Времеплов – Струмица низ историјата – Разловечко и Кресенско востание

Во периодот пред овие две востанија во Струмица покрај активната борба за свои цркви и училишта, струмичани започнале полека да организираат и вооружен отпор. На самиот почеток зборуваме за стихиен отпор, предводен пред се од ајдуците, но со текот на времето тој станува се помасовен и сѐ поорганизиран.

Не постои само една причина за ваквиот тренд во струмичко, туку неколку, вклучувајќи ги тука економските, социјалните и политичките, кои речиси секојдневно се влошувале. Еден од најважните фактори било претворањето на струмичкото селското население од слободно во чифличко. Посебно затоа што овој процес бил спроведуван со огромни притисоци, измами, лихварско заробување, а и убиства.

Османлиските бегови и големци, а и обични насилници кои се дочепале до некоја моќ, почнале да пројавуваат тенденции да создадат чифлизи, што била економски најисплатлив вид на експлатација. За да ги остварат своите цели тие најмувале и се служеле и со оружени банди.

Таков е примерот со извесен Исим-ќаја, кој си зацртал дека мора да го почифличи селото Три Води. За таа цел тој со својата банда најпрвин го малтретирал, па потоа се преправал дека го „заштитува“ од други банди, за на крај благодарејќи и на оваа тактика да стане голем чифликсајбија. Сличен бил случајот и со познатиот Каргалија.

Овие муслимански банди, кои биле под директна контрола на беговите, тероризирале неколку села. Во Ново Село на пример биле убиени неколку селани, многу често било напаѓано селото Рич, од селото Хамзали биле протерани сите македонци, а во Куклиш, куќата на Аџи Велко била дури четирипати напаѓана. Ваквите напади придонеле, селаните од поблиските села да се преместат во Струмица, затоа што животот во градот бил посигурен.

А. Костенцев

Теророт во струмичко не бил ограничен само на беговите муслимански банди, напротив, патријаршиски митрополити, биле речиси исто интензивни. Сведоштва добиваме од писанијата на А. Костенцев кој раскажува како во Робово, гавазот на Јеротеј ги нападнал селаните, кои заедно со синовите на дедо Мицо го разоружале, врзале и истата ноќ заедно со владиката, ги протерале од селото. На овој случај можат да се додадат и многуте случаи на масовно затворање на луѓе по барање и наклеветување од грчкиот владика и неговите месни агенти.

Така се развил и еден интересен тренд, кога чифлигари ќе се судреле со беговите, тие обично пребегнувале во ајдуци, а кога ќе влезеле во судир со Патријашијата и нејзиниот обид да ја грцизира Струмица, обично завршувале по затвори. Најдобар пример е познатиот македонски револуционер Димитар Поп Георгиев — Беровски, кој своето прво одење во затвор го имал токму заради еден ваков судир.

Интересно е тоа што тешко е да се каже кога се работело само за клетва од грчките владики, а кога тоа било наместен случај од властите, затоа што тие често многу тесно соработувале. Ваквата соработка се должела на фактот што будењето на македонската свест, дали во национална или црковна смисла претставувала голема опасност за нив.

Димитар Поп-Георгиев Беровски

Тоа довело до „војна на два фронта“ за струмичани, која брзо ја зафатила котлината. Во овој период пред востанијата настанала и една легенда за која за жал постојам само малку податоци. Се работи за Корчо, наречен уште и Левент Корчо, роден во Сарај, кој го запалил и изгорел чифлигот на Каргалија, од каде го спасил татко му, кој тука бил затворен. Потоа побегнал во непознат правец и секоја трага му се изгубила.

Констадин Шулев

Овој настан кој се случил кон средината на XIX век, бил речиси паралелен борбата која во пределите северно од Струмица ја водел прочуениот дедо Иљо Малешевски. Струмица посебно се активирала по доаѓањето од Серес на познатиот српски емисар Стефан Верковиќ, кој бил добар пријател со Дедо Мицо од Робово. Тој со себе донел вести дека балканските нации почнале да се ослободуваат. Од овој период останал запаметен разговорот помеѓу Дедо Мицо и Костадин Шулев, во кои на пофалбата на Костадин дека можеби ќе се ослободат од одредени грчки владици, Дедо Мицо одговорил:

„Друго, друго нешто да ми кажеш. Пак тие црнокапци ние ќе треба да ги раниме и облекуваме. Јас сакам таква (слобода), каква што имаат Грците, Србите, Власите и другите”.

Состојбата во струмичко прогресивно се влошувала па така во седумдесетте години од XIX век, кога започнала изградбата на пругата Солун — Скопје и некои други споредни патишта, струмичани биле задолжени да работат ангарија уште повеќе од обично. Следувала и лоша жетва во 1874 година, што значело премалку храна за прехрана на добитокот и негов помор.

Дедо Иљо Малешевски

Веќе наредната година 1875, во август во Струмица пристигнал солунскиот валија Омер Февзи-паша, кој бил задолжен со изградбата на патиштата, не за да им помогне на струмичани, туку за лично да назначи Градежна комисија. Претседателството на оваа комисија му ја дал на владиката Јеротеј, а во неа го поставил и струмичкиот кајмакам. Владиката Јеротеј оваа прилика ја искористи за да подмири стари долгови, што политички, што финансиски, и започнал со големо собирање на неисплатената владичнина.

Ваквото негово своеволно однесување довело до буна кај струмичани, па многумина завршиле во затвор. Кога за тоа чул жандармерискиот полковник Селим-беј, лично дошол во Струмица за да го испита случајот. Неговото доаѓање барем малку ја олеснило состојбата во Струмица, затоа што кајмакамот биле разрешен и преместен надвор од околијата, а Јеротеј разрешен од претседателското место.

Токму во овој период на Балканот избувнале Босанско-херцеговското и другите оружени востанија и војни (предизвикани од турското своеволие) што не само во Струмица туку и во цела Македонија довело до опожарувања, колежи и грабежи, на кои не им се гледал крајот. Во наредните осум години речиси цела Македонија била во постојано востание и борби, кои Османлиите конечно ги скротиле на крајот на тој период.

Поради својата стратешка важност како логистичка, така и економска, Струмица била погодена од речиси сите поголеми настани во царството. Таков е и примерот кој му претходел на Разловечкото востание. Имено во кога во 1876 година започнала војната со Србија и Црна Гора, турските власти во целиот Солунски вилает, вклучувајќи ја и Струмица, започнале насилно да собираат „доброволна” помош, или воен данок со цел да ја платат војната.

Карта на Разловечкото востание

Токму ваквите пеколни услови, довеле до востание кое се кренало на 8 мај 1876 во селото Разловци, Малешевско. Паралелите со Струмица постојат, затоа што и во Малешевијата фанариотската црква владеела со железна рака. За разлика од Струмица пак, отпорот тука се јавил многу порано и брзо станал многу по интензивен, што на крај довело и до анти-турско востание.

Малешевијата веќе во 1868 година активно се вклучила во преродбенското движење, а отпорот тука многу брзо пораснал благодарејќи на никој друг, туку на нашиот омилен „струмичанец“ со владиката Јеротеј. Во 1873 тој влегол во жесток судир со малешевци, и во затвор испратил около десетина првенци од овој регион. Неговата акција била со цел да го спречи нивното преминување во Егзархијата. Откако не успеале во овој обид, малешевци пробале да видат дали ќе се договорат со католиците, но и тој обид не „фатил корен“.

Знамето на Разловечкото востание

Ситуацијата толку ескалирала, и довела до такви борби, што лично морал да дојде и солунскиот валија. Наместо да се најде решение за настаната состојба, уште повеќе луѓе завршиле во затвор, а следувале и ограбувања и убиства, што расположението го претворило во анти-турско. Востанието избувнало откако во селото Разловци влегле собирачите на даноци.

Востанието го предводеле месниот поп Стојан и неговиот зет Димитар Поп Горгиев, наречен Беровски. Тие од порано започнале да го организираат востанието, и набавувале оружје од Солун. Самото востание било брзо задушено за неколку дена, но Д. Беровски, со една своја чета се сокрил во планината и ја продолжил својата борба.

Две години подоцна тој ќе се најде меѓу раководителите на уште едно востание, Кресненското, каде што бил назначен за „Началник на Штабот на Македонското востание”. Знамињата и на Разловечкото и Кресненското востание, на себе го носат името Македонија, со цел да го изразат својот чист македонски карактер.

Д. Поп Горгиев — Беровски, како револуционерниот лик е многу интересен затоа што имал доста директни и индиректни врски со Струмица. Тој бил син на попот Горги Димитриев од Берово, каде и се родил во 1840 година. Откако две години учел во Одеса, се решил да го напушти училиштето и како доброволец да и се придружи на српската војска во Белград, каде и го собрал своето своето војничко знаење.

Тука учествувал и во акцијата против турскиот гарнизон на Калемегдан, во познатото бомбардирање на Белград во 1862 година. Потоа, преку Цариград, се вратил во Берово за учител, а потоа дошол и одредено време живеел и работел во Струмица. Токму тука и се судрил со владиката Јоротеј, а овие судир го натерале да организира акција против него, со која Јеротеј бил протеран од Берово.

Колку за него била значајна Струмица, потврдува и самиот тој во своите лични писанија:

„Во мојата татковина бев го започнал црковното движење на своја сопствена издршка и при различни страданија во Струмица, Скопје, Солун и Цариград. Десет години работев, до 1876 година, а на осми мај за да им дадам на напорите политички вид, го кренав востанието во Пијанечко, Разловци и во Малешево”.

Првично пред востанието тој бил маркиран како бунтовник, и одреден период и тој а и неговите двајца браќа лежеле во струмичкиот затвор. Откако бил пуштен заминал во Солун, и започнал да го подготвува востанието. Неговиот план бил Малешевијата, како планинска и централна област за низа соседни околии, да стане еден вид центар и база за едно пошироко востаничко движење во овој дел од Македонија. Првичниот план било востанието да се започне и да ги опфати Пијанец, Малешевско, Штипско, Кочанско, Радовишко, Струмичко, Петричко и Мелничко.

За жал овие замисли останале неостварени, што се должи и на тоа што турската власт рано ја осуетила оваа опасност и сурово го задушила движењето. Заради тоа востаниците успеале да ги ослободат само Разловци, Берово и селата Владимирово и Митрашинци.

Колку сериозно власта гледала на оваа закана, може да се види и од воените архиви. Имено во Струмица и Радовиш биле доведени околу 500 војници, а во Петрич 1000 војници. Следувале масовни затварања на речиси сите поводни луѓе, за кои се претпоставувало дека се вмешани во организацијата. Тоа придонело затворите во Пехчево, Струмица, Ќустендил, Софија, Скопје и Солун, да бидат преполнети со оковани затвореници.

На 57 малешевци и седуммина струмичани им се судело во Софија, во Скопскиот затвор биле тешко мачени 18 души од Кочани и единаесет од Радовиш. Други историски извори велат дека „Струмичкиот кајмакам затворил шест души од христијанските првенци, замешани во буните во Малешево”. Овие првенци биле испратени на судење во Софија. Голем дел од затворениците не ги преживеале овие престои по затворите. Разловечкото востание, иако никогаш воено не започнало тука, завршило со тешки последици за целата струмичка околија, но е уште еден доказ за слободарскиот дух на овој регион.

Поради овие настани, големиот број затварања, убиства и измачувања, револуционерното движење во Струмица и струмичко било значително ослабено, и не успеало брзо да се реорганизира. Па така кога Кресненското востание започнало неколку години подоцна, струмичани не биле подготвени да земат учество.

Печат на Главниот штаб на Македонското востание

Имајќи ја предвид билизината на востанието, и фактот што ослободената територија била околу реката Струма, Струмица и од овој настан била сериозно погодена. Востанието се проширило и во огражденските села од Петричка околија, таканаречениот „Каршијак”. Оддек на востанието имало и во огражденските струмички села, а тогашните весници тврделе дека и Струмица била готова да се востане. Весниците тврдат дека војводата Иљо Малешевски и попот Костадин Буфски, се упатиле кон Струмица токму со таа цел. Ова мисија не е потврдена од други извори, и за жал до ново востание во Струмица на крај не дошло.

Акт за организациската поставеност на Македонското (Кресненско) востание од 1878 година, со кој се регулираат должностите на Штабот, на началниците и на востаниците

Следувал период на нова тортура над струмичани. На патиштата околу Струмица се појавувале муслимански банди, а ситуацијата до толку ескалирала што од Струмица до Удово можело да се патува само во придружба на така наречените „ѓавази“ – кои обично биле вооружени муслимани кои за пари нуделе вооружена придружба. Во овој период турската власт во Струмица почнала да населува мухаџири, избегани од Бугарија, Босна или од Србија.

Бранот на убиства, глад и сиромаштија кој следел по востанието, довело до бран на емиграции, и тоа на интелигенцијата, народните првенци и бунтовни поединци — учесници во востанијата и немирите, кои пребегнале во скорашно ослободената Бугарија. Ваквата ситуација одлично ќе ја искористат бугарските служби и државни апарати со цел да ја остварат својата идеја за голема Бугарија.

Писмо на Д. П. Георгиев

На теренот пак, иако „официјалните“ востанија во струмичко завршиле, следувал еден постојан вооружен отпор, кој се спроведувал преку чети на комити и ајдуци, кои активно се бореле со различни пропаганди. Во овој период се истакнал познатиот Костадин, меѓу струмичани наречен Бансколијата. Покрај народната легенда која постои за него тој се спомнува и во писанијата на неговиот современик Арсени Костенцев.

Костадин Бансколијата всушност бил роден во Барбарево, но го добил името Бансколија затоа што како домазет дошол во селото Банско. Тука започнала и неговата одметничка – ајдучка приказна, откако еден ден кога бегликчии (собирачи на данок од ситна стока), влегле во Банско, тој и се спротиставил и ги истерал од селото. Плашејќи се дека сигурно ќе биде или убиен, или во најдобар случај затворен, тој се одметнал и пребегнал во Ќустендил, кој во тоа време бил еден од најголемите центри на македонски бунтовници, а подоцна, и револуционери.

панорама на Струмица пред 1900 година

Тука Бансколијата ќе формира своја чета на која ќе и се придружат, еден ајдук од Богородица, Гевгелиско, Спиро од Шугово, Поројско, Ташко Богданцалијата, некој Цоко од Моноспитово, Димитар Салмата од Штипско и други. Четата се префила во струмичката околија и имала свои јатаци во селата Белотино, Рич, Варварица, Три Води и други, и еднаш на овој терен се судрила и со турскиот аскер, битка во која Бансколијата бил ранет.

Бансколијата во Струмица и струмичко со својата активност оставил силни траги. Во Сушица тој присили еден чифликсајбија да им го продаде чифлигот на селаните. Тој исто така вршел и диверзантски и герилски акции, а со неговото име се поврзува и убиството на двајцата Турци на „Елезов мост” кај Муртино.

Бансколијата е одраз и на револуционерната борба и по востаничката состојба во Струмица и струмичко затоа што неговата чета и дејствување не се само продолжување на востаничката вооружена борба, туку се и предвесник на ВМРО и нивното формирање и доаѓање во Струмица кон почетокот на деведесетте години од XIX век.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading