Водоча – (не така) кратка историја – доаѓање на Османлиите

Пред доаѓањето на Турците, а во рамките на независните држави на Хрс и Стез, Струмица ќе продолжи да биде епископија. Седиштето на таа епископија ќе продолжи да биде Водоча. За ваквото тврдење постојат и пишани докази. Имено Водоча како епископско седиште се споменува во еден хилендарски акт во 1376 година. Во овој хилендарски акт водочкиот епископ Данил и банскиот епископ Григорие со претставници на световната власт ги решавале споровите околу границите на хилендарските имоти во околината на Струмица.

Св. Леонтиј

Други извори пак тврдат дека водочката црква била потполно зачувана сè до времето на Константин Деановиќ, т. е. до нашето потпаѓање под османско ропство. Но, со доаѓањето на Османлиите, статусот на христијанството, а со тоа и на Водоча започнал да се намалува и пропаѓа, што ќе придонесе до постепено разрушување на црквата. Сите податоци од тоа време сведочат дека водочката црква била импозантна и масивна градба, со големи димензии. Што е и логично, ако се знае дека била епископска резиденција и големо религиозно-културно средиште. Најновите испитувања укажуваат на тоа, нешто што може да се види и од нејзината денешна форма, дека таа била најмалку двапати преправана и доградувана.

Оригинални слики од разрушениот Св. Леонтиј во период меѓу двете светски војни

По доаѓањето на Османлиите на овие простори и Водоча во помала рака ќе биде поштедена од судбината на струмичката котлина. Доселувањето на турско население во опустошените македонски градови и села започнало веднаш со нивното освојување, а продолжило и во подоцнешните векови. Со војската обично доаѓале поголеми турски маси, со жени и деца, со стока и покуќнина. Нивна цел била да се разбие хомогеноста на населението и да се воспостави цврста контрола над ново освоените територии. Од овој период зачувани се важни документ каде се спомнува Водоча. Такви се на пример опширните турски пописи од 1519 и 1570 година, каде Водоча се спомнува под името Водица.

Прстен пронајден зад манастирот во Водоча

Во и околу ископините на манастирот од овој период пронајдени се докази дека сепак селото го задржало својот христијански карактер. Имено во гробови на поситното, христијанско благородништво пронајдени се артефакти коишто укажуваат дека старите, наследни
обележја, семејните или личните хералдички ознаки и амблеми, начинот на облекување останале христијански. Потврда за тоа се и витешките прстени, кои се пронајдени околу манастирот, кои се типично прстени-печатници со натписи и хералдички ознаки. Сепак и по доаѓањето на Турците на овие простори, во првите векови од нивното владеење се задржале старите доцно средновековни традиции.

Обетка на која е оцртан волк пронајден во Водоча

Османлиите активно ќе се обидат да ја променат ваквата ситуација. Тоа може да се забележи и од написите на турскиот географ и патописец Евлија Челебија, кој ја посетил Струмица во 1670 година. Имено тој го опишал население во струмичката котлина претежно како муслиманско (иако тоа не е случај) и објаснил дека тоа потекнувало од една група на туркменското племе Огузи. Племето Огузи е по потекло туркемнистанско а живеело во Анадолија. Османлиите нив околу 1519 година ги населиле во градот а и околните села.


племето Огузи

Првиот писмен доказ за тоа го имаме во истата 1519 година кога е извршен попис на населението во селото Водоча. На тој попис може да се види дека населението е доминантно христијанско, т.е 58 христијански и само едно муслиманско домаќинство. Нешто подоцна ќе биде извршен уште еден попис, т.е во 1570 година, а тогаш се запишани 84 домаќинства, сите христијански. И обата пописи се доста детални, па така во 1519 година од попишаните 58 христијански домаќинства, исто така се заведени 8 неженети и 7 вдовици. Во 1570 година, пак од 84 христијански домаќинства, заведени се 15 неженети и 14 вдовици.

Прстен пронајден во Водоча, направен од еленски рог

Интересен е и податокот дека во овој период во струмичката котлина се доселиле и Јуруците, а со нивното населување настанале и селата Хамзали, Чанакли и Гечерли. Карактеристично за овој период е тоа што некои села биле целосно турски, некои имале свои турски маала, а Водоча е едно од ретките села каде населението останало чисто христијанско. Водоча како дел од Османлиската империја ќе биде дел од новиот тимарско-спахискиот систем на уредување. Во ваквиот систем водочани имале бројни обврски спрема спахијата: селаните не можеле да го напуштаат селото, односно земјата што ја обработувале без согласност на господарот; биле должни да му плаќаат разни даноци во пари, во натура или во работа на спахијата во чиј спахилок живееле.

Обетки пронајдени во Водоча

Оние малку слободи кои водочани од своја страна ги уживале биле извесни права врз земјата што ја обработувале: таа се предавала во наследство; а под определени услови можеле дури и да ја продадат. Од неа не можеле да биде самоволно истерани. Во таа смисла и тие имале одредени права над земјата која ја обработувале. Исто така сами си го воделе своето стопанство и понекогаш се стремеле да ја прошират обработуваната земја, во зависност од големината на своето семејство.

Прстен пронајден во Водоча, на кој е претставен змеј како ознака на припадност кон витешки ред

За оваа време имаме докази од турските пописни дефтери, и тука детално и по име се споменуваат „баш тинарите“ во ова време од Водоча. Турците така ги нарекувале потомците на видни достоинственици, веројатно, од класата на ситното христијанско благородништво, наследници на средновековните пронијари. Овие семејства и во првите векови од османлиското владеење располагале со свои наследни имоти за кои во турските пописни дефтери ce употребува словенскиот термин „баштине“, а на турски чифлиг. Од нивните редови, доколку имале повластувања во даноците, слично на турските спахии, ce регрутирале и „војнуци“. Тие биле обврзани на повик да „одјаваат“ и како војнук-џебелија – „cebelu-voynuk“ или оклопник-вооружан коњаник. Постоело и правилото, дека секоја година тоа треба да го прави друг член од семејството. Очигледно дека во Водоча благородништвото продолжило да постои во својата средновековна форма. За тоа доказ имаме во еден од прстените пронајдени околу манастирот. Прстенот прикажан погоре е доказ за еден таков младич кој припаѓал на витешкиот ред на „драконот“. Покрај неговото тело во гробот е пронајден и боздоган.

Боздоган пронајде во Водоча

Витешкиот ред на драконот бил основан во 1408 година од унгарскиот крал Жигмунд. Во овој витешки ред членувале витези-воини кои ce бореле против злото, односно против антихристот, т.е поконкретно против опасноста која доаѓала од походи на Турците. Моќни витези од редот на змејот биле деспотите Стефан Лазаревиќ и Ѓураќ Бранковиќ, херцогот Хрвоје Вукчиќ Хрватиниќ, членови од фамилиите на Косача и Храниќ, па дури и влашкиот војвода Дракул.

По се изгледа во тој ран период на турска окупација, селото било населено со доста војници, затоа што од тоа време е пронајден уште еден гроб на војник кој на себе имал војнички обележја. Имено тој на себе носел прстен со скорпион. Скорпионите во тоа време биле носени од војници кои ракувале со разни опсадни средства како што се катапултите. За овој војник се смета дека управувал со мангонел, т.е опсадна справа од доцниот среден век. Овој тип на опсадни справи во праќата имало еден поголем проектил кој ce именувал и како онагер или диво магаре. Задача на овие војници, било да ја наполнат праќата и да испалуваат проектили кон тврдината или противничката војска.

Прстен пронајден кај војник во Водоча

По она што е пронајдено во тој период водочките жени исто така биле доста модерни за таа доба. Како што може да се види подолу традиционалната облека која се носела, пред носија да ја преземе таа улога, била полна разни украси и често околу манастирот се пронаоѓани украсни колани (пафти).

украсни колани за женски фустани

Уште еден пример за тоа колку Водоча имала значајно место во струмичката котлина, и колку нејзиното население било добро ситуирано е пронајдената пречелница или дијадема (мала круна) во еден од женските гробови. Имено според тоа како таа е направена и украсена се претпоставува дека на неа е врежано сижето за „Вознесувањето на Александар Македонски на небото“. Во тоа време тој роман за Александар Македонски бил најпознатата средновековна лектира. Овој гроб е пронајден во близината на денешното селско училиште, па импресивен е фактот што токму оваа место со векови продолжува да биде место за просветителство.

Од единствената муслиманска фамилија која тука живеела исто така останале пишани и физички траги. Па така во „дефтерот“ од пописот на жителите и на баштините од Водоча ce забележува дека една баштина (не ce кажува чија била претходно) е „во рацете на Касем (cera) во рацете на Мухамед Ибрахим“.

Имиња на сите жителите на Водоча 1570

Прстенот пак кој е претставен подолу исто така најден околу манастирот, се претпоставува дека припаѓа токму на гореспоменатиот Мухамед Ибрахим, затоа што врежаниот натпис на османлиско турски ce чита како „Сахибу Мохамед“.

Продолжува…

Leave a Reply

Discover more from Risto Gjorgjiev

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading