Времеплов – Струмица низ историјата – извештајот на Карнегиевата комисија за Балканските војни

Балканските војни во Струмица оставиле неизбришлива трага – слободно може да се каже дека постојат две Струмици: една пред и една по војните. Од град со 20.000 жители, Струмица го дочекала крајот на овие две војни со само 6.000 жители и речиси целосно опожарен град. Токму затоа Струмица предизвикала големо интересирање кај меѓународната заедница и често се споменува во извештајот на Карнегиевата комисија, напишан од француски, англиски и американски експерти. Струмица и струмичко биле подложени на такво невидено насилство и варварство што членовите на Комисијата останале целосно згрозени од убиствата, силувањата и теророт што го виделе.

Струмица 1910 година

Во овој извештај се документирани голем број убиства, напади, силувања, палења и други злосторства, за кои со сигурност можеме да кажеме дека претставуваат само дел од она што навистина се случувало. Најверојатно никогаш нема да дознаеме за сите оние што останале незапишани. Интересно е што Комисијата речиси никаде не ги ословува Македонците како „Македонци“, туку користи имиња што им ги давале соседните пропаганди. Така, во споменувањата на струмичани, тие се именувани или како Бугари, Срби или Грци, но никогаш како Македонци, што создава лажна слика за вистинската состојба на теренот.

Не само поради овие недоречености околу националната припадност, туку и целиот извештај е полн со контроверзии, но сепак нуди прилично јасна слика за тоа како големите сили ја третирале Македонија во тој период — како обично парче земја што треба да се подели меѓу соседите, во согласност со тоа кој каде ќе има поголема корист за остварување на своите геополитички интереси.

Француска панорама на Струмица од 1903 година

Сепак, она што овој извештај вистински успеал да го долови е хоророт кој македонците и струмичани го преживеале. Една добра забелешка на комисијата е дека ова насилство можело да се спречи само со императивни наредби од Атина, Белград и Софија и со поддршка од црквата и востаничките организации, но тоа не дошло. Во своите извештаи Комисијата особено го нагласила систематското прогонување на муслиманите во североисточна Македонија, што било меѓу најтрагичните настани што ја обележале „ослободителната војна“.

Турски бегалци од Струмица, сликани во бегалскиот камп во близина на Солун

Според податоците до кои дошла Комисијата, градот Струмица и околината во есента 1912 година биле под мешана контрола. Во струмичкиот гарнизон се наоѓала српска војска, а имало и еден помлад бугарски цивилен службеник. Комисијата исто така соопштува дека во градот биле присутни и „бугарските востаници“ во голем број.

Во градот била формирана комисија со која претседателствувал српскиот командант, мајорот Грбиќ, а со него седеле двајца помлади српски офицери, бугарскиот потперфект, поручникот Никола В’лчев, водачот на „бугарските чети“, војводата Чеков (или Жеков) и некои од водечките граѓани.

Струмица – Коњичко одделение на струмичкиот војвода Кочо Хаџиманов

За време на Првата балканска војна, сојузничките балкански држави, водени од идејата за „ослободување“ на османлиските територии, делувале заеднички во Македонија. По ослободувањето на градовите, меѓу нив владеело чувство на збратимување, со надеж дека ќе завладее мир.

Сепак, нивните акции биле насочени против муслиманското население. По ослободувањето на Струмица, ослободителите започнале разоружување на муслиманите, при што биле забележани убиства на улиците. За да се спречи „безвластие“, било наредено забрана за движење на муслиманите под закана со смрт. Локална комисија, предводена од мајорот Грбиќ, организирала судења без можност за одбрана – еден збор бил доволен за осуда на смрт. Одвај еден од десетмината повикани успевал да ја избегне казната.

Сведоштвото на Рахни-Ефенди во оригинална верзија, дадено на Карнигиевата комисија

Под ваквата закана голем дел од муслиманите ја напуштиле Струмица и се упатиле кон Солун. Комисијата го посетила логор во непосредна близина на Солун и разговарала со „муслимански бегалци“ од струмичките села. Струмичките муслимани во тие средби изјавиле дека заминале под притисок и дека: „другите села биле запалени, откако селаните заминале, а некои од нив навистина ги виделе своите села во пламен“. Комисијата во своите документи завела и дека бегалците од Струмица немале добиено храна веќе 4 дена и дека сите тие изјавиле дека „не сакале да заминат за Мала Азија, ниту пак да се населат на грчка територија“, а додале и дека „не гледале воопшто ништо добро пред себе“.

Сведоштвото на Хаџи Сулејман во оригинална верзија, дадено на Карнигиевата комисија

Во овие разговори бил забележан и настанот кои муслиманските бегалци од селото Једна, Кук во близината на Струмица го опишале. Имено тие рекле:

„Бугарските банди“ пристигнаа пред регуларната војска и ни наредија, целото машко население да се собере во џамијата. Тука тие биле застрелани и им биле украдени вкупно 300 лири. Осумнаесетмина од побогатите селани биле врзани и однесени во Босилово, каде што биле убиени и запалени…“

Тонот и настаните опишани во вториот дел на извештајот пак, целосно се менуваат. Втората Балканска војна е целосен пресврт, па така довчерашните сојузници станале сурови непријатели. Сега извештајот зборува за приказните на селаните за „нечовечкото постапување на кое биле изложени од грчките офицери и војници“.

Исечок од извештајот каде се зборува за процесот кој српската и бугарската управа го користеле при етничкото чистење на турското население

Селаните од Орманово го раскажале следново:

„командантот на Петрич ги затворил сите мажи во полицијата, каде што биле чувани без храна три дена и малтретирани од грчките војници…Сите жени и сите девојки на осумгодишна возраст биле затворени во една куќа и силувани. Истото се случило во Босилово, Дабиље и Робово. Во последното село грчките војници го врзале свештеникот и ја силувале прво неговата ќерка, а потоа и други жени, пред негови очи. Потоа го застрелале свештеникот и ќерка му и го запалиле селото“.

Според извештајот на комисијата очевидци го пренеле и следново:

„две третини од градот Струмица биле запалени, посебно ,,гркоманските‘‘ и турските квартови и некои грчки куќи во бугарскиот кварт, заедно со јавните згради и касарните“. Обидот на Грците да го запалат „бугарскиот кварт“ било спречено од г. Купер, американски протестантски мисионер од Солун. Г. Купер отишол до грчкиот командант и го молел да престане со палењето, изјавувајќи дека ќе се жали до британскиот конзул во Солун“.

Џон Хаус Купер, американскиот мисионер кој помогнал да се спасат струмичките маала Бабјак и Чифлик

Според тврдењата оваа интервенција на Купер го натерала командантот да го сопре палењето на квартот, а комисијата успеала да дојде и до фотографија која Купер ја сликал и ја испратил до британскиот конзул во Солун. На неа се гледа изгорената струмичка црква. Во извештајот што Купер го испратил исто се наведува и следното:

„новата бугарска црква, цврста камена зграда, е наполовина уништена од бомбите што Грците ги ставиле во неа за да ја дигнат во воздух. Бугарските болници се, исто така, во пепел, а ранетите Бугари кои останале таму биле оставени без нега и храна. Грчките стражари го зеле сиот леб, млекото итн. кои добрите жени од градот им го носеле на војниците. На крајот ранетите војници биле затворени во турската кула, која била запалена“.

Делот од извештајот кој Купер и го предал на Комисијата каде се објаснува состојбата и палењето на Струмица под грчката управа

Известувавачот кој комисијата го пратила во Струмица, дошол за време на пожарот и запишал:

„нивните јагленосани тела се уште лежеа таму на 16 септември кога Грците го евакуираат градот“.

Понатаму во извештајот е наведено дека изгорени села имало на целата територијата на Струмица. Бидејќи имале свој човек на терен Комисијата со сигурност вели дека податоците кои ги дава се целосно точни а тоа може да се види и во следнава реченица:

„списокот на изгорените села што следува ќе се види дека е точен во смисла што не содржи ни едно село кое не било запалено“

Понатаму се наведува дека:

„списокот вклучува и некои турски села на бугарска територија изгорени од Грците и неколку села изгорени од Србите…“ и се потенцира дека „огромното мнозинство од селата, меѓутоа, се бугарски села запалени од грчката војска во нејзиниот марш на север“

Според информациите со кои располагале, бројот на изгорените села вклучени во списокот изнесувал 161, а бројот на изгорените куќи бил околу 14.800. Според нивните сознанија „единаесет бугарски села“ биле запалени од Грците.

Сведоштва на турските бегалци за случувањата во Струмица 1912 година

Понатаму во извештајот на Комисијата се вели следново: Во Дабиље биле запалени 50 куќи, во Ново Село 160 куќи, Вељуса, Монастира, Сврабите, Попчево 43, Костурино 130, Раборци 15, Шам-Чифлик 20, Балдевци 2, Зубово 30. Грците запалиле девет турски села: Амзали 150 куќи, Гечерли 5 куќи, Чанакли 2, Ново-Махала 2, Еднокуково 80, Секерник 30, Сушица 10, Свидовица 10, Борисово 15, како и две патријаршиски села, Мокрени 16 куќи и Мокриево 10 куќи, „со три четвртини од градот Струмица, околу 1.000 куќи и дуќани“. Вкупниот збир изнесувал 1.620 куќи.

Исечок од оригиналниот извештај каде се даваат бројќите на изгорените села и куќи во 1913 година од страна на Грците

Понатаму во извештај се споменуваат и патријаршиските бегалците од Струмица, кои по палењето на градот се населиле во Кукуш. За забележување е дека откако разговарале со бегалците, членовите на комисијата заклучиле дека:

„тие, всушност, воопшто не се Грци, туку Словени, најголемиот дел двојазични, кои ѝ припаѓаат на грчката партија и на патријаршиската црква“.

Понатаму во извештајот се вели дека избеганите струмичани логорувале меѓу урнатините и во куќите кои не биле зафатени со пожарот на Кукуш или во импровизирани засолништа. Според комисијата: „бегалците се надевале да ја видат „Нова Струмица“ како се крева од пепелта што некогаш била бугарски град“.

Исечок од извештајот кој е контроверзен затоа што за прв пат Комисијата потврдува дека струмичани кои се нашле како бегалци во Кукуш не се всушност ни Грци ни Бугари

Извештајот понатаму тврди дека:

„раширеното и речиси општо лошо постапување со жените и со девојките од страна на војниците на трите нации оставило зад себе морални последици што не може да се проценат“.

„…И меѓу регуларните војски и меѓу нерегуларните чети кои ги придружуваа војските имаше многумина од долен, криминален, дури бестијален тип, без човечки чувства и без грижа за цивилизираните стандарди, кои беа готови во секое време да прават свирепи дела; а историјата на Првата војна, колку и да била возвишена во целта, е извалкана со многу палежи, убиства и повреди за кои не е можно да се даде никаков изговор“.

Како што реков овој извештај само по себе е доста контроверзен поради начинот на кој се опишувани македонците, но при крај на овој извештај гледаме и една промена на тонот и малку поразличен поглед кон националноста на струмичани, што може да се виде во следниот дел:

оригиналниот исечок кој подолу е цитиран

„… легитимното национално чувство кое инспирира акти на хероизам и извртениот и шовинистички национализам кој води кон злостор се премногу блиску поврзни состојби на колективниот ум… ние ги гледаме како оправдани и легитимни, дури и им се восхитуваме на делата и манифестациите
со кои националноста го брани своето постоење… но кога истите тие националности преминуваат од одбрана во напад и наместо да го обезбедуваат своето постоење почнуваат да посегаат по постоењето на друга национална индивидуалност, тие прават нешто незаконско, дури злосторничко… збрканата заплетканост на балканските национализми не може да се расплетка ни со обидите за асимилација по секоја цена, ни со нова преселба. Но, во случајот со македонските Словени во грчка Македонија секоја национална група има потреба од заштита од некоја соседна држава Романците, Бугарите, Турците, Грците дури и Србите…“

Струмица 1912 година – слика од грчките архиви

На крај Комисијата го заклучила следново: „Букурешкиот договор треба да се ревидира и да се комплетира во таа смисла, ако не треба да биде прекршен од некој нов каприц на историјата“.

текстот е делумно преземен од истражувањата на Проф. д-р Тодор Чепреганов Институт за национална историја, Скопје

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading