Времеплов – Струмица низ историјата – промена на општествено уредување под Османлиите

По своето потпаѓање под Османлиите, Струмица ќе доживее не само големи етнички, религиозни туку и социо-економски промени. Домашните македонски крупни феудалци многу брзо ќе ја загубат својата повластена позиција. Покрај нивната политичка позиција тие набрзо ќе ги загубат и земјиштата и своите поседи. Единствена опција која им била понудена за да го задржат својот имот е да преминат во ислам.

Спахии, наречени уште тимариоти, биле војнички сталеж, од кој пак се регрутирал и сиот општествен и државен владеачки апарат.

Со освојувањето на Струмица, градот и целата нејзина околина станале сопственост на султанот. Како што било обичај, тој задржувал дел од земјиштето, за свое користење, а поголемиот дел од имотите ги делел на поважните воени команданти-спахии. Спахиите, наречени уште тимариоти, биле војнички сталеж, од кој пак се регрутирал и сиот општествен и државен владеачки апарат. За добиените тимари (земјишни поседи), чијашто големина зависела од војничките способности и заслуги на командантите, секој еден од нив бил должен на барање од султанот да се јави со одреден број вооружени коњаници. На овој начин се регрутирала спахиската војска.

Податоците кои постојат за Струмица од овој период им ги должиме на праксата која Османлиите ја имале по заземањето на некоја територија, да извршат катастарски пописи на земјите, преку кои целата мрежа од спахилаци (тимари и зијамети) и со нив поврзаните спахии, била распространета врз дадена област.

Во овој процес на ново закрепостување, постои голема разлика помеѓу македонското население, кое им било доделувано на спахиите заедно со имотот, додека пак муслиманското селско население, иако во ова време се сметало за раја не било закрепостено.

Ваквиот систем на општествено уредување во Струмица, изграден веднаш по турското освојување, ќе се задржи дури до 1839 година, кога него ќе го замени чифличкиот-феудален систем. Со ваквиот воено-феудален систем била изградувана и османлиска управна, судска, верска и друга месна власт.

По доаѓањето на Османлиите струмичката околија, ќе биде оставена да биде дел од Ќустендилскиот санџак, некако по инерција, затоа што санџакот бил формиран на база на поранешната држава на Деановиќи. Нешто подоцна кон средината на XIX век, кога биле спроведени управните реформи во Турција, Струмица ќе биде вклучена во Солунскиот вилает. Струмица ќе остане дел од Солунскиот вилает се до Балканските војни и заминувањето на Турците.

Од Евлија Челебија дознаваме дека Струмица во XVII век била административно седиште на околијата. Тој пишува дека таа била војводилук, во кој управувале муфтија, градски војвода, сердар на јаничарскиот одред, претставник на владините спахии, баџар (пазаришен даночен чиновник), повеќе првенци и угледни граѓани итн.

Во овој период на Османлиско владеење турското население во Струмица се делело во две основни класи: војничка класа (аскер) и трудбеничко население, раја. Велиме турско затоа што освен при присилното собирање на христијански деца – јаничари, струмичани не учествувале во војничката класа.

Во зависност од тоа дали живееле во градот или селата, постоела голема разлика во привилегии меѓу струмичани. Имено, статусот на градското население, муслиманско или немуслиманско, иако и тоа се сметало за раја, бил далеку подобар, отколку на селското. Од друга страна, и селското население, зависно од тоа дали било христијанско или муслиманско, по својата положба се разликувало.

Муслиманите секогаш се наоѓале во многу поповолна положба. Од нив, на пример, не се собирале најтешките државни даноци. Од историските документи со сигурност знаеме дека се до крајот на XVIII век најголемиот дел на струмичани живееле по околните села. Како трудбеничко и поробено население струмичани биле подложени на груба експлоатација како од феудалците спахии, така и од страна на државата.

Обврските на струмичани биле многубројни: тие не можеле да го напуштаат селото, односно земјата што ја обработувале без согласност на господарот; биле должни да плаќаат разни даноци во пари, во натура или во работа на спахијата врз чиј спахилок живеел.

Струмичкиот селанец исто така имал и извесни права врз земјата што ја обработувал: таа се предавала по наследство; а под определени услови тој дури можел и да ја продаде. Од неа, струмичани не можеле да бидат самоволно истеран. Што во превод значи дека земјата што ја обработувал и врз којашто го нашле османлиските освојувачи била всушност и во сопственост на селаните.

Струмичани сами си го воделе своето стопанство и понекогаш се стремеле и да ја прошират обработуваната земја која ја поседувале. Овие права за жал, струмичани ќе ги изгубат со подоцнежните промени кои ќе настапат со почифлигувањето, а со тоа и правата на делумна сопственост врз земјата која дотогаш се сметала и царска, и спахиска, но и нивна.

Во овој период во Струмица постоеле и имоти, најчесто составени од ниви, лозја, ливади и воденици
што претставувале исклучива сопственост (на спахијата или) на султанот, или на неговите роднини и везири. Тие биле таканаречените хасови, хаса-имоти.

На овие имоти струмичани биле должни бесплатно и по пат на ангарија да ги обработуваат. Оттука потекнува и познатата струмичка изрека:

Дека е Киро, под кирии, шо работе ангарии.

Покрај бесплатниот труд кој морале да го дадат, струмичани имале и многубројни давачки и даноци.

Основниот данок бил ушурот, кој изнесувал една десеттина од приносот. Потоа, се ределе разни други даноци, давачки и ангарии. Сите државни даноци оделе во државната каса и се трошеле главно за издржување на јаничарската (и друга наемничка) војска.

Особено тешки биле вонредните даноци, расфрлувани најчесто во време на големите турски воени походи. Така, на пример, во мај 1566 година султанот од Цариград, со најостри закани им наредил на кадиите во Струмица, Штип, Скопје и уште десеттина други соседни македонски, бугарски и српски
околии да соберат од населението вкупно 223.690 овци и да ги испратат во Белград.

Причина за ваквото барање на султанот било тоа што се готвел за поход против Австрија и тој наредил овој контингент од овци, во потполност, на време, здрав да биде во Белград пред пристигањето „на царската армија”. Во наредбата до кадиите стои овците да ги доведат сопствениците или нивните полномошници. Струмичкиот кадилук бил должен за овој контингент да даде стадо од 25.900 глави овци.

Собирање на харачот од рајата

Еден од најтешките даноци кои струмичани морале да го плаќаат бил харачот (или џизи) кој се собирал по глава од христијанското машко возрасно население. Овој данок претставува компензација за тоа што султанот — победник, им ги „подарил” животите на победените машки глави од покорените народи. Затоа, муслиманите биле ослободени од плаќање на овој данок.

Најтежок данок за струмичани секако бил „данокот во крв”, наречен девширме. Младите струмички христијанчиња биле одземани од своите родители и носени во султановата војска да служат како јаничари. „Данокот во крв” се собирал се до почетокот на XIX век, кога бил укинат јаничарскиот корпус како војнички ред.

Слика од XV век каде е претставено собирањето „девширме“ или „данокот во крв”

По периодот на адаптација и населување и етаблирање на турскиот апарат, Струмица полека почнала да го враќа своето значење како трговски, земјоделски центар. Во струмичко покрај големото производството на жито, како мошне важна стопанска гранка и натаму останало сточарството. Колку сточарството било развиено видовме и од бројката на овци која султанот ја барал од Струмица.

Покрај сточарството во Струмица одгледувале и коњи за нивните воени потреби. Во овој период Струмичко, за прв пат ќе бидат донесени биволи, кои дотогаш во Македонија не биле познати. Биволите, на Османлиите им биле потребни за влечење на тешки товари, особено на топови.

Османлиите со своето доаѓање за прв пат ќе донесат и повеќе нови земјоделски култури, како памук, ориз, и сусам, а подоцна се прошириле тутунот (донесен од Америка) и афионот. Во овој период за прв пат ќе бидат донесени и лубениците.

Па така веднаш по нивното доаѓање Османлиите не само што ќе го променат етничкиот состав на котлината, туку и значително ќе го променат општественото уредување во Струмица. Ваквиот процес ќе придонесе македонското население да се повлече по селата и оддалечи од градот, и да одбие да се меша со Османлиите кои биле и од друга вера. Од друга страна, силната Османлиска империја на оваа плодна површина ќе донесе неколку различни животни и растенија кои значително ќе ја променат Струмица и околината засекогаш.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading