Времеплов – Струмица низ историјата – Св. Методиј и Св. Климент Охридски

Во средината на IX век бугарските ханови Пресијан, а потоа и Борис (852—889), проширувајќи ја
постепено државната граница во Македонија, ја вклучиле и Струмичката област во пределите на тогашното Бугарско Царство. Во воените походи, преземани од Борис, земјите на Струмјаните биле подложени на разурнувања, пљачкања и поробувања.

Хан Пресијан

Во житието на Тивериополските маченици, се вели дека на Бориса „не малку народи му се покориле“. Струмјаните биле принудени да се признаат „себеси за робови“ и да ги исполнуваат наредбите на Борис.

Кнез Борис

Откако Струмица била заземена, бил склучениот мир меѓу Византија и Бугарија, па границата била поставена по планината Беласица. Половина век подоцна, во времето на Борисовиот наследник, Симеон, границата на Бугарија се придвижила значително понајуг, стигнувајќи на дваесеттина километри пред Солун. Вклучувајќи ги земјите на Струмјаните во својата држава, Борис нив ги организирал во новоосновани воено-административни единици, наречени комитати, на чело со управители-комеси. Меѓутоа, новото организирање на воено-административната власт, на терен многу малку ја променило дотогашна Струмица и односите меѓу населението.

Борис за Струмичката област го назначил комесот Дристр. Овие управители биле поставени од средината на месното население, зошто како домашни луѓе биле попогодни за новата функција, имено, да претставуваат врска помеѓу струмичките селски општини и новата, централна бугарска државна власт. Со ваквите назначувања барем дел од внатрешната автономија била зачувана. Причината за ваквите отстапки се криела во фактот што и Борис, слично како и Византиците пред него, наишол на отпор и тешкотии да ја покори Струмица. Историските документи посочуваат дека Струмијаните биле склони „кон дрскост и бунт“.

Истите извори тврдат дека: тој во почетокот спрема покорените Словени бил „кроток и благ“ и морал да им дозволи извесна внатрешна самоуправа.

Но, ваквиот отпор набрзо ќе се промени заради лакомоста и амбициозноста на локалните намесници. Носителите на месната власт наскоро се издвоиле од народот, станале зависни од централната власт и нејзини извршни органи. Тие веќе не биле племенски изборни кнезови, туку чиновници назначувани од бугарскиот владетел. Инаку, Струмичката област, во оваа рано-феудална епоха, останала во составот на Првото бугарско царство до неговото уништување во 971 година (кога за кратко време и во неа се вратила византиската власт, која со второто востание на Самоил ќе биде срушена).

Констанс II

Со цел да ги смири, потчини и асимилира струмичани, Византија мошне рано започнала да ја шири меѓу нив христијанската вера и да им ја наложува својата црковна организација. Сите контраофанзивни воени походи на византиските императори, почнувајќи со походот на Констанс II кои поминале низ Струмица, биле проследени и со христијанизаторски акции. Заедно со новата вера пак, се ширела и византиската култура, со што се настојувало Струмица да се вклучи во византиската културна сфера и ако може трајно да се приврзе за византиските интереси.

Токму на една ваква мисија Св. Методиј ќе дојде и ќе престојувал во Струмица, десет
години како византиски царски намесник, просветител и епископ на Струмичко-Брегалничката епархија, со седиште во Водоча. Дури, откако ќе се случи бугарското проширување на оваа територија тој ќе се оддаде исклучиво на мисионерска работа.

Св. Методиј

Имено, Методиевото житие зборува дека, кога тој ја заземал управителската функција, а тука него го посетил и брат му Константин (Кирил) и тие обајцата „го проповедале христијанството и по Брегалница“. Кирил тогаш покрстил илјадници Словени.

Народните преданија пак јасно и дополнително ги потврдуваат пишаните документи. Преданија велат дека Св. Методиј: во Водоча по реката Водочница („Бела Река“) покрстувал луѓе кои сакале да го примат христијанството.

Според пишаните документи, работа на Св. Методиј била олеснета уште и од фактот што тука веќе биле доселени малоазиските христијани-колонисти, кои имено во Струмица го донеле (или зацврстиле) христијанството. (веќе споменато во претходните неколку времеплови)

Според овие текстови, успешноста на неговата мисија не би била можна без една широка, претходно поставена основна база, без едно здраво христијанско јадро, кое веќе постоело со мало-азиските доселеници. Натамошното проширување, затврдување и конечна победа на христијанството во Струмичко, било врзано и со државниот акт на кнезот Борис од 864 година кога тој христијанството го прогласил за државна вера. Дополнително придонела и просветителската дејност, особено на Климент Охридски.

Меѓутоа, постои значителна разлика во начинот на христијанизирањето на старите предели на бугарското царство од една, и на Македонија, од друга страна. Во Бугарија, христијанството било наложено од централната власт со владетелски акт и наеднаш, поради што од конзервативните сили се јавиле и силни отпори (што Борис со сила ги задушил), додека во Македонија, и Струмица овој процес започнал многу порано, а христијанството се ширело паралелно со византиското културно влијание; тоа овде се наложувало постепено и низ еден подолг временски период.

Голем придонес за тоа дал и Св. Климент Охридски, а писателот на неговото житие тврди дека тој уште како дете и младич „го придружувал и ги гледал со свои очи сите дела на својот учител, (Методиј).“

Историските податоци, говорат дека, најверојатно, Св. Климент се замонашил во манастирот Св. Илија, кој се наоѓа во близина на селото Мокриево. Се претпоставува дека една од причините зошто тој токму манастир го одбрал за своето замонашување е фактот што потекнува од едно од соседните села.

Св. Климент Охридски

Св. Климент бил нераскинливо поврзан со Струмица, а тоа се потврдува и со еден список на епископи, кој се однесува на ова време, каде Св. Климент е означен како „епископ Тивериополски“.

Овој список е интересен и по тоа што во него се споменува дека Климент на тоа место дошол како замена за епископот „Гркот Теоктист“. А тоа покажува дека Струмица, уште пред Климентово време, била седиште на христијанска епископија, со епископ кој престојувал во Водоча.

Инаку, епохалното дело на Кирил и Методиј, создавањето на словенската азбука и описменувањето на половина Европа, е тесно сврзана со Струмица и Водоча. Имено Св. Кирил најпрво го посетил брата си Методиј, тука во седиштето на неговата епархија, пред заедно да заминат во „Моравската мисија“ за чии што потреби и била создадена глаголицата.

Св. Кирил и Методи на Моравската мисија

Паралелно со христијанизирањето и со затврдувањето на бугарската власт во Струмичката област, котлината ја зафатил забрзан процес на феудализација на општествените односи. Овој процес се изразувал во распаѓањето на слободните селски општини; во сè поголемото и помасовно закрепостување на селските маси, при што тие ги губеле личните слободи и се претворале во зависна и експлоатирана класа; во јакнењето на централната државна власт и создавање на класата на феудалците; во феудализација на црквата итн.

Глаголицата, првата словенска азбука најверојатно создавана во Струмица

Наспроти жестоко експлоатираното крепосно селанство, во Струмица почнало да се формира една нова класа на богаташи, крупните феудалци наречени „болјари“, кои биле сочинети и од чиновниците и црковните великодостојници. Процесот на феудализација примил особено жестока форма во времето на Симеон (893—927), кој водел долготрајни и исцрпувачки војни како и на неговиот наследник Петар (927 — 969 година).

Цар Петар

Врз основа на ваквите нови, изменети општествени односи, токму во времето на Петар се појавило богомилското (по името на попот Богомил) движење кое претставувало општествен и верско-идеолошки израз на отпорот од народните маси против жестоката феудализација. Богомилското движење ја опфатило цела Македонија, а не ја одминало ни Струмица.

Богомил

Продолжува..

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading