата и Заев се убедени дека за тоа ги имаат потребните кадри.

Почетната точка на заблудата јас ја лоцирам во фактот што оваа партија, сѐ уште не може да разбере дека не беше нивната програма и способност таа која го собори Груевски, туку тој самиот. Подарената победа, која не ја очекуваа, мораа скапо да ја доплатат со уценувачка коалиција, која ви доаѓа како на давеник да му фрлите камен за побрзо да потоне.

ДУИ, беше и сѐ уште е канцерот од кој Македонија уште долго ќе пати. Оваа партија не само што му овозможи на ДПМНЕ да не уништува цели 11 години, туку и никогаш немала вистински интерес да виде дел од оваа држава.
Нивниот жесток национализам и длабоко криминално досие, ќе продолжи да ја носи земјава кон дното, се додека тие се дел од било која влада. Со сите овие отровни состојки СДСМ успеја да направи одличен коктел.

Ваквиот сплет на околности во кои СДСМ никогаш нити одработи да дојде на власт, нити заслужи да остане во истата, создаваат одлична комбинација за пропаст.
Секако, за нивна среќа, алтернатива со своите 11 години неуморно пљачкање, одбивањето да се одалечи од криминалното раководство и едноставно флагрантна неспособност, не е вистински противник.
Па сепак, СДСМ успеа да ги воскресне, наместо еднаш за секогаш да ги закопа и испрати во затвор.

Моето мислење е дека, СДСМ едноставно изгуби контакт со реалноста и тоа многу побрзо отколку тоа беше случајот со Груевски.
Бројот на спроведени реформи на СДСМ е 0.

Груевски и понатаму чест гостин на национални телевизии наместо судници.
Гласачкио список сѐ уште непрочистен, пописот неспроведен.
Планот 3-6-9 никогаш не го видовме во акција. Реформата на администрацијата никогаш не започна, а локалните шерифи сега носат син дрес.

Македонија, скаменета во сиромашната половина на камената доба.
Поднесување одговорност е мисловна именка, неспособните министри и раководни кадри секојдневие. Непотизмот, Мира Дизел, партиски вработувања како со златните стари добри времиња на ДПМНЕ.

Но, чекајте,тоа не е се!

Имаме и киднапирано судство, Груевски ужива во Будимпешта и целосно неспособен СДСМ.
Навистина би сакал да знам, кои реформи СДСМ ќе ги спроведе за 2 недели, пред вториот круг?
Со кои кадри? Сегашниве? Ако не тогаш каде ќе најде нови?
Ако добро се сеќавам, Заев веќе изјави дека тие се кадрите и нема други.

Како ќе успеат да го зауздаат судството за 2 недели, кога 2 години Јово Далавера ги вози на рингишпил?
Како ќе успеат да ги затворат криминалците од ДПМНЕ, кога со ги испазарија нивните гласови за името? Како ќе го вратат Груевски во Македонија и во судница?
Кој нов кадар ќе ги води овие процеси, кога белата чума ги однесе способните надвор од земјата, па сега немаме ни доктори?
Како ќе го контролираат ДУИ и дали некогаш некој од таа партија кривично ќе одговара?

Одговорот на сето ова е едно големо НЕ!!

СДСМ нема ни капацитет, ни кадри. Партијата е заробена во политички компромиси и договори, кои не оставаат маневарски простор.
Да бидат работите уште полоши, Груевизмот длабоко тлее во срцата на многу партиски војници и административци. Државата е заробена во администрација, нема индустрија, ни стопанство, а не постои ни економија која може да ја помрдне земјата од мртвата точка.

Македонија, ги изгуби човечките ресурси со иселување и речиси ќе допре негативен наталитет. Медиокритетот, партизацијата и неспособнаста се длабоко вкоренети и негувани.
ДУИ со нов политички договор, ќе му подари победа на Пендаровски, а Македонија повторно тоа скапо ќе го плати. СДСМ ќе ја активира машинеријата, малку поткупи, малку ќе леташ од работа, како ДПМНЕ во своето златно доба и набрзо ќе ги заборавиме и овие избори.

Време е да се соочиме со реалноста, нити ДПМНЕ нити СДСМ некогаш примиле пораката. Македонија ќе продолжи да биде заробеник на партиски интереси уште многу години.
Единствени луѓе кои некогаш примиле порака во Македонија се тие кои се иселиле. Гнилежот во општеството нема да се исчисти со ораторство и празни ветувања. Живот дојде, за мала група луѓе, и тие се оние кои ја примија пораката:
Гласај и бори се за партијата, надевај се некогаш ќе добиеш работа во администрација и мудро молчи.

А порака секогаш требаше да биде: Македонија, пред се и над се.
Таа порака, изгледа НИКОЈ, НИКОГАШ НЕ ЈА ПРИМИ.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading