Нашиот времеплов за Струмица и струмичко го продолжуваме во антиката.

Како што веќе спомнавме во претходното поглавје, во антиката во Струмица и струмичко и припаѓале на Пајонија, и тука живееле неколку пеонските племиња како што се: Добери (со центар градот Добер), Астраи (со градот Астраион) и Иори (со градот Иорон). Интересните податоци кои зачуваните писмени и археолошки споменици ни ги нудат, раскажуваат дека пеонските племиња, веќе во ова време се наоѓале во состојба на премин од бескласното, родовско-племенско, кон класното општествено уредување. Овие извори нудат податоците за тоа дека веќе во оваа доба се живеело во градови, се ковале пари и накити, постоеле цареви и војска, а се воделе и многу војни на оваа територија.
Токму ваквиот богат градски живот на струмичани се потврдува и со наодите од струмичките наоѓалиштата. Дел од пронајдените остатоци посочуват дека грнчарството веќе било на доста завидно ниво. Имено садовите, стомните итн. сѐ се по украсени и на нив можат да се видат различни форми и облици на животни и различни релјефи од секојдневниот живот. Пронајдени се и копчиња, голем број на оружја, посебно железни и оловни проектили. Со ваквите пронајдоци се поткрепува тврдењето дека во струмичко често се воделе битки и интензивно се ловело.

Како што споменавме, монетите веќе на големо се користеле како платежни средства, што се потврдува и на сликата подолу. Типично за монетите од овој период е тоа што кралот е на предниот дел од монетата, а на задниот дел од монетата обично е претставено животно кое особено се почитувало. На сликата подолу може да се видат монети со ликот на Персеј на предната страна и лав на задната. Лавот е симбол на античка Македонија, уште од најраната доба на кралството.

Еден многу интересен пронајдок меѓу монетите од овој период, е и малата коцка (зар) кој служел за социјални игри. За жал, не постојат пишани извори која ја објаснуваат играта за која се користел, но јасно е дека струмичани уште во тоа време се собирале и играле друштвени-забавни игри. Местото каде се пронајдени овие остатоци, најверојатно било големо светилиште. Ваквите светилишта се граделе над населбата, но во струмичкиот случај тоа се наоѓало под Цареви кули. Оттука може да се заклучи дека и старата античка Струмица започнувала и се наоѓала точно таму каде што е и денешната.

Историската наука нуди доста интересни факти за Пајонците, тогашните жители на Струмица. Имено, тие се спомнуваат уште во 1200 година пред н.е како учесници во Тројанската војна. За посебната религија на Пајонците не се знае многу, но она што е специфично за Пајонците, а и за струмичани во тоа време е тоа што тие гравитирале кон југ. Голем дел од трговијата и влијанијата доаѓале од македонското крајбрежје, особено преку главниот пат кој се движел низ долината на реката Аксиос (Вардар).

Очигледно е дека во Струмица во овој период пред доаѓањето на Римјаните, во околината на градот живееле неколку различни племиња, кои коегзистирале. На тоа посочува и пронајдокот на една гравирана плоча на која е прикажан коњаник покрај кој трчат кучиња. Оваа плоча селаните на Белотино ја пронашле по Првата Светска Војна, кога сакале да ја обноват селската црква. Поради сличноста со Св. Ѓорѓи таа била поставена во ѕидовите на самата црква. Нешто подоцна таа ќе биде забележена и истражена, па ќе се утврди дека всушност претставува тракиски коњаник во лов. Имено тракиските племиња многу го почитувале Богот на ловот, што исто така посочува на тоа дека истиот овој култ се почитувал и во струмичко. Овие архиелошки пронајдоци сведочат дека тракиските племиња живееле во струмичко.

Струмица очигледно била важен регион во тоа време. Тоа се потврдува и низ ретките пишани антички извори кои се зачувани. Имено, Тукидид е првиот историчар кој писмено ја спомнал Струмица во оваа доба околу V век пр. н.е. Тој го опишувал Ситалковиот поход во Горна Македонија некаде околу 429 год. пред. н.е. Во овој период Струмица веќе била апсолвирана во Македонската држава со која тогаш владеел Пердика II. Причината за инвазија од страна на тракискиот крал Ситалк, кој бил поддржан од Атињаните е тоа што Пердика II често ги менувал своите сојузништва и постојано војувал со грчките градови држави.

Ситалк својот напад го извршил од север напаѓајќи ја струмичката котлина преку планината Церсине, (денешен Огражден) и навлегол во Струмица каде се судрил со Пердика II. Овој поход, по доста борби ќе пропадне и Струмица ќе остане во склоп на македонската античка држава, а Ситалк и Атињаните ќе се повлечат.
Во римските пишани документи пак, Струмица се спомнува под името Астраион во пишувањата на римскиот историчар Тит Ливиј. Тој во 181 година пред н.е ќе го опише убиството на Деметриј, еден од синовите на македонскиот крал Филип V, кое се случило токму во Струмица.

Тука некаде го завршуваме нашиот времеплов за оваа епизода, затоа што со потпаѓањето на Македонија под Римска окупација во 168 година пред н.е, кога и Струмица ќе биде освоена, а со тоа ќе започне и нов период во историјата – римското владеење.
