Уште пред да почне Првата балканска војна, во Струмица веќе се чувствувала одредена тежина во воздухот. Било речиси јасно дека на турското владеење му доаѓа крај, но било крајно неизвесно што ќе следува. Секако, струмичани се надевале дека конечно доаѓа времето за слободна Македонија, но набрзо станало јасно дека судбината на Струмица е во рацете на соседите и големите сили.
Првите знаци за пеколот што ќе следува почнале да се појавуваат уште пред пристигнувањето на бугарските и српските војски. Со веста дека започнале воените операции, во градот почнале да пристигнуваат првите бегалци — муслимански, главно турски бегалци од Малешевијата, а по неколку дена и бегалци од Радовиш и неговата околина.

Струмица била заземена од бугарската и српската војска на 22 октомври 1912 година, со таа разлика што бугарска чета, предводена од капетан Алексиев, веќе навлегла во градот еден ден порано, во ноќта на 21 октомври. Веќе наредниот ден во градот била воспоставена бугарска цивилна власт, додека Србите ја имале воената контрола. По заминувањето на српските војски, нивното место во градот го зазеле бугарските сили, кои останале сѐ до започнувањето на Втората балканска војна.
Иако бугарските и српските офицери при влегувањето во Струмица гарантирале безбедност за сите граѓани, овој мир траел кратко. Наскоро, градот бил зафатен од масовни убиства и насилства врз турското население, кои траеле речиси еден месец.
Голем број бегалци побегнале кон Дојран, Кукуш и Солун, но дел останале во градот. Со приближувањето на балканските сојузнички армии, се појавила иницијатива за мирно предавање на градот меѓу турските власти и христијанските првенци. Иако спогодба била постигната на 20 октомври 1912 година, таа не била цврсто дефинирана, што довело до понатамошни немири.

И покрај апелот на Сулејман Паша до турското население да остане во своите домови, само мал дел се придржувал до него. Обидот за мирно примопредавање на градот бил во спротивност со одлуките на турската управа, која, во обид да ја задржи контролата, затворила околу 600 струмичани како заложници за да ги спречи четничките акции.
Овој обид пропаднал на 21 и 22 октомври, кога биле уништени телеграфските и телефонските линии околу Струмица. Како одмазда, селото Куклиш било бомбардирано, при што загинале 20 лица, а многу куќи биле запалени. Слична судбина го снашла и Костурино, што довело до напната атмосфера во градот. Современик на овие настани подоцна дал детален опис на состојбата пред пристигнувањето на сојузничките војски, пред Карнегиевата комисија:
„Војската која требаше да го брани овој исплашен народ од старци, жени и деца и да стои како предна и задна стража, напротив избега. … Една мртва тишина завладеа низ улиците на градот. Никој уште не смееше да излезе. Секој миг очекувавме градот да се запали од некој крај, но слава му на Бога, до тоа не дојде.“
Во ноќта спроти 22 октомври 1912 година, капетан Алексиев со една чета од 26-тиот Радомирски полк пристигнал во Струмица, заземајќи го управниот дом и касарната. Следниот ден пристигнал генералот Атанасов со својата свита, во чиј состав имало и двајца српски офицери. Муфтијата го пречекал со сребрена чинија со леб, сол и клуч, симболично означувајќи мирно предавање на градот.

Според други извори, Сулејман Паша му предал на генералот златна сабја, во присуство на бугарскиот и грчкиот владика, турскиот муфтија и насобраниот народ. Во исто време, во градот влегла и српската војска под водство на мајорот Никола Цоловиќ.
Со пристигнувањето на сојузничките војски, во градот била воспоставена бугарска цивилна власт и српска воена контрола. Локалната власт ја предводел Павел Шестаков, кој бил окружен со лица што претходно биле заложници во касарната. Истовремено, била формирана Комисија со српскиот мајор Грбиќ како претседател, двајца српски офицери, бугарскиот чиновник Никола В’лчев, војводата Жеков и неколку христијански првенци од градот.
Комисијата најпрво издала декрет со кој на турските жители им било забрането да ги напуштаат своите домови. Следело претресување и разоружување на сите турски куќи, но во почетната фаза немало убиства и грабежи. Ова го потврдиле и жителите на Струмица – Рахни ефенди, Абдул ага и Хаџи Сулејман ефенди, кои како бегалци во Солун во 1914 година сведочеле пред Карнегиевата комисија.

Сепак, наскоро започнале масовни мачења и егзекуции на турското население, под изговор на одмазда. Со помош на месен полицаец и српски војник, Турците биле повикувани на распит пред Комисијата, каде нивната судбина била одлучувана за неколку секунди. Само еден од десет испитани успевал да ја избегне смртната казна. Според некои извори, преживувале само оние кои можеле да платат 100 лири за сопствениот и животот на своето семејство.
Но и оние што биле осудени на смрт пред нивната ликвидација биле ограбувани, а тие пари завршувале во рацете на претседателот на Комисијата, мајорот Грбиќ. Жртви на ова однесување не биле само граѓаните на Струмица, туку во голем дел и бегалците од околината или од соседните околии.
Ликвидацијата на турското население се извршувала на три локации во градот: прво, десната страна од патот за Радовиш; второ, левата страна од патот за Валандово; и трето, градското мочуриште.
Околу бројот на погубените муслимански, односно турски жители, има различни податоци, што е и разбирливо, бидејќи тешко може да се определи нивниот број, особено затоа што ликвидацијата се вршела не само во градот туку и во селата. Според анкетата на Карнегиевата комисија, биле погубени меѓу 3.000 и 4.000 лица. Според истражувањата на д-р Манол Пандевски, бројот на ликвидираните Турци бил поголем и изнесувал околу 5.000 убиени.
Под изговор на одмазда за злосторствата што биле направени за време на турската власт, а во отсуство на цврсти безбедносни органи, биле убиени голем број невини турски граѓани. Според одделни автори, „бугарските воени власти, веројатно по директива од нивната врховна команда, масовниот терор им го препуштиле на четите на ВМОРО и на српскиот мајор Грбиќ.“

Дури и ако тоа било точно, тоа не значи дека бугарските војници стоеле настрана од егзекуцијата на турското население во градот. Како доказ за тоа служи податокот за судските процеси што ги покренале бугарските воени власти против Никола В’лчев, Кочо Хаџиманов и војводата Жеков, со кои именуваните биле осудени на по 15 години затвор поради извршениот терор над Турците во Струмица.
Со извршеното етничко чистење, градот Струмица бил осиромашен за една значајна етничка компонента која долго време имала силно влијание врз неговото општествено-културно живеење. Последиците од Првата балканска војна, како и текот на Втората балканска војна (со воените операции, пустошења и миграции), значително го промениле етничкиот и демографскиот состав на населението во градот. Бројот на неговото население нагло се намалил: од 25.000 жители во 1910 година, бројот паднал на околу шест и пол илјади во 1921 година.

текстот е делумно преземен од истражувањата на Проф. д-р ВЕРА ГОШЕВА, Институтот за национална историја, Скопје
