Иконокластика (иконоборство) – и зошто православните цркви се полни со икони!

Исламот јасно забранува, икони, слики, или било какви други форми на идолопоклонство. Слики и икони од Мухамед никаде не се прикажани. Католичките цркви имаат многу помалку икони и фрески од православните, а протестантските речиси ниедна. Од друга страна православните цркви покрај на олтарите, имаат икони речиси по секој дел од црквата, манастирот или храмот.

Иконобранец брише икона – Псалм 9 век

Речиси се што се случува денеска има свое логично објаснување и влече свои корени некаде во минатото. Таков е случајот и со иконокластиката, и токму таа е една од главните причини зошто денес православните храмови се полни со икони.

Некаде во VI и VII век со појавувањето и брзото ширење на исламот, и во христијанството почнуваат да се појавуваат религиозни и политички дискусии дали иконите се идолопоклонство и дали Исус воопшто треба да се претставува во својата човечка форма. Дискусијата се проширува и на тоа дали воопшто постои потреба од икони, дали светите реликти се навистина свети, и дали според 10 Божји заповеди тие не се само идолопоклонство.

Претходница на оваа дискусија се IV и V век, каде светите реликти, светците и иконите добиват се поголемо значење помеѓу христијанските верници. Во овој период почнува да зајакнува и да зазема се поголем замав така наречената „посредничка молитва“. Посредничката молитва е молба упатена или до Богородица, или до некои од светците посредници, кои преку Светио Дух имаат директен пристап до Исус. Ваквиот пристап кон молитвата и христијанството почнува да создава верување дека иконите и религиозните реликти како крстови или облека на светци, имаат посредничка и духовна моќ.

Расправа За и Против иконите пред Императорот

Можеби се ќе останело на дискусија и искажување незадоволство од страна на црковните големци, ако не интервенирал подземен вулкан во близина на островот Санторини. На почетокот на VII век Византија трпи постојани порази од страна на муслиманите. Империјата се наоѓа на крстосница, воено и духовно заслабена и поделена. Тогаш, во 726 година Бог решава да ја казни империјата со страшна вулканска ерупција во близина на островот Санторини. Следува огромно цунами, и многу човечки животи се изгубени.

Тука започнува иконобранството. Голем дел од христијаните ваквата страшна несреќа и сите претходни загуби од муслимините ги интерпретираат како божја казна. Бог ги казнува идолопоклонците со најстрашни маки.

Патријархот Германос со икони носени од ангели

Император Лео III решава да ги земе работите во свои раце. Без да се посоветува со црковните големци, во 730 објавува едикт со кој се забрануваат иконите, и се бара иконите од Исус да се заменат со обичен крст, а сите други целосно да се отстранат, затоа што промовираат идолопоклонство и богохулие. Но тоа што ни самиот Лео не го очекувал е дека ќе наиде на огромен и неочекуван отпор од црковните чиновници и обичните верници. Цариградскиот Патријарх Германос ќе биде првиот кој ќе ја изгуби својата позиција затоа што решава да застане на страна на иконофилите. Имено, тој се плаши дека со тоа што ќе се отстранат иконите, кои веќе имаат вековна традиција, ќе се потврди тврдењето на Евреите и муслиманите, дека христијаните се кривоверци.

Лео III нема да застане само на едиктот, туку ќе започне со кампања за запленување на икони, реликти и скапоцени црковни артефакти, што ќе го доведе и во конфликт со папата Грегори III. Со секоја одмината година и нов обид да се отстранат иконите од постоечките светилишта, расте и отпорот кон иконобранците. Но, Лео нема да живее уште долго, тој умира 741 година, а на тронот ќе го наследи неговиот син Константин V (741–775). Константин посебно ќе се истакне како еден од најголемите иконобрани. Тој ќе започне да спроведува уште посурова политика, прогон на христијаните и свештениците, и ќе започне со уништување на икони. Во Константинопол повеќето цркви ќе бидат претворени во секуларни објекти, а некои дури и во штали.

Икона од Седмиот Екуменски Совет

Константин нема да застане тука, па во него време и убиствата на свештеници ќе зачестат, па така ќе биде убиен и иконофилот Св. Стефан Помладиот, кој подоцна ќе биде прогласен за светец. Константин ќе се обиде својата волја да ја спроведе врз целата христијанска црква, па така во 754 година ќе свика екуменскиот совет, поточно во историјата познат како Советот на Хиерија. Тука, пред 340 епископи ќе ги изложи своите барања за отстранување на иконите од сите светилишта.

Неговите гледишта ќе бидат прифатени од епископите. Епископите ќе го самопрогласат Советот ќе се за легален и дури ќе се обидат да го протуркаат како “Седми Екуменски Совет“ со важност за сите христијански цркви. Сепак, Хиерејскиот Совет и неговите одлуки нема да бидат признаени од православната и католичката црква. Како причина за тоа се наведува фактот што ниту еден од патријарсите на петте христијански центри (Рим, Константинопол, Ерусалим, Александрија и Антиохиј) не е присутен на Советот. Подоцна за време на „Вториот Никејски Совет“ (787) сите негови одлуки ќе бидат поништени, и православието на иконите ќе биде потврдено.

Кога синот на Константин V, Лео IV ќего преземе тронот, ќе се обиде да ги смири тензиите и за жал неуспешно да најде решение на проблемот кој со години ја тресе империјата. По негова смрт, неговата сопруга Императорката Ирина, која ќе владее како регент за својот син Константин VI, ќе се истакне како голем иконофил. Таа ќе го свика Вториот Никејски Совет, и иконите повторно ќе се вратат во црквите.

Всушност, Вториот Никејски Совет, е клучен за нашата приказна. Со одлуките донесени тука, иконите се повторно свети и вратени во употреба. Иконофилите го сметаа за конечна победа над иконобраните. Папата Адријан I исто така ќе ја признае неговата легитимност, што значи дека православната и католичката црква се согласуваат дека е православно и дозволено Бога да се употребуваат икони. Подоцнежните протестантски реформатори пак ќе го отфрлат Советот како неважечки, и тоа е клучната причина зошто нивните цркви немаат икони. Интересно е тоа што Карло Велики, исто така ќе ги отфрли одлуките на советот, со што и во самата католичка црква се јавуваат фракции.

Уништување на црква под наредба на Константин V

Заради нивното изразено иконофилство Ирена и Лео ќе го загубат својот импрераторски престол, и после многу превирања, воени порази и смена на три императори за пет години, на власт ќе дојде нов иконобранител. Лео V Ерменецот, кој ќе дојде на власт во 814 година, ќе го врати иконобранството на самиот почеток. Иконите повторно ќе бидат забранети и ќе останат забранети се додека на власт не дојде императорката Теодора. Владеејќи во името на својот син Михаил III, а се со цел да го искупи од грешните нејзниот починат сопруг Теофил, таа решава да го свика Синодот на Константинопол во 843 година во црквата Св. Софија.

Тука, одлуките на Вториот Никејски Совет ќе бидат потврдени, а со тоа и конечната победа на иконофилите над иконобранците ќе биде потврдена. Во православното христијанство ваквата одлука ќе биде доживеана како ‘Победа на Православието’ и Недела, денот пред почетокот на 40 дневниот пост, ќе биде земен како ден за одбележување на оваа победа.

Последиците од спорот кој траел повеќе од еден век, се огромни. На религиозен план ваквиот развој на настаните ќе придонесе да дојде до целосно и конечно раздвојување на христијанските цркви, не само околу иконите туку и други теолошки прашања. На политички план, не само што ќе ја ослабне Византиската империја, и ќе доведе до смртта на неколку императори, иконобранството ќе му овозможи на Папата целосно да се осамостои од стегите на другите Патријаршии и ќе придонесе до создавањето на првите западно-европски импресии како таа на Карло Велики. Папата ќе се обиде и да востанови целосна контрола над другите христијански цркви што ќе придонесе да се зголеми расколот меѓу црквите, и создавањето на протестанизмот.

Ете така едноставно, мал спор, лично обедување на еден император засекогаш ќе го променат христијанството и историјата.

Икона – Победа на Православието 14 век

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading