Како што спомнавме по падот на Македонската држава основана од Цар Самоил, Струмица повторно потпаднала под Византија. Но околу 1180 година поради внатрешни превирања а и големата опасност од Второто Бугарско Царство, Византија ќе почне да ја губи власта над Струмица.
По падот на Византија и период на сеопшт хаос, локалните феудалци, се обидувале максимално да ја искористат ваквата новонастаната ситуација и да се издигнат колку што можат повеќе. Еден таков човек, кој византиските историчари го опишуваат како човек кој бил превртлив и лукав и политички сончоглед, кој постојано ги менувал своите сојузници, ќе се осамостои во Струмица. Неговото име е Добромир Хрс (или Хрис).

Снаодливоста на Хрс ќе дојде до вистински израз во тоа што тој во Струмица ќе успее да создаде мала независна феудална држава. За неговото потекло нема сигурни податоци, но се претпоставува дека потекнувал од македонското феудално племенство од самиот струмички регион.
Она што со сигурност се знае е тоа дека околу 1185 година Хрс, имајќи ја в раце Струмичката тврдина и околу 500 војници под своја команда, се прогласил за самостоен господар на Струмичката област.

Хрс знаел дека е во подредена положба, и се чувствувал воено слаб, па така се решил да кокетира со Византија, и да се приклучи во борбите против бугарското востание, затоа што поради географската блискост, Бугарија претставувала најголема опасност по Струмица.
Хрс постојано играл двојна игра, па во исто продолжил да ја шири територијата на Струмица, за сметка на Византија. Ваквиот развој на настани придонел, тој да биде заробен и затворен од страна на византијците. Неговото затварање било еден вид политички маневар, се со цел да се осуети евентуалното негово поврзување со крстоносците коишто, заземајќи ги привремено градовите Бер, Воден и Петрич „со целата нивна околна територија”, дошле до од него контролираните области.

Но, Хрсовото затворање се покажало краткотрајно. Во време во кое политичките интриги и игри биле на самиот врв, Византија сметала дека е многу подобро да го ослободи и да му ја врати Струмица. Неговата нова задача била да ја брани Византија „од варварските навлегувања”. Кога велат варварски навлегувања византиските извори најверојатно мислат на нападите од Бугарија. Она што навистина му помагало на Хрс во сите негови политички зделки е не само стратешката положба на Струмица, туку и фактот што тој уживал голема популарност помеѓу населението во струмичката котлина.

Една од главните способности на Хрс е тоа што со својата политичка лукавост секогаш знаел да ја сврти во своја корист моменталната состојба на теренот. Па така користејќи го моментот создаден од династичките борби во Византија, присуството на крстоносците, навлегувањето на Бугарија од една, и на Србија од друга страна, пак им го завртел грбот на Византијците и продолжил да работи на зајакнувае на својата Струмичка држава. За да ја оствари таа цел, тој ги снабдил Цареви Кули со потребното оружје и храна, склучил сојуз со бугарскиот цар Калојан и со струмичката војска навлегол во Серската област.
Кога увидел дека постои воен вакуум, се свртел кон долината на Вардар и ја освоил тврдината Просек, на влезот на Вардар во клисурата кај денешната Демир Капија. Со овие воени маневри, не само што се здобил со ново-освоени земји, туку и значително ја зголемил територијата на Струмичката држава.
Она што е значајно за Струмица по освојувањето на тврдината Просек е тоа што центарот на Хрсовата држава од градот се преместува во тврдината Просек. Оваа тврдина, која била изградена врз една од високите стрмни карпи на влезот во клисурата, не само што била стратегиски важна, туку за тогашната воена техника и неосвоива. Просек за Хрс сега станал поважен и од Цареви Кули, па така Струмичката држава својот главен град го преселила во Просек.

Ваквиот развој на настаните и значителното проширување на независната Струмичка држава сериозно го уплашила новиот византиски император Алексеј III. Иако тој поодамна се готвел за поход против Хрс, до војна помеѓу двете држави дошло дури во 1199 година. Колку император ја сметал Струмица за сериозна закана зборува и фактор што лично тој командувал со византиските војски, кои се упатиле директно кон Просек со цел да постават опсада и да го натераат Хрс да се откаже од својата независност.
Но, тврдината се покажала неосвоива и походот и опсадата завршиле неуспешно, поради што императорот ја кренал опсадата и решил да се врати назад. Не можејќи понатаму да војува, ниту да остане со војските во Македонија, Алексеј III бил принуден да стапи во преговори со Хрс.

Ваквиот развој настаните Хрс успеал да го искористи максимално. Византија морала да склучи мир и да го признае Хрс за независен владетел на Просек, Струмица и многу други околни земји и помали тврдини. Со тоа и официјално Струмичкото независно феудално кнежевство водено од Хрс била признаено во границите кои ги опфаќале регионите по средниот тек на реките Струма и Вардар.
Според тој мировен договор новата граница помеѓу Византија и Хрс (Струмица) на запад таа допирала до Прилеп, а на исток до Серската област. Но тука не бил крајот на амбициите кои Хрс ги имал. Тој решил да продолжи со натамошно војување и проширување на струмичките територии. За таа цел Хрс скопиле неколку политички брака ( се оженил со неколку различни Византијки) од кои најкорисен ќе се покаже бракот со ќерката на византискиот големец и крупен богаташ Мануил Камица.

Овој поход значително ги проширил границите на Струмичкото кнежевство, но амбициите на Хрс не застанале тука. Тој и Камица своите војски сега ги свртеле кон Тесалија, каде што Мануил Камица, освојувал територии за своја сметка. Нивната политичка умешност се покажала и во тоа што дури успеале да ги кренат на бунт против централната власт Стара Грција и Пелопонез.
Ваквите големи успесите на Хрс и Камица јасно му покажале на императорот дека веднаш мора да реагира, пред да биде предоцна. Император уште во првиот погоден момент собрал голема војска и решил да ја подели на два дела за да изврши два симултани напади, едниот на Камица а другиот директно на Хрс.

Меѓутоа, откако и овој воен поход се покажал предолг а и на крај безуспешен, императорот се решил преку дипломатија да ја примени старата римска максима: „Раздели па владеј“. Преку своите дипломати тој му пристапил на Хрс кој утврден во Просек бил воено недопирлив, со цел да го поткупи.
Хрс занесен од своите успеси и преценувајќи ја својата лукавост, ќе ја прифати понудата на императорот, а за возврат ќе добие богати подароци и византиската убавица Теодора за нова жена. Хрс затоа што ја прифатил понудата, ќе ја избрка ќерката на Камица, а него ќе го остави на цедило во битката со Византијците во Тесалија. Ваквата одлука ќе се покаже кобна, затоа што штом Алексеј III ќе заврши со Камица, со својата војска ќе се упати кон Струмица.

По долга опсада и битка во 1202 година Алексеј III ќе ја освои Струмица која, претставувала последно хрсово упориште. Со тоа ќе дојде крајот на независното Струмичкото кнежество. Тука на Хрс му се губи секаков траг. Не се знае дали тој загинал или просто само не се споменува. По неговото исчезнувањето Струмичкото кнежество ќе биде поделено помеѓу Византија и Бугарија — Струмица му припаднала на византискиот император, а Просек — на бугарскиот цар Калојан.
Самиот факт што император решил да ја задржи Струмица под свое владение покажува колкава е стратешката важност на овој регион не само во Македонија туку и на Балканот. Со исчезнувањето на Хрс во 1202 година, ќе исчезне и Струмичкото кнежество, но не за долго. Струмичкиот непокорлив дух набрзо уште една ќе избие на површина со појавувањето на Стрез.
