Времеплов – Струмица низ историјата – Сите имиња на градот

Денеска правиме мало скршнување низ нашиот времеплов, и ќе ги разгледаме сите имиња кои Струмица ги имала низ историјата. Ќе започнеме со антиката и периодот кога на оваа подрачје живеeле Пајонците, кои биле поделени во неколку племиња и во овој регион имале три мали гратчиња: Добери (со центар градот Добер), Астраи (со градот Астраион) и Иори (со градот Иорон).

Веќе спомнавме дека во пеонско време, во поширокото подрачје на Струмица се споменуваат три града од кои за Добер и Астраион има и повеќе податоци. Што се однесува до Добер, историчарите кои ја истражувале темата се согласни дека тој не се наоѓал во Струмица, ниту некаде сосема близу до денешниот град. Досега точната локација на Добер не е пронајдена. Мнозинството историчари сметаат дека Добер се наоѓал на местото на денешниот Дојран, поврзувајќи го доста произволно неговото име од античкиот Добер. Добер како град постоел и по антиката, а и во римско време.

Пајонски воин

Интересно е тоа што некои историчари пеонскиот Добер го лоцираат кај денешното село Габрово, во подножјето на Беласица најголем застапник на ваквото тврдење е поранешниот професорот на белградскиот филозофски факултет Папазоглу. Папазоглу, притоа категорички градот Добер го лоцира северно од денешна Струмица, во падините на Огражден, само што таа овде, погрешно и од непозната причина го пренесува и селото Габрово. Историчарот Б. Панов, пак ја дополнува професорката и поточната локација на Добер, преку етимолошката врска и историската поврзаност ја става во денешното село Добрешинци. Случајните откривања на археолошки остатоци, укажуваат на тоа дека Добер секако се наоѓал на местото или во близината на денешното село Добрешинци. Она што ги комплицира точното локализирање е што етимолошки, во овој дел од Струмичката Котлина постојат и селата Добрејци и Градошорци, од кои првото асоцира на Доберите, а второто значи град, утврдено место.

Античка мапа на која е прикажан градот Добер

Оттука може да заклучиме дека Добер бил подалеку од Струмица, а градот Астраион пак лежел или на местото на денешна Струмица или сосема близу до неа. Со тоа се согласни повеќето автори и познавачи на античката историја на Македонија кои Астраион го идентификуваат со Струмица. Од друга страна и сличноста на старото име Астраион со словенското Струмица, кое секако претставува изменета и словенизирана форма на античкото нејзино име, ја потврдува оваа претпоставка.

Мапа на Пајонија каде се прикажани Добер и Астрион

Од друга страна, словенскиот назив Струмица за градот и за истоимената река стои во најтесна врска со називот на реката Струма, во античко време викана Стримон. Струмица всушност претставува деминутив, изведен од Струма. Очигледно е дека античката традиција и овде силно навлегла во македонското средновековие. Инаку, најраното писмено спомнување на Астраион како главно место на пеонското племе Астраи, датира од 181 година пред н. е. и се споменува во врска со убиството на Деметриј, втор во линијата престолонаследници и син на македонскиот крал Филип V.

Вилазора – денешен Велес, главниот град на Пајонија во 6 век пред н.е – покажува дека и Струмица во тоа време веќе била урбанизиран град

Интересен факт за оваа доба е тоа што градовите биле сосема мали, но утврдени места, каде што во време на напади од непријатели се засолнувало околното население. Многу од нив претставувале утврдени попатни станици. Градското население, составено од војници (активни и ислужени), занаетчии, земјоделци, и понекој трговец, сите потребни за чување и послужување на жителите од тврдината (племството), просто се прилепувало околу неа, се зголемувало со текот на времето, и го создавало градот. Така настанала и се прошила и Струмица.

Средновековна Струмица – Тивериопол

И денеска не се разјаснети и прашањата кога и зошто Струмица почнала да се нарекува Тивериопол
(Тивериополис) и до кога го носела ваквото свое име. По она што може да се види, изгледа дека името Тивериопол било повеќе официјално, и се употребувало долго време во византиската администрација и особено — во христијанската црквена традиција. Но, паралелно со Тивериопол меѓу народот се користело неговото словенско име Струмица, изведено, како што веќе видовме, од името на античкиот Астраион.

Св. Петнаесет Тивериополски Маченици

Во словенските писмени извори од средновековието тој се споменува само со името Струмица. А тоа покажува дека градот во исто време носел две имиња — едното (Тивериопол) кое било официјално римско-византиско и црквено, и второто — (Струмица), кое било народно, словенско и изведено од античкото. Очигледно е дека неговото словенско име се надоврзало на пеонската традиција којашто, во времето на населувањето на Словените во Македонија, секако била се уште жива. Тоа го потврдува и фактот, дека и во некои извори од VI век во нашата ера се споменува градот Астраион.

Јасно е дека името Тивериопол се користело активно, но мислењата на историчарите се разидуваат по прашањето кога и зошто Струмица се преименувала. Постојат две спротивни гледишта. Некои автори, изоставајќи го прашањето за врската меѓу античкиот Астраион и средновековна Струмица, тврдат дека Тивериопол постоел уште во раното римско време, а Словените по нивното доаѓање, него едноставно го нарекле Струмица.

Областа Витнија во Мала Азија

Ваквото гледиште, лесно може да се побие со фактот дека во писмените извори името Тивериопол не се среќава порано од XI век на нашата ера. Притоа, некои историчари, името Тивериопол (Тибериев град) го изведуваат од името на некој римски или византиски император по име Тибериј. Познато е дека имало три императори со тоа име: еден римски (од почетокот на I век во нашата ера) и двајца византиски кои владееле значително подоцна — првиот од 578 до 582 година, и вториот, од 698 до 705 година, пак во нашата ера. Затоа ваквото образложение лесно може да се побие.

Постои и второ пологично и по аргументирано гледиште, според кое, преименувањето на Струмица во Тивериопол е сврзано со култот на „светите петнаесет тибериополски маченици“. Имено, во почетокот на IX век, за време на византискиот император Никифор I, во Струмичко било населено христијанско население од градот Тибериопол кој се наоѓал во областа Витинија, во Мала Азија. (честа практика на византиските владетели била присилно преселувале на народи од еден во друг крај на империјата.)

Според историчарот В. Златарски овие мало-азиски колонисти подигнале нова населба, на просторот меѓу денешните села Баница и Водоча, на која и го дале името Тибериопол, а во спомен на градот од кое што се преселиле. Оваа ново настаната населба ќе биде разрушена по нападите од ордите на бугарскиот кнез Крум. Но, култот на „светите-петнаесет тибериополски христијански маченици“ фатил длабоки корени и меѓу месното христијанско население.

Нешто подоцна, овој култ ќе се зајакне кога архиепископот Теофилакт Охридски го напишал и „Житие на тивериополските маченици“. За зајакнувањето на култот придонела и црквата која петнаесетте страдалници за Христовата вера ги прогласила за светци. Легендата раскажува дека на почетокот од втората половина на IX век на струмичани во сон им се појавувале светците. Струмичани тврделе дека ги „виделе“ како ноќе одат по ѕидовите на „Цареви кули“, бараат да бидат откопани, итн. Бугарскиот цар Борис кој во тоа време владеел со Струмица, дознал за ваквите тврдења, и наредил да се изврши раскопувањето, со што моштите на мачениците биле пронајдени и повторно свечено погребани. Со сето тоа култот кон „светите петнаесет маченици“ мошне силно навлегол во народното верување на месното христијанско словенско население.

Доселување на Словените

Христијанската традиција и црквеното влијание, придонеле струмичките епископи (владици) да започнат да се именуваат како „епископи тивериополски“. По се изгледа култот на „светите петнаесет маченици“ од мало-азискиот Тивериопол, пренесен од колонистите овде, му го дал и на Струмица името Тивериопол. Неспорно е, сепак, тоа дека црквеното и официјално име Тивериопол не успеало ни тогаш, ни подоцна, потполно да го замени народното словенско име.

Постои уште една легенда за настанувањето на името Струмица. Имено, според неа, градот бил изграден од римскиот император Тибериј и определен за резиденција на ќерка му Струма. Според народните преданија, кога градот бил под опсада од противнички војски, Струма која била заљубена во еден од војсководците на противничката армија, му го покажала тајниот канал за влез во тврдината. Тврдината била освоена а за ваквото предавство, татко ја проколнал Струма, 7 пати да биде закопана и нејзиното тело 7 пати да биде исфрлено од земјата.

Струмин гроб

Оваа народно предание се порзува и со гробот кое е пронајден во село Баница, а истиот се вика Струмин гроб, кој има 7 слоеви над земјата. Токму според името на оваа царска ќерка и нејзиното предание, подоцна и градот и реката биле наречени со името Струмица. Интересно е тоа што скоро сите народни преданија се сврзани или со теренот на градот или со неговата најблиска околина, особено со местата на запад од него — околу селата Баница и Водоча каде што веројатно се наоѓала населбата на мало-азиските колонисти Тиверипол. Имињата Струма, Струмица биле земени како назив и за едно од словенските племиња што тука се населило, а кое било наречено Струмјани, односно Стримонци.

Ете сме на крајот на овој времеплов, во наредниот дел се враќаме во антиката на Струмица.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading