1. Никогаш и не замина
На местото на кое е запалено неговото тело, повторно се буди „Фирерот“ и така започнува комедијата која пред неколку години беше апсолутен хит во Германија.
Оваа комедија и општествена сатира имаше првенствено за цел да ги потсети Германците, што се случува кога екстремизмот, омразата и национализмот го заробуваат секојдневието.
На Македонија, таков филм или книга воопшто не и се потребни. Ние буквално живееме во таа реалност. Груевски е во Будимпешта, но е исто толку во Македонија колку што беше пред да замине.

Постојано нешто пишува или прави интервјуа кои се емитуваат на национални телевизии. Криминалец, кој е осуден и побегнува од државата, со себе носејќи државни тајни со непроценлива вредност е херој за огромен број следбеници.
Македонската желба да се изигра системот е непресушна. Иако системот сме самите ние. Очигледно никој не не известил дека Македонија е наша татковина и обидувајќи се да ја изиграме самите себи си штетиме.
Да, Груевски замина, но тој е се уште тука. Преку неговото постојано присуство, гнилежот кој го остави во општестото, злобата и непомирливоста, па и преку Мицковски, Миле и Спиро, кои „Ќе ја прават голема“ само тогаш кога партијата и фамилијата се загрозени.
За жал тој синдром сега цврсто го држи македонското општество заробено и ќе поминат многу години пред нешто сериозно да се смени.
2. Лов во матна вода

Промената на уставното име на една држава под присила и уцена, е секако тежок удар за било кој. Начинот на кој народот реагира на тоа пак покажува од каков материјал истиот е изграден.
Не можам да кажам дека сум горд на ниту една од владите во сите овие години независност, за начинот на кој тие се справуваа со овој спор. Иако со години сите преговараа со Грција за промена на името, со години сите не лаже дека до тоа нема да дојде.
Кога како држава немате јасно дефинирана линија, со меѓупартиска согласност, секако дека ќе изгубите во спор со многу помоќен противник. Договорот кој на крај го потпишавме е капитулантски.
Зошто? Овде нема да навлегувам, затоа што тоа е тема за кој се потребни безброј страници.
Единствено прашање кое си го поставувам е: ако бевме подготвени на овој чекор, тогаш, зошто ни изгубивте повеќе од 20 години во сиромаштија, транзиција, криминал и корупција?
Зошто дозволивте сите да се иселиме и да ги напуштиме родните огништа и ја доведовте државата на просјачки стап?

Една од темите на кои деновиве се кршат копјата е идентитетот, и тоа дали сме го продале.
Драги мои, никогаш не сум бил заинтересиран за тоа што е дефиниција за идентитет, ни како тоа политичката наука или некој некогаш го дефинирал. Идентитетот е нешто што ти сам си го дефинираш и носиш во себе. Независно од тоа дали некој ме смета за Северен Македонец, Бугарин, Србин, Грк или Марсовец, јас сум тоа што јас сум одлучил да бидам, и затоа што, Македонец бил мојот татко, дедо и прадедо.
3. Северџани

Низ сите векови ропство, сите окупации и поробувања, сите обиди за асимилација, никогаш не дозволивме некој друг да ни го одземе тоа што од секогаш сме биле, а тоа е Македонци.
Тоа што погрдно меѓусебно се нарекувате Сереџани, е само одраз на македонскиот код на самопонижување. Таа непресушна потреба да бараме од соседите признавање на тоа што тие толку очигледно не сакаат да го признаат.
Политиката никогаш не била, ниту некогаш ќе биде поле каде ќе создадете вистински и искрени пријатели. Тоа е стратешка игра во која секоја страна се обидува да добие што повеќе за себе.
Затоа клучно е да се разбере дека сегашната состојба не е перманентна.
Ништо во политиката не е.
Се тече и се се менува, ова е само една препрека на патот до целта. На крајот на денот другите те етикетираат онака како што ти самиот се гледаш.
Бидете горди Македонци и другите тоа многу лесно ќе го препознаат.
