Времеплов – Струмица низ историјата – населување на Словените

Иако Западното Римско Царство веќе било распаднато, во Македонија, владеењето на римјаните продолжува непречено. Но, веќе во текот на првата половина од VI век, Македонија, како и многу други соседни балкански области, веќе била изложена на масовни напади на словенските племиња. Овие племиња сè почесто го преминувале Дунав кој престанал да биде дури и номинална граница на Византија.

Во почетокот словенските походи се фокусирани на ограбување, а по нападот пак се враќале зад Дунав. Словените навлегувале на Балканот честопати сојузени со Аварите, чие постојано седиште било во Панонија.

Мапа на словенски племиња и нивно населување

Меѓутоа словенските племиња, со текот на времето, започнале да се населуваат и трајно врз веќе опустошените византиски територии. Нивните напади сега, кога тие веќе доаѓале сосе жени и деца, претставувале, всушност, етапи од една постојана колонизација на Македонија и соседните балкански
земји.

Словенски воини

Притоа, за Македонија, за разлика од соседните земји, е далеку попознато кои се словенските племиња и кое каде се населило. Така, на запад од Солун, по текот на реката Бистрица се наоѓале Драговитите; северно од нив, на просторот помеѓу Охрид и денешен Велес се сместиле Брсјаците. Околу Солун се населило племето Сагудати, а источно од него, кон Струма и Халкидичкиот полуостров — племето Ринхини. Во долината на реката Места и источно од неа се настанило племето Смолјани, а во долините на реката Струма и нејзината десна притока, Струмица — племето Струмјани, или Струмци, Стримонци.

Во овие векови на колонизација на целиот Балкански Полуостров, големи словенски маси ја поплавиле и цела Грција, стигнувајќи сè до Пелопонез, па дури и на егејските острови. Еден автор од она време, меѓу другото запишал: „Словените го населија сиот Епир, скоро цела Грција, и Пелопонез и Македонија“. Тоа го посведочуваат и многу други византиски извори од тогашно време.

Ден во животот на словенско племе

Постојат некои податоци што директно зборуваат за нападите и словенизирањето и на пошироката Струмска област, како и на Струмица и Струмичко. Во спомнатото „Житие на тивериополските маченици“ од Теофилакт Охридски, се вели дека кон крајот на VI век настрадала и Струмичката област, зашто „еден варварски народ по име Обри (Аварите б.н.), кога навлегол од југ во Тивериополските земји, опустошил многу други градови, па и самиот Тивериопол, и од неговите жители едни со меч ги истепал, други заробил, а пак, како другите убави згради, така и божјите храмови ги срамнил со земјата“.

Теофилакт Охридски


Во историјата е познато дека заедно со Аварите во ова време напаѓале и Словените, иако тие овде изрично не се спомнуваат. Дека и Струмичката област била словенизирана, веќе до почетокот на VII век се гледа и од податоците што „Аварите овде навлегле од југ“; дека „единствено уште Солун стои опкружен од словенските населби” и сл.

Обри – Аварско племе кое ја опожарила Струмица

Тоа е и логично кога се има предвид дека Струмичката област се наоѓала зад Солун, а во нападите на овој град секогаш земале активно учество и струмјаните. По ваков начин, до почетокот на VII век, Словените ја колонизирале и Струмичката област и се утврдиле во неа. Словенските доселеници, заседнувајќи трајно и во Струмичката област, сосема го измениле нејзиниот етнички карактер. Старото предсловенско население кое дотогаш, според Теофилакт Охридски, си живеело во мир и под власта на Византија, било проретчено, и се изгубило среде струмјаните кои ја пословенчиле и Струмичката Котлина.

Рани словенски населби

На местата од старите разурнати населби, за кои спомнува и Теофилакт, тие си изградиле нови градски и селски населби, при што или ги измениле нивните дотогашни називи или им дале свои и сосема нови имиња. Некои автори дури сметаат дека повеќето антички градови по VII век се претвориле во поголеми словенски села, што е сосема прифатливо.

Словени во битка

Врз почвата на Македонија останал неосвоен само уште Солун, најголемиот балкански византиски град и пристаниште. Стремејќи се долго време да го освојат и Солун и да ја заокружат својата територија, здружените македонски словенски племиња, постојано се судрувале со Византија и извршиле повеќе безуспешни опсади на Солун. Нападите на Солун претставувале, всушност, завршна и најорганизирана етапа од борбите на македонските словенски племиња за освојување и колонизирање на Македонија. Во исто време византиската власт во Македонија, со исклучок на Солун, била разбиена и дезорганизирана, а словенските племиња живееле свој слободен, независен живот.

Солунска тврдина

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading