Времеплов – Струмица низ историјата – Праисторија – Неолит

Текстот е прераскажан и достапен во аудио формат само на македонски јазик

Секој камен кој простум стои на оваа рамнина опколена од Беласица, Огражден и Еленица, има своја приказна и историја. Секој од нив носи раскажува и сврзува една епоха со друга, пренесувајќи приказни искажани и запишани, но и такви кои допрва треба да се откријат и раскажат. Сите епохи низ кои човештвото минало од својот постанок па до денес, на еден или друг начин, оставиле траг на оваа мало парче земја. Токму тоа е Струмица и струмичката котлина, колевка на цивилизацијата, приказна која е започната но никогаш завршена, за жал недокажана и недоистражена. Приказна за која е потребно да напишеме еден долг времеплов за бар малку да се разоткрие.

За да знаеме зошто денес сме тука, за да знаеме кои сме и каде одиме, и никогаш да не се изгубиме во бледилото на историјата, неопходно е истата да ја знаеме и проучиме. Затоа, ајде да се вратиме на самиот почеток, и заедно да ја истражиме богата струмичка историја. Ајде заедно да време-пловиме.

Нашето патување го започнуваме со враќање назад до зачетокот на цивилизацијата, до таму до каде што до денес може да се истражи историјата. Токму оттогаш, на оваа парче земја, постои цивилизација.

Неслучајно, едно од најрано населените места во Македонија, а и пошироко на Балканот е токму струмичката котлина. Плодната котлина, низ која течат неколку реки, некогаш во себе имало езеро и е опколена со падини, пасишта и планини, ја прават идеално место за населување. Токму затоа праисторискиот човек, не можел да одолее а да не стане струмичанец.

Неолитска Струмица

За почеток еве ви еден интересен факт, кој мора да се рече навистина е импозантен. Имено, во струмичката котлина, со сигурност можеме да тврдиме дека најмалку 9,022 години континуирано постои цивилизација. Ние ќе го започнеме нашето патување низ времето во историската доба – неолит. Најпрвин ќе ги посетиме, Костурино, па Ангелци и на крај Старо Коњарево.

Сите овие населби веќе постоеле и биле населени уште од најраниот неолит. За жал, досега се истражени само горенаведените, но се претпоставува дека има уште неколку такви слични населби на територијата на Струмица. Праисториски археолошки наоѓалишта „Орниче“ во близина на селото Костурино, „Страната“ во близината на селото Ангелци и „Голема Трпеза“ во близина на селото Старо Коњарево, нудат одлична слика затоа како се одвивал животот во струмичката котлина и најстарите струмичани. Првата населба, можеме временски да ја лоцираме во раниот неолит, а другите две, во доцниот неолит, што во превод значи дека тие постоеле уште во седмиот – VII милениум пр.н.е.

Од поставеноста и каде се изградени, можеме лесно да заклучиме дека струмичани отсекогаш сакале да живеат на падини. Сите три населби се изградени на благи падини, или така наречени и познати како ниски тераси, а за нив специфично е и тоа дека се лоцирани блиску до извори или реки. Изборот на локацијата бил од практична природа се со цел да се олесни снабдувањето со вода на жителите, а и стоката, која според археолошките остатоци, уште тогаш се одгледувала. Според овие остатоци лесно може да се заклучи дека речиси 9 000 години во Струмица малку што се променило. Карактеристично занимање на праисториските струмичани било земјоделството и сточарството, а токму овие населби нудат идеални услови за тоа. Населбите во Костурино и Старо Коњарево се на падините на Беласица, и во близина им се достапни не само обработливо земјиште и пасишта, туку и извори на пивка вода. Ангелци пак е на падина во близина на реката Водочница.

Куќите во овие населби биле направени со употреба на дрво, глина, земја, трска и слама. Главна одлика им е тоа што се градени во збиен тип, едни до други, и обично оградени со дрвен плет, со само еден влез во населбата. (како што е прикажано на сликата погоре) Ваквиот збиен тип на населби кој продолжил да се гради и подоцна во историја, е можеби е еден од факторите кои придонеле да се развие добрососедството во Струмица. Куќите градени во овој период се мали, и обично за единечно семејство, карактеристично е и тоа што селата/населбите во овој период се делеле по кланови, и биле организирани во клановски систем. Од она што ќе го видиме подолу, може да се заклучи дека овие клановски системи биле матријахални. Во нив односите биле јасно регулирани, и улогите јасно дефинирани по хиерархија. Типично за ваквиот систем е тоа што ресурсите се делат заеднички во селото, а често клановите тргуваат, војуваат, разменуваат луѓе преку бракови со соседните кланови. Што покажува дека во Струмичкиот регионот сигурно постоеле многу повеќе населби од трите веќе споменати.

Љубовта кон добрата храна, во Струмица, очигледно се родила многу рано. Од археолошките пронајдоци може да се заклучи дека најраните растителни култури огледувани во Струмица се: јачменот, пченицата, гравот, грашокот, дивото јаболко, лешникот, дивото грозје и црешите. Уште во оваа време струмичани биле вешти занаетчии, па на овие локалитети се пронајдени и голем број керамички садови во различни форми и облици за складирање и пренесување храна. Интересно е и тоа што на некои од нив се пронајдени и украсни орнаменти. Ваквите пронајдоци посочуваат на тоа дека, не само што биле доволно вешти да создадат садови и покуќнина, струмичани, имале желба таа да биде допадлива за око.

Денес за Струмица се вели, дека е град доминиран од убави жени. Секако тоа не е случајно. Имено, уште во неолитот, во Струмица се развил култот кон „плодната мајка“. Развивањето на овој култ бил директна последица на тоа што неолитското општество тежнеело да ги уредување општествените и семејните односи во правец на опстанок и благосостојба, па така жената која во овие функции играла главна улога, во оваа доба има посебен статус и во семејството, а и општеството, што само по себе довело до таа да биде глава на семејството.

Улогата на жената како родилка и мајка, се поистоветила и споила со култот на плодноста, или така наречениот култ на „Големата Мајка“ (Magna Mater, како што е историски позната). Па така, низ сите овие локалитети често можат да бидат пронајдени фигурини на жената претставувана со широки колкови, со што неолитскиот струмички уметник сакал да ја претстави жената како „плодна“.

Интересно е и тоа што духовниот живот се фокусирал на тотеми, или славење и почитување на одредени домашни животни, кои биле користени за преживување. Тие често биле земани како заштитници на домот и семејството. Од пронајдените фигурни може да се види дека струмичани уште во оваа доба одгледувале свињи и кози.

Историјата на Струмица е богата и длабоко вкоренета во минатото, сведочејќи за присуство на цивилизација повеќе од 9,000 години. Археолошките наоѓалишта во Костурино, Ангелци и Старо Коњарево покажуваат дека уште во неолитот, луѓето ја избрале оваа плодна котлина за свој дом, развивајќи земјоделство, сточарство и занаетчиство. Социјалната организација, културните традиции и почитта кон жената како симбол на плодноста ги обликувале првите заедници. Овие древни корени се темел на идентитетот на струмичани, а проучувањето на оваа историја ни овозможува подобро разбирање на нашето минато, сегашност и иднина. Струмица не е само географска точка, туку приказна што сè уште се раскажува.

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading