Времеплов – Струмица низ историјата – Средновековната патна крстосница – Струмица


текстот е исечок од истражувањата направени од Д-р Душко Цветанов – НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица

Поради одличната геостратегиска положба на својата тврдина, средновековна Струмица, била не само трговски и црковен центар помеѓу средните теченија на реките Вардар и Струма, туку град низ кој минувале неколку клучни трговски патишта. Брзиот развој на Струмица се должел и нејзината непосредна близина до вториот по големина и значење центар на Балканот – Солун. Поради тоа низ Струмица низ историјата минувале, и како своја попатна станица ја користеле најмоќните императори, цареви, трговци и патеписци.

Ваквата положба и значење, придонело Струмица да се среќава во разни историски документи, каде се опишани и се даваат информации за нејзините тврдини, патишта, за луѓето, обичаите и навиките на струмичани. Бидејќи била значајна крстосница, за Струмица се среќаваат податоци во средновековни повелби на византиски, српски, бугарски и многу други цареви.

Таквите повелби кои се однесуваат на патиштата и патната мрежа во Струмица и струмичко, со посебен акцент на средновековието, се обработени од нашиот сограѓанин Душко Цветанов, и ќе бидат дел од овој времеплов.

Една од најважните повелби која ни помага да ја истражиме патната мрежа во Струмица, е Повелбата на крал Срефан Урош II Милутин (1302-1309), во која јасно се разграничуваат видот на патиштата кои постоеле во средновековието. Па така имаме две категории на патишта: „цести“ и „патишта“. Под „цести“ се подразбирал главен пат, односно пат кој припаѓал на главната патна мрежа, а под „пат“ оној кој имал само локален карактер. Во оваа повелба се среќава и називот „друм,“ кој доаѓа од грчкиот збор dromos, а тој е споменат со цел да се одбележи тогашниот средновековен пат кој минувал кај селото Зубово.

Постои уште еден вид на патишта, во повелбите така наречените „велики патишта“ или „велики цести“, кои се поклопувале со старите римски патишта, кои во римско време биле познати како „via regis“ или царски пат. Во римско време големите цести или патишта кои минувале низ Струмица биле 5 до 6 чекори (passi), т.е. 3,5 и 4,2м. Обично биле градени со кршен камен, во стилот кој и денес е познат како „макадам“.

За разлика од римските патишта, средновековните и османлиските патишта кои биле градени во Струмица, биле градени со густо набиени, мали јајцевидни камења, без земјен слој меѓу нив. Овој начин на градење посебно се користел за фреквентните патишта и улици. Високите планински предели во Струмица добивале така наречени „серпентински патишта“ (змијовидни), кои се патишта кои имаа доста остри кривини за да се ублажи и олесни искачувањето.

На местата во Струмица каде имало потреба од тоа се правеле сводести мостови, со еден или повеќе сводови, а тие мостови имале камени столбови. Главните превозни средства на струмичките планинските и рамничарските предели биле: коњот, магарето, камилата, биволот и волот, а на цестите и големите патишта се користеле големите и малите запрежни коли.

Како што веќе споменавме во Струмица се пренесувало стока со камили се до 1930 година, главно на правецот Солун – Дојран – Петрич – Струмица, а старите струмичани се сеќаваат и на фамилијата која се бавела со овој вид на пренос, и сосема логички се нарекувала фамилијата „Камиларци“.

Карта на патната траса Струмица – Штип – Скопје


Интересен е податокот дека за време на османлиското владеење покрај поголемите патишта се распоредувале така наречени „дервенџиските села“ чие население било задолжено за одржување и чување на патиштата. Имињата „дербенд“ или „дервен“ често се среќаваат во топонимијата и тоа на места каде што Османлиите поставувале дервенџиски села, односно онаму каде што поминувал патот (пр. Дервенска Река, помеѓу Валандово и Струмица).

Како што можете да видите од сликата подолу дури во 1894 година добиваме поточни информации за тоа колку време се патувало од селата до Струмица, затоа што патувањето многу зависело од превозното средство т.е дали се оди пеш, се јава или пак се патува со запрежна кола, и кое годишно време од годината, атмосферските прилики, сигурноста, познавањето на патот итн.

Список на села во казата Струмица 1894 година – со број на куќи и жители, и оддалеченоста на тие села од градот Струмица

Од еден османлиски пописен дефтер од 1519 година ја добиваме информацијата дека во Струмичко и блискиот регион како дервенџиски села се воделе: Костурино, Липовиќ, Фурка, Превалец и Тонотарци. Веќе во наредниот дефтер од 1592 година на таа листа е вклучено и Ново Село. Интересен е податокот дека овие села, освен с.Тонотарци, каде што во 1572 година е регистриран еден муслиман, сите биле чисто христијански села.

Овие дервенџински села, обично се наоѓале во близина на некои клисури, тешко преодни и опасни места, и оваа служба ја добивале преку султански документ, наречен „берат“. Во овој документ селаните добивале образложение зошто ја добиваа службата и кои одговорности истата носи. Во бератот иста така стоеле и придобивките кои селаните ги добивале и од кои обврски биле ослободени.

Сепак, за многу струмичани оваа должност и не била некоја придобивка, затоа што тие морале деноноќно и под оружје да ги чуваат дервените, мостовите и другите месности на патиштата каде минувале трговци, пазарџии, разни службени лица, собирачи на државни даноци и други. Доколку некој биде ограбен за време на нивната смена или во нивната месност, дервенџиите биле должни на оштетените да им ја надоместат нанесената штета.

Паралелно со турските освојувања се случува иселување на локалното население и населувањето на номадски племиња од Мала Азија. Ова обмислена колонизација имала цел – вклучување на локалното
население во системот на државна служба. Најважните воени редови на христијаните во турската служба биле vojnuci (турски voynuk), дербенџии (персискиот der-bend) и мартолози (грчки αρματολός). Војнуците
најмногу се занимавале со коњушарски служби, а мартолозите биле специјален воен ред во Отоманската Империја, составени од христијани коишто од XV до XVIII век биле задолжени да вршат воена служба во
замена за привилегиран статус.

Како што веќе споменавме во претходните текстови, Евлија Челебија, при својата посета на Струмица во 1670 година запишал дека:

„Струмичката тврдина, бидејќи се наоѓала длабоко во внатрешноста на Турција, била скоро потполно напуштена и започнала одамна да се руши. Во неа седеле само неколкумина христијански платеници, војници-мартолози. Освен мартолозите на тврдината немало никакви други војници, ниту пак командант“.

Дополнително запишал дека во тоа време за заштита на струмичките патишта биле подигани големи и мали тврдини, кои имале за задача да го штитат патот, како и да ги затворат сообраќајните правци. На тој начин обично биле затворани и штитени главните патишта, т.е. оние патишта по кои се одвивал колскиот сообраќај, како и сообраќајот на самари и товарна стока.

Список на села во казата Струмица 1894 година – со број на куќи и жители, и оддалеченоста на тие села од градот Струмица

Струмичките мартолози ќе ја изгубат својата функција неполни 50 години по посетата на Евлија, затоа што како христијани, се покажале како непослушни кон султанот, па така тој во 1721 година го поништил овој ред. Пoради својата бунтовност, овој ред кој се сметал за христијанска милиција престанал да постои.

Поради својата географска положба Струмица претставувала голем јазол од трговски и воено-стратегиски патишта, а со оглед на тоа дека во тоа време на средина од котлината лежело Моноспитското блато, патот кој минувал оттука морал да минува покрај подгориските села. Токму поради тоа на овој крстопат бил изграден цел систем од тврдини кои на некој начин го гарантирале безбедниот премин низ струмичкиот крај, како и негова одбрана од туѓи упади.

Поради оваа поволна геополитичка положба Струмица имала добро развиена инфраструктура. Дополнително, поради речиси подеднаквата оддалеченост од државните центри на средновековните држави Византија, Бугарија и Србија, Струмица била периферна област во составот на споменативе три балкански држави. Тоа придонело Струмица често да ги менува политичките господари, а во неколку наврати во средновековието да биде и дом на независни феудални држави. Затоа токму во оваа област биле создадени полунезависните феудални кнежевства на Добромир Хрст, Добромир Стрез и Хрелјо.

Струмица како значаен патен јазол имала и три основни излеза, на југ преку Валандово – Дојран – Кукуш за Солун; на север преку Конче (подоцна Радовиш) и Штип за Скопје (односно преку Вардарско-моравската долина); и на исток по р.Струмица – Петрич – Мелник за Серез и Цариград. Овој пат уште бил нарекуван и „Серски пат“.

Патна траса Струмица – Серез

Важноста на Струмица како крстосница била позната уште од антиката, а во средниот век посебно се зголемила во времето на владеењето на Цар Самуил. Тој на Струмица и давал посебно значење затоа што императорот Василиј II (976-1025) по обичај, „секоја година“ навлегувал во централна Македонија по „Царскиот пат,“ кој водел по текот на р.Струмица и минувал низ Струмица. Поради тоа Самуил дополнително ги утврдил „Цареви кули“, а и околните тврдини, изградил прегради по патиштата, а на овој терен распоредил и дополнителни трупи.

Според византискиот историчар Скилица, Самуил одлучил да го прегради пристапот на императорот во теснината наречена „Кимба Лонга,“ т.е. најтесното место „Клидион“. Првиот израз „Кимба Лонга“ е од влашко потекло и во превод значи „долго поле“, додека вториот е грчки збор и во наш превод значи „клуч“. Иако сѐ уште не ѐ разјаснето на кое место се однесува топонимот „Кимба Лонга“, според описот може да се тврди дека тоа место почнува од денешното с.Ново Село (Струмичко) па до устието на р.Струмица, т.е. Струмичкото Поле. Додека „Клидион“ со сигурност може да се потврди дека е теснината меѓу Беласица и Огражден, позната како Клучка клисура, денес на овој простор на бугарска територија постои село кое го носи името Клуч.

Дополнително, Скилица го опишал и патот низ кој поминал императорот Василиј за да го нападне Самуил: од Сер до Валовишта (Демир Хисар), Рупел, по долината на р.Струмица па до Клидион. Од историските извори знаеме дека по Беласичката битка Василиј се упатил кон Струмица, а по пат ја освоил попатната тврдина Мацукион, која била во падините на Беласица, кај денешно Мокриево.

Карта на патната траса Струмица – Сер – Цариград за време на Самиуловото владеење

Оваа патна траса се спомнува и во Повелбата за манастирот Хиландар на кралот Милутин, 1302-1309 година, каде при разграничувањето на земјените прилози, се спомнува патот по долината на реката Струмица „на друм и на Зубово Крушије низ реку до трапа српскаго“. Овој пат го користела и српската војска под крал Милутин кога на Божиќ 1283 година „опустошила се до Сер и Кавала“.

Овој струмички пат е опишан и во книгата Географија (1154 г.) од авторот Идриси, како дел од патот кој од Драч преку Скопје водел за Орфано (Ahrisubuli, денешна Грција). Според него патот од Скопје одел за Kuritus, топоним за кој може да се претпостави дека е с.Крушје, па од таму за Струмица (Ustrurnisu) за Серес (Saras) преку Зихне и Орфано.

Да се вратиме на трасата кон Сер, како што може да се види на илустрацијата погоре, затоа што централниот дел на котлината е пополнет со блатото, поголемиот дел од патот одел околу него, поминувајќи во подгориските села. Според кажувањата на постарите струмичани кон крајот на XIX век и почетокот на XX век, блато сѐ уште се нарекувало „Езеро“, поради својата големина. Историските податоци потврдуваат дека блатото било доста големо, затоа што имало максимална длабочина од околу 6м, па селаните од околните села со посебни чамци, т. к. н. „шајки“, патувале од селото Зубово, се до селата Банско и Муртино. Сушењето на блатото е започнато дури по 1947 година кога од константната површина од околу 5000ha, во 1975 година истото било донесено до околу 400ha.

Средновековното блатото се протегало на просторот помеѓу денешните села: Муртино, Моноспитово, Бориево, на нешто помала оддалеченост, јужно од селата Турново и Секирник, па се спуштало кон селото Зубово, покрај подгориските села Колешино, Габрово и Банско. По пресушувањето на Моноспитовското Блато, денешната негова површина е доведена на нешто помалку од 10% од некогашното „езеро“.

Она што дополнително го отежнувало движењето низ струмичка котлина е и тоа што реките Струмица, Водочница и Тркања, често знаеле да се излеат и да поплават голем дел од струмичкото поле, па затоа сите патишта морале да минуваат доста високо по подножјата на Беласица или Огражден.

Покрај патот кој минувал под падините на Беласица, се користел и уште еден пат кој од север го заобиколувал Моноспитовското Блато, приближно со денешниот модерен пат Струмица – Ново Село. Овој пат поминувал покрај планината Огражден, а се претпоставува дека бил приближно исти со денешниот, затоа што нивото на водата во блатото и тогаш било приближно на денешниот пат. За оваа тврдење дополнително сведочат и имињата на месностите околу патот како што се : Кара ѓол, Блато, Прекалче, Орман и др.

За овој пат податоци добиваме и од османлиските пописни дефтери од 1530/31 година каде како дервенџиското село се споменува под имиња „Дели Орман“ и „Доброва“, денешното Ново Село. Според написите во овие дефтери патот Струмица – Петрич, поминувал покрај оваа село, а селаните имале за задача да го чуваат, затоа што „селото е на многу опасно место и дека таму постојано се случуваат убиства и насилства“.

Според пресметките на Душко Цветанов, речиси исто време било потребно да се стигне до Струмица независно на кој пат се движите, но многу побезбеден бил патот преку Беласица. Според Цветанов, тоа се должи на фактот што патот преку Беласица имал повеќе попатни тврдини, и селата биле погусто населени, што се потврдува и во грамотите на владетелите кои владееле со овој крај во XIV век. На пример во тие грамоти се спомнуваат селата: Кунарани (денес Старо Коњарево), Мокрани ( Мокрино), Црквишта, Макриево итн.

Дополнително во тие извори од 1530/31 година за Ново Село, покрај тоа што вршело дервенџиска служба, добиваме и податоци дека селото било целосно христијанско, со 58 домаќинства и 28 неженети и влегувало во Струмичката каза. Во наредните децении селото уште повеќе нараснало, па така што во 1573 година во него живееле 84 домаќинства, 48 неженети и 7 вдовици.

Понатаму се споменува дека: „лозињата на дервенџиското Ново Село се наоѓале во синорот на с.Мокрани (денес: Мокрино), кое лежи во непосредна близина на струмичкото Ново Село, исто така источно од градот: (Мокриево), Борисово, Наподу, Габрово, Бањске (Банско)“.

Оттука може да се види дека сите тие села со исклучок на Наподу, село кое се претпоставува дека се наоѓало на 1 км од Габрово, постоеле и биле населени во средновековието. Со доаѓањето на Османлиите, Наподу или Под како што некаде се среќава целосно исчезнало како село.

Овој Беласички пат бил обезбедуван од попатните тврдини Мацукион и Термица, па една над селото Свидовица позната како Падарница, а од тука патот скршнувал десно и влегувал од јужната страна во Струмица. Прв за тврдината Термица пишува бугарскиот историчар Васил Златарски, кој по значењето на името ја лоцирал тврдината над с.Банско, југоисточно од Струмица, во подножјето на Беласица, каде што и денес се наоѓат остатоци од тврдина, а пак самото место тој навел дека се вика „Калери“, притоа посочувајќи дека во самата близина на оваа тврдина се наоѓа термата со топла вода.

Дека патот кој водел низ Огражден бил многу потежок за чување говори и фактот што по Божиќ 1283 година, српскиот крал Милутин, со помош на неговиот брат Драгутин, непречено поминал низ струмичкото поле токму низ овој пат, откако ги ограбил Серез и Кавала. Иако во тоа време имало попатни набљудувачници на овој пат, речиси било невозможно истите да го чуваат широко отвореното Струмичко Поле од наездите од север. Затоа овој простор северно од р.Струмица во тој период останал надвор од византиска контрола.

Она што дополнително го чинело овој пат поопасен за патување, е тоа што немало никакви тврдини да го обезбедуваат, затоа што намената и функцијата на населбите сместени на Огражденските падини, обично имале рударски карактер. Токму тоа придонело во војната помеѓу Византија и Србија во 1299 година, Византија да изгуби контрола на овој патен правец, по што следувала „мала војна“ на овој предел со четнички напади, се до конечното потпаѓање на Струмица под српска контрола.

Овој период на војувања околу оваа патна траса се потврдува и во писмото на Никифор Грегора упатено до неговиот пријател Андроник Зарида, во кое тој го опишува својот престој во Струмица и минувањето низ така наречениот „серски пат“ што всушност е патот Струмица – Петрич – Серез. Во ова писмо тој ја опишал својата средба со чуварите на патот со следниве зборови:

„одеднаш од тамошните карпи и провалии се појавија некакви мажи, облечени во црни облеки кои беа од волна и од овчја кожа, кои сами ги изработувале од овците кога имале потреба. Тие мажи беа вистински привиденија, вистина не беа целите во железо како тешко вооружените војници, но и не сосема без оружје, а повеќето од нив имаа во рацете некакво оружје за борба одблизу, какви што се копјата и секирите, некој пак имаа и стрели. Тие биле чувари на патиштата и требало да го прогонуваат секој кој, откако ќе нападне тајно, ќе посака да ги ограбува блиските места“.

Патна траса Струмица – Солун

Овој патен правец, уште пред средновековието бил многу важен за Струмица, а тоа значење го задржал не само во тој период, туку се до денес. За него се зборува уште по Беласичката битка, кога откако бил поразен Самуил, и „Клучката дема“ разбиена, тврдината Мацукион освоена, Василиј II побарал овој патен правец да биде обезбеден, со цел неговата војска да може да се повелече во Солун. Таа задача ја добил неговиот омилен солунскиот дук-војвода Теофилакт Вотанијат. Тој со војската добил задача да ги премине ридовите крај Струмица, т.е. отсечената месност јужно од тој град, позната денес под името Чам чифлик, да ги изгори демите по патот и да направи преоден пат за императорот да се повлече во Солун.

Вотанијат првично бил пропуштен, и мислејќи дека го осигурил безбедното преминување на војската, се враќал да го извести императорот, но бил намамен во заседа која го чекала во тесниот премин меѓу Беласица и Плауш Планина, која од селото Костурино се спушта на југ кон селото Дедели. По неговото влегување во оваа теснина тој и неговата единица биле опкружени од сите страни и опсипани од височините со камења и стрели, при што биле убиени. Токму овој настан предизвикал огромен гнев и желба за одмазда кај Василиј, па тоа придонело Самуиловите војници да бидат ослепени во клисурата на реката Водочница пред селото Водоча.

Остатоци од стариот пат кој од Струмица водел до Солун

Овој патен правец постојано станувал се по значаен, затоа што историски главен трговски партнер на Струмица бил Солун, а исто така оттука се движела и остатокот од стока која доаѓала од северните делови на Македонија. Оваа траса во средновековието се движела од Струмица преку Дојран до Солун, но со пуштањето на железничката пруга Солун — Скопје во 1873 година, Дојран ја изгубил својата важност и тежиштето било префрлено кон Удово. Интересен е податокот дека оваа станица всушност се викала Струмица, иако била во Удово и на 40км од градот.

За оваа станица добиваме информации од научната експедиција предводена од Васил Златарски, кој во 1916 година кога одел од Струмица за Удово, напишал:

„По убавиот пат низ преминот помеѓу Беласица и Плаус Планина, низ селото Чамчифлик опожарено
од Грците, потоа покрај селото Попчево стигнавме до познатото во последно време по воените дејствија селото Костурино, од каде што под силен дожд се спуштивме во долината на селото Дедели и во 6 ч вечерта низ Валандово стигнавме на станицата Удово“.

Денешниот пат за селото Костурино кој бил направен околу 1970 година, кој е дел од денешниот пат за Солун, не се поклопува со страта средновековна траса. Според постарите струмичани, тие кога сакале да заминат за Солун, се собирале на местото денес викано Момин бунар. Овој пат кај струмичани сѐ уште е викан „Старо џаде“, а започнувал со искачување на струмичани до „Двата пата“, па преку поранешното село Чам Чифлик (запалено 1913 година), се одело до Попчево, па јужно кон денешното село Раборци.

Потоа патот ја поминувал Плавечка Река, се издигал над едно мало возвишение и повторно се спуштал во клисурата на Маркова Река. Како што може да се види на сликата подолу овој пат имал димензи до 5м., бил обграден исто така и со ивичници, а на некои делови од оваа траса има и потпорни ѕидови на патот.

Покрај остатоците од овој пат има и две мостчиња на Маркова Река, едниот е во прилично добра состојба, со два лака, најверојатно градени од страна на османлиите. Патот продолжувал со доста кривини низ ридовите се додека не се спушти во атарот на денешното село Костурино. Пред селото Костурино на околу 2-3 км, се наоѓа тврдината Василица, која најверојатно била изградена во антиката. Таа се наоѓа на 6 км јужно од Струмица, а била намерно сместена на надморска височина од 590 м, со што имала директна контрола над патот кој се наоѓа на просечна височина од 420м.

Воедно, Василица (види слика 6) како попатна стража која го чувала влезот од југ кон Струмица, имала целосна контрола на Стариот пат, кој се наоѓал западно од неа, како и над клисурата на реката Тркајна, која се наоѓа источно од неа. Денес овде се наоѓа модерниот пат Струмица –Валандово. Доминантната положба на тврдината Василица, во голем дел овозможува голема прегледност на сите страни. Има прегледност на патот кај селото Попчево, кој доаѓа од Струмица и е на оддалеченост 3.5 км воздушна линија од тврдината, исто така и на патот кој од Штип преку реката Крива Лакавица поаѓа во подножјето на селото Рич. Покрај овие патни правци Василица го контролира и влезот од југ, односно патот кој доаѓал од Солун – Дојран – Струмица, кој од Валандовската Котлина се издигал во полето на село Костурино.

Остатоци од патот Струмица – Солун

Оваа тврдина за време на владеењето на Османлиите ја изгубила својата функција, но сепак останала важна попатна станица и во оваа време. Во средновековието важна улога играло селото малку подолу од оваа тврдина, Костурино. Овој факт се потврдува и во пописните турски дефтери од 1519 година, каде Костурино се споменува како дервенџиско село, а реката која поминува покрај селото се вика Дервенџиска Река. Дополнително, покрај стариот пат за Солун, во близина на селото Костурино, постои и место кое се вика Стража и мала височина наречена Дервен. Нешто подолу по патот на местото викано Тапано, постела османлиска наплатница, која им напратувала на кираџиите и другите патници што поминувале со добиток. Бидејќи тука поминувал и патот кој од Солун одел за Штип, Костурино било значајна попатна станица.

Од самиот попис кој бил извршен во 1530/31г година во дервенџиското село Костурино се спомнуваат
51 христијанско домаќинство; селото влегувало во Струмичката каза, а веќе во 1573 година селото нараснало на 63 домаќинства. Дервенџиската служба Костурино продолжило да ја врши и во следниот XVII век, за што сведочат два податока од 1641/42 и 1674/75 година: каде повторно се зборува за дервенџиската служба што ја извршувале селаните.

На овој пат имало уште една тврдина која била на 9 км оддалеченост од Василица а била во близина на селото Рич. Оттука, патот за Солун продолжувал речиси идентично како и денешниот пат. (види слика 6).

Остатоци од стариот средновековен пат Струмица – Солун

Интересни се и легендите поврзани со селото Костурино. Во една од нив се вели дека селото било формирано по иницијатива на еден турски паша, кој ја увидел потребата од населба со таква функција на тој терен, преку кој минувала комуникацијата од големо војничко и трговско значење. Другата пак според селаните е дека селото се викало уште и Султан-Ќој (Султаново Село). Ова име наводно било добиено поради тоа што некогаш, во една лута зима, во него нашла засолниште некоја голема султанова војска.

Слика од османлискиот мост на стариот средновековен пат Струмица – Солун

Патна траса Струмица – Штип – Скопје

Оваа патна траса исто така имала многу важна историска и стратешка функција. Од историски податоци знаеме дека по неа поминале голем број на многу важни кралеви и императори, како и познати историски личности. Не случајно патот Сер – Струмица – Скопје бил наречен и „Царски пат“.

Уште во раното средновековие на овој патен правец чести минувачи биле императорите Василиј II (976-1025) и Алексиј I Комнен (1081-1118). Василиј тука минувал секоја година, затоа што често преземал кампањи против Самуил, додека според Ана Комнина, нејзиниот татко Алексиј, оттука ги напаѓал српските племиња и Норманите, кои со Боемунд се обидувале да навлезат на Балканот. Алексиј I Комнен, во тоа време го посетил и дарувал манастирот „Богородица Елеуса“ во Вељуса.

Нешто подоцна во документите кои ја опишуваат офанзивата на Теодор II Ласкарис (1254- 1258), се вели дека тој: „поминал низ пат кој покрај крепоста Струмица, ги пресекува земјите на Мелник и одново се враќа во Сер“.

Овој патен правец бил важен и поради тоа што преку него се поврзуваат централна и југо-источна Македонија, и реките Вардар и Струма. Како што рековме еден пат од Штип водел на југоисток преку Радовиш за Струмица, преку реката Струмица, до реката Струма, па за Сер.

Покрај оваа поврзување на Штип и Струмица постои уште еден паралелен пат кој од Штип поминувал низ долината и изворниот дел на реката Крива Лакавица, па оттаму поминувал во близина на Конче и продолжувал надолу кон југоисток, па се спуштал по течението на Грацка Река (Бела Река), под денешните села Рич и Белотино, па низ денешното вештачко езеро Водоча (Струмичко) патот излегувал кај денешното село Попчево, од каде еден крак продолжувал за Струмица, а еден се спуштал на југ и се поврзувал со стариот пат Струмица – Солун, јужно од денешното село Раборци.

Карта која го покажува стариот средновековен пат од Струмица до Солун

Како што може да се види на сликата подолу, од историски податоци знаеме дека овој пат поминувал по оваа траса затоа што во дефтерите како дербенските села се споменуваат Липовиќ и Ново Село (Штип). Овој пат покрај примарната функција да ги поврзува Струмица и Штип, имал и краци кои излегувале во долината на реката Вардар. Така, на пример, во првата половина на XVI век, тој низ долината на река Крива Лакавица, односно низ дервенското село Липовиќ, минувал значајниот каравански пат („Друмот“) од Солун за Штип. Овој пат од Струмица водел преку селата Попчево, Рич и Липовиќ во долината на Крива Лакавица, а оттаму, со еден крак за Штип, а со друг — за Тиквешијата.

Како што може да се види на скицата подолу во близина на селото Конче имало и тврдина која го обезбедувала патот. Овој пат поминувал во близина на денешното село Рич, а помеѓу Липовиќ и Рич, порано имало кула со турска посада, која го чувала патот.

Од горенаведното можеме да видиме не само дека Струмица била исклучително добро поврзана, и низ неа минувал “царски пат“, туку и дека во средновековието таа била една од најважните крстосници на Балканот, низ која поминувале речиси сите важни личности во тоа време. Ваквата географска положба секако се одразила и на тоа како градот се развивал, па така за негова контрола се бореле речиси сите големи средновековни царства, а во неколку наврати Струмица била и своја полу-независна феудална држава. Сите овие фактори оставиле значаен историски печат на градот и неговата околина, а дури и денес ваквиот статус на важна трговска станица, и тоа како живее.


Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading