Времеплов – Струмица низ историјата – населување на Огузите и Јуруците

Како што веќе споменавме во претходниот времеплов во 1395 година, Струмица целосно ќе потпадне под Османлиска контрола. Доаѓањето на османлиските војници ќе донесат црни времиња за струмичката котлина. Со цел полесно да ги контролира ново освоените територии, османлиската управа со себе носела племиња од другите делови на империјата. Струмица ќе стане жртва на таквата политика, затоа што набрзо по нејзиното заземање ќе започне и замената на населението.

3Д претстава на Цареви Кули во средниот век

Не треба да се заборави дека овој процес започнува, веднаш по Маричката битка, каде што многумина струмичани ќе загинат. Да биде уште полошо, по битката започнува десет годишен период во кој следуваат, неконтролирани пљачкања, присилни иселувања и поробување на струмичани, што довело до испразнување на селата, од кои дел и престанале да постојат.

Со тоа полека се отворило простор за доселување на лојалните османлиски поданици. Голем дел од колонизаторите доаѓале со самата војска, и се доселувале со целата своја стока и покуќнина. Ваквата колонизација имала за цел да ја зацврсти новата власт во Струмица и да ги обезбеди стратешки значајните патишта.

Цареви кули гледани од птичја перспектива, пред доаѓањето на Османлиите. Со нивното доаѓање тврдината полека ќе почне да ја губи својата важност пред и целосно да биде напуштена

Бидејќи Струмица уште во тоа време лежела на важниот стратешки пат кој од Тракија и Драма, преку Серес и Петрич, водел кон Штип и Скопје, таа се нашла под силни колонизациски удари. Покрај важните патишта кои оттука поминувала, плодната Струмичка котлина била повеќе од привлечна за новите доселеници. Уште во првиот бран, турското население се населило во самиот град и во околните села.

Првите податоци за етничкото потекло на доселениците во Струмица ги добиваме од познатиот турскиот географ и патеписец Евлија Челебија, кој ја посетил Струмица во 1670 година. Во своите пишани документи тој тврди дека турското население во Струмичко потекнувало од една група од туркменското племе Огузи. Тој споменува дека во Струмичко имало и Јуруци, кои биле „правоверни и добри муслимани”. Доселувањето и на јуручкото население започнало доста рано, но во почетокот нивниот прилив бил слаб и бавен.

Племето Огузи

Постојат и други историски документи кои потврдуваат дека овој процес бил намерно изведен процес, и дека турската централна власт активно го поттикнувала доселувањето на Јуруци во Струмица. До ден денес постоја зачувани султански акти кои го потврдуваат овој факт. Процесот на доселување на Јуруците во Струмица посебно се засилил особено во втората половина на XVI век.

Карта на која се гледа доселувањето на Јуруците во Струмица. Поточно тука се доселиле Јуриците од регионот Селаник во Анадолија

Интересен е податокот дека Јуруците на почетокот на своето доселување биле номади (сточари), и во потрага по пасишта за своите стада, постојано се селеле од еден во друг крај. Имено тие не биле сметани за „вистински Турци“ и се разликувале од нив по потекло, а донекаде и по јазикот, иако биле етнички блиски до нив.

Токму поради ваквото нивно потекло, ним не им се допуштало да држат државни функции, и биле третирани како како одделен (донекаде привилегиран) социјален слој. Сепак, по нивното доселување во Струмица тие го напуштиле номадството и се решиле да останат во нашиот регион и тука да основаат свои села. Со нивното доаѓање во Струмица тие ги ги истиснале дотогашните сточари – Власи.

Слика од племето Јуруци

За жал, не постојат историски документи од кои може да се види колкав бил нивниот број и кога точно се доселиле во Струмица, но со сигурност може да се каже дека нивниот број никогаш не го надминал бројот на македонското селско население во струмичките села. Ситуацијата во самиот град била малку поразлична. Во него турското население по бројност далеку го надминувало македонското и друго христијанско население.

Пристрасниот Евлија Челебија, за својот престој запишал дека „насекаде гледа само Турци и муслимани“. Во неговите пишувања тој тврди дека за време на неговиот престој Струмица имала 2040 куќи, но не соопштува речиси ништо за тоа каков бил составот на населението.

Сепак, во продолжение на своите пишувања тој споменува дека во Струмица биле добро застапени трговијата и занаетчиството, дека овде само повремено навраќале ерменски трговци, дека имало две христијански и неколку манастирски цркви, што посочува дека во градот се уште живееле голем број македонци.

Евлија Челебија

На едно место во својот опис на Струмица, каде што ја опишува тврдината Цареви Кули, тој вели дека таму живееле „нешто христијани, мартолози”. Нешто подоцна во своите пишувања за градот ќе спомене дека македонците живееле во одделна маала од турците, а ќе спомене и дека во времето на неговата посета во Струмица имало и „едно еврејско маало”.

Пред Евлија, Струмица ја посетил уште еден турски патеписец и писател, Хаџи Калфа. Но, и неговиот опис е доста шкрт и многу пократок. Во неговиот опис тој зборува само за турските куќи, за верските и јавни објекти во градот, без да спомене што и да е за составот на населението.

Хаџи Калфа

Првите конкретни податоци за населението во градот ги добиваме од турски попис (дефтер), од XVI век. Во него можеме да видиме дека во Струмица имало 455 муслимански, 138 христијански и 3 еврејски домаќинства. Интересен е податокот за еврејските семејства кои живееле во Струмица, а кои се доселиле уште пред доаѓањето на Турците.

Ловечки прстен пронајден во Водоча, некаде околу времето кога се доселувале Османлиите. Прстенот е направен од еленски рог

Во втората половина на XIV век уште повеќе еврејски семејства ќе се доселат во Струмица, најверојатно преку Солун од каде и доаѓале затоа што бегале од Шпанија, Португалија и јужна Франција каде што биле прогонувани од католичката инквизиција. По нивното доаѓање во Македонија се населувале во позначајните трговски центри и многу придонеле за оживување на трговијата и занаетчиството во империјата, поради што со отворени раце биле примани од османлиските власти.

Според некои историски податоци во Струмица кон крајот на XIX век имало околу 700 Евреи. Но, во текот на војните за Македонија (1912—1918 година) тие или се иселиле, или загинале. Околу 1920 година, во Струмица имало останато само уште тројца Евреи. Еден наш сограѓанин евреин посебно се истакнал како теолог, филозоф и раководител на Солунската равинска (еврејска богословка) академија. Имено, Даниел Иструса (што значело од Струмица) во XVII век бил раководител на Солунската Академија, а тука и напишал теолошки публикуван труд, кој и денес постои.

Прстен пронајден во Водоча, на кој е претставен змеј како ознака на припадност кон витешки ред. Редот на Змејот бил витешки ред кој непрестано се борел со Османлиите и пред и по нивното доаѓање во Струмица

Со доселувањето на Турците, етничкиот состав на селата значително ќе се измени. Селата за кои со сигурност знаеме дека постоеле од порано, или станале мешани, македонско-турски, со одделни македонски и одделни турски маала (Вељуса, Банско, Габрово, Мокриево); или чисто турски (Штука, Сушица, Борисово), а биле создадени и нови, чисто муслимански села.

Не постојат голем број пишани докази, дали подоцна -турски села, како што станале Свидовица, Еднокуќево, Нова Маала и некои други постоеле и пред нивното доаѓање, но имајќи ги предвид нивните очигледно македонски имиња, тоа може да се претпостави. Дека во овие села порано живеело македонско население сведочат и народните преданија.

На некои струмички села Турците им ги измениле и имињата: Добрево — Добрешинци, Алексино — станало Нова Маала, а Каменица — Чанакли. Некои села како на пр. Напод, целосно исчезнале.

Новите села, кои ги основале Османлиите, се следниве: Хамзали, Чанакли и Гечерли, Чепели, Мемишли, Дорлобос.

Ваквото населување навистина придонело целосно да се измени етничкиот и религиозен состав на котлината. Тоа придонело положбата на населението да биде многу понеповлна на пример, во Шумадија и Србија каде што Турци имало само по градовите. Овој факт го отежнал и дигањето востанија и способноста на населението да се ослободи од турскиот јарем.

Интересен е фактот што Османлиите се обиделе да го променат името на Струмица и да го натераат населението да го користи турскиот назив Уструмџе или Уструмџа. Овој обид бил неуспешен.

„Ова е Острумџа“ Илустрација на Петар Шнор од 1908 година за книгата „Во клисурите на Балканот“ на Карл Меј

Со текот на времето поради фактот што струмичани како христијани биле исклучени од воена служба, бројот на македонското население прогресивно се зголемувал и неколку кратко ги наминал доселениците. Турците се обиделе својата бројност во Струмица да ја зголемат со нови доселувања и тоа во осумдесетте години на XIX век.

Давање на облека на турските бегалци во Шумла, 1877 година.

Поради војните кои ги водела, како што се Српско-турската (1876—78) и големата и последна
Рускотурска војна од 1877—78 година, Турција изгубила нови пространи територии (Бугарија, делови од јужна Србија, Босна и други) поради што во Македонија од овие соседни земји надошле нови турски доселеници, таканаречените мухаџири (маџири).

Мухаџири во Цариград во 1912 година

Според испитувањата на проф. Љубен Лапе, само во Солунскиот вилает, на кој тогаш му припаѓала Струмичката каза (околија), се населиле околу 60.000 мухаџири. Доста голем дел од нив дошле и во Струмичко. Токму во овој период во градот било формирано новот „Маџир-маало” чие име и до денес се задржало.

Махаџирско семејство

Па така можеме да заклучиме дека за 530 години колку што се задржало османлиското владеење постојано се обидувало да го промени етничкиот состав на Струмица, а со цел да ја задржи контролата над котлината.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading