Времеплов – Струмица низ историјата – ранохристијански центар

Пред подлабоко да го опишеме настанот кој целосно ќе ја промени Струмица, т.е Беласичката битка, ќе направиме една мала диверзија и ќе се осврнеме на богатата ранохристијанска култура, историја и традиција со која нашата котлина навистина изобилува.

Остатоци од мозаик и крстови кои се пронајдени на локалитетот св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица

Имено, покрај црковните центри како што се Св. Петнаесет, Св Леонтиј, Св. Богородица Елеуса итн. присуството и активната работа на Св. Методиј и Св. Климент во котлината, Струмица може да се пофали дека е еден од најраните христијански центри на Балканот и дефинитивно еден од највлијателните христијански центри во Македонија.

Слики од конзервацијата на манастирот Св. Богородица Милостива (Елеуса)

Од достапните пишани историски извори, можеме со сигурност да потврдиме дека во самиот град Струмица постоеле барем три цркви. Тие три цркви, кои се сметаат за ранохристијански се Св. Петнаесет тивериополски маченици, Св. Богородица и Св. Стефан. Други цркви кои можеби егзистирале и во средниот век во градот Струмица, а историски се споменуваат малку подоцна се: Св.Никола, Св.Илија и Св.Константин и Елена.

Фреска на Св. Четириесет севастиски маченици, црква Св. Леонтиј, село Водоча, Струмица

Но, богат црковен живот не се водел само во самиот град. Струмичката котлина била навистина активен ранохристијански центар, па така од истражувањата на нашиот сограѓанин Душко Цветанов дознаваме дека во повелбите на браќата Драгаш, може да се пронајде фактот дека во нашата котлина се потврдени над дваесет населби. Во сите тие населби постоеле цркви, но за жал, само неколку од нив се спомнуваат во зачуваните повелби најдени во Света Гора, кои пред се се занимават со имотите околу самите цркви.

Средновековна црква „Св. 40 севастиски маченици“ – Цареви кули – Струмица

Во една од тие повелбите, издадена во 1372-1375 година, се наброени селата Макриево, Мокрани, Борисово, Габрово, Зубово, Робово, Наподу (Поду) и нивните локални цркви.

Остатоци од крстови пронајдени на локалитетот Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица

Во повелбите на Драгашите јасно е наведено дека во с.Габрово постоеле две цркви: Св. Архангел Михаил и Св. Георги. Во соседното село Под, кое денес е исчезнато, ја сместуваат црквата Св. Богородица. (црквата денес е сместена во атарот на селото Габрово). Црквата Свети Никола која се наоѓала во Мокрино, Свети Никола Колешин /ов/ во Мокриево, Света Петка Проданова во Борисово, и на крај и црквата Робанова во селото Зубово, кое се наоѓа во самото полето и е надвор од оваа редица на овие подгорски села.

Крстови пронајдени на локалитетот Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица

Како што веќе споменавме Струмица уште од антика се одликувала и со вешти раце, имено уште во раниот римски период на Цареви кули, активно се произведувале светилки кои се користеле а осветлување на домовите. Ваквата традиција ќе продолжи и во средниот век и раното христијанство, но ќе биде и надоградена. Имено, Струмица во овој период ќе стане еден од главните центри за производство на крстови. Според одредени податоци во и околу манастирот во Водоча, и црквата Св. Петнаесет постоеле работилници за изработка на крстови. Овие крстови биле надалеку познати и украсувале цркви насекаде низ Македонија.

Светилки пронајдени на локалитето Цареви кули – Струмица
Средновековни крстови – приврзоци пронајдени на локалитетот Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица

Покрај тоа што центар за производство на религиозни артефакти, во Струмица паралелно се развивала и писменоста, и се претпоставува дека неколку цркви вклучувајќи ги Водоча, Вељуса, Банско имале и свои библиотеки во кои исто така и активно се препишувале свети книги. Покрај писмената дејност пронајдени се и надгробни плочи со старословенско писмо, во кои се исклесани натписи. Еден таков натпис е пронајден во падините на Цареви Кули пред неколку години, во црква чие име се уште не е познато, но од остатоците може да се заклучи дека била богато живописана.

Остатоци од црквата пронајдена од Душко Цветанов – под локалитетот Цареви кули

Не е јасно дали нашиот сограѓанин Иван бил ктитор на оваа црква, или пак нејзин свештеник, но очигледно бил доста поврзан со самата црква, како што може да се види од самиот натпис кој гласи:

„Во месец мај, (на) 21 ден, почина слугата Божји Иван, вечна му памет“

Надгробна плоча напишана на старословенски, пронајдена под локалитетот Цареви кули – Струмица

Карактеристично за сите ранохристијански црки од овој период е тоа што биле богато украсени и живописани со фрески. Околу истите секогаш се наоѓале и некрополи каде се погребувало локалното население. Во тие гробови често се пронаоѓани и скапоцени накити кои укажуваат на фактот дека население во овој крај било добро ситуирано, и постеле семејства кои поседувале значителен имот, а биле подготвени и да платат за изградба на цркви и нивно фрескоживописување.

Крстови пронајдени во локалитетот Св. Петнаесет Тивериополски свештеномаченици во Струмица

Од овој дел на времепловот може да се види дека уште пред „Беласичката битка“, Струмица веќе била значаен културен, религиозен, трговски и културен центар. За превласт над овој регион се бореле сите соседни кралства и токму поради таа стратешка положба Струмица ќе биде подложена на разорувањето што ќе следи во 1014 година.

Остатоци од фрески пронајдени под Орта џамија – Струмица

Продолжува…

One response to “Времеплов – Струмица низ историјата – ранохристијански центар”

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading