Покрај самиот град Струмица, кој како што веќе видовме во претходниот дел, играл голема улога во римскиот период, и струмичката околина била од исклучителна важност за римјаните. Имено, Банско имало посебно значење како термално лекувалиште, а Црвено поле и Драгулево по своите рударски активности.

Банско
Денешните термални бањи во село Банско, се стари најмалку 2000 години. Уште од првиот век од нашата ера, изворот „Парило“ со термално-минерални води ги снабдува, најпрвин македонските, а потоа и римските бањи. Од писмените извори кои постојат, изворот во тоа време е опишан како величествен, моќен и создавач на облаци пареа кои кај посетителите будат стравопочит.

Монетите кои се пронајдени околу него укажуваат дека тука посетителите доаѓале не само на лечење, туку и за молитви, завети и поклонување. Овие монети се датирани од IV век пред н.е, па сѐ до III век од нашата ера. Овие пронајдоци, јасно укажуваат на тоа дека овде имало и храмови и поклоништа на кои голем број верници доаѓале, не само да ја искористат лековитата вода за подобро здравје, туку и за духовен одмор.

Во рамките на бањскиот комплекс се пронајдени и статуи од две светилишта. Едното е посветено на божицата Афродита, а второто на богот Хермес. Во овие храмови се вршеле и активни служби, а истите имале и постојани свештенички. На ваквиот заклучок не наведува мермерниот постамент кој е пронајден тука а на него јасно може да се прочита следниов натпис: „Валерија Дионике, врховната свештеничка, ја посвети статуата на Хермес“.

Колку бил важен овој комплекс, можеме да видиме и од фактот што „Големата бања’ имала вкупна површина од 632 m2. Во неа постоеле дури единаесет различни простории, и таа била во употреба од III век да сѐ до V век. Во неа имало голем базен со површина од околу 93m2, кој бил полнет со топла вода. Истиот имал две кади и фонтаната, која служела за неговото полнење. Како што можете да видите на реконструкцијата подолу се работи за навистина раскошен базен.

Веднаш до базенот, се наоѓаат три простори кои биле користени како сауни. Бањата имала и голема соблекувална, и соби во кои имало кади со ладна вода, што е типично само за големи бањи. Оваа бања е импресивна и по тоа што има одлично изграден „хипокауст“. „Хипокаустот“ е гордост на римското инженерство. Имено, овој систем е всушност претходник денешното централно греење. Преку канали кои поминуваат низ подот, ѕидовите, покривот итн. целата бања се загревала со употреба на пареата од изворот.

Бања Банско и денес е најголемата и најдобро зачувана римска термална бања во Македонија. Од она што е пронајдено тука може да се заклучи дека се работи за многу важен комплекс на бањи, светилиште и простории за масажа и релаксација. Начинот на кој е граден и како се користел, речиси целосно може да се спореди со модерните спа-центри.

Целиот систем и начин на градба на овој комплекс укажува на тоа колкава важност имал самиот тој, но и Струмица во целиот римски систем. Бањата била доста популарна и носела голем број посетители од околните региони.

Интересен е фактот, што во римско време во Струмица постоела и друга бања со централен систем на загревање, која е пронајдена во манастирскиот комплекс во Водоча, а истата била во функција се до средниот век.

Оттука лесно е да се заклучи дека Струмица во римскиот период била важен туристички и трговски центар.
Црвено Поле
Како што веќе рековме, локалитетите Црвено поле и Драгулица уште во тоа време биле познати рударски центри. Она што навистина воодушевува и укажува на тоа колку струмичкиот регион играл важна улога во римска Македонија е токму овој локалитет. Токму тука во оваа населба која била изградена на планината Огражден околу реката Белогазица, можеме да видиме колку бил богат и развиен нашиот регион. Овде речиси 5 века од I па се до VI век од нашата ера цветала многу богата рударска населба.

Тука се пронајдени едни од нај раскошните куќи од овој период во струмичко, кои во просек биле и по 150 m2 и имале и по пет простории. Уште по впечатливо е тоа што уште во тоа време се користела така наречената „бондрук“ техника. Бондрук конструкција е ѕидна конструкција на која може да се вид костур од дрвени греди, кој е малтерисан со органски материјали. Ваквата техника ќе стане многу популарна во 19 век, во Австрија и Германија.

Колку богато населението во Црвено поле, лесно може да се види од остатоците пронајдени во овој локалитет. Жителите имале раскошни куќи во кои се најдени и разбои за ткаење, различни садови во кои се чувал млеко и течности, керамички садови за сирење и други раскошни додатоци за домаќинството.

Секоја куќа имала и соби ко се користеле како работилници. Во овие работилници се пронајдени остатоци од руда со која се произведувало металургија, орудија и други алатки кои биле продавани и тргувани, со што населбата значително се обогатила.

Многу интересни се и пронајдоците од истражените гробови. Од нив дознаваме дека жителите во оваа населба верувале дека на местото каде што ќе бидете закопани, вашата душа ќе продолжи да живее, па затоа гробовите биле снабдувани со се што е потребно за вечниот живот, вклучително пари, храна и пијалаци.

Во машките гробови се пронаоѓани и личните вооружувања, кое редовно се состоело од по две копја, заедно со боев нож и мечови. Ваквиот тренд престанал, кога населението го примило христијанството.

Драгулево
Соседната населба Драгулево, исто така била богата и убаво уредена а се наоѓала на ридовите помеѓу денешна Иловица и Сувилаки. И тука се пронајдени остатоци кои укажуваат на имовита населба, која постела и цветала во истиот период како и Црвено поле. Тука се пронајдени и остатоци од клади, кои биле типичен начин на „погребување“ во раното христијанство.

Тука го заокрожуваме времепловот низ римскиот период, во кој како што видовме, Струмица, самиот град, а и околината биле навистина важна раскрсница во римска Македонија. Тука покрај вештите занаетчии, ткајачи и грнчари, се тргувало на големо, земјоделството и сточарството цветале, рударството создало богати раскошни населби, бањите биле преполни со посетители, се граделе храмови и палати, и се живеело раскошно и луксузно.

На сето тоа брзо ќе му дојде крај со населувањето на Словените, кои засекогаш ќе го променат овој регион.
