Зборот перцепција има неколку дефиниции, онаа која јас би сакал да ја анализирам гласи вака: начин на кој нешто се гледа, разбира или интерпретира одредена појава или ментална импресија за одредена појава или настан. Да бидам уште попрецизен јас сум заинтересиран за перцепција во политички контекст.
За време на политичката кампања на Џорџ Буш во 1988 година, Ли Атватер менаџерот на истата изјави: „перцепцијата е реалноста, за вистината може да се преговара“. Повеќето политички кампањи се базираат токму на оваа парадигма.
Прашањето е каква е врската помеѓу најголемата опозициска партија Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија и зборот перцепција?
Одговорот е комплицирано едноставен. СДСМ веќе неколку години пати од негативна перцепција. Перцепцијата е клучна во добивањето на изборите и нејзиното менаџирање е тоа што ги добива или губи изборите. Лошото политичко менаџирање на перцепцијата се сведува на три сегментални грешки во случајот на СДСМ.
Прв сегмент – „Шема“– организација и интерпретација на информации на база на претходно искуство и знаење. СДСМ ја загуби власта пред речиси десет години затоа што ВМРО беше перципирана како партија со подобра социјална политика. СДСМ патеше и пати од перцепцијата на „елитистичка партија“ која не е заинтересирана за земјоделците и има недостаток на социјални програми.
Втор сегмент – „Мотивациона состојба“ – потребите, желбите и вредностите на субјектите во времето на перципирање. Веќе неколку години наназад социјалдемократите имаат штури и јалови обиди да допрат до народот. Дел од тоа се должи и на фактот што не добиваат медиумски простор. Но дел од тоа секако се должи и на фактот што СДСМ не успева да ги прилагоди своите програми на потребите на народот кој моментално има потреба од популизам, национализам и традиционални вредности. Секако сите овие категории не се дел од идеологијата на една социјалдемократска партија.
Трет сегмент – „Расположение“ – емотивна состојба на субјектите во времето на примање на пораката. Во последнава деценија тимот со односи со јавноста на СДСМ не успева да се синхронизира со расположението на пошироките народни маси. Сите нивни акции се реакции, наместо да бидат проактивни и речиси секогаш се два чекора зад ДПМНЕ по секое позначајно прашање во земјата. Не се сеќавам дека последниве десет години некогаш успеале да го наметнат својот став за некое прашање како доминантен.
Недостатоците во создавањето на перцепцијата кај тимот на СДСМ се гледаат и во нивната неуспешност да ги менаџираат трите фактори кои влијаат на нејзиното создавање.
Прв фактор – „двосмисленост“– недостаток на јасност, колку е поголема двосмисленоста толку се поголеми шансите дека субјектите не ќе можат да формираат јасна слика. Сегашната владејачка структура е одлична во пренесување на своите пораки. Користењето на лесен и едноставен јазик се покажува како исплатлива стратегија. Од другата страна на реката СДСМ се мачи да ги пренесе своите пораки. Нечесто луѓето во врвот на партијата зборуваат на многу „по-академски“ јазик и користат странски изрази и зборови кои за поголем дел од граѓаните не се разбирливи. На моменти исто така се чини дека има недостаток на синхронизација помеѓу раководните структури во она што го презентираат во јавноста.
Втор фактор – „социјален статус“ – вистинскиот или перцепираниот статус на една партија во општеството. Токму овој е еден од клучните проблеми за партијата. Луѓето во врвот на една социјалдемократска партијата обично се блиски до народот, потекнуваат од работнички и селски семејства и да ја претставуваат средната класа во општеството. Токму спротивното се случува во СДСМ, која можеби и со право е сметана за исклучително „елитистичка“ партија во која на раководните функции се лица кои немаат допирни точки со народот. Назначување на Зоран Заев за лидер на партија требаше да помогне во надминувањето на оваа парадигма, но може да се каже дека успехот е засега минимален.
Фактор три – „менаџирање на импресии“ – обид за менаџирање на јавното мнение. Во техниките кои се користат за постигнување на оваа цел спаѓаат: самопромовирање, конзистентност, ситуационо прилагодување на политиките и прилагодување на нивото на изразување на нивото на публиката. Самопромовирање веќе години наназад за СДСМ е нерешлива енигма, во медиумскиот мрак кој владее. Партијата не изнајде решение како да се „продаде“ па така кадровската реформа внатре во партијата, нешто што на ДПМНЕ му донесе одличен успех помина речиси незабележано. За жал кадровскиот ремонт на СДСМ не успеа да лансира барем три – четири млади, полетни и „чисти“ политичари кои би биле ’рбетот на партијата наредните десет години.
Во моментов за СДСМ постои само едно решение а тоа онаа англиското “back to basics”. Партијата мора да се врати на базичните седум принципи за создавање на позитивна перцепција:
- Подготовка – имање јасна визија и цели за тоа како сакате луѓето да ве перцепираат. Создавање на кратка јасна и народски напишана програма која ќе се „труби“ на секој јавен настап.
- Кредибилитет – систем во кој се контролира протекот на сите информации во јавноста. Партијата мора да се осигури дека постои конзистентност во тоа што се говори и често да се користи со предрасуди или очекувања за зголемување на кредибилитетот.
- Повеќе слојна поддршка – создавање на повеќе аргументи и факти од страна на повеќе извори за зголемување на веродостојноста на изнесените тврдења.
- Централизирана контрола на јавна комуникација – можеби е време СДСМ да почне да го следи примерот на владејачката партија и да формира свој центар за комуникации со јавност која до последен детаљ ќе ги фабрикува сите говори на партиските членови и сите партиски известувања.
- Тајност – моќта на пропагандната кампања е во тоа што само малкумина во врвот на партијата знаат што точно се случува – нешто што во аферата „Пуч“ видовме дека во ВМРО одамна било практикувано.
- Флексибилност – способноста на СДМС да се прилагоди на темпото кое го наметна владејачката партија не заслужува коментар, на маратонска трка тие испратија спринтер. СДСМ мора да разбере дека некогаш не победува побрзиот туку поупорниот.
- Координација – уште една лекција што опозиционерите може да ја научат од ДПМНЕ. Потребата за демократија внатре во партијата не значи и неспособност за координација. Несогласувањето со одредени политики на раководството не значи и право за не извршување на задачите. Координацијата е нешто на што СДСМ дефинитивно мора да поработи.
Вистина е дека перцепцијата не соодветстува со реалноста. За жал вистината во политиката е релативна работа, а перцепцијата клуч за победа. СДСМ веќе со години ја влече со себе оваа негативна перцепција која е присутна кај поголем дел од општеството. Се додека партијата не се ослободи од предрасудите и негативната перцепција која дел сами си ја создадоа, а дел им ја наметна ДПМНЕ со константното девет годишно „бомбардирање“, македонците ќе ја плаќаат цената. Демократија без опозиција преминува во диктатура, а власта без опозиција го губи патот, нешто во прво лице го гледаме во Македонија. До денес СДСМ пласираше во јавноста дваесет и осум „бомби“ а не успеа да направи ниту еден поголем протест. Снимките покажаа и докажаа она што секој македонец и без нив го знаеше: криминал, корупција, мито, местење судски случаи итн. Па сепак неколку месеци по објавувањето на првата „бомба“ перцепцијата на СДСМ воопшто не оди во позитивна спирала. Искрено верувам дека доколку СДСМ не страдаше од негативната перцепција која сега ги прати, владата на ДПМНЕ одамна ќе паднеше. Ете баш тука е врската меѓу перцепцијата и СДСМ.
