Времеплов – Струмица низ историјата – Османлиите доаѓаат

Пред доаѓањето на Османлиите, Струмица била дел од државата на браќата Деановиќи. Токму поради нејзината поволна географска положба, и значајна трговска и производствена дејност со која се одликувала, таа да биде една од првите цели за освојување.

Карта на која се прикажани освојувањата на Османлиите и нвивното влегување во Струмица

Со оглед на тоа што по префрлувањето на Османлиите преку Босфор, и освојувањето на Одрин, Турците дошле до границите на деспот Угљеша, браќата Деановиќи биле и повеќе од свесни за престојаната опасност.

Браќата Деановиќи, откако ја согледале претстојната опасност, решиле да соберат војска и од струмичко, која во септември 1371 година, ќе им се приклучи на 60.000 војници, кои под водство на Углеша и Волкашин ќе се упатат кон Одрин, со цел „да ги изгонат муслиманите од Македонија”.

деспот Јован Драгаш

Браќата Деановиќи на крај решиле да не заминат лично и да учествуваат во битката на Марица, но, затоа со сигурност знаеме дека неколку илјади струмичани загинале во истата. Ваквиот заклучок е потврден и од историчарот С. Новаковиќ кој тврди дека за овој поход војски дале само земјите на југ од Шар Планина, т. е. Македонија, и тоа државите на Волкашин и на Угљеша, на Богдан (околу Дојран, Кукуш и Гевгелија) и на Деановиќите, меѓу кои и Струмица.

граници на Струмичката каза откако Османлиите ќе ја запоседнат

По големиот пораз кој го доживеале во битката на Марица, македонско-српските вазали морале да ја променат својата лојалност и да почнат да им плаќаат данок на султанот. Како и Крали Марко, така и браќата Деановиќи продолжиле да владејат со Струмица како полу-независни властодршци.

Во следната, 1372 година, со голема војска тргнале во поход на Ќустендил и Струмица. Константин Деановиќ, немал доволно сили да им се спротивстави, па морал да стане турски вазал. Тој успеал да се договори со Турците и со тоа задржал некаква внатрешна самостојност, но под услов да им плаќа годишен данок и војнички да ги помага нивните идни походи.

„Ова е Острумџа“ Илустрација на Петар Шнор од 1908 година за книгата „Во клисурите на Балканот“ на Карл Меј

Но, набргу Струмица целосно ќе ја загуби својата независност, затоа што Драгаш ќе почине, а Константин Деановиќ ќе загине во битката со влашкиот војвода Мирче, во 1395 година. Тој тука учествувал како турски вазал, бидејќи била негова обврска да обезбеди војска за походите на турските султани.

Ваквата состојба на теренот се докажува и преку повелбите, издадени во Струмица и Ќустендил помеѓу 1377 и 1381 година од мајката на Деановиќите, „царицата” Евдокија. Многу е веројатно дека турските војски веќе ја прекршиле спогодбата со Константин пред неговата смрт и воено влегле во Струмица пред 1395 година затоа што последната повелба и дарување од мајката на Деановиќите (која загрижена за својата лична судбина како да го распродавала „царството” и забрзано подарувала села на светогорските манастири) била од 1381 година.

Фреска од Царица Теодора- подоцна монахиња Евдокија

Друг интересен податок е тоа што Османлиите во Струмичко дошле од Серско, а истиот се потврдува и од едно народно предание кое тврди дека се појавиле од таа страна, т. е. од југоисток. Поради тоа и еден од највисоките врвови на Беласица, над селото Мокриево, бил наречен Турковец. Па така со сигурност можеме да заклучиме дека во 1382 или 1383 во Струмица веќе биле стационирани турски војски.

Со влегувањето на Османлиите во Струмица ќе започне една нова трагична епизода во струмичката историја. Имено градот и околината ќе бидат подложени на пљачкање, убивање, присилно доселување и отселување на населението, многу струмичани ќе бида одведени во ропство, и со овој процес ќе се уништи средновековна Струмица.

Судбината на Струмица ќе биде навистина тешка затоа што во Македонија таа ќе биде еден од првите градови кои ќе бидат освоени а и последни ослободени.

Најдобар опис на тоа што се случувало имаме во описите кои еден, монах современик на овој период ги запишал:

„И таква неволја и несреќа ги залеа сите градови и земји западни, какви што ни уши слушнале, ни очи виделе. По убиството на овој храбар човек, деспот Угљеша, Исмаилчаните (Турците) се распрснаа и полетаа по сите земји како птици во воздух, и едни од христијаните со меч ги колеа, други во ропство ги одведуваа, а останатите немила смрт ги покоси; оние пак, што ја избегнаа смртта (убиството) гладот ги погуби, зашто завладеа таков глад по сите страни, каков што не е имало од создавањето на светот…. Остана земјата опустена од секакви богатства: од луѓе, од стока, и од други плодови, зашто немаше ни кнез, ни водач, ни наставник меѓу луѓето. И навистина луѓето тогаш ги сметаа за среќни оние, кои беа порано умреле”.

Монета приврзок пронајдена во Водоча

Имајќи предвид дека Струмица во тоа време била манастирски центар каде се препишувале книги и имало учени монаси, историски докази можеме да најдеме и во манастирски книги. Во нив се вели дека народот бил предаден „во раце беззакони и мрски”, дека, завладеало „запуштение и скорб велика од безбожних Исмаилтјан” итн.

Османлиски монети пронајдени во Цареви Кули

По освојувањето и опустошувањето на Струмица, Османлиите веднаш ќе пристапат кон колонизација на опустошените македонски села (од кои некои и исчезнале), и таму ќе доселат племиња од Анадолија. Со ваквиот процес полека влегуваме во новата ера за Струмица која ќе трае повеќе од 500 години. (точно 530 години ако 1382 година се земе како годината кога Струмица е конечно освоена).

Обетка пронајдена во Водоча

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading