Времеплов – Струмица низ историјата – Словенски воени походи

Нашиот времеплов го продолжуваме во период од околу 600 до 900 година од нашата ера. Она што е карактеристично за овој период е тоа што словените се во поголем број се населуваат на оваа територија, а и се во чести воени судири со Византија за конечна превласт на територијата на која ја запоседнуваат.

Грб на градот Струмиен, Полска

Една интересна теорија вели дека Струмjаните биле јужнословенско племе кое во раниот среден век ја населувало Источна Македонија и областа околу реката Струма и Струмица. Потеклото на Струмјаните е венетско, т.е. припаѓале на Западните Словени и биле во крвно сродство со Полјаците – Шлези.

Областа Шлеска во Полска

Татковината на Струмјаните била Шлеска во денешна Полска. Во нивната прататковина сè уште постои областа Струмиен, каде што има град Strumień и река Струмиен. Во полскиот јазик постои и зборот Струга, кој означува река. Во Полска и денеска постојат многу струмјански етнотопоними како Strumiany. Името Strumiany го носат многу села и мали градови во Полска.

Св. Димитрие Солунски

Во времето на своето доселување во и околу Струмица, Словените живееле во родовско-племенски заедници. Тие заедници често по големина и организација биле во форма на селски општини. Словените кои се доселиле во струмичко со себе донеле родовско-племенското, бескласно општествено уредување. Но, набрзо се приспособиле и го прифатиле уредувањето на локалното население кое живеело во класно општествено и државно уредување. Уште една причина за ваква потреба било и тоа што во оваа време словенските племиња често војувале и поради тоа често формирал разни воени сојузи. Ваквите племенските сојузи придонеле да се создадат и првите словенски благородници – кнезови.

Едно од првите места каде што среќаваме таков словенски кнез е првата словенска опсада на Солун и обид за негово освојување. Опсадата која траела од 614 до 616 година во која учествувале и струмичките словенски племиња, била изведена под водството на кнезот Хацон. Тогаш, според легендата за чудесата на „Свети Димитрие Солунски“ кој, наводно, го спасил градот од словенските опсади, племенски сојуз формирале племињата Драговити, Сагудати, Велегезити, Струмјаните и други.

Кнезот Хацон претставен пред битката

Две години подоцна дошло до уште една, неуспешна опсада, кога македонските словенски племиња се сојузиле и заедно со Аварите повторно го нападнале Солун. Третиот напад на Солун се случил значително подоцна, во седумдесетте години од VII век. Тогаш, преку измама, во Солун бил фатен кнезот на племето Ринхини, Пребонд. Откако Ринхините, и нивните соседи Струмјаните дознале за ова, побарале Пребонд да биде ослободен, испраќајќи делегација дури кај византискиот император.

Македонските Словени, водени од кнез Хацон, пред нападот на Солун

Пред Струмјаните, императорот ветил дека ќе го ослободи, но подоцна го убил Пребонд. Императорот се плашел од неговото влијание врз македонските словенски племиња. Тие предвидувале дека тој може да создаде држава на Словените во Македонија. Неговото убиство, послужило како нов повод за напад на Солун. Овој нов напад бил изведен од сојузот на племињата Ринхини, Струмјани и Сагудати. Кон нив се придружиле и кнезовите на Драговитите.

Монета со кнезот Пребонд

Солун пак опколен на копно и по море и држан во опсада цели две години. Солунското население изгладнело и постоела реална можноста градот конечно да падне. Оваа опсада ги надминала сите дотогашни напади и по успесите и по времетраењето, како и по бројот на сојузените племиња кои учествувале во неа. Меѓутоа, словенските племиња биле неединствени.

Велегезити, кои живееле во соседна Тесалија, одржувале пријателски односи со Солун и го снабдувале со храна, а кога дошло до решителниот напад, Струмјаните од непознати причини се повлекле. Овој повторен неуспех под ѕидините на Солун го ослабел создадениот сојуз, но Струмјаните и Ринхините продолжиле сами да преземаат гусарски напади по Егејско и Мраморно Море.

Од историските извори, заклучуваме дека племето Струмјани, ги запоседнало реките Струма, сè до нејзиното устие во морето, и реката Струмица. Поради својата бројност, и воена силина, станало едно од главните племиња во регионот и. учествувало во повеќе опсади и напади на Солун и во Егејското море.

Опишувајќи ги нападите на Словените, византиските извори изнесуваат извесни податоци и за животот, занимањата и општествените односи на струмичките племиња. Во ова време, начинот на обработката на земјата кај нив значително напреднал, па се произведувало пченица, јачмен, просо; се произведувало и овошје, а се развил и систем за сушење на овошки; лозарството исто така било развиено, а уште отпорано се занимавале со лов, риболов и сточарство, за што во котлината имало и поволни природни услови.

Спомнатите раководители на племенските сојузи, Хацон и Пребонд, се титулираат од изворите како кнезови (архонти). Тие и по начинот на живеење се разликувале од обичниот народ. Се спомнува, дека Пребонд носел грчка облека и знаел грчки јазик. Племенските сојузи, раководени од поедини нивни најистакнати кнезови, претставувале повисока форма на општествено организирање, преод од родовската кон државната формација.

Струмица, во зелено, за време на Методиевот владеење

Токму ваквите кнезови ќе придонесат во Македонија, во ова време да се формираат повеќе вакви племенски сојузи. Византиските хроничари, ги нарекле, како областите на одделните племиња, така и поголемите племенски сојузи со едно име — „склавинии“, што означувало земји на словенските племиња.

„Склавиниите“ претставувале прераснување на племенските во поразвиени, територијално-политички
обединувања. Такви обединувања во Македонија постоеле од кон крајот на VI век, па сè до IX век. И не
само што ги имало во околината на Солун, туку вакви сојузи се создавале и подалеку од него. Таков еден сојуз се формирал и во Струмичката област, што значи го опфатил и денешно Струмичко. Некои денешни историчари сметаат дека една ваква „склавинија“ се простирала по средниот тек на Струма, а други неа ја лоцираат на поширокиот терен помеѓу Струма и Вардар.

Словенски воини

Поради близината со Византија и нејзината експанзивна политика, Струмица постојано била една од првите склавинии кои биле напаѓани. Исто така Струмичани најчесто војувале против Византија затоа што овие походи најчесто минувале низ овие простори.

Една ваква офанзива е опишана во житието на Свети Димитрие Солунски, во неа се вели следното:

„Словените од Стримон и Ринхина… делумно мирувале и го одложиле оружјето“.

На друго место легендата зборува и поконкретно. Според неа, имено, императорот тргнал со војска собрана од Тракија и соседните земји и започнал војна „против оние од Стримон (Струма) и тоа не прикриено или тајно, туку со претходно објавен поход. Кога овие дознале за тоа, ги зазеле клисурите и укрепените места, се подготвиле за отпор против ромејските трупи, (и) повикувајќи ја на помош сета варварска војска од разни кнезови“.

И, наводно, со помошта на солунскиот светец и заштитник, Византиците „ги исклале нивните најхрабри и најдобри хоплити (пешаци, со тешко вооружување б. н. ) во оние нивни заседи што тие (Словените) ги имале подготвено и се разбега сето варварско племе…” Тогаш Словените, претрпувајќи краен пораз, „почнале да зборуваат за мир“.

Во цитираниот изворен текст, го привлекуваат вниманието неколку места, а имено: дека Византија „претходно“ им објавила поход; дека Струмјаните повикале на помош „војска од разни кнезови“; и дека на крајот, тие „почнале да зборуваат за мир“.

Овие податоци покажуваат дека Струмичката област во ова време била центар на племенски сојуз („склавинија“), која од страна на Византија била третирана како војувачка страна. Податокот за изгледот на хоплити како род на војска ја посведочува релативната развиеност на општествените односи кај Струмјаните.

Нерасчистен останува за науката податокот на кои клисури мислел византискиот хроничар, па според тоа и каде поконкретно се наоѓала „склавинијата“ на Струмјаните. Повеќе автори, и тоа со право, сметаат дека станува збор за клисури во Струмичкиот базен, можеби и за клисурата кај селата Кључ и Старо Коњарево, каде што подоцна се одиграла и Беласичката битка на Самоил.

Византиските походи на територијата на Струмица ќе продолжат уште многу години. Нивните успеси речиси секогаш половични, и Струмица уште долго нема да биде целосно загосподарена. Но, она што овие византиски походи ќе го донесат како последица е тоа што словените нема да успејат да создадат поширока македонска држава.

Притоа, освен со воена сила, византиските императори се служеле и со други, порафинирани средства за потчинување на струмичките склавинии. Едно од нив било присилното преселување на населението и разните колонизаторски мерки, кое водело кон слабеење на локалното население.

За овие мерки можеме да прочитаме од разните византиски извори. Така, во текот на 688 — 689 година, византискиот император, навлегувајќи во Тракија, сè до Солун, покорил многу Словени, а дел од нив преселил во Мала Азија. Словенско население од Балканскиот Полуостров, а најмногу од Македонија, во Мала Азија, преселувале и други византиски императори. Обратно, во Македонија византиските власти доселување христијанско население од Мала Азија. Овие доселеници, требало да вршат воени должности, како стратиоти (војници), при што овде добивале обработливи земји. На Византија тие и биле потребни, пред сè, за зацврстување на нејзината власт во пограничните области кон Бугарија.

Со ваквата политика се целело да му се застане на пат на бугарското проширување кон Солун. Императорот Никифор I (802 —811), според некои извори, наредил „христијани од сите теми (области) да се преселуваат во Склавиниите“. На вакво колонизирање во ова време била подложена и
Струмичката област, бидејќи и таа требало да се вклучи во поширокиот одбранбен појас околу Солун. Тогаш од Никифор I биле колонизирани малоазиските христијани-стратиоти, близу до денешна Струмица, меѓу Баница и Водоча.

Никифор I

Својата нова населба, како што веќе беше речено, тие ја нарекле Тибериопол. Но, наскоро дел
од овие колонисти, поради еден бугарски препад кон Струмица, бил принуден да се врати назад.
Педесеттина години подоцна бил преземен нов колонизаторски потфат од императорот Теофил (829 — 842). Тој примил во византиско поданство околу 14.000 Турци, кои доаѓале од Персија и ги настанил во Македонија околу долниот тек на Вардар, меѓу Струмјаните и на други места од јужна Македонија. Тоа биле таканаречените Турци-Вардариоти, кои подоцна, како етничка група се изгубиле. Тие биле ослободени од секакви даноци и обврски опрема државата и се претвориле во византиски орудија за контролирање и потчинување на месното словенско население.

Императорот Теофил

Очигледно е дека византиската власт настојувала да создаде поддршка за себе во Македонија. Сепак, колонизаторските мерки не ги дале очекуваните резултати. Струмјаните, уште за долго време, сè до пред крајот на византиското владеење, само номинално ја признавале нејзината власт и влегувале во границите на државата, додека фактички живееле самостојно или полунезависно и под власта на свои кнезови. Зад нивната територија пак се наоѓала младата и во ова време експанзивна бугарска држава чиј притисок по долината на Струма се насочувал кон Солун. За Византија сега било мошне важно да формира одбранбен појас овде, зашто лесно можела да ги види бугарските војски под ѕидовите на Солун. Но, поради разни војни, востанија и слично таа немала сили потполно да ја потчини Струмичката област.

А меѓу домашното население не наоѓала наслон, зашто што уште не постоела феудална класа. Поради тоа, а со цел да ги придобие за себе, и да ги искористи против бугарското проширување, византиската влада морала да им даде крупни отстапки. Тогаш и Струмичката област добила статус на византиски сојузник, со своја внатрешна самоуправа. Во изворите од ова време Струмичката област се именува како архонтија, т. е. кнежевство, склавинија, односно клисура. Отпрвин во неа управувале домашни словенски кнезови, кои дури подоцна ќе бидат сменувани од Византици. Дури и словенскиот просветител, братот на Кирил, Методиј Солунски, за кого се претполага дека десет години бил управител на Струмичката област, во изворите се именува „кнез на Словените“, кој управувал со
„словенско кнежевство“.

Опасноста од бугарското проширување за Византија, потпаѓањето на одделни делови од пошироката Струмичка област под бугарска власт и слично им ставиле крај и на овие македонски полунезависни кнежевства. Во просторот на средна Струма тоа станало уште пред средината на IX век, кога него го освоил бугарскиот хан Пресијан. Нешто подоцна Византија ја уништила автономијата на Струмјаните во
долниот тек на Струма и околу морето, трансформирајќи ја оваа област во своја административна единица, тема, со седиште во Серес. Сè до пред бугарското заземање на Струмичко, и тоа претставувало полунезависно словенско кнежевство. Непосредно пред тоа, за кратко време и таа станала седиште на византиската „тема —Струмица“.

хан Пресијан

Дека Струмјаните навистина уживале некаква самостојност се гледа и од податоците кои говорат дека
тие во определено време, како византиски сојузници учествувале во борби против Бугарите, додека во
моменти на слабост на Византија, продолжиле да преземаат гусарски походи кон Егејско Море, т. е. да го креваат оружјето против Византија. Друго значајно и испробано средство со кое Византија се служела во настојувањата за постепено смирување и потчинување на македонските Словени
било ширењето на христијанството и на византиското културно влијание сред нив, на што понатаму и повеќе се задржуваме. Колонизирањето на разни христијански етнички групи, со кое како што видовме, најтесно е сврзано и името Тибериопол за Струмица, исто така имало за цел тивко и мирно потчинување на Македонија на византиската власт.

Завршувајќи го овој времеплов, вреди да напоменене еден важен факт, а тоа е дека Струмичката област сè до средината на IX век уживала извесна политичка самостојност, благодарејќи на фактот дека уште тогаш таа била гранична, преодна област помеѓу Византија и Бугарија. Но, бугарското проширување, како и заинтересираноста на Византија за одбрана на Солун, многу придонеле наскоро да се прекине оваа самостојност и да се одложи формирањето на првата македонска држава за крајот на X век, т. е. со појавата на Самоил.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading